Никола Узуновски
Никола Узуновски (Земун, Белград, Србија, 1 април 1979)[1][2] е македонски мултидисциплинарен уметник. Неговите проекти се претставени во реномирани институции на современата уметност насекаде низ Европа и е добитник на многубројни награди, грантови и уметнички резиденции.[1][3]
Никола Узуновски | ||
Роден | 1 април 1979 Земун, Белград, Србија | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Познат | македонски мултимедијален уметник |
Животопис
уредиНикола Узуновски е роден во Земун, Белград, Србија, во 1979 година. Потекнува од уметничка фамилија.[4] Узуновски го започнува во средното уметничко училиште "Лазар Личеновски" во Скопје (генерација 1994-1998). Своето образование го продолжува надвор од Македонија - во Ликовната академија во Неапол, Италија (Accademia di belle arti, Napoli, Italia, 1998 - 2003), па го завршува Вишиот курс за визуелни уметности на Фондацијата Антонио Рати, во Комо, Италија (F.A.R Advanced course of visual arts, Como, Italia, 2003), а потоа студира на Финската академија за ликовни уметности, на отсекот за просторно-временска уметност во Хелсинки, Финска (Kuvataideakatemia, Helsinki, Suomi, 2005). Постдипломските студии ги завршува на Универзитетскиот институт за архитектура во Венеција, Италија (Instituto Universitario di Architettura, Venezia, Italia, 2003 - 2007).[5] Како надежен уметник, неговите студиски престои се финансирани од повеќе институции: Ликовната академија во Неапол, Универзитетот за архитектура во Венеција, Министерството за култура на Република Македонија, како и фондацијата Белилаква Ла Маса.
Узуновски е меѓународно признат мултимедијален и концептуален уметник. Освен активниот ангажман во уметноста, има одржано и неколку предавања и работилници. Тој е еден од 12те говорници на првиот TED настан во Македонија - TEDxSkopje.
Моментално живее и работи во Бангкок.
Творештво
уредиНикола Узуновски ја започнува својата уметничка кариера како класичен сликар, но, со текот на времето и за време на меѓународните студиски престои, се преориентира кон концептуалната уметност. Во своите дела често ги комбинира науката и уметноста. Тој е плоден уметник, со учество на повеќе од 50 групни изложби, и неколку самостојни изложби:[1]
- Капки (Drops), Ликовна академија, Неапол (2003, куратор - Киријако Кампус)
- Birthday Party, Музеј на современа уметност, Скопје (2004)
- Dream On, Финска академија за ликовни уметности, Хелсинки (2005)
- Капки, Центар на современа уметност, Скопје (2005)
- Одејќи, Национална галерија на Македонија, Чифте Амам, Скопје (2007)
- Моето сонце, Trieste Contemporanea, Трст (2007, куратор - Масимо Премуда)
- Снег (Snow), Галерија Федерико Лугер, Милано (2008)
- Моето сонце, Полинарија, Пескара (2008)
- Моето сонце, Semplicemente Contemporanea, Падова (2009)
- Моето сонце, Македонски павилјон, Венециско биенале, Венеција (2009)
- Моето сонце, Галерија Федерико Лугер, Милано (2009)
- Postcard Kiosk, Kiosk, Басано дел Грапа (2010)
Според Раул Мартинес, "комбинирајќи го агресивниот концептуален јазик и интимните теми, Узуновски го провоцира гледачот и го претвора во неопходен средиштен карактер на неговите дела. Искуствата, желбите и сеќавањата на гледачот стануваат фундаментален материјал на неговиот опус."[6] Така, на пример, изложбата Одејќи всушност претставува пример за релациска уметност - празен музејски простор во кое авторот "ги истражува мотивите и желбите кои го довеле посетителот во одредена локација и постапка, неговиот психосоцијален контекст наспроти белите ѕидови и воздухот во просторот, комуникациската вредност на празнината и тишината на галерискиот простор."[7] Концептот Снег, пак, се состои од повеќе фотографии на снег од различни скијачки одморалишта - фотографиите се целосно бели.[8]
Веројатно најпознат и најнаградуван проект на Узуновски е Моето сонце (My Sunshine). Моето сонце е повеќегодишен проект кој инволвира меѓународни специјалисти од областа на астрофизиката, аеронаутиката, метеорологијата и архитектурата. Узуновски дошол до идеја за вештачко сонце во 2005, при снимање на најкраткиот ден во годината во Лапонија, при што забележал дека на едно место тоа не ја допира површината на земјата, туку ја одминува. Иако повеќе години авторот истражувал за ова на концептуално ниво, во пракса проектот започнал во 2007, во Трст, каде била утврдена остварливоста на проектот во соработка со Меѓународниот центар за теоретска физика и Узуновски ја добил наградата за најдобар млад уметник. Подоцна, во 2008, во местото Полинарија, во регионот Абруцо, Италија, Моето сонце преминало во следната фаза - бил направен прв прототип. Во зимата 2008-2009, била направена работилница и тестирање во Рованиеми, Финска, во соработка со Универзитетот на Лапонија.[4] Сонцето всушност е балон со димензии од 4 метри, кој лебди над површината како вештачки сателит, во кој се наоѓа рефлектирачка површина која ги презема сончевите зраци, за потоа да ги пренасочи на друга површина на Земјата. Овој истражувачки проект, е наградуван двапати, а со него Узуновски, под кураторството на Зоран Петровски, ја претставува Република Македонија на 53. Венециско биенале во јуни 2009 (заедно со Гоце Наневски), како еден од најмладите претставници на оваа престижна манифестација на современата уметност.[3][5][9] Поради дождливото време и силниот ветер, инсталацијата на вештачкото сонце во Венеција не се поставува на денот на промоцијата на македонскиот павилјон се одложува за неколку месеци, за на почетокот на ноември 2009, по два неуспешни обиди, конечно да биде поставено.[10] Моето сонце во август 2010 е поставено и во Македонија, на фестивалот АКТО, Битола.
Награди и признанија
уредиНикола Узуновски е еден од ретките македонски уметници етаблирани не само на домашната, туку и на светската уметничка сцена. Во 1999, уште за време на неговите студии во Италија, во Скопје ја добива наградата Ѓорѓи Зографски. Во 2006 година добива награда за видео арт во Басано дел Грапа, Италија. Во 2007 година, неговиот проект Моето сонце на фестивалот Trieste Contemporanea му ја носи престижната титула "најдобар млад уметник во Југоисточна Европа".[1] Видеото од процесот на создавање на Моето сонце во март 2009 година ја освојува првата награда на фестивалот Video.It одржан во Фондацијата Марио Мерц, Торино.[11]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 „Bio“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2010-08-22. Посетено на 2010-11-08.
- ↑ „Senza Confine: ritroviamo la Iugoslavia“ (италијански). Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2010-11-08.
- ↑ 3,0 3,1 „TEDxSkopje: Никола Узуновски“. Архивирано од изворникот на 2010-09-30. Посетено на 2010-11-08.
- ↑ 4,0 4,1 „whitehot“ (англиски). Посетено на 2010-11-08. Text "February 2009, Interview with Nikola Uzunovski" ignored (help)
- ↑ 5,0 5,1 „Порта З: Сонцето на Никола Узуновски ги грее европските градови“. Посетено на 2010-11-08.
- ↑ „Text“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2007-12-29. Посетено на 2010-11-08.
- ↑ Буѓевац, Дејан (30 октомври 2007). „Портрет, Никола Узуновски, концептуален уметник: "Најинтимните желби се истовремено и најуниверзалните"“. Глобус Магазин (28): 56–57.
- ↑ „Никола Узуновски меѓу великаните“. Посетено на 2010-11-09.[мртва врска]
- ↑ „Abitare, international design magazine: Nikola Uzunovski“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2009-08-21. Посетено на 2010-11-09.
- ↑ „Светна сонцето на Никола Узуновски во Венеција!“. Посетено на 2010-11-09.[мртва врска]
- ↑ „IDIVIDI: Прва награда за уметникот Никола Узуновски на фестивалот „Видео.Ит" во Торино“. Посетено на 2010-11-09.
Надворешни врски
уреди- Nikola Uzunovski - лично мрежно место (на англиски)
- Му Sunshine Архивирано на 7 јуни 2009 г. - мрежно место за проектот Моето сонце (на англиски)
- whitehot | Interview with Nikola Uzunovski - интервју во White Hot Magazine, февруари 2009 (на англиски)
- Никола Узуновски: Сонце за три света[мртва врска] - интервју во Нова Македонија, 9 јуни 2009