„Контраендорфин“роман на српскиот писател Светислав Басара од 2020 година. За него, Басара ја добил НИН-овата награда за роман на годината.

Содржина

уреди

Романот се состои од четири дела:

  • Микрофонија: На 12 декември 2009 година, непосредно пред смртта, познатиот сликар Десимир Стојковиќ му ја раскажува животната приказна на неговиот другар Калоперовиќ: За време на Втората светска војна бил сведок на масовните стрелања кои ги извршувала германската армија во Ужице, а непосредно по војната, стрелањата продолжиле, но овојпат организирани од новата власт. Притоа, Стојковиќ раскажува за улогата на Милован Ѓилас во повоените стрелања, а покрај тоа, ги искажува своите критички размислувања и за повоениот југословенски културен живот, но и за политичкиот живот, воопшто. Во тие рамки, тој ги прераскажува своите разговори со познатиот писател Иво Андриќ во кои двајцата ја коментирале бедната состојба на тогашната книжевна сцена. Понатаму, Стојковиќ раскажува за својот престој во Париз, каде се дружел со филозофот и лекарот Жорж Кангилем, кој бил толку восхитен од сликата на Стојковиќ, „Снежана и седумте џуџиња“, што побарал посебна дозвола да ја набљудува од научна гледна тоа. Потоа, Кангилем му ги изложил на Стојковиќ своите размислувања за повеќе прашања, како: левичарството, сличноста на фашизмот и антифашизмот, улогата на современата медицина, значењето на ензимите во формирањето на националните разлики итн.[1]
  • Контраиницијации: Во овој дел, Стојковиќ раскажува за една дамнешна средба со Миро Главуртиќ кого Иво Андриќ го посочувал како човекот кој постојано му правел сплетки. Главуртиќ говорел за противречната и сложена природа на Андриќ — за неговата дипломатска дејност, за кокетирањето со различни политички струи, за пикантериите од неговиот приватен живот, како и злоупотребата на Андриќевите дела во разгорувањето на српскиот национализам и тогаш дошло до голема кавга меѓу Стојковиќ и Главуртиќ. Исто така, Стојковиќ ја изложува теоријата на Кангилем според која луѓето на Балканскиот Полуостров лачат посебен ензим - контраендорфин кој е одговорен за нивната свирепост. Во таа смисла, Стојковиќ раскажува како во 1986 година запднал во национална ефурорија, но во последен миг се освестил, а потоа, за да избега до грубата стварност, во периодот од 1989 до 1999 година станал алкохоличар. Тогаш, Стојковиќ ја прифатил тезата дека Андриќевите дела претставувале духовна основа на воените судири во Југославија. Во продолжение, Стојковиќ раскажува за напуштањето на Париз и враќањето во татковината во 1971 година. Тогаш, нему му била присилно доделена Октомвриската награда на Белград, а тој бил огорчен од состојбата во југословенската ликовна сцена, особено потсмевајќи ѝ се на концептуалната уметност. Најпосле, Стојковиќ раскажува за средбата со сликарот Ера Миливојевиќ за кого сфатил дека ја поседува тајната на уметничкото мајсторство. Откога завршува со раскажувањето, Стојковиќ му покажува на Калоперовиќ две свои слики (единствените кои не ги запалил), а потоа нив ги фрла во огнот.[2]
  • Метафизика на евродизелот: За време на двата часа Стојковиќ додека му ја раскажува својата животна приказна, Калоперовиќ запаѓа во анафилактички шок, а потоа и во алкохолен делириум, поради што со амбулантно возило е пренесен во Институтот за ментално здравје. По неколку дена, тој е отпуштен од болницата и додека бесцелно шета по улиците на градот, сè уште има халуцинации поврзани со Ѓилас. Истовремено, тој се присетува на долгогодишното дружење со Стојковиќ. По смртта на Стојковиќ, на Калоперовиќ почнува да му се влошува здравјето поради проблемите поврзани со крвотокот. Истовремено, со парите кои му ги оставил Стојковиќ со тестаментот (184 000 евра), Калоперовиќ купува куќа во едно село во Срем, каде што се преселува. Исто така, тој купува и автомобил, Опел Астра при што е опседнат со потрошувачката на гориво. Откако дознава за смртта на својот пријател, црногорскиот писател Миодраг Вуковиќ, Калоперовиќ пишува предговор за збирката собрани раскази на Вуковиќ, но пишувањето му оди бавно и мачно.[3]
  • Samsung Galaxy J5: Во декември 2017 година, Калоперовиќ ја запознава д-р Санда В., читателка на неговите дела која е восхитена од ликот на Стојковиќ. Калоперовиќ ѝ раскажува за дружењето со Стојковиќ, кој го обвинувал дека е виновен за смртта на повеќе српски сликари. Од друга страна, д-р Санда му раскажува на Калоперовиќ за судбината на нејзиниот татко, кој во втората половина на 1980-тите бил обземен од српскиот национализам, а потоа бил убиен во српско-хрватските воени судири. По неговата срмт, Санда и мајка ѝ се преселиле во едно село во близината на Сомбор, а откако нејзината мајка го наследила имотот на поширокото семејство, тие се преселиле во Сомбор, каде Санда завршила гимназија, а потоа дипломирала медицина во Нови Сад. Санда му ја изложува на Калоперовиќ својата теза дека нејзината долгогодишна мастурбација била причината за војните на тлото на Југославија. За да му ја докаже својата теза, Санда го поканува Калоперовиќ во тоалетот на безниската станица, каде мастурбира во негово присуство, а кога најпосле таа доживува оргазам, Калоперовиќ ја губи свеста. Всушност, во тој миг, тој паѓа во анафилактички шок, а го спасува Стојковиќ, кој накратко се враќа од светот на мртвите и повикува брза помош. Сè уште во делириум, Калоперовиќ има визија на пуст простор, исполнет со многу коски на умрени луѓе и со куршуми.[4]

Осврт врз делото

уреди

Книжевната критика го оценила романот „Контраендорфин“ како „„несомнено најдобар и најубиствен во венецот на романите на Васара кој го отвора Почетокот на бунтот против дахиите и кој ги тематизира злоќудните и невралгичните точки во поновата српска историја, култура и политика“; како „врв на опусот на Басара за демонтирањето на српските митови. Детронизацијата на националните големини и бардови, од Андриќ до Ѓилас, разобличувањето на божемните историски и биографски контроверзи, кај него е секогаш во служба на исмејување на погубниот српски менталитет, идеолошките заноси и националната мегаломанија на неговите носители, чии самоуништувачки размери во книжевната форма ги воздигнал до гротеска и до убиствена, беспоштедна сатира.“ Притоа, делото, чии главни одлики се неисцрпниот хумор и хиперболата, се смета за своевидно продолжение на неговиот роман „Андриќевата скала на ужасот“.[5]

Наводи

уреди
  1. Svetislav Basara, Kontraendorfin (peto izdanje). Beograd: Laguna, 2021, стр. 11-76.
  2. Svetislav Basara, Kontraendorfin (peto izdanje). Beograd: Laguna, 2021, стр. 77-161.
  3. Svetislav Basara, Kontraendorfin (peto izdanje). Beograd: Laguna, 2021, стр. 162-218.
  4. Svetislav Basara, Kontraendorfin (peto izdanje). Beograd: Laguna, 2021, стр. 219-289.
  5. Svetislav Basara, Kontraendorfin (peto izdanje). Beograd: Laguna, 2021.