Осигурување на депозитите
Осигурување на депозитите (англиски: Deposit Insurance) претставува форма на регулација во областа на банкарството со која на штедачите им се обезбедува заштита на депозитите во случај на пропаѓање на некоја банка.
Потребата од осигурување на депозитите
уредиЕкономската функција на осигурувањето е да се намали одговорноста на осигурениците (штедачите во банките).[1] Притоа, осигурувањето на депозитите има за цел да ги спречи банкарските паники и случаите на напава на штедачите врз банките и со тоа да се обезбеди стабилност на банкарскиот систем. Одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем е мотивирано од повеќе фактори:[2]
- Стабилниот банкарски систем го забрзува економскиот раст – Тоа е последица на зголемената доверба на населението во работењето на банките, која детерминира пораст на штедењето и создава поволни предуслови за интензивирање на инвестиционите активности на економските субјекти.
- Стабилниот банкарски систем овозможува предуслови за заштита на „малите“ штедачи - Кога во работењето на банките постои виско степен на стабилност, тогаш се намалува опасноста од нивни ненајдени и зачестени банкротства. На тој начин се заштитуваат и депозитите на „малите“ штедачи, што е важен елемент за одржување на севкупната доверба во банкарскиот систем.
- Стабилниот банкарски систем овозможува заштита од потенцијален распад на системот на плаќањата во земјата – Банкарскиот систем има централна позиција во функсионирањето на системот на плаќања. Дестабилизацијата на бакарскиот систем може неповолно да влијае врз извршувањето на плаќањата меѓу субјектите на националната економија.
Стабилноста на банкарскиот систем се обезбедува на две нивоа:
- со основна заштита и
- со дополнителна заштита.
Основната заштита ја врши централната банка преку т.н. структурна регулатива и преку т.н. прудентна регулатива. Дополнителната заштита се врши преку системите за осигурување на депозити.
Цели на системите за осигурување на депозитите
уредиОсновна причина заради која земјите имплементираат системи за осигурување на депозитите е одржување на довербата и заштитата на банкарскиот систем во земјата, а со тоа и на финансискиот систем. Покрај оваа основна цел, постојат и други цели кои се меѓузависни за спречување на банкарска паника.
Заштита на малите депоненти
уредиЗаштитата на малите депоненти лежи во сржта на секој систем на осигурување на депозити, иако постојат и поинакви мислења според кои главна причина на постоење на системите на осигурување на депозитите е овозможување на малите банки да опстанат во опкружувањето на поголемите и поефикасни банки. Но, во академските кругови преовладува мислење дека системите за осигурување на депозити треба да служат претежно за заштита на малите депоненти. Тоа произлегува оттаму што „малите“ и несофистицирани штедачи не можат да ги приберат или адекватно да ги обработат сите информации за тоа во која банка е најдобро да и депонираат своите заштеди. Единствено банката, односно нејзината управувачка и соственичка структура, има вистинска слика за квалитетот на нејзиното портфолио, во чии рамки посебно е важно информацијата за квалитетот на дадените кредити. Депонентите не можат да ја вреднуваат ризичноста на нејзината актива, ниту нејзината релативна положба во однос на другите банки. За нив би било прескапо и потполно временски неисплатливо за да ја следат состојбата на конкурентните банки.[3]
Подобрување на конкуренцијата меѓу банките
уредиСистемите за осигурување на депозити по своја природа им овозможуваат на помалите банки порамноправно да им конкурираат на поголемите банки. Формалниот карактер на експлицитниот систем им помага на малите банки полесно да одржат одредено ниво на углед, што инаку не би било лесно остварливо во конкуренција со големите банки. Од друга страна, со воведувањето на систем за осигурување на депозити се намалува потребата за следење на банките од страна на коминтентите, со што се нарушува пазарната дисциплина во рамките на банкарскиот сектор. Во системот опстануваат помалку ефикасните и помалку квалитетните банки, бидејќи заради нивните заштитени влогови, депонентите немаат нужност за повлекување на своите депозити. Тоа може да создаде привид кај помалку стабилните банки дека тие работат добро и да почнат да преземаат преголем ризик.
Заштита на платниот систем
уредиБанките имаат централно место во платниот промет бидејќи кај нив се водат трансакциските сметки на претпријатијата и луѓето. Во случај на пропаст на една банка, таа не може да ги исполни обврските кон другите банки, со што проблемите се пренесуваат и на нив. Оттука, осигурувањето на депозитите треба да ги заштити средствата кои луѓето ги чуваат на своите трансакциски сметки.
Намалување на ефектите на рецесијата
уредиВо случај на рецесија, некои банки имаат ликвидносни проблеми и се соочуваат со повлекување на депозитите. Понатаму, тоа се одразува на работењето на здравите банки, односно предизвикува влошување на нивната ликвидност. При неефикасен систем на осигурување на депозитите, пропаѓањето на банките ги става претпријатијата и населението без нивните депозити. Тоа предизвикува многу претпријатија да одат во стечај, со што се влошува рецесијата. При постоење на систем на осигурување на депозитите, депонентите ќе бидат обесштетени во одреден рок и нема да има последици за нивната ликвидност. На тој начин нема да се наруши довербата во добрите банки.
Поттикнување на стопанскиот раст
уредиОваа цел се темели на тврдењето дека добро формиран експлицитен систем на осигурување на депозити го потикнува домашното штедење. При тоа се претпоставува дека штедачите при намалениот ризик ќе имаат волја да прифатат и релативно пиниски каматни стапки. Пониските пасивни каматни стапки ќе им овозможат на банките пресметка на пониски активни камати на кредитите, што ќе има влијание на стимулирањето на инвестициите, а преку нив и на стопанскиот раст. Друг канал на делување произлегува од можноста на системот на осигурување на депозити да ја подобри конкуренцијата меѓу банките. Поголема конкуренција меѓу банките ги поттикнува на намалување на разликите меѓу актвните и пасивните каматни стапки при што доаѓа до исправка и на активните и на пасивните каматни стапки.[4]
Видови на системи за осигурување на депозитите
уредиВо основа постојат два системи за осигурување на депозитите:[5]
- имплицитен систем за осигурување на депозити и
- експлицитен систем за осигурување на депозити.
Основна одлика на имплицитниот систем е непостоење на закон за осигурување на депозитите, што имплицира непостоење на обврска на државна реакција во случај на финансиска криза. Експлицитните системи за осигурување на депозитите се јасно одредени со законски одредби. Тие можат да бидат запишани во форма на посебен закон, можат да бидат вклучени во законот за банките или можат да бидат составен дел на законот за централната банка. Функционирањето на експлицитен систем за осигурување на депозитите подразбира постоење на институција која ќе ја врши таа функција, која најчесто се нарекува Фонд или Агенција за осигурување на депозитите. Според податоците на Меѓународната асоцијација за осигурување на депозити, на 31 март 2011 година, 131 земји во светот имале експлицитен систем за осигурување на депозитите. Во праксата постојат два вида експлицитен систем на осигурување на депозитите:
- еx-ante систем (систем со фонд) и
- ex-post систем (систем без фонд).
Според основачката структура на институциите системите за осигурување на депозитите можат да бидат:
- јавни
- државни и
- мешани.
Решението за правниот статус на институцијата за осигурување на депозитите е тесно поврзано со дефиницијата на улогата, правата и обврските на различните субјекти кои потенцијално се инволвирани во процесот на осигурување на депозитите. Според законската поставеност, фондот или агенцијата може да биде јавен или приватен. Системот со фонд за осигурување на депозити е систем во кој финансиските институции периодично уплаќаат премија за осигурување. Уплатените премии претставуваат претставуваат фонд на средства од кој се исплатуваат осигурените депозити во случај на пропаѓање на некоја банка. Така сите осигурани институции учествуваат во исплатата на осигурените депозити кај пропадната финансиска институција. Во случај акумулираните средства во фондот да не се доволни за исплата на осигурените депозити во целост, државата има обврска да го покрие остатокот. Тоа треба да биде законски одредено. Во случај системот за осигурување на депозити да е дефиниран како ex-post систем (без фонд), по правило евентуалните трошоци од пропаѓањето на банка во целост паѓаат на товар на преостанатите банки. Во таа смисла, државата нема никакви трошоци, бидејќи системот функционира на тој начин што во одреден краток период од пропаѓањето на банката секоја преостаната банка учествува во исплатата на осигурените депозити според одредено правило.
Според нивните овластувања, институциите за осигурување на депозити можат да се основаат и да функционираат како следните модели;
- Модел „Кутија за исплата“ или „благајна“ (pay box): Овој модел на институција за осигурување на депозити е организиран за исплата на осигуреникот дел од депозитите, поточно на обесштетувањата на депонентите.
- Модел „Кутија за исплата“ со ограничено овластување (pay box with extended but still limited roles and powers) – Институциите можат да бидат намалувачи на трошоците (cost reducer), односно покрај функцијата на порамнување, институцијата да презема улога на раководење на несолветната осигурена институција со најниски можни трошоци и екстерналии за финансиското посредовање.
- Модел „Намалувач на ризик“ (Risk minimiser). Овој модел има најшироко портфолио на ингеренции. Институцијата за осигурување на депозити само постанува дел од назорниот систем. Таа е „супервизор“ - врши директен надзор и контрола и има соодветно влијание на финансиските институции во врска со нејзините задачи, и е „олеснувач на решението за затворање на банка“ (resolution facilitator) – може да ги користи прибраните средства и за проактивна поддршка на банката која има потешкотииво работењето (а не е неликвидна или несолвентна).
Одлики на системите за осигурување на депозити
уредиУправување на системите за осигурување на депозити
уредиНачинот на управување на институцијата за осигурување на депозити е во зависност од тоа дали таа е јавна или приватна. Фондот може да го управуваат министерството за финансии, централната банка, финансиските институции кои го основале и уплаќале во него или комбинирано. Истражувањата покажуваат дека во светот во 50% од системите во управувањето учествува државата, 30% се со мешано управување, а приватно управување има во 20% од системите.
Членување во системите за осигурување на депозити
уредиЧленувањето во системот за осигурување на депозити може да биде: задолжително и доброволно. Се смета дека доброволното е инфериорно во споредба со задолжителното членство, бидејќи создава амбиент во кој финансиските институции кои не се членки во фондот можат да понудат повисоки каматни стапки (немаат трошок за плаќање премија). Задолжителното членување е најдобро решение бидејќи го намалува проблемот на негативна селекција. Истражувањата покажуваат дека само мал број земји дозволуваат доброволно членување.
Депозити кои се осигуруваат и депозити кои не се осигуруваат
уредиВо зависност од целите, системот може да ги осигурува сите видови или само одредени депозити. Ако основната цел е да се заштитат малите депоненти, системот ќе ги „покривa“ само сметките на физички лица, а во случај целта да е заштита и на платниот систем, системот ќе ги „покривa“ и сметките на правните лица. Во експлицитниот систем на осигурување на депозити точно се дефинирани депозитите кои се осигуруваат и се евидентираат на соодветни сметки, како и нивните сопстевници. Исто така, посебно се дефинираат депозитите кои не се осигуруваат и сопствениците чии депозити не се осигуруваат, а се одредува и тоа дали системот ги вклучува или не депозитите во странска валута.
Институции чии депозити се осигуруваат
уредиВообичаено, осигурувањето на депозитите ги опфаќа сите банки и штедилници кои имаат дозвола за вршење депозитни работи. Тие се групираат во две групи: банки и други институции кои прибираат депозити.
Висина на обесштетувањето
уредиВисината на обесштетување по правило се одредува по депонент и се однесува за сите негови депозити во една банка. Во случај на пропаѓање на некоја банка, нивото на обесштетувањето се утврдува како збир на состојбата на сите осигурени депозити на поединечен депонент. Во некои системи за осигурување постојат различни нивоа на обесштетување за физичките лица и за правните лица.
Во Македонија, до декември 2010 година, Фондот за осигурување на депозитите ги обесштетувал физичките лица во висина на:[6]
- 100% од вкупните депозити до износот на денарска противвредност на 10.000 евра и
- 90% на остатокот од депозитите од 10.000 до 20.000 евра; но, по основ на двете нивоа не повеќе од денарска противвредност на 20.000 евра.
Во светот постои голема различност во нивоата на осигурување на депозитите, во зависност од степенот на развиеност на земјите, мерени според БДП по глава на жител. На пример, Гарсија препорачува дека нивото на осигурување на депозитите треба да биде еден до двапати повисоко од БДП на земјата по глава на жител.[7]
Финансирање
уредиНачинот на финансирање на системот за осигурување на депозитите зависи од тоа дали се работи за ex-ante или за ex-post систем.
Ex-ante системот за осигурување е заснован врз следните три столба:
- Создавање фонд за осигурување на депозити
- Утврдување на инвестициона политика за прибраните средства во фондот
- Формирање на администрацијата на фондот
Во овој систем, средствата на фондот се собираат преку редовна уплата на премии за осигурување од страна на банките-членки. Најважни предности на овој систем се:[8]
- ја зголемува довербата на јавноста
- овозмоҗува брзо враќање на средствата на депонентите
- ја олеснува уплатата на премија преку економскиот циклус
- моҗе да вклучи премија заснована на ризик
Од друга страна, овој систем се соочува со одредени недостатоци:[8]
- тешко се основа фонд со задоволителна големина на средства
- тешко се дефинира методот за пресметка на премиите
- постои организациска и стратегиска сложеност
Во ех-post системот не постои фонд на средства, нема континуирани уплати на премии и во случај на пропаѓање на некоја банка, туку сите банки-членки на системот се должни еднократно да уплатат средства според законски утврдена пресметка. Според тоа, во случај на пропаст на некоја банка се врши поделба на штетата или заеднички аранҗман за гаранција меѓу банките-членки. Најважната предност на овој систем е тоа што ја зголемува пазарната дисциплина бидејќи банките меѓу себе ги следат активностите. Од друга страна, овој систем се соочува со следниве недостатоци:[8]
- значајни доцнења во исплатата на депозитите
- временска неусогласеност и процикличност
- одливот за надомест на штетата може да придонесе за натамошна финансиска ранливост на системот
Најчесто, постојат следниве извори на финансирање на системите за осигурување на депозити:[8]
- Премии од банките
- Влезни премии, која се уплаќа при зачленувањето на банката во системот, а најчесто се утврдува како определен фиксен износ или како процент од капиталот на банката
- Периодични премии, во определен процент од износот на депозитите во банката (фиксни т.е. линеарни стапки на премии или стапки на премии засновани на ризикот)
- Средства од владата (неповратни)
- Позајмици од владата или други финансиски институции
- Средства од дарители
Големина на резервниот фонд
уредиВоспоставувањето на оптималната големина на фондот е едно од најважните прашања при воспоставувањето на системот за осигурување на депозити. Притоа, се определува коефициент на големината на фондот како однос на износот на осигурените депозити, како мерка за оценка на адекватноста на фондот или таргет на фондот. Резервниот фонд најчесто се определува врз основа на очекуваните исплати имајќи го предвид историското искуство со ризични настани во банкарскиот систем. Во зависност од големината и структурата на банкарскиот сектор, се смета дека фондот е доволен ако има средства да ја покрие загубата во случај на истовремено пропаѓање на 4-5 мали или 2-3 средни банки.[8]
Покрај капиталот и наплатата на премиите, врз големината на фондот влијаат уште три трансакции: приносите од инвестирањето на средствата со кои располага фондот, плаќањето на обврските за осигурувањето и административните трошоци.
Осигурувањето на депозитите ширум светот
уредиСистемот на осигурување на депозитите за првпат бил воведен во САД, во 1933 година, кога била основана Федералната корпорација за осигурување на депозитите (Federal Deposit Insurance Corporation, FDIC). Притоа, ФДИЦ ги дели банките во три групи: добро капитализирани (со адекватност на капиталот над 10%), соодветно капитализирани (со адекватност на капиталод од 8 до 10%) и поткапитализирани (со адекватност на капиталод под 8%). Врз таа основа, поединечните банки плаќаат различен износ на премии за осигурување на депозитите: на крајот од 2008 година, банките од првата група плаќале премии во висина од 0.05% до 0.07%, а банките од третата група плаќале премиии во износ од 0.43%.[9] До октомври 2008 година, депозитите во САД биле осигурени до износот од 100.000 долари, а потоа осигурениот износ се зголемил на 250.000 долари. Истата година, и многу други земји го прошириле опфатот на осигурувањето. На пример, Финска го зголемила износот од 25.000 на 50.000 евра,[10] а некои земји (Тајланд, Турција, Доминиканската Република и Туркменистан) вовеле неограничено осигурување на депозитите. На крајот од 2008 година, 100 земји имал систем за осигурување на депозитите, а 19 земји планирале да воведат или почнале со подготовки за воведување на таков систем. Притоа, некои земји имале повеќекратен систем за осигурување на депозитите како, на пример, Австрија која има пет различни обезбедувачи на осигурување.[5]
Во Британија, осигурувањето на депозитите било воведено во 1979 година, кога биле донесени Законот за банките (Banking Act) и Фондот за заштита на депозиторите (Depositor's protection Fund) со задолжително учество на сите банки. На почетокот, фондот обезбедувал 100% покривање на првите 2 000 фунти и 90% на дополнителниот износ на депозитите, но најмногу до 20 000 фунти. Подоцна, фондот обезбедувал покривање на 90% на следниет 33 000 фунти така што максималниот износ на отштета изнесувал 31 700 фунти.[11]
Воведување на успешен систем за осигурување на депозити
уредиУспешноста на системите за осигурување на депозити зависи и од структурата на банкарскиот систем и од квалитетот на супервизијата. Ако постои висока концентрација во која две-три банки поседуваат 70% од активата на банкарскиот систем, државата нема да има еднаков третман на сите банки. Во тој случај, големите банки ќе имаат повластен третман бидејќи државата ќе смета дека се премногу големи за да дозволи да пропаднат. Поради тоа, пожелно е да се одреди повисоко ниво до кое ќе се осигурат депозитите и така ќе се подобри конкурентноста на малите во однос на големите банки.[12]
Воведувањето на системот за осигурување на депозити треба се случи кога банкарскиот систем е стабилен. Притоа, со закон треба да се дефинира институција за осигурување на депозити, формирана како посебно правно лице или како дел од централната банка, од министерството за финансии или од агенцијата за супервизија. Сепак, подобро е таа институција да биде посебна, бидејќи така ќе се обезбеди поголема независност во нејзината работа.[13]
Форумот за финансиска стабилност, врз основа на дотогашните меѓународни искуства, во 2001 година воспоставил Упатство за ефективни системи за осигурување депозити. Тоа е изградено врз три општи наоди:[14]
- Се претпочита експлицитно и ограничено осигурување на депозити доколку тоа ги разјаснува обврските кон штедачите и доверителите и го ограничува просторот за дискрециони одлуки кои може да резултираат во произволни активности.
- Системите за осигурување депозити мора правилно да се дизајнираат, добро да се имплементираат и јавноста мора да смета дека тие се веродостојни и дека го избегнуваат моралниот хазард.
- За да биде делотворна, осигурувањето на депозитите треба да биде дел од добро дизајнирана финансиска сигурносна мрежа, поддржана со цврста прудентна регулација и супервизија, ефектвни закони кои се спроведуваат и здрави режими на сметководство и соопштување на информации
Според Форумот за финансиска стабилност, изградбата на системот за осигурување на депозитите треба да оди по следниве основни чекори:[14]
- Одредување на целите на политиката. Процесот започнува со формирање на релевантните на јавната политика што треба да се постигнат. При оваа анализа треба да бидат земени предвид условите и факторите што се присутни во одредена земја. Во документот за јавните политики треба да се нагласи овластувањето и улогата која се очекува да ја усполни осигурувачот на депозитите во рамките на финаниската сигурносна мрежа и да се одредат клучните особини и важните елементи на системот.
- Анализа на тековната состоја, на условите и факторите. При анализата треба да се разгледаат: економските фактори, сегашната монетарна и фискална политика, состојбата и структурата на банкарскиот систем, јавните ставови и очекувања, состојбата на законскиот, прудентниот регулаторен, супервизорски и сметководствен режим и режимот на соопштување информации. При оваа анализа треба да бидат прикажани можностите и заканите за системот и да се идентификуваат потребните промени при создавањето на системот за осигурување депозити.
- Оценување. Доколку е потребно, треба да се изврши процес на прегледување и оценување на предложените цели на јавната политика, клучните особини и важните елементи и да се направат приспособувања.
- Стратегиски акционен план. Треба да се подготви стратегиски акционен план по завршувањето на фазата на оценување. Во овој план треба да бидат определени целите и нивната приоритетност, временските рамки, критичните патеки, стратегиите на комуникација и консуктативните процеси. Во него треба да се дефинира како системот за осигурување на депозити ќе стане функционален и како ќе ги решава преодните прашања. творците на политиката треба да имаат планови во случај на непредвидени околности, со цел да се справат со негативните случувања.
- Фази на имплементација и прифаќање. Имплементацијата и другите промени треба да бидат поткрепени со механизми за следење на напредокот и идентификување на потребните приспособувања. Целта на оваа фаза е да се направи системот оперативен и да се справи со преодните прашања. Уште на почетокот треба да се решат прашањата за буџетот, финансиските средства и пристапот до информации, вклучувајќи ги аранжманите за размена на информации.
- Тековна проценка и оцена. Тековната проценка и оцена е потребна за да се обезбеди делотворноста на системот за осигурување депозити и за да се извршуваат промени кога е потребно. Овој процес на континуирано подобрување треба да вградува нови трендови во финансискиот систем, како и искуствата стекнати во земјата и странство. Системите на осигурување депозити треба да се прегледуваат навремено. Поставувањето на репери во однос на суштинските принципи, упатствата и најдобрите практики го зголемува процесот на континуирано подобрување.
Работење на системот во нормални времиња и во време на кризи
уредиСистемот за осигурување на депозити треба да почне со работа во „нормално“ време во кое банкарскиот систем функционира без проблеми, т.е. сите или повеќето банки се ликвидни и солвентни. Во периодот во кој нема пропаѓање на банки, работата на фондот за осигурување на депозитите се сведува на прибирање на премиите, управување со прибраните средства во резервниот фонд и следење на големината на потенцијалот (на изложеноста) на самиот систем за осигурување. Во нормални времиња, во случај на пропаѓање на некоја банка, брзата и целосна исплата на обесштетувањата на депонентите во висина на законски утврдениот износ ќе спречи избивање на потенцијална паника и ќе го зголеми кредибилитетот на институцијата за осигурување на депозити.
Во време на системска криза во банкарскиот систем, институцијата за осигурување на депозити не може да функционира, односно таа не може да ги заштити банките од навала на депонентите и од натамошно ширење на кризата. Со оглед на фактот дека банките не можат да ја преживеат општата навала од депонентите, државата ги презема следните мерки: 1) воведува целосно осигурување на депозитите и 2) ја презема обврската за исплата на осигурените депозити. Позитивните и негативните ефекти зависат од општата финансиска позиција на државата, а нејзината гаранција ќе има кредибилитет доколку постои позитивна перцепција на јавноста за општата финансиска позиција на државата.[13]
Во земјите со најголемо искуство во осигурување на депозитите, институциите за осигурување на депозити, за решавање на проблематична или пропадната банка, ги користат следните методи:[15]
- Исплата на обесштетување на осигурените депоненти
- Купување и припојување кон друга банка
- Bанки за премостување
- Директна (отворена) помош
- Откуп на активата
Негативни појави во системите за осигурување на депозити и нивно избегнување
уредиНајзначајни негативни одлики на сите системи за осигурување на депозити се:
- Морален хазард
- „Премногу голема за да пропадне“ (too big to fail)
- Негативна (погрешна) селекција
- Агенциски проблем
Моралниот хазард претставува поттик за прекумерно преземање на ризик од страна на банките или од оние кои имаат корист од осигурувањето на депозитите.[14] Моралниот хазард претставува вообичаена последица на секој систем за осигурување на депозити. Оваа појава се јавува заради сигурноста на депонентите дека депозитите ќе им бидат вратени и со тоа тие губат интерес да ја надгледуваат банката. Од друга страна, при мала веројатност за навала во банките, банките тежнеат да преземат поризични проекти и на тој начин да дојдат до поголем профит, бидејќи тој ризик се префрла на институцијата која ги осигурува депозитите.
Моралниот хазард може да се ублажи преку следните мерки: добро корпоративно управување и солидно управување со ризик на поединечни банки, делотворна пазарна дисциплина и цврста прудентна регулација и супервизија. Дополнителни мерки за решавање на овој проблем се:
- Премија усогласена со нивото на ризик - ризичните банки да плаќаат премија по повисока стапка од стапката за сигурните банки.
- Коосигурување - оставање на еден дел од депозитите како неосигурен (најчесто, 10% од нивото на осигурување), со што се создава поттик за депонентите да ја следат банката.
- Ограничување на опфатот на осигурување на депозити - значи исклучување од осигурувањето на одредени категории депоненти и доверители на банките, со цел за нивно мотивирање да вршат надзор врз работењето на банката.
- Концептот за „проширена одговорност“ којшто подразбира материјална одговорност на акционерите на ниво поголемо од нивното учество во капиталот на банката. На тој начин би се намалила нивната склоност кон ризик и нивните одлуки да бидат поприлагодени на интересите на депонентите. Една можна форма се „приватно-јавни партнерства на осигурување“, во кои депозитите би биле гарантирани од страна на приватни лица, а владата би обезбедила „осигурување во случај на катасрофа“.[16]
- Институционалното опкружување на банките - правната регулатива и јасно дефинираните правила и санкции играат голема улога при превенција на преголемите банкарски ризици.
Постоењето на системот за осигурување на депозити може да го поттикне проблемот на т.н. „негативна селекција“ во банкарскиот систем. Така, кога членството во системот за осигурување на депозити е доброволно, ризичните банки имаат мотив да се определат за осигурување на депозитите, а банките со низок ризик да го одбијат членството во системот за осигурување на депозитите. Во случај на задолжително членување во системот, полошите банки имаат поголем мотив за членување во системот за осигурување на депозити. Подобрите банки во суштина ги субвенционираат послабите банки, што може да се оправда со фактот дека и појаките банки имаат интерес од поголема стабилност на банкарскиот ситем. За намалување на негативната селекција, Гарсија сугерира задолжитело осигурување на депозитите во сите банки кои прибираат депозити и примена на диференцијална стапка на премија.[13]
Осигурувањето на депозити како елемент на мрежата за финансиска стабилност
уредиСистемите за осигурување на депозити се дел од учесниците во мрежата за финансиска стабилност во земјата, која ја сочинуваат различни институции:[17]
- Систем за осигурување на депозити
- Прудентен регулатор и супервизор и
- „Последен позајмувач“ – државата или централната банка
Системите за осигурување на депозити како дел од мрежата за финансиска стабилност имаат две спротивставени цели: од една страна, тие сакаат да ги заштитат малите депоненти и да обезбедат финансиска стабилност, од друга страна тие сакаат да ги минимизираат поттикнувањата на банките да преземаат агресивни ризици. Со цел сигурносната мрежа да одговори на својата улога, задачите на учесниците треба да бидат јасно дефинирани и имплементирани. Уште повеќе, учесниците треба ефикасно да соработуваат со цел да се справат во време на системска криза. Оттука, функционирањето на системот за осигурување на депозити треба да се оценува во контекст на комплетната мрежа за финансиска стабилност.[17]
Наводи
уреди- ↑ Larry A. Sjaastad, „Осигурување на влоговите. Дали навистинани е потребно?“, Професија банкар, 11/97.
- ↑ Зоран Јовановски, „Информација за начинот на осигурување на депозитите во Република Македонија“. Скопје: НБРМ, 1998.
- ↑ N. Economides, H. R. Gleen, and D. Palia, „The Political Economy of Branching Restrictions and Deposit Insurance: A Model of Monopolistic Competition Among Small and Large Banks“, National Bureau of Economic Research, Working Paper No. 5210, 1995.
- ↑ Garcia G., “Deposit Insurance: Obtaining the Benefits and Avoiding the Pitfalls”, IMF Working Paper, Nr. 96/83. Washington: Internatonal Monetary Fund.
- ↑ 5,0 5,1 Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 77.
- ↑ Закон за фондот за осигурување на депозити, Службен весник на Република Македонија бр.63/2000, 29/02, 43/02, 49/03, 81/08, 158/10.
- ↑ G. Garcia, „Deposit insurance: A survey of actual and best practices“, IMF Working Paper 99/54. Washington: International Monetary Fund, 1996.
- ↑ 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 David C. Parker, „Deposit Insurance – Funding Overview, DGS and ICS Funding: the Raising, Management and Use of Funds“. Belgrade, 29-31 May 2011.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 75-76.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 74.
- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 169.
- ↑ C.A.E. Goodhart, The Central Bank and the Financial System. MIT Press Cambridge, 1995.
- ↑ 13,0 13,1 13,2 G. Garcia, „Deposit insurance аnd Crisis Management“, IMF Working Paper 00/57. Washington: International Monetary Fund , 2011.
- ↑ 14,0 14,1 14,2 Financial Stability Forum, „Guidance for Developing Effective Deposit Insurance Systems“. Basel, September 2001.
- ↑ IADI, „Guidance for the Resolution of Bank Failures“. BIS Basel, December 2005.
- ↑ E. J. Kane, „Design Financial Safety Nets to fit Country Circumstances“, The World Bank, 2000.
- ↑ 17,0 17,1 Bank Committee on Banking Supervision and International Association of Deposit Insurers, „Core principle for effective deposit insurance systems“, 2009.