Команчи

индијанско племе во Аризона

Команчи (англиски: Comanche) е племе на домородни Американци кои до XIX век ги населувале јужните прерии на западен Тексас. Денес, тие живеат на резерватите во Оклахома, заедно со племињата Кајова и Кајова Апачи (Прериски Апачи). Команчите лингвистички му припаѓаат на семејството на Јуто-ацтечките јазици, поточно се гранка на Шошоните (Централни Нумик).[1] Само околу 1% од Команчите денес го зборуваат својот домороден јазик.[2]

Знаме на нацијата Команчи
 
Команче воини

Команчите себеси се нарекувале Не'ме не, Нимен или Нума, што значи „луѓе“. Различните племиња ги нарекувале поинаку, обично со име кое означувало непријател, така, на пример, Навахо Индијанците ги нарекувале На лани, што во превод значи „многу странци“ или „бројни непријатели“, но тие така ги нарекувале и сите други прериски племиња. Со доселување во јужните прерии, тие за Навахо Индијанците биле стран и непријателски народ. Племето Вичита ги нарекувало На’таа, што значи „змии“ или „непријатели“; Индијанците Вахо ги нарекувале Нар-а-та, а племето Кичаи ги нарекувало На’нита. Кај скоро сите племиња во Северна Америка, змијата била вообичаено име за непријателот. Овие имиња настанале пред Команчите да влезат во сојуз со Апачите и Кајовите. И Кајовите ги нарекувале „змиски луѓе“ или Гиаи’-ко, што буквално значи „непријател“. Најјужното индијанско племе, Комекрудо Индијанци, ги нарекувале Команчите, а и сите други воинствени племиња, Селакамп. Значењето на ова име е непознато, но веројатно не многу поразлично од горенаведените. Племето Арапахо имало многу поубаво име за нив и ги нарекувале „оние со многу коњи“ (Ца’-тха). Команчите кои доаѓале од северниот дел на Вајоминг и Небраска, оделувајќи се од Источните Шошони, навлегле со коњите во јужните прерии и загосподариле со нив, поради што заслужено ги нарекувале „Господари на јужните рамнини“, кое и денес стои на нивното племенско знаме.

Самото името Команчи веројатно потекнува од јазикот на мирољубивите (Хопи Индијанци) што во превод значи: „прамен на коса“.

Племиња

уреди

За време на 18 и 19 век, Шошоните биле поделени во културно сродни, но политички независни племиња, кои секое за себе се состоело од проширени семејни единици. Команчите во 18 век се состоеле од 3 главни гранки: Иампарика или „тие кои јадат корења“, Јупе и Котсотеска или „тие кои јадат бизони“. Во средината на 19 век се појавиле нови племиња, кои поради нивната агресивност биле малку познати, и тоа се: Тенева, Пенатека, Након и Квадаха. Меѓутоа, подоцна се споменуваат 12 признати племиња, од кои пет денес се изумрени.

Кратка историја

уреди
 
Територија на Команчите (распространетост на Команче јазикот)

Предците на Команчите живееле во областа Јелоустоун во 17 век. Сигурно е дека тие, во тоа време се разделиле од племето Шошони.[3] Во 1705 година, се спомнуваат како сопственици на големи стада коњи во Ново Мексико, каде што меѓу првите се препознаени како типично прериско племе. По навлегувањето во Тексас, тие ги протерале Апачите, а во 1790 и 1840 година склопиле формален сојуз со Кајова и Шајен Индијанците.

Подоцна, Команчите учествувале во потпишување на повеќе договори со Соединетите Американски Држави. Според овие договори тие требале во 1865 година да добијат училишта, домови и друго. Со договорот тие влегле во конфедерација со племињата Кајова и Кајова Апачи. Овој сојуз опстанал сè до 1963 година, кога Команчите се повлекле и формирале сопствена политичка организација. Во меѓувреме, помеѓу 1901 и 1906 година, резерватот на Кајова-Команчи-Апачи се укинал, земјата се поделила меѓу поединци, а вишокот земја останал отворен за населување на белите доселеници. Последица од тоа е што Команчите останале опкружени со бело неиндијанско население. Оттогаш, поранешните воини биле регрутирани во англо-американската економија. Племето денес има приходи од повеќе независни извори, како што се лотариите и игрите на среќа. Заедно со Апачите (Прериските Апачи) поседуваат и аква парк.

Команчи учествувле во Првата и Втората светска војна во склоп на 45-та „птичја“ дивизија, каде што го користеле мајчиниот јазик во радио врските, поради што на германските и корејските преведувачи им било невозможно да ги дешифрираат пораките.

Живот и обичаи

уреди

Команчите се типично прериско племе кое живеело од лов. Во зимските периоди тие ловеле елени, лосови, антилопи и и други помали животни. Со доаѓањето на пролетта и миграцијата на бизоните, оделе по преријата, следејќи ги стадата и поставувајќи ги своите села во традиционални кружни форми. Од бизоните добивале облека, обувки и орудија. Месото на бизоните го конзервирале на посебен начин со додавање на растенија (ореви) и на тој начин можеле да го чуваат во посебни кожни вреќички долго време. Ова јадење наречено пемицан покрај месо содржело и коскена срж и маснотии. Квалитетниот пемицан Команчите го разменувале при трговија со другите племиња за тутун, мед и други производи. При ловот на бизони користеле копја долги и до 4 метри, повеќе отколку стрели. Мажите носеле кожни престилки и кошули, додека жените кожни кошули и долги украсени фустани. Во зимските месеци, покрај оваа облека тие носеле и кожни чорапи и крзнени наметки. Нивните мокасини имале ѓон од биволска кожа и биле премачкани со маснотии за да бидат водоотпорни. Начинот на живеење на Команчите бил обележан со лов, војна и голема љубов кон жените. Жените биле задолжени за готвењето, чистењето, собирањето на храна и воделе грижа за децата, кои додека биле мали ги носеле на себе. Како што децата растеле, грижата за нив ја преземале постарите членови од племето, кои ги подучувале користејќи го сопственото искуство.

Команчи се религиозен народ, но немаат многу церемонии во текот на годината. Визијата е најважното нешто во нивниот живот и тие ја нарекуваат „пуха“. Пуха е заштитник што се појавува предизвикан од специјални подготовки кај младите момчиња. Се верува дека таа ги чува нивните семејства и оружјето. Луѓето кои имаат исклучително силна пуха и кои се здобиле со тајните знаење од медицината и ги запознале растенијата, можеле да станат шамани.

Наводи

уреди
  1. „COMANCHE“. web.archive.org. 2013-10-29. Архивирано од изворникот на 2013-10-29. Посетено на 2020-05-01.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  2. LIPSCOMB, CAROL A. (2010-06-12). „COMANCHE INDIANS“. tshaonline.org (англиски). Посетено на 2020-05-01.
  3. Hämäläinen, Pekka (2008-10-01). The Comanche Empire (англиски). Yale University Press. ISBN 978-0-300-14513-7.

Надворешни врски

уреди