Небесно Царство (филм)
Небесно Царство (англиски: Kingdom of Heaven) — епски филм од 2005 година, во режија на Ридли Скот, според сценариото на Вилијам Монахан. Во филмот настапуваат: Орландо Блум, Ева Грин, Џереми Ајронс, Дејвид Тјулис, Едвард Нортон, Мартон Чокаш, Лијам Нисон, Гасан Масуд, Мајкл Шин итн.
„Небесно Царство“ | |
---|---|
Режисер | Ридли Скот |
Продуцент | Ридли Скот |
Сценарист | Вилијам Монахан |
Главни улоги | Орландо Блум Ева Грин Џереми Ајронс Дејвид Тјулис Едвард Нортон Мартон Чокаш Лијам Нисон Гасан Масуд |
Музика | Хари Грегсон-Вилијамс |
Кинематографија | Џон Матисон |
Монтажа | Доди Дорн Чисако Јокојама |
Дистрибутер | 20th Century Fox Скот Фри |
Премиера | May 6, 2005 |
Времетраење | Theatrical cut: 144 минути Director's cut (roadshow): 194 минути Director's cut (Blu Ray): 189 минути |
Земја | Обединето Кралство Шпанија САД Германија |
Јазик | Англиски Арапски |
Буџет | $147 милиони |
Бруто заработка | $211,652,051 |
Содржина
уредиФилмот се однесува за време на Крстоносните војни во XII век. Главна улога во филмот зазема Балијан од Ибелин кој се бори против арапскиот султан Саладин при Опсадата на Ерусалим. Филмот започнува со сцена од село во Франција, во 1184 година. Ковачот Балијан го посетуваат група на крстоносци. Едниот од нив се претставува како баронот Годфри од Ибелин и татко на Балијан, и бара од него да се вратат заедно во Ерусалим. Балијан одбива, и крстоносците заминуваат. Потоа Балијан дознава од свештеникот во местото дека неговата сопруга, која извршила самоубиство и е закопана, всушност е обезглавена како што налагале обичаите од тоа време за самоубијците. Во бес, Балијан го убива свештеникот и бега од местото. Потоа, тој ги стигнува крстоносците и им се придружува.
На патот до Ерусалим, Балијан е прогласен за витез и наследник на баронот од Ибелин. Групата доживува напади со стрели, бура на морето, и конечно Балијан се наоѓа сам преживеан на брегот. Го здогледува единствениот преживеан коњ, и бркајќи го уплашеното животно, наидува на муслимански воин и неговиот слуга. Во борба за коњот, Балијан го убива едниот од нив, а другиот го носи со себе во Ерусалим, каде го ослободува и му го остава коњот. Муслиманот му признава дека е всушност слуга на многу моќен воин. Понатаму во филмот гледаме дека е советник на Саладин, и дека ќе раскаже за способностите на Балијан кај Сарацените.
Во Ерусалим, Балијан се запознава со тамошните случувања: кралот Балдуин IV е болен од лепра, Тиберија, командантот на војските во Ерусалим се обидува да одржи мир меѓу различните религии; сестрата на кралот, принцезата Сибила, во која се вљубува Балијан; нејзиниот сопруг — Ги, кој сонува за воена слава и се обидува постојано да создаде војна со муслиманите.
По еден масакр на муслимански караван, кој го извршуваат темпларите, Саладин со голема војска доаѓа во близина на Карак, каде во битка е заробен Балијан. Кралот Балдуин IV доаѓа да преговара со Саладин да се повлечат војските, ветувајќи дека ќе ги казни оние кои учествувале во масакрот. Така и се случува: кралот го казнува водачот на темпларите кои го извршиле масакрот, Балијан е ослободен, но Саладин знае дека христијаните ќе му дадат уште некој повод за да го нападне и да го заземе Ерусалим.
Кралот Балдуин IV е пред умирање и го моли Балијан да се ожени со Сибила, знаејќи дека тие двајца се сакаат. Но, Балијан одбива, заради тоа што не сака Ги да биде убиен. По смртта на Балдуин — синот од првиот брак на Сибила, Балдуин V, кој е дете — го крунисуваат за крал на Ерусалим, а мајка му е негов регент. Но, набрзо станува јасно дека детето е заболено од лепра. Сибила не сака детето да го помине животот во маки и решава да го убие со отров. Потоа, таа го прогласува Ги за крал на Ерусалим. Ги ги здружува повторно темпларите за да предизвикаат војна. За таа цел, тие ја убиваат сестрата на Саладин при еден напад, и откако емисарот на Саладин ќе дојде да го побара нејзиното тело, Ги на Саладин му ја праќа отсечената глава на емисарот во Дамаск.
Започнува војната која е најавена како „Божја волја“. Темпларите, на чело на војската, заминуваат во пустината да се борат со војските на Саладин, и сите се убиени. Ги е заробен, бидејќи според зборовите на Саладин: „Крал не убива крал.“ Саладин со војските стигнува под ѕидините на Ерусалим. Одбраната на градот ја организира Балијан, но Тиберија и неговите витези си заминуваат за Кипар, велејќи дека е залудна борбата за одбрана на Ерусалим. На забелешката на Балијан дека ја `изгубил својата религија`, Тиберија му вели дека тоа е добро, и додава: „Сум видел премногу религија во очите на луѓе кои не беа ништо повеќе од обични убијци.“
По тридневни борби за градот, Саладин им нуди преговори кои Балијан ги прифаќа: жителите да го напуштат градот и да заминат безбедно до некоја христијанска земја. Голема колона од народ пешачи надвор од градот. Балијан ја наоѓа кралицата на Ерусалим Сибила меѓу нив и со неа се враќа во своето родно место во Франција. Набрзо по неговото враќање дома, стигнуваат витези и со нив кралот на Англија Ричард I, кој подготвува нова крстоносна војна. Кралот го бара Балијан да им се придружи, но Балијан вели дека е обичен ковач и останува да започне нов живот со Сибила.[1]
Критики
уредиКритичарите на филмот се со спротивставени мислења. Критиките варираа од „филм со длабока порака“,[2] до сериозни забелешки за портретирањето на одредени ликови,[3] како и улогата во која се претставени темпларите и крстоносците.[4] Инаку, филмот освоил четири награди и имал вкупно 12 номинации. Така, во 2005 година, на доделувањето на Европските филмски награди, Орландо Блум бил избран за најдобар глумец, според гласовите на публиката.[5]
Наводи
уреди- ↑ „Епска авантура со историски корени“, Антена, број 873, 20.3.2015, стр. 3.
- ↑ Roger Ebert, "Kingdom of Heaven" reviews for the Chicago Sun Times
- ↑ James Berardinelli, http://www.reelviews.net/movies/k/kingdom_heaven.html
- ↑ „Thomas F. Madden on ''Kingdom of Heaven'' on National Review Online“. Nationalreview.com. 2005-05-27. Архивирано од изворникот на 2009-08-22. Посетено на 2009-08-21.
- ↑ IMDb, Kingdom of Heaven (2005) - Awards (пристапено на 4.4.2015)
Надворешни врски
уреди- Kingdom of Heaven — AllMovie (англиски)
- Kingdom of Heaven на Rotten Tomatoes.