Методи Џунов - Џико (15 април 1888 во Неготино — ) — македонски партизан, учесник во Народноослободителната војска на Македонија. Делегат на АСНОМ.[1]

Методи Џунов-Џико
Роден 15 април 1888 година
Неготино
Националност Македонец
Познат Револуционер од НОБ и учесник на АСНОМ

Животопис

уреди

Се занимавал со земјоделие и вложувал многу труд за да го прехрани своето многучлено семејство. Во 1920 година станал член на КПЈ за Кавадарци, заедно со Ѓошо Бојаџиев и бил активен член на Комунистичкиот клуб во Кавадарци.[1] На собирите на младинските организации на КПЈ често се пееле македонски песни, така на свадбата на Методи Манев настанала голема провокација кога членовите на Организацијата од Ваташа Методи Џунов, Борис Ташков, Ѓошо Бојаџиев, Ташо Ангелов и други, под влијание на виното започнале да пеат македонски револуционерни песни. На спротивната маса до нив како гости седеле и неколку српски чиновници, кои демонстративна ја напуштиле свадбата. Наредниот ден сите младинци од Ваташа кои ги пееле овие песни биле повикани во полициската станица во Кавадарци и биле казнети по 20 динари.[2]

Во Ваташа била регистрирана само една ортомарска работилница во сопственост на Методи Џунов-Џико, а познато ортомарско семејство биле Пљачкови од Ваташа, кои подоцна во 1924 година се преселиле во Кавадарци.[3]

Ѕвоното во камбанаријата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ваташа, било излеано во битолската ливница, а го подарил Методи Џунов во 1926 година, за што постои и запис на него.[4] Активно го помагал народноослободителното движење, а неговото лозје и колиба во Моклиште, претставувале вистинска база на партизаните. По Ваташкиот масакар од 16 јуни 1943 година, во кој е убиен и неговиот син Пане Џунов, во август 1943 година Методи Џунов заедно со Ката Видикова-Ружа, Блажо Чекоров-Ѓуро, Блаже Џунов-Млаѓо, Гичо Еленов и други,[5][6] се вклучиле во одредот „Добри Даскалов” и бил најстариот борец во одредот. На 2 август, Методи Џунов заедно со Никола Минчев, Диме Туриманџовски, Јован Радњански и Јован Ѓелев поп Шаќо биле избрани за делегати на Првото заседание на АСНОМ од Кавадаречка околија.[1]

Една улица во Кавадарци е именувана по неговото име.[7]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 437. ISBN 978-608-4621-04-1.
  2. Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 238. ISBN 978-608-4621-04-1.
  3. Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 297. ISBN 978-608-4621-04-1.
  4. Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 26. ISBN 978-608-4621-04-1.
  5. „Годишнина од стрелањето на 12. ваташки младинци“. fakulteti.mk. Посетено на 2024-06-20.
  6. „Изрешетани, избодени, на некои вадени очи и сечени раце -76 години од стрелањето на ваташките младинци“. Посетено на 2024-06-25.
  7. „Градежни активности на „Калница" и дел од „Методија Џунов Џико" во Кавадарци“. ktv.mk. Посетено на 2024-07-12.

Надворешни врски

уреди

Илинденците се бореа во НОБ