Наум Наумовски - Борче (Крушево, 1 мај 1920 - Скопје, 28 септември 1960) — македонски комунист, учесник во НОБ, народен херој. Станал член на КПЈ во 1940 година. Учествувал на Првото заседание на АСНОМ. По ослободувањето врши повеќе високи функции. Во два мандата е градоначалник на Скопје: во 1950 и од 1956 до 1960 година.[1]

Наум Наумовски - Борче
Роден 1 мај 1920
Крушево, Кралство СХС
Починал 28 септември 1960(1960-09-28) (возр. 40)
Скопје, НР Македонија, ФНРЈ
Познат учесник во Народноослободителната борба
Занимање политичар

Животопис

уреди

Наум Наумовски е роден во многудетно семејство од Крушево.[2] Завршил два класа гимназија во Прилеп, а потоа со семејството се преселиле во Белград, каде го довршил школувањето. По школувањето, се вработил во белградската фабрика за авиони „Рогожарски“.

Во Белград, Наумовски присуствувал на демонстрации и манифестации организирани од Комунистичката партија, и таму се запознал со Мирче Ацев. За време на штрајот во фабриката во која работел, Наум Наумовски учествувал во спречување на штрајкбрехерите да влезат во фабриката, поради што бил затворен и однесен во политичкиот затвор „Ада Циганлија“.[3] По излегување од затворот, во 1940 година Наум Наумовски станал член на КПЈ.

Учеството во Народноослободителната војна

уреди
 
Барање од Главниот штаб на НОВ и ПОМ да се постапи по одредено писмо, поптишано од заменик политички комесар, Наум Наумовски - Борче. (30.11.1944)
 
Писмо од Наум Наумовски Борче до Дончо, командант на главниот штаб на Македонија, во кое го известува дека испраќа група Илинденци да се приклучат во борбата со непријателот. (7 октомври 1943 г.).

Во текот на 1941 година, се вратил во родното Крушево, но откако во градот дошол Мирче Ацев, Наум Наумовски заедно со него учествувал во организирање на партизанскиот одред „Питу Гули“, кој бил создаден на 16 април 1942 година. Со партизанското име „Зеко“, Наумовски станал секретар на Месниот комитет во Крушево, а потоа и политички комесар, и често говорел на митинзи.[4] При крајот на ноември 1942 година, одредот добил задача испратена од Страшо Пинџур, да ја презими зимата, односно да не дејствува до пролет. Наум Наумовски таа зима ја поминал во Крушево, и го сменил партизанското име од Зеко во Борче.

На Велигден 1943 година, во Крушево дошол Шула Мину, кој носел порака до Борче од Главниот штаб да се активира во партиското раководство на првата оперативна зона. По нападот на Крушево на 2 август, Наум Наумовски бил поставен за заменик политички комесар на втората оперативна зона, а по капитулацијата - политички комесар на баталјон, и брзо потоа, на група баталјони. Во декември 1943 година, Борче бил поставен за политички комесар на Втората македонска ударна бригада, а на Илинден 1944 година, политички комесар на Втората оперативна зона. Три недели подоцна, бил назначен за политички комесар на Првата македонска дивизија, а во октомври истата година член на ЦК на КПМ и политички комесар на Втората корпусна област.[5]

Наум Наумовски - Борче напредувал до функцијата заменик политички комесар на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, а во почетокот на февруари 1945 година, бил поставен за политички комесар на Главниот штаб на Македонија.

За народен херој бил прогласен на 29 ноември 1953 година.[5]

По ослободувањето, Наум Наумовски работел во инструкторското одделение во ЦК на КПМ, а во два наврати бил градоначалник на Скопје.

Во негова чест е именувана улица во Општина Центар,[6] како и средното училиште во Крушево.

Наводи

уреди
  1. „„Градоначалници на Скопје". Архивирано од изворникот на 2011-02-15. Посетено на 2012-01-04.
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 271
  3. „Народни херои, стр. 272
  4. „Народни херои, стр. 273
  5. 5,0 5,1 „Народни херои, стр. 275
  6. „Информација за улицата „Наум Наумовски - Борче" во Дебар Маало“. Архивирано од изворникот на 2017-03-31. Посетено на 2018-09-20.

Литература

уреди
  • Здравко Чупески „Револуционерниот придонес на Наум Наумовски-Борче“, Скопје, 1996.
  • „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973