Мост на Мехмед паша

(Пренасочено од Мостот на Дрина)

Мостот Мехмед паша Соколовиќ се наоѓа во градот Вишеград во близина на границата помеѓу Босна и Херцеговина и Србија и истовремено претставува едно од најмонументални дела на архитектурата која настанала помеѓу XV век и XIX век во Босна и Херцеговина. Мостот е изграден од познатиот архитект Мимар Синан во периодот помеѓу 1571 и 1577 г., на местото кое во минатото претставувало пат помеѓу Босна и Цариград низ реката Дрина.

Мост на Мехмед-паша Соколовиќ во Вишеград
светско наследство на УНЕСКО
Критериумкултурно: ii, iv
Навод1260
Запис2007 (XXXI заседание)

Овој мост е предмет на делото „Мостот на Дрина“ (1945) од нобеловецот Иво Андриќ.

Историја

уреди

Мостот е изграден во периодот од 1571 до 1577 година, на местото каде што патот ја поврзувал Босна со Цариград, на реката Дрина (т.н. „Цариградска џада“). Градењето на мостот било доверено на најголемиот турски градител од тоа време, Мимар Синан, дворски архитект и врвен градител во Царството. Мостот се препишува на Мехмед-паша Соколовиќ, големиот везир на тројца султани (1565—1579) — Сулејман I, Селим II и Мурат III.

За овој мост се знае дека е поправуван околу 1664 година, потоа во 1875, 1911, 1939 и 1940 година. При повлекувањето на Австријците од Вишеград, во 1914 година, уништено е едно окно, а наредната година српската војска при напуштањето на Вишеград, уништила уште едно окно. Мостот бил во таква состојба до 1939 година, кога е поправен. Од 1915 до 1939 година, на урнатиот дел од мостот имало железна конструкција преку која се одвивал сообраќајот. За време на повлекувањето на Германците, во октомври 1943 година, и тој дел бил уништен.[1]

Средината на мостот била проширена и набрзо станала популарно место за собирање на луѓето од Вишеград и околината. Романот на Иво АндриќМостот на Дрина“, за кој писателот добил и Нобелова награда и кој е преведен на бројни светски јазици, заснован е на историјата на овој мост.

Особености

уреди
 
Мостот на Мехмед-паша Соколовиќ

Мостот е составен од единаесет полукружни отвори, од кои последниот отвор на десниот брег се птпира на два подѕида со најмал распон од 5,20 m. Останатите десет полукружни отвори се со распон од 10,70 до 14,80 m. Мостот лежи на девет големи камени столбови со широчина од 3,50 - 4,00 m, и должина од околу 11,50 m. На левиот брег, последниот отвор се потпира врз дел што преминува во рампа. Широчината на коловозот на мостот изнесува 6 метри.

Камењата за ѕидање на мостот биле сечени во Бања, околу 5 километри покрај десниот брег на реката Дрина. На средината на мостот имало дрвена кула за која не се знае кога е направена, а која е урната во 1886 година. Кулата имала улога на стражарница, а под неа имало премин, што се затворал од двете страни со големи дрвени врати. На кулата имало и топови. На мостот имало два тариха во стихови со исклесани години — на првиот 971-/1571, а на вториот 985/1577. Мостот издржал неколку големи поплави, од кои најголема била онаа од 1896 година, кога нивото на реката Дрина било 1,60 m над мостот.

Столбовите, сводот и челните ѕидови биле направени од седра, од наоѓалиштето мајдан Вишеградска Бања. Некои камени блокови биле поврзани со железни кланфи запечатени со олово.

Моментална состојба

уреди
 
Мермерна плоча на средина од мостот, зборува за оштетувањето на мостот од страна на германскиот окупатор во Втората светска војна

Мостот на Мехмед-паша Соколовиќ е најзагрозениот национален споменик во Босна и Херцеговина. Стабилноста на мостот е загрозена поради неисполнување на условите кои се дадени во записникот на Комисијата за технички прием на хидроелектраната во Вишеград. Хидроелектраната предизвикала пораст на нивото на водата од реката Дрина, со што се оптоварени главните столбови на мостот. Ерозија на дел од мостот под водата, е исто така опасност да падне целиот мост. Поради недостиг на финансиски средства, немало значајни ниту редовни поправки на мостот во последните неколку децении.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди
  1. Објавена е непозната фотографија на мостот на Дрина („Вечерње новости“, 19 септември 2013)