Обликот на водата
Обликот на водата (англиски: The Shape of Water) — американски филм од 2017 година (фантастична драма), во режија на Гуљелмо дел Торо.[3][4] Во главните улоги се појавуваат: Сали Хокинс, Мајкл Шенон, Ричард Џенкинс, Даг Џонс, Октавија Спенсер и Мајкл Сталбарг.
„Обликот на водата“ | |
---|---|
Режисер | Гуљелмо дел Торо |
Продуцент |
|
Главни улоги | |
Музика | Александар Деспла |
Кинематографија | Дан Лаустсен |
Монтажа | Сидни Волински |
Дистрибутер | Fox Searchlight Pictures |
Премиера | 31 август 2017(Венеција) 1 декември 2017 (САД) |
Времетраење | 123 минути[1] |
Земја | САД |
Јазик | англиски американски знаковен |
Буџет | 19,5 милиони долари[2] |
Бруто заработка | 126,4 милиони долари[3] |
Филмот премиерно бил прикажан на 74. издание на венецијанскиот филмски фестивал на 31 август 2017 година,[5] каде ја добил главната награда Златен лав за најдобар филм.[6] Филмот започнал да се прикажува на 1 декември 2017 година во две кина во Њујорк, пред да биде нашироко издаден на 8 декември 2017 година. Во Македонија, Обликот на водата премиерно бил прикажан на филмскиот фестивал Синедејс на 17 ноември 2017 година,[7] а низ кино салите започнал да се прикажува од 8 март 2018 година. Книжевна адаптација напишана од Дел Торо и Даниел Краус била издадена на 6 март 2018 година.[8]
Обликот на водата добил бројни пофалби за изведбата на улогите, сценариото, режијата, продукцискиот дизајн и филмската музика, многу критичари го нарекле најдобриот филм на Дел Торо по „Фауновиот лавиринт“;[9] а американскиот филмски институт го вброил меѓу најдобрите десет филмови за 2017 година.[10] На 90. доделување на наградите Оскар, филмот заработил водечки 13 номинации, и добил награда во категориите најдобар филм, најдобар режисер, најдобра оригинална музика и најдобра сценографија.[11] Филмот добил седум номинации на 75. доделување на наградите „Златен глобус“, победувајќи во две категории, и тоа за најдобар режисер и најдобра оригинална музика.[12] На 71. доделување на наградите БАФТА, филмот добил 12 номинации, вклучително и за најдобар филм, и добил награда во категориите најдобар режисер, најдобра оригинална музика и најдобар продукциски дизајн.[13]
Заплет
уредиЕлајза Еспозито (ја игра Хокинс), пронајдена напуштена во детството со мистериозни лузни околу својот врат, е нема и комуницира преку знаковен јазик. Таа живее сама во стан, сместен под едно кино и работи како чистачка во тајна владина лабораторија во Балтимор во текот на студената војна во 1962 година. Нејзини единствени пријатели се соседот Џајлс (го игра Џенкинс), кој ја гледа како татко и колешката Зелда (ја игра Спенсер), афроамериканка која често наместо неа комуницира со нивните надредени.
Наскоро во лабораторијата, во голем резервоар, е донесено необично суштество, кое полковникот Ричард Стрикленд (го игра Шенон) го уловил во река во Јужна Америка. Љубопитната Елајза открива дека суштеството е всушност човеколики водоземец (го игра Џонс) и започнува тајно да го посетува, градејќи близок однос со него. Со цел да се искористи суштеството како потенцијална предност во вселенската трка, генералот Френк Хојт (Сирси) му наредува на Стрикленд да изврши вивисекција над него. Еден од научниците, Роберт Хофстетлер (го игра Сталбарг), кој е всушност таен советски шпион, зазема став суштеството да се чува живо за дополнителни истражувања, но истовремено, добива наредба од неговите советски претпоставени да го убие. Елајза ги дознава американските планови во врска со суштеството и успева да го убеди Џајлс да ѝ помогне да го ослободат. Хофстелтер го открива планот на Елајза и одлучува да ѝ помогне. На почетокот Зелда не се согласува со нејзиниот план, но на крајот попушта и се вмешува во планот за ослободување на суштеството кој завршува успешно.
Елајза го чува суштеството во када во својот стан, додавајќи големи количества на сол во водата, планирајќи да го ослободи во блискиот канал кога каналот ќе се спои со океанот во следните денови. За тоа време Стрикленд се обидува да открие што се случило со суштеството и ги испитува Елајза и Зелда, но неуспешно. Во станот, Џајлс открива дека суштеството изело една од неговите мачки. Преплашено, суштеството го ранува Џајлс во раката бегајќи од станот. Тоа успева да дојде до кино салата под станот каде Елајза го пронаоѓа и го враќа во својата бања. Суштеството го допира Џајлс по неговата ќелава глава и ранетата рака и следното утро тој открива дека косата почнала повторно да му расте, а раката целосно му заздравела. Елајза и суштеството романтично се поврзуваат и водат љубов во бањата која таа за него ја поплавува.
Хојт му дава ултиматум на Стрикленд да го пронајде суштеството во следните 36 часа. Истовремено, Хофстетлер е известен од своите претпоставени дека ќе биде извлечен во следните два дена. Како денот на пуштање на суштеството низ каналот се приближува, така здравјето на суштеството се влошува. На денот на средбата на Хофстетлер со своите претпоставени, Стрикленд го следи. Русите пукаат на Хофстетлер, но пред да успеат да го убијат, Стрикленд ги убива нив и потоа го мачи него за да дојде до информации. Пред да им подлегне на повредите, Хофстетлер ги издава Елајза и Зелда. Стрикленд и се заканува на Зелда во нејзиниот дом, и нејзиниот преплашен сопруг открива дека суштеството е кај Елајза. Стрикленд го пребарува станот на Елајза и дознава на календарот каде таа планира да го одведе суштеството.
Кај каналот Елајза и Џајлс за последен пат се опростуваат од суштеството, но Стрикленд успева да стигне на време и пука во нив. Суштеството успева да се излечи и го убива Стрикленд. Тоа ја зема ранетата Елајза и со неа скока во каналот каде успева да ја излечи. Кога тоа со својот излечлив допир ја допира по лузните на нејзиниот врат, таа започнува да дише преку жабри. Во завршната нарација, Џајлс го истакнува своето верување дека Елајза и суштеството „живееле среќно до крајот на животот“.
Улоги
уреди- Сали Хокинс како Елајза Еспозито
- Мајкл Шенон како Полковник Ричард Стрикленд
- Ричард Џенкинс како Џајлс
- Октавија Спенсер како Зелда Дилајла Фулер
- Мајкл Сталбарг како Д-р. Роберт Хофстетлер/ Димитриј Мосенков
- Даг Џонс како суштеството
- Дејвид Хилет како Флеминг
- Ник Сирси како Генерал Франк Хојт
- Стјуарт Арнот како Бернард
- Најџел Бенет како Михалков
- Лорен Ли Смит како Елејн Стрикленд
- Мартин Роуч како Бристер Фулер
- Алегра Фултон како Јоланда
- Џон Капелос како Г-дин. Арзуманиан
- Морган Кели како слаткарот
Продукција
уредиИдејата за филмот Обликот на водата се родила во 2011 година за време на еден заедничи ручек на Дел Торо и Даниел Краус, со кого Дел Торо подоцна го напишал романот Ловци на тролови. Филмот има сличности со краткометражниот филм Просторот помеѓу нас од 2015 година[14] и со романот Г-ѓа. Калибан на авторката Рејчел Ингалс. Главната инспирација за приказната Дел Торо ја пронашол во спомени од своето детство кога го гледал филмот Суштеството од Црната лагуна, но за разлика од тој филм, во Обликот на водата тој сакал романтичната врска помеѓу суштеството и главниот лик да успее.[15] Кога бил на разговори со раководните луѓе од Universal Pictures во врска со режирање на римејк на филмот Суштеството од Црната лагуна, Дел Торо се обидел да договори режирање на филм гледан од перспектива на суштеството, а во кој суштеството на крајот би завршило со главната глумица; раководните луѓе на студиото го одбиле тој концепт.[16]
Дел Торо дејството во филмот го поставил во текот на студената војна во 1960. години за да ги неутрализира денешните зголемени тензии, изјавувајќи: „Ако кажам дека дејството се одвива во 1962 година, филмот станува бајка за тие проблематични времиња. Луѓето можат да се опуштат малку повеќе и да ја погледнат приказната, да ги слушнат ликовите и да разговараат за проблемите, а не за причините на тие проблеми.“[17]
Снимањето на филмот започнало на 15 август 2016 година[18] во Хамилтон, Онтарио[19] и траело сè до 6 ноември 2016 година.
Прием
уредиЗаработка
уредиДо 4 март 2018 година, Обликот на водата остварил заработка од 57,3 милиони долари во САД и Канада и 69 милиони долари во другите земји, за вкупна заработка од 126,4 милиони долари во светски рамки.[3]
Откако заработил 4,6 милиони долари во текот на три недели органичено прикажување, Обликот на водата бил нашироко издаден на 22 декември 2017 година, заедно со филмовите Малиот голем живот, Совршен ритам 3, Се бара стариот и Најмрачниот час, и остварил заработка од 3 милиони долари од 726 кина за време на првиот викенд на прикажување, и 4,4 милиони долари во четиридневниот божиќен период.[20] Следниот викенд, филмот заработил 3,5 милиони долари.[21] Во првиот викенд по објавувањето на 13. номинации за Оскар, филмот бил додаден на репертоарите на повеќе од 1,000 кина и остварил заработка од 5,9 милиони долари.[22]
Наводи
уреди- ↑ „The Shape of Water“. tiff. Посетено на August 31, 2017.
- ↑ Tapley, Kristopher (November 21, 2017). „Spirit Awards: 'Call Me by Your Name,' 'Get Out' Soar, 'Shape of Water' Shunned Again“. Variety. Посетено на November 21, 2017.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „The Shape of Water (2017)“. Box Office Mojo. Посетено на February 25, 2018.
- ↑ „The Shape of Water“. British Board of Film Classification. Архивирано од изворникот на 2017-12-21. Посетено на December 19, 2017.
- ↑ Anderson, Ariston (July 27, 2017). „Venice Competition Includes Films From George Clooney, Guillermo del Toro, Darren Aronofsky“. The Hollywood Reporter. Посетено на July 27, 2017.
- ↑ „Guillermo del Toro's The Shape of Water wins Venice Golden Lion“. The Guardian. Посетено на September 9, 2017.
- ↑ Богата програма на „Синедејс“ Makfax; 17 ноември 2017
- ↑ „The Shape of Water Novel Does Much, Much More Than Adapt the Movie“. Amazon. Посетено на February 23, 2018.
- ↑ Kiang, Jessica (August 31, 2017). „Guillermo Del Toro's 'The Shape of Water' Is Sweet & Scary Movie Magic [Venice Review]“. The Playlist. Посетено на September 7, 2017.
- ↑ „AFI Awards 2017“. AFI. Посетено на December 8, 2017.
- ↑ Phillips, Michael (March 5, 2018). „Oscars can still surprise us“. Chicago Tribune. Посетено на March 5, 2018.
- ↑ Rubin, Rebecca (December 11, 2017). „Golden Globe Nominations: Complete List“. Variety. Посетено на December 11, 2017.
- ↑ „The Shape of Water leads Bafta nominations“. BBC News. January 9, 2018. Посетено на January 9, 2018.
- ↑ „Is 'The Shape of Water' Cribbed Directly From the Short Film 'The Space Between Us'?“. AwardsWatch. 18 август 2017. Архивирано од изворникот на 2017-09-11. Посетено на 11 септември 2017.
- ↑ „The Iconic Horror Movie Scene That Inspired 'The Shape of Water' – Bloody Disgusting“. bloody-disgusting.com. Посетено на 16 октомври 2017.
- ↑ „Del Toro Talks Black Lagoon Influence On "Shape"“. darkhorizons.com. Посетено на 20 ноември 2017.
- ↑ Bennett, Haley (15 декември 2017). „'Review: The Shape of Water' Mermaid film noir sounds like a fishy genre, but director Guillermo del Toro navigates it with skill“. Minnesota Daily. Архивирано од изворникот на 2018-11-18. Посетено на 15 декември 2017.
- ↑ Evry, Max (15 август 2016). „Shape of Water: Guillermo del Toro Begins Production“. Comingsoon.net. Посетено на 17 мај 2017.
- ↑ „Guillermo Del Toro's staff plan Hamilton visit to talk film studio locations: Mayor“. Canadian Broadcasting Corporation. 13 септември 2017. Посетено на 16 мај 2017.
- ↑ D'Alessandro, Anthony (December 24, 2017). „Last Jedi' Lords Over Christmas Weekend B.O. With $100M+ As 'Jumanji' Roars $65M+ & 'Pitch Perfect 3' Sings $27M“. Deadline.com. Посетено на December 24, 2017.
- ↑ Anthony D'Alessandro (December 31, 2017). „'Last Jedi' Has Upper Hand Over 'Jumanji' In New Year's Weekend Duel As 2017 B.O. Closes With $11.1B – Monday Update“. Deadline.com. Посетено на January 1, 2018.
- ↑ D'Alessandro, Anthony (January 28, 2018). „Fox Controls Close To 40% Of Weekend B.O. Led By 'Maze Runner' & Oscar Holdovers; 'Hostiles' Gallops Past $10M“. Deadline.com. Посетено на January 28, 2018.
Надворешни врски
уреди- Обликот на водата на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Обликот на водата на Metacritic
- Обликот на водата на Box Office Mojo
|group11 = 2020-ти |list11 = Земја на номадите (2020) • CODA (2021) • Сè насекаде одеднаш (2022) }} </noinclude>