Европски филмски награди
Европските филмски награди (ЕФА) (англиски: European Film Awards, EFA) се годишна манифестација на која се доделуваат филмски награди на европски автори, во повеќе категории: најдобар филм, најдобро сценарио, најдобра режија, најдобра улога итн. Наградите се доделуваат според изборот на Европската филмска академија, како и според гласовите на публиката.
25. издание на ЕФА
уредиНа 25. издание, одржано во Ла Валета, Малта, севкупен победник бил австрискиот режисер Михаел Ханеке, со освоени четири награди за филмот „Љубов“.[1]
26. издание на ЕФА
уредиНа 26. издание на ЕФА, одржано во берлинскиот театар „Хаус дер берлинер фестшпиле“, водителка била германската глумица Анке Енгелке, а на церемонијата присуствувале 900 гости. Наградите ги доделувале: Кристофер Ламберт, Номи Рапас, Дајан Кругер, Кристин Скот Томас, Волкер Шлендорф, Роси де Палма итн. Пред почетокот на манифестацијата, најголем фаворит бил освојувачот на „Златна палма“ Абделатиф Кашиш, со филмот „Адел: Поглавје 1 и 2“, но сепак, наградите за најдобар филм и најдобар режисер му припаднале на италијанскиот режисер Паоло Сорентино за филмот „Големата убавина“.[2]
На 26. издание на ЕФА, најмногу номинации имал белгискиот филм „Скршениот круг“ на режисерот Феликс ван Гронинген, кој сепак, освоил само една награда - онаа за најдобра женска улога (ја добила глумицата Верле Батенс). Филмот на познатиот француски режисер Франсоа Озон „Во куќата“ ја освоил наградата за најдобро сценарио, додека режисерот Јан Оле Герстер ја овоил наградата за откритие. Големата француска глумица Катрин Денев ја добила наградата за животно дело, која ѝ ја врачил познатиот германски режисер Вим Вендерс.[3]
Романката Ада Соломон била добитничка на наградата за најдобар продуцент, за филмот „Ставот на детето“; италијанскиот глумец Тони Сервиљо ја освоил наградата за најдобар глумец, за улогата во филмот „Големата убавина“; големиот шпански режисер Педро Алмодовар добил специјална награда за придонесот кон развојот на европското кино; режисерот Јошуа Опенхајмер ја добил наградата за најдобар документарен филм за филмот „Акт на убиство“; додека Ари Фолман ја добил наградата за најдобар долгометражен анимиран филм за филмот „Конкрес“.[1]
27. издание на ЕФА
уредиНа 27. издание, одржано во Рига, севкупен победник бил полскиот режисер Павел Павликовски, чиј филм „Ида“ освоил четири награди, и тоа во категориите: најдобар филм, најдобра режија (Павел Павликовски), најдобро сценарио (Павликовски и Ребека Ленкиевич) и најдобра фотографија (Лукаш Жал и Ришард Ленчевски). Исто така, овој филм ги освоил и гласовите на публиката.[4]
За најдобра комедија бил прогласен италијанскиот филм „Мафијата убива само лете“ на Пјерфранческо Дилиберто; за најдобри глумци биле прогласени Марион Котијар (за улогата во филмот „Два дена, една ноќ“) и Тимоти Спол (за улогата во филмот „Г. Тарнер“); наградата на критиката за откритие на годината ја добил филмот „Племе“ на Мирослав Слабошпиткиј; за најдобар документарен филм бил прогласен „Господар на универзумот“ на Марк Баудер; наградата за најдобар анимиран филм му припаднала на „Уметноста на среќата“ на Алесандро Рак; Босанката Уна Гуњак ја добила наградата за најдобар краток филм за своето дело „Кокошка“; наградата за најдобра музика ја добил Мика Леви за филмот „Под кожата“; наградата за животно достигнување ја добила француската режисерка Ањес Варда, а наградата за достигнување во светската кинематографија му припаднала на Стив Мекквин.[4]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Гордана Настевска-Манасиевска, „Ноќ на големите победници“, ТЕА Модерна, број 689, година XIV, среда, 18 декември 2013, стр. 30-33.
- ↑ Гордана Настевска-Манасиевска, „Ноќ на големите победници“, ТЕА Модерна, број 689, година XIV, среда, 18 декември 2013, стр. 30-31.
- ↑ Гордана Настевска-Манасиевска, „Ноќ на големите победници“, ТЕА Модерна, број 689, година XIV, среда, 18 декември 2013, стр. 31.
- ↑ 4,0 4,1 „Ида на Павликовски ги собра европските филмски награди“, Дневник, година XVIII, број 5642, понеделник, 15 декември 2014, стр. 20.