Роглевска тврдина
„Роглевска тврдина“
| |
| |
Местоположба | 41°58′4″N 21°9′55″E / 41.96778° СГШ; 21.16528° ИГД |
Основни податоци | |
---|---|
Место | Рогле |
Општина | Желино |
Тип |
|
Период | римско време |
Портал „Археологија“ |
Роглевска тврдина — крепост на месноста Кука, на рид висок 250 м, 1 км северно од селото Рогле, Тетово, што од југ ја наткрилува теснината на рекичката Фуш. Низ теснината се пробива магистралниот пат Скопје — Полог — Охрид (античкиот пат Скупи — Лихнид). Од ридот се контролира овој пат многу километри на запад и исток и во теснината може лесно да се блокира.[1]
Наоѓалиште
уредиПретставува утврдена населба од раноантичкото и доцноантичкото време и црква од старохристијанското време. Се наоѓа на 1 км североисточно од селото, на висок рид со зарамнето плато, што доминира над околината, каде се гледаат темели од повеќе објекти, а по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови (сликани вази со црн фирнајс). Околу целото плато се гледаат темели од бедемот и кулите, градени од кршен камен и варов малтер. Во северозападниот дел на тврдината е откриена старохристијанска црква со мозаичен под. Во подградието на североисточната и јужната падина се среќаваат многу фрагменти од керамички садови, питоси и згура од топено железо. Најдени се и бронзени монети од IV и V век.[2]
Изглед
уредиПред источното лице на кастелот се протега гранична камена преграда, наречена денес „Марков Ѕид”. Долга е повеќе километри — до Бојане и до падините на Жеден на север и до Раович и масивот на Сува Гора на југ. Преградата (клаустра) е свртена со лицето на исток, кон Скопското Поле и се совпаѓа со граничната линија меѓу провинциите Дарданија и Превалитана. Задачата и била да ги блокира сите споредни гранични премини на тој простор.
Наоди
уредиНајстари остатоци
уредиНа врвот од Кука во доцноантичко време бил подигнат кастел со големина од 120 × 90 м (0,7 ха). Обѕидието е градено во цврст малтерен слог, со три кули на аглите. Во средината доминира голема базилика со мозаичен под (V-VI век). Најдени се монети од доцниот IV, V и VI век, потоа печки за топење на бакар и боење на стаклени мозаични тесели со хромни оксиди.[3]
Средновековни остатоци
уредиМеѓу површинските наоди се утврдени е и неколку средновековни предмети: византиски монети — бакарни скифати од XII-XIII век; тока за ремен, дел од бронзен крст — енколпион и прстен (X-XII век); железни врвови за стрели за пробивање оклоп.
Намена
уредиОчигледно е дека оваа стратешки многу значајна крепост била користена низ целото средновековие, демнејќи го магистралниот пат од Скопје кон Полозите и граничните премини кон српските земји на северозапад како и кон Охрид на југозапад.
Поврзано
уреди- Прој Роглес — населба од доцноантичко време и старохристијанска базилика;
- Марков Ѕид — населба од римско време.
Наводи
уреди- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Нови наоди од доцноантичките крајпатни кастели на кај Рогле, Свиларе, Сопот (ad Cephalon) и Фариш, Историја 88-89/XXIV-XXV/ Бр. 1-4, Скопје 1991, 145-154, Т. V-XII (резиме: New Findings of Late Antique Fortresses at Rogle, G. Svilare, Sopot (ad Cephalon) and Fariš, 154)