Пандемија на КОВИД-19 во Македонија
Пандемијата на КОВИД-19 во Македонија започнала кон крајот на февруари 2020 година. Првиот дијагностициран случај во земјата била жена која го добила вирусот во Италија и таму ја поминала инкубацијата. Бројот на заразени започнал интензивно да се искачува од почетокот на март. Кон крајот на јули бројот на заболени во Македонија, броејќи од почетокот на пандемијата, достигнал 10 илјади.
Заболување | КОВИД-19 |
---|---|
Вирусен сој | SARS-CoV-2 |
Место | Македонија |
Прв случај | Скопје |
Настапила | 26 февруари 2020 |
Потекло | Вухан, Кина преку Италија |
Досегашни случаи | 341.404[1][2] |
Тековни | 1.032 |
Излечени | 330.866 |
Мртви | 9.506 |
Службен портал | |
koronavirus.gov.mk |
Државните установи ги донеле првите позначајни мерки за спречување од ширењето на вирусот на 10 март, затворајќи ги сите образовни установи и забранувајќи ги јавните настани. На 13 март поради големиот број на заразени и можноста за ширење на вирусот, била прогласена кризна состојба во соседните општини Дебар и Центар Жупа. Тие практично биле ставени под карантин, со зголемено присуство на итните служби и со задолжување на војската.
По предлог на техничката влада, вечерта на 18 март од страна на претседателот Стево Пендаровски поради пандемијата била воведена вонредна состојба на целата територија, така што било првпат во историјата на државата да се воведе оваа мерка.
Пандемијата ја зафатила Македонија во време кога Собранието е распуштено поради распишувањето на предвремени парламентарни избори кои се одржале на 15 јули, а извршната власт до тогаш ја има техничка влада. Оваа влада предводена од Оливер Спасовски, првично составена за спроведување на изборите, практично го пренасочила својот мандат во справување со пандемијата, а со воведувањето на вонредната состојба ја добила и законодавната власт.
Заднина
уредиНов вид на коронавирус, наречен SARS-CoV-2, кој кон крајот на декември 2019 година е утврден во Вухан, Кина, предизвикал група од случаи на остра респираторна болест, позната како КОВИД-19 (скратеница за коронавирусна болест од 2019 година). Оваа болест причини пандемија на глобално ниво. Ширењето на КОВИД-19 е класифицирано како пандемија од Светската здравствена организација на 11 март 2020 година.
Развој на болеста
уреди- Повеќе за оваа тема ќе најдете на: Хронологија на пандемијата на коронавирус во Македонија.
Првиот случај на КОВИД-19 во Македонија е регистриран на 26 февруари 2020 година. Пациентката се заразила за време на нејзиниот престој во Италија и таму го поминала инкубацискиот период.[3] Од почетокот на март интензивно се појавуваат нови случаи на заболени. Првиот кластер во земјата се создал во општината Центар Жупа. Во првите денови најмногу заразени се регистрираат во Дебар. Од 20 март жариштето на пандемијата се префрла во главниот град Скопје. Првата жртва на вирусот е 56-годишна жена од Куманово, која починала на 22 март.[4] Истиот ден бројот на дијагностицирани од почетокот на пандемијата се искачил над сто. До средината на мај починале повеќе од 100 заболени. На крајот на јули смртните случаи поврзани со КОВИД-19 се над 450 луѓе.
Одговор на институциите
уредиМинистерот за здравство Венко Филипче на крајот на јануари 2020 година изјавил дека државата направила подготовки за справување со вирусот доколку тој се појави во Македонија. Филипче рекол дека се направени подготовки во однос на персоналот, инфраструктурата, опремата, местата за хоспитализација на пациентите.[5] Меѓу првите мерки против ширењето на вирусот било воведувањето на скенирање на патниците на аеродромот во Скопје со термална камера, мерка која била воведена на 27 јануари, првично само за оние патници што пристигнувале со летовите од Дубаи и Истанбул.[6] На крајот на февруари, оваа мерка била воведена за секој патник што доаѓа од ризични одредишта; мерењето на темепратурата било воведено и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а патниците дополнително пополнувале прашалници.[7] Овие мерки биле донесени на 24 февруари на состанок на Комисијата за заразни болести, одржан по влошувањето на состојбата во Италија. Мерките воведени на аеродромите биле применети и на другите гранични премини.[8] Следниот ден, Владата усвоила заклучоци во интерес на заштитата на јавното здравје кои вклучувале одложување на патувањата и екскурзиите во Италија на основните и средните училишта и универзитетите и ограничување на влезот во земјата од кризните подрачја во Северна Италија преку помал број на гранични премини. Министерството за здравство било задолжено за снабдување на училиштата, детските градинки и јавните тоалети со средства за дезинфекција, а на одредени институции и со друга заштитна опрема, како и за формирање на постојан центар за информирање на јавноста.[9] Кога биле донесени сите овие мерки, првиот случај на заразен од вирусот сè уште не бил пријавен.
На почетокот на пандемијата, Владата била предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски и била формирана според Пржинскиот договор, со примарна цел — спроведување на предвремените парламентарни избори, првично закажани за 12 април, но одложени за 15 јули. Втората влада на Зоран Заев ја презела власта на 31 август.
На 25 февруари Министерството за здравство објавило список на 14 телефонски броеви поделени по региони за кои се апелира да се контактираат по пристигнување на територијата на Македонија и за пријавување на сомнителни симптоми налик на коронавирусот.[10] Наредниот ден е соопштен првиот случај на коронавирус во Македонија кај жена која пристигнала од Италија по полноќ и се упатила на тестирање на Инфективната клиника во Скопје. Девет лица од Скопје и Струмица кои се вратиле со неа од Италија биле ставени во домашна изолација и под полициски надзор.[11] Техничкиот премиер Спасовски по веста за првата заразена рекол дека во тој момент нема причина за запирање на нормалниот живот и дека носењето на мерките ќе зависи од развојот на состојбата, апелирајќи „да не нѐ поведе емоцијата пред разумот, паничните реакции пред она што е реалност“.[12] Во наредните денови Владата препорачала откажување на јавните собири. Биле откажани карневалите во Струмица и Прилеп, а дел од спортските настани се одржувале без публика.[13] Во овој период во Скопје престојувал Ханс Кулге, регионален директор на СЗО за Европа. Тој искоментирал дека македонските власти до тој миг направиле сè за спречување од ширење на вирусот, согласно препораките од СЗО.[14]
Непочитувањето на препораките и мерките против ширењето на вирусот биле забележани и во установите. Меѓу првите позитивни на вирусот е директорка на Клиниката за кожни болести во Скопје, која не се јавила на преглед по враќањето од Италија и пет дена одела на работа.[15] Истиот ден вкупно 90 луѓе кои имале контакт со неа или биле присутни во клиниката се ставени во двонеделна изолација, а самата клиника е затворена. Кожното одделение и кожната амбуланта во Штип исто така се затворени бидејќи доктори од установите присуствувале на симпозиум во Скопје каде учествувала директорката на скопската клиника.[16] Министерот Венко Филипче соопштил дека за непочитувањето на мерките против ширење на вирусот ќе се казнува парично или со затвор до една година.[17] Сличен случај на 20 март е соопштен и во Кавадарци каде лекар од Општата болница одел на работа и покрај пропишаната мерка за домашна изолација на целото негово семејство. Нему му е изречена парична казна од 4,500 евра. Тој е казнет согласно кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.[18] На 29 март е разрешена директорката на Инфективната клиника во Охрид бидејќи 66-годишната жена од Струга, која се смета дека починала од вирусот, не била примена на клиниката.[19][20]
Ден по откривањето на случајот со директорката на скопската клиника, македонските власти почнале со заострување на мерките против ширењето на вирусот. На 11 март се затворени сите образовни установи во земјата. Поради воведувањето на оваа мерка, Владата одлучила еден од родителите на дете до 10 години да има право да остане дома со платено отсуство.[21] Бидејќи најголем број од заразените биле од соседните општини Дебар и Центар Жупа, кои се наоѓаат во западниот дел на Македонија, на 13 март е прогласена кризна состојба во овие две општини. Тие практично се ставени под карантин, со зголемено присуство на итните служби и со задолжување на војската за да се контролира ширењето на вирусот.[22] Во тој момент во целата држава има 13 потврдени случаи на заразени од коронавирусот. Наредните неколку денови биле воведени низа мерки за масовно спречување на пандемијата, така што се затворени угостителските објекти и трговските центри, исто и аеродромите и граничните премини за странски државјани, забранети се масовните јавни собири.
На 18 март владата предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски побарала да се воведе вонредна состојба на целата територија на државата. Бидејќи Собранието било распуштено поради распишаните избори, барањето било проследено до претседателот на државата Стево Пендаровски.[23] Истиот ден Пендаровски прогласил вонредна состојба на целата територија, во времетраење од најмалку 30 денови. За ова тој соопштил на прес-конференција во 18 часот. Ова е првпат во историјата на државата да биде воведена мерката за вонредна состојба. При воведувањето на мерката имало 35 заболени од коронавирусот. Со ова, Владата покрај извршната власт, ја добила и законодавната власт во државата, така што ѝ било дозволено да носи уредби со законска сила. Пендаровски истакнал дека вонредната состојба е важна и за економијата. Пендаровски рекол дека тоа што владата ќе продолжи да работи како техничка е шанса власта и опозицијата да работат заеднички и „да не се грижат за својата политичка оценка“.[24]
Од 23 март започнал секојдневен полициски час на територијата на целата држава во периодот од 21 часот навечер до 6 наутро заради справување со пандемијата. Со ова е забрането движењето на населението секаде во земјата во овие часови. Властите добиле критики за временскиот период на полицискиот час. Од Хелсиншкиот комитет реагирале дека целта на оваа мерка е нејасна бидејќи во текот на денот парковите, игралиштата и другите јавни површини остануваат главни собиралишта на големи групи луѓе.[25] Наредните денови преку мерката за забрана на движење се ограничил контактот меѓу возрасните луѓе над 67 години, кои се сметаат за ризична група, и младите под 18 години, кои може да бидат преносители на вирусот.[26] Од забраната за движење се исклучени земјоделците.[27] Некои општини во март побарале на нивна територија да се прогласи кризна состојба.
На 3 април била воведена целосна забрана за движење на населението во Општина Куманово за време на викендот. При воведувањето на забраната во оваа општина имало вкупно 85 заразени од вирусот. И во овој случај на земјоделците им било дозволено да се движат во атарот на селото, исклучиво за работните потреби.[28]
Вакцинација
уредиНа 14 февруари 2021 Македонија добила донација од Србија од 4680 дози од вакцината на Фајзер, кои биле наменети за вакцинирање на медицинските работници кои се во директен контакт со заболените од Ковид-19. На 7 март пристигнале и 3000 дози од руската вакцина Спутник V. Во отсуство на вакцини, голем број на македонски граѓани започнувајќи од 27 и 28 март и во наредните денови се вакцинирале во Србија. На 28 март преку COVAX-системот во Македонија пристигнале 24000 дози од вакцината на АстраЗенека.
Во понатамошните месеци вакцините се набавени во значително голем број и станале широко достапни за граѓаните.
Влијание на пандемијата
уредиЗа шест месеци од пандемијата, до септември јавниот долг на Македонија пораснал за над 1 милијарда евра, и достигнал 6,5 милијарди евра.[29]
Променлива | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Број на невработени (во илјади)[30] | 105 | 107 | 114 | 121 | 133 | 141 | 144 | 151 | 153 | 155 | 156 |
Статистика
уредиВкупно потврдени случаи
уредиБрој на нови случаи
уредиБрој на нови смртни случаи
уредиДемографски податоци
уредиБр. на починати по старосна група | |
Класификација | Смртни случаи | ||
---|---|---|---|
Број | (%) | ||
Сите | 2147 | (100) | |
Возраст | 0-9 | 1 | (0,05) |
10-19 | 0 | (0) | |
20-29 | 12 | (0,59) | |
30-39 | 32 | (1,56) | |
40-49 | 105 | (5,13) | |
50-59 | 193 | (9,43) | |
60+ | 1804 | (83,24) | |
Извор: [31] |
Наводи
уреди- ↑ „Информации во живо за коронавирусот во Македонија“. covid19.mk. Архивирано од изворникот на 2020-03-24. Посетено на 2021-02-08.
- ↑ „Состојбена карта на коронавирусот во Македонија во живо“. gdi.net.
- ↑ „Потврден првиот случај на коронавирус во Северна Македонија“. Агенција Анадолија. 26 февруари 2020.
- ↑ „Прв смртен случај од коронавирус во Македонија“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 22 март 2020.
- ↑ „Подготвени сме за коронавирусот, нема потреба од паника, вели министерот за здравство Филипче“. Сакам Да Кажам. 31 јануари 2020. Посетено на 22 март 2020.
- ↑ „Термо-камера и на аеродромот во Скопје“. А1он. 27 јануари 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Бидете одговорни и не кревајте паника за коронавирусот, апелира министерот за здравство Филипче“. Сакам Да Кажам. 25 февруари 2020. Посетено на 22 март 2020.
- ↑ Спасовска, Мирјана (24 февруари 2020). „Здравствените власти конечно го кренаа алармот за корона вирусот“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. Посетено на 22 март 2020.
- ↑ „Влада: Да се одложат патувањата и екскурзиите во Италија“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 25 февруари 2020. Посетено на 22 март 2020.
- ↑ „Објавени телефонски броеви за пријавување сомнителни случаи на коронавирус“. 360 степени. 25 февруари 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Деветтемина сопатници на пациентката со коронавирус се во домашна изолација во Скопје и Струмица со полициски надзор“. Сакам Да Кажам. 26 февруари 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Во моментов нема причина за запирање на нормалниот живот, рече Спасовски по првиот случај на заболен од коронавирус“. Сакам Да Кажам. 26 февруари 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Владата препорача откажување на јавните собири поради коронавирусот“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 28 февруари 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Ни се случува [[инфодемија]], внимавајте како се информирате и третирајте ги заразените со коронавирус со почит, апелираше во Скопје директорот на СЗО за Европа“. Сакам Да Кажам. 27 февруари 2020. Посетено на 23 март 2020. URL–wikilink conflict (help)
- ↑ Стојанчова, Пелагија (10 март 2020). „Граѓаните ги почитуваат препораките за коронавирусот, но не и сите лекари“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Затворени болничкото кожно одделение и амбулантата во Штип поради коронавирусот“. Сакам Да Кажам. 10 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Казна затвор до една година за непочитување на мерките против ширење на коронавирусот“. Сакам Да Кажам. 10 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Лекар од кавадаречката Општа болница ја напуштил изолацијата за коронавирус и си одел на работа, ќе биде казнет 4.500 евра“. Сакам Да Кажам. 20 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Две нови жртви од коронавирусот во Северна Македонија“. Дојче Веле на македонски јазик. 29 март 2020. Посетено на 29 март 2020.
- ↑ „Почината пациентка од Ковид-19 му отвори работа на обвинителството“. Дојче Веле на македонски јазик. 29 март 2020. Посетено на 29 март 2020.
- ↑ „Коронавирусот ги затвори градинките и училиштата, спортот без публика“. Дојче Веле на македонски јазик. 10 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Армијата испратена во Дебар и Центар Жупа“. Дојче Веле на македонски јазик. 13 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Владата побара прогласување вонредна состојба“. Телма. 18 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Коронавирус: Пендаровски прогласи вонредна состојба“. Дојче Веле на македонски јазик. 18 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „ХК: Вонредната состојба не смее да биде параван за кршење на човековите права“. 360 степени. 23 март 2020. Посетено на 23 март 2020.
- ↑ „Полицискиот час се скратува, поголеми забрани за движење кај лицата до 18 и над 67 години“. А1он. 23 март 2020. Посетено на 24 март 2020.
- ↑ „За земјоделците нема да важи полицискиот час за време на викенд“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 26 март 2020. Посетено на 27 март 2020.
- ↑ „Целосна забрана за движење во Општина Куманово преку викенд и од 16 до 5 часот од понеделник до петок“. Сакам Да Кажам. 3 април 2020. Посетено на 3 април 2020.
- ↑ „Пандемијата ја урна економијата - Македонија должи над 6,5 милијарди евра“. Deutsche Welle. Посетено на 17 февруари 2021.
- ↑ Агенцијата за вработување. „Преглед на лица евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија“ (PDF). Агенција за вработување. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-01-22. Посетено на 2021-02-17.
- ↑ http://gdisk.maps.arcgis.com/apps/opsdashboard/index.html#/2096bd4b051b42948ac3f5747e80c3a5. Отсутно или празно
|title=
(help)
Надворешни врски
уреди„Пандемија на КОВИД-19 во Македонија“ на Ризницата ? |
- koronavirus.gov.mk Архивирано на 27 февруари 2021 г. — портал на македонската влада со официјални информации за пандемијата
- КОВИД19 Архивирано на 24 март 2020 г. — следење на болеста во Македонија со информации за итни телефони и клиники
- Официјална страница за коронавирусот на Министерството за здравство на Македонија
- Состојбена карта на Македонија — ГИС.
- Светска карта на коронавирусот, потврдени случаи — карта на вирусните правци со бројки
- Состојба со COVID-19 во Македонија и светот — подробни статистики од Институтот за јавно здравје
Ве молиме, обратете внимание на важното предупредување во врска со темите поврзани од областа на медицината (здравјето). |