Патувањето на еден слон
„Патувањето на еден слон“ (португалски: A Viagem do Elefante) — роман на португалскиот писател Жозе Сарамаго, објавен во 2008 година. Авторот ѝ го посветил делото на сопругата Пилар со зборовите: „За Пилар, која не дозволи да умрам“.
Содржина
уредиКралот на Португалија, Жоао Трети, сака да му даде поклон на австрискиот надвојвода Максимилајан, а кралицата предлага да му го поклонат индискиот слон Соломон кој го добиле пред две години. Надвојводата го прифаќа поклонот и слонот, со соодветна придружба, тргнува на пат кон Ваљадолид каде се наоѓа надвојводата. Патувањето напредува бавно, а чуварот на слонот, Субхро, се покажува како најпаметен од сите членови на придружбата, вклучувајќи го и командантот на воениот одред. Откако ја зафаќа силен дожд, поворката мора да се засолни во едно село. Притоа, неколку селани го слушаат чуварот на слонот како раскажува за хиндуистичките божества и го известуваат селскиот свештеник. Утредента, тој ги собира селаните и му се приближува на слонот со намера да ги истера демоните од него, а тогаш слонот го повредува. Поворката продолжува понатаму и набргу пристига во тврдината на шпанско-португалската граница. Слонот се поздравува со селаните ангажирани како негова придружба и тие ја напуштаат тврдината. Утредента пристига австриската војска чиј командант бара да му го предадат слонот за да го одведе во Ваљадолид. Меѓутоа, португалската војска го затвора пристапот во тврдината и доаѓа до остра препирка меѓу командантите на двете војски која, сепак, има среќен крај.[1]
Австриската и португалската војска заедно го придружуваат слонот на патот до Ваљадолид, а во градот им приредуваат свечен дочек. Таму, надвојводата Максимилијан им ги менува имињата на Субхро и на слонот во Фриц и Сулејман. Утредента, Субхро и слонот емотивно се простуваат со португалскиот одред, а потоа, надвојводата организира голем караван кој го пренесува слонот до пристаништето. Оттаму, поворката со слонот пристига со брод во Џенова, а потоа патува по тешки временски услови низ северна Италија. Притоа, во Падова, на барање на месното свештенство, слонот се поклонува пред базиликата, а црквата го прогласува тој чин за чудо. Набргу, веста за чудото се проширува во околината, при што Субхро успева да заработи пари, но тој настан го става во немилост кај надвојводата. Поворката е пречекана во Тренто со прослава и огномет, а потоа по големо снежно невреме караванот ги искачува Алпите и пристига најпрвин во Болцано, а потоа и во Тирол. Пред поаѓањето на караванот кон Австрија, слонот клекнува пред надвојводата и тоа малку ги смирува односите меѓу Субхро и надвојводата. По тешко и исцрпувачко патување, поворката пристига во Инсбрук, а потоа преку Линц пристига во Виена, а насекаде населението воодушевено го поздравува слонот. На влезот во Виена, мало девојче наеднаш истрчува пред слонот и сите помислуваат дека тоа ќе настрада, но слонот го крева со сурлата и го спасува од смртта, а надвојводата јавно му се заблагодарува на Субхро. Две години подоцна, слонот ненадејно умира, па Субхро е отпуштен од службата и нему му се губи трагата. Кога веста за смртта на слонот доаѓа во Лисабон, кралицата се потресува, се затвора во својата соба и цел ден го оплакува слонот.[2]
Осврт кон делото
уредиВо предговорот на романот, авторот објаснува дека делото настанало за време на неговиот престој во Салцбург, кога во ресторанот „Слон“ видел фигури на повеќе европски градби и споменици во врска со патувањето на еден слон од Португалија до Виена во 1551 година. Така, кај него се јавила идејата да напише роман посветен на тоа патување, а неговата домаќинка, лекторката по португалски јазик, Да Гилда Лопес Енкарнасао, му помогнала да ја обезбеди неопходниот историски материјал.[3]
По значењето и по книжевната порака, „Патувањето на еден слон“ може да се нарече книжевен тестамент на Сарамаго и претставува триумф на неговиот стил, фантазија и хумор. „Бостон глоуб“ (Boston Globe) го оценил романот како „уште едно врвно дело на книжевниот гениј“; Фернандо Гомес Агилера во Jornal de Letras, Artes e Ideas го опишал како „книжевност и јазик во чист облик... дело достојно на виртуозноста на еден Сервантес по големата метафора на животот...“; додека според освртот на С. Марфи во „Метро“, „Сарамаговата единствена книжевна постапка, со необичната интерпункција и со неконвенционалното менување на раскажувачките гласови, веднаш ве совојува со својот неодолив ритам...“[4]