Коњите на свети Марко (книга)

„Коњите на свети Марко“ (српски: Коњи светога Марка) — збирка раскази на српскиот писател Милорад Павиќ од 1976 година.

Содржина

уреди

Збирката содржи 13 раскази:

  • Кревет за три лица: Анѓелар е студент за кого неговите колеги сметаат дека е чуден. Тој живее со двајца постари пријатели, Максим и Василије. На преминот од 1972 во 1973 година, во нивниот стан се собрани неколку пријатели. Додека е во тек ручекот, една од присутните девојки, Лиза, го кани Анѓелар да водат љубов пред присутните. Една година подоцна, друштвото повторно се собира во истиот стан. Тогаш доаѓа до мала расправа меѓу Анѓечар и Василије во која Василије зборува за грчко-византискиот броен систем, а Анѓелар не разбира зошто пријателот му го зборува тоа. Пред вечерата, Максим го удира Анѓелар, го става на креветот и го врзува. Тогаш, раскажувачката става леб во ракијата и се опива, а кога се освестува, гледа дека останала сама со Максим и Василије, без Анѓелар.[1]
  • Коњаница: Поради здравствените проблеми, авторот редовно шета низ Белград. За време на една прошетка, тој минува крај едно градилиште и во урнатините здогледува работници собрани покрај една печка. Тој им се придружува и ја слуша приказната која ја раскажува еден работник: Витомир Јамомет доаѓа во едно село на брегот на Дунав и тука умира, а неговите две деца ги одгледува попот. Подоцна, пстариот брат, кого го викаат Вит, ја зема татковата сабја и заминува во светот, а помалиот брат, Омир, се прославува со умешноста да лекува болести и рани. Притоа, одвреме-навреме, тој лекува луѓе кои ги ранил токму брат му Вит. Еден ден, пет години подоцна, во селото ненадејно доаѓа Вит со својата вооружена дружина. Вит се жали дека ги чувствува на себе раните што им ги задава на своите противници. Бидејќи не може да му помогне, Омир му предлага на Вит да заминат во еден град во потрага по лекарот во една црква. Таму, Омир го остава братот да отпочине, а тој го бара лекарот. Кога влегува во една црква, тој здогледува слика која веднаш го просветлува и тој сфаќа дека целиот живот му поминал попусто. Тогаш, Омир се враќа кај Вит, му ја зема сабјата, оди во шумата, го јавнува коњот на Вит и заедно со Витовата дружина го напаѓа и го разурнува градот.[2]
  • Ангелот со очила: Во 1771 година, еден монах пристига во Виена и веднаш влегува во една гостилница, каде се распрашува за сместување. Таму го упатуваат кај Николас Димитрис кој срдечно му нуди престој во својот дом. Наскоро, монахот започнува да се дружи со сонародникот, парохот на српската црква Атанасије Димитровиќ Секереш и со правникот Јоан. Неколку години подоцна, парохот Секереш пишува петиција до царот против грчкиот поп, а петицијата ја потпишува и монахот Доситеј. Врз основа на петицијата започнува долготрајна постапка која завршува така што на грчкиот поп му се забранува да служи во Виена. Меѓутоа, еден ден, сосема неочекувано, парохот Секереш преминува во римокатоличката вера. Во 1776 година, Доситеј го посетува парохот Секереш, а вечерта во својот дневник го запишува сеќавањето на една случка за време на неговата посета на Света Гора во 1765 година, кога во една градина здогледал украсен стап, но кога се приближил, сфатил дека станува збор за змија. Подоцна, Доситеј се откажува од монаштвото и започнува просветителска дејност, никогаш не откривајќи дали то ашто го видел на Света Гора било змија или украсен стап.[3]
  • Расказ со два наслова: Ива, згодна девојка, работи во Игало, каде постојано ја опседнуваат мажите. Истовремено, на плажата работи еден маж кој многу ги привлекува жените. Една година, тој и Ива наоѓаат работа во еден овоштарник. Таму, тој ѝ кажува дека е слеп, а таа, пак, му открива дека, и покрај повеќегодишното лекување, не може да се движи. Двајцата се гладни, но поради своите маани, не можат да наберат јаболка. Затоа, таа му се качува на грбот и така успеваат да се прехранат. Набргу, сопственикот на овоштарникот им дава отказ, а тогаш, тие водат љубов за последен пат и се разделуваат.[4]
  • Допис до списанието кое објавува сонови: Авторот пишува писмо во кое му се обраќа на Захарије Орфелин, уредник на списанието „Магазин“ кое излегувало во 1768 година, а во кое уредникот ги канел читателите да му ги раскажат нивните сонови. Бидејќи Орфелин не објавил ниту еден сон во списанието, авторот му испраќа еден свој: Еден убав ден, по реката пловат едрилици кои ги набљудуваат бројни посетители. Авторот набљуудва еден чамец во кој се наоѓа девојката Елена, заедно со родителите. Чамецот удира во еден брод при што умира веслачот (таткото на Елена), а Елена и мајка ѝ тонат во реката. Авторот сака да ги спаси, но гледа дека нема една рака и тогаш се сеќава дека токму тој е веслачот на чамецот.[5]
  • Тајната вечера: Меѓу двете светски војни, во Белград живее Исајло Сук, сликар кој прави копии на познати фрески. Есента 1940 година, тој се жени со Одола Лешак, која е многу помлада од него. За време на свадбата, тој ги разместува гостите на масата имајќи ја предвид фреската „Свадбата во Кана галилејска“ на која работи во тоа време. Подоцна, во 1943 година, тој ја слика фреската „Тајната вечера“ при што се обидува ликовите од фреската да ги спореди со луѓето во кафеаната која редовно ја посетува, но никако не може да пронајде соодветни личности кои би одговарале на Христос и на Јуда. Една вечер, бегајќи од германска патрола, во кафеаната влегува млад човек и седнува наспроти Сук, кој во него го препознава брат ѝ на Одола. Дури тогаш, Сук се присетува дека момчето личи на Јуда од „Тајната вечера“. Кога во кафеаната влегува патролата, Сук станува свесен дека само тој стои, покажувајќи со прстот кон комчето.[6]
  • Партија шах со мексикански фигури: Летото 1970 година, во продавница за сувенири во Мексико, авторот купува шах. Притоа, тој одигрува една партија со продавачката, која го победува. Подоцна, во 1973 година, на пропатување низ Косово Поле, тој застанува на гробот на царот Мурат и започнува разговор со чуварот на гробот, кој му зборува за смртта како единствениот миг во кој ја спознаваме вечноста. Потоа, тој и чуварот играат партија шах која ја претставува Косовската битка.[7]
  • Двобој: Во 1954 година, пред крајот на студиите, авторот го слуша предавањето на професорот Младен Лексовац, кој раскажува за митрополитот Стефан Стратимировиќ кој присуствувал на гроздобер на Фрушка Гора, а за тоа време Лукијан Мушицки во својот манастир ги пишувал своите оди. Притоа, митрополитот не ги одобрувал песните на Мушицки, кои останале необјавени за време на неговиот живот. Подоцна, во 1974 година, авторот ги преведува песните на Мушицки на современ српски јазик и ѝ предлага на издавачката куќа Српска књижевна задруга да ги објави. Меѓутоа, управниот одбор на издавачката куќа му ја доверува таа задача на професорот Лесковац и така песните на Мушицки по вторпат остануваат необјавени.[8]
  • Пеглана коса: Група пријатели, собрани во кафеаната на хотелот „Москва“ во Белград, си спомнуваат на убавата мајка на нивниот училиштен другар Гргур Тезаловиќ, а тоа ги поттикнува да се присетат и на неговата судбина. Откако малку потпораснал, Гргур станал омилен кај девојките, а неговиот успех кај жените продолжил и по завршувањето на училиштето. Во една прилика, некоја девојка закажала истовремено состанок со него и со поранешниот затвореник Косача, познат по неговата вештина со ножевите. Девојката била решена да води љубов со двајцата, но како прв го избрала Гргур. И додека тие воделе љубов, Косача го убил Гргур, забивајќи му нож во грбот.[9]
  • Коњите на свети Марко или Роман за Троја: Тројанците со брод патуваат кон Мала Азија, но бродовите не можат да се движат бидејќи нема ветар. Пророштвото кажува дека тоа се случува поради детето кое се родило тој ден така што одлучуваат него да го фрлат во морето. Меѓутоа, задолжениот морнар се смилува и го става детето во чамец, заедно со една коза која го храни. Така, детето успева да преживее и стигнува до брегот. Тоа расте и станува овчар кого го нарекуваат Париж Александар. Подоцна, тој ја посетува Троја и дознава за своето семејство. Неговиот брат Елен е видовид, па родителите го испраќаат во манастир, каде го воспитуваат двајца монаси. Заедно со нив, Елен оди во Цариград, каде здогледува четири бронзени коњи. По враќањето од Цариград, монасите го оставаат Елен крај реката каде што навраќа еден еднорог. Таму, Елен ја гледа блиската и далечната иднина: грабнувањето на Елена и пропаста на Троја, освојувањето на Цариград од крстоносците, патувањето на Колумбо во Новиот свет, турската опсада на Виена, Наполеоновиот воен поход на Русија, Октомвриската револуција, Втората светска војна и настаните по неа. Најпосле, тој чита еден напис во весникот Кориере дела сера од 1975 година во кој пишува за привременото поместување на еден од четирите бронзени коњи на плоштадот „Свети Марко“ во Венеција, настан кој според легендата ќе предизвика пропаст на едно царство. Тогаш, Париж заминува во Спарта со цел да ја освои убавата Елена.[10]
  • Полубрат: Дедо му на авторот, д-р Стеван Михаиловиќ, се женел двапати при што од првиот брак имал син и две ќерки (од кои едната е мајка му на авторот), додека од вториот брак имал три ќерки. Синот, Браца, бил голем боем, а погинал млад во Првата светска војна. Едната од трите ќерки од вториот брак се сели во Белград за да живее заедно со нејзините полусестри, додека двете други ќерки, Марика и Анка, живеат во Суботица. По смртта на Браца, тие постојано го сонуваат при што соновите ги запишуваат независно од една од друга, а во нив тие го следат неостварениот живот на покојниот полубрат Браца. Еднаш, Марика во сонот гледа дека Браца се оженил и дека чека да му се роди дете, но Анка не верува во тоа. По тој сон, Марика се разболува и умира. Анка ѝ го чита дневникот и дознава дека денот на смртта на Марика се поклопува со денот кога во нејзиниот сон требало да се роди детето на Браца. По завршувањето на Втората светска војна, авторот заминува на концерт во Суботица и, облечен во војничка униформа, ја посетува тетката Анка. Таа го пречекува со голем радост и прифаќа да замине со него во Белград. Меѓутоа, утредента, тој ја наоѓа Анка мртва во нејзиниот стан, а во нејзиниот дневник ја чита следнава реченица: „Денес е голем ден. Најпосле, тој дојде за да ме одведе одовде...“[11]
  • Борба на петли: Во 1739 година, Дед-ага Оќуз предводи воена единица против австриската војска, решен прв да влезе во Белград. Во близина на градот, тој наидува на дете со тепсија украсена со необични шари. Еден дервиш ги толкува шарите како карта на четирите града кои го претставуваат целиот видлив и невидлив свет. На другата страна на тепсијата е изрезбарена картата на Белград која на агата му ја толкува преведувачот, кој раскажува за изградбата на двете кули, дело на Сандаљ Красимириќ и на Кузма Левач: Како дете, Кузма имал навика да го набљудува Белград, а кога порснал, учел најпрвин кај еден руски учител, а потоа учел во австриското воено училиште. Во тоа време, Сандаљ ја започнал изградбата на едната кула, а Кузма се нафатил да ја подигне другата на мочуришно земјиште. Изградбата на првата кула напредувала брзо и сите го фалеле Сандаљ за мајсторството. Еден ден, во кулата на Кузма дошол Сандаљ, кој му ги дал градежните скици на Кузма, барајќи помош за изградбата, а Кузма го советувал веднаш да ја заврши градбата зашто слабите темели не можеле да издржат поголема висина. Така, кулата на Сандаљ била свечено пуштена во употреба, а истовремено, Кузма продолжил да ја гради својата кула без помошници и без пари. Потоа, Кузма се разболел, а откако закрепнал, ја продолжил работата, кажувајќи цитати од говорот на Цицерон против Катилина. Најпосле, кога ја завршил кулата, Кузма видел дека таа е толку висока, што од неа не се гледал градот, а неговите жители, пак, не можеле да го видат врвот на кулата. Дури со доаѓањето на пролетта можело да се видат двете кули, кои потоа биле изрезбарени на бакарна плоча. По ова толкување, утредента, Дед-ага влегува со војската во Белград и тогаш се минирани двете кули.[12]
  • Богомилска приказна: Во 1338 година, на работ од шумата, момче и воин разговараат за богомилите и за нивното верување за својствата на огледалата. Воинот има способност да ги разликува боите на нештата според нивниот звук. Момчето е царот Стефан Душан, додека воинот е Хреља Драговоља, во народот познат како Реља Крилатица, кој повремено лета на небото. Во 1970 година, авторот гледа еден месечев камен кој се прикажува во повеќе европски градови. Подоцна, во својот дом, тој ги слуша гласовите на Хреља и се обидува да ги запише.[13]

Осврт кон делото

уреди

Во поговорот кон збирката, авторот соопштува дека меѓу расказите се наоѓаат и преработки на негови две песни, кои останале незабележани кога биле објавени, па затоа, тој ги претворил во проза, надевајќи се дека така ќе ги привлечат читателите.[14]

Во својот осврт кон збирката, Милосав Мирковиќ истакнува дека фантастичната проза на Павиќ во „Коњите на свети Марко“ добива посебна нега и грижа на кажувањето. Прозрачната паралелна историја на Белград, онака како што тој е сонуван низ вековите, се прелева во идеална прозна целина. Притоа, не се знае каде почнува минатото а каде иднината, каде е коренот на традицијата а каде крошната полна со плодови. Од денешна перспектива, оваа збирка претставува воведно надреалистичко четиво за романите „Хазарски речник“ и „Предел насликан со чај“.[15]

Наводи

уреди
  1. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 7-26.
  2. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 27-45.
  3. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 47-70.
  4. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 71-81.
  5. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 83-85.
  6. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 87-98.
  7. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 99-106.
  8. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 107-118.
  9. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 119-126.
  10. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 127-138.
  11. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 139-152.
  12. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 153-189.
  13. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 191-193.
  14. „Поговор“, во: Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989, стр. 197-198.
  15. Милорад Павић, Коњи светога Марка. Београд: Просвета, 1989.