Кокосова палма

(Пренасочено од Кокос)
Кокос
Кокосова палма (Cocos nucifera)
Научна класификација
Царство: Растенија
Класа: Монокотиледони[1]
Ред: Палмовидни
Подред: Комелиниди
Семејство: Палми
Род: Кокос
Вид: Кокосова палма
Научен назив
Cocos nucifera
L.
Природната распространетост на кокосот (обрабен со црвено)
Зелени кокосови ореви
Багажникот од кокос

Кокосова палма или само кокос (науч. Cocos nucifera) — дрво од семејството на палмите (Arecaceae) и единствениот вид од родот кокос (Cocos).[2] Поимот „кокос“ може да се однесува како на нејзиниот плод, така и на целата палма. Поимот потекнува од португалски и шпански збор од XV век coco, што значи „глава“ или „череп“,[3] поради трите дупки на оревот што личат на човечко лице.

Расте низ тропските и суптропските краишта и има многу намени во домаќинството, занаетчиството и индустриското стопанство. Кокосовиот орев дава кокосова вода и ќумур од лушпата и влакна од надворешната кошулка. Месото се користи во готвењето, во свеж облик или суво (копра). Од внатрешноста се добива и масло и млеко, кои исто така наоѓаат широка примена во кулинарството и козметиката.

Опис

уреди

Кокосовата палма расте до висина од 30 м и има перјесто зеленило со должина од 4-6 м, а поединечните листови се долги 60–90 см. Кога ќе се исушат, паѓаат целосно, и стеблото останува мазно. Постојат два типа: високи и џуџести.[4] На мошне плодно земјиште, палмата дава до 75 ореви годишно, но најчесто од секое дрво се добиваат највеќе 30 поради несоодветната земјоделска практика.[5] Во последно време приносите се поголеми благодарение на напредокот во тениката на одгледување.[6][7] Дрвото е еднодомно, што значи дека има и машки и женски цветови.[8] Женскиот е многу поголем од машкиот. Цветањето се одвива непрекинато преку целата година.

Плод

уреди

Кокосовиот орев е јаткаст плод (не оревест)[9] со три слоја: надворешен, среден и внатрешен (егзокарп, мезокарп и перикарп). Надворешниот и средниот ја сочинуваат „кошулката“ која се отстранува пред да оди на пазарот во нетропските земји. Средниот дел е составен од кокосово влакно (коир) кое наоѓа разни примени. Лушпата има три „устиња“ за ’ртење во облик на потемни крукчиња.

Зрелиот кокосов орев тежи околу 1,44 кг. Еден тон копра се добива од 6.000 зрели кокоси.[10]

Потекло и распространетост

уреди

Потекло

уреди

Потеклото на кокосовото дрво не е сосем утврдено.[11][12][13] Едни тврдат дека тоа се краиштата околу Меланезија и Малезија, или пак околу Индискиот Океан, а други пак сметаат дека потекнува од северозападна Јужна Америка.[11][12][13]

Природна распространетост

уреди
 
Мелен кокос (копра) во вреќичка
 
Кокос како ’рти на плажа на Хавајските Острови

Кокосовата палма расте на песоклива почва и голема отпорност на сол. Претпочита и места со многу сонце и обилни врнежи (1500-2500 мм годишно), па затоа е толку честа по бреговите во тропските предели.[14] Дрвото бара и доста влага (70–80%+) за да расте правилно, и затоа не вирее на топли, но суви места. Не трпи студ и најдобро успева при средна годишна температура од 27 °C. Растот забележително се намалува под 21 °C.

Одгледување

уреди
Најголеми производители во 2010 г.
Земја Производство
(тони)
  Филипини 19.500.000
  Индонезија 15,540.000
  Индија 10.824.100
  Бразил 2.759.044
  Шри Ланка 2.200.000
  Тајланд 1.721.640
  Мексико 1.246.400
  Виетнам 1.086.000
  Папуа Нова Гвинеја 677.000
  Малезија 555.120
  Танзанија 370.000
 Вкупно 54.716.444
Извор: ФАО Архивирано на 19 јуни 2012 г.

Кокосовите палми се одгледуваат во преку 80 земји во светот, произведувајќи 61 милиони тони кокосови ореви годишно.[15] Дрвата многу тешко успеваат во сува клима и не растат без обилно наводнување.[14]

Во некои делови од светот (Тајланд и Малезија) приносот го берат дресирани свињоопашести макаки.[16]

Во кулинарството

уреди

Кокосот служи за исхрана во разни делови на светот. Оревот дава масло за јадење, готвење и маргарин. Белата внатрешност (месото) се става во манџи сушена или свежа, како и при изработката на кондиторски производи и чоколади.

Копра

уреди

Копрата е исушено кокосово месо од внатрешноста на оревот. Откако ќе се обработи, од неа се добива кокосово масло и мелен кокос. Маслото се користи за готвење и во козметиката.

Во верските обреди

уреди

Оревите на кокосот се важен дел од обредите во хиндуизмот. Често се украсуваат со шарени алуфолии за среќа и бериќет и се подаваат како дар за богот. Пред да почне некоја работа или потфат, верникот крши кокосов орев за да добие благослов од боговите и да му тргне работата. Божицата на благосостојбата и богатството Лакшми се прикажува како држи кокосов орев.[17]

Кокосот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „резигниран кокос“ - кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[18]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Hahn, William J. (1997). Arecanae: Палми Архивирано на 20 јули 2017 г. — проект „Дрво на животот“ (англиски) посет. 4 април 2011 г
  2. КокосКралски ботанички градини, Кју (англиски)
  3. „Dalgado, Sebastião. Glossário luso-asiático, Volume 1 pg 291“. Архивирано од изворникот на 2013-10-09. Посетено на 2013-10-01.
  4. T. Pradeepkumar, B. Sumajyothibhaskar, and K.N. Satheesan. (2008). Management of Horticultural Crops (Horticulture Science Series Vol.11, 2nd of 2 Parts). New India Publishing. pp. 539–587. ISBN 978-81-89422-49-3.
  5. Grimwood 1975, стр. 18.
  6. Sarian, Zac B. (18 август 2010). New coconut yields high Архивирано на 19 ноември 2011 г.. The Manila Bulletin. посет. 21 април 2011 г
  7. Ravi, Rajesh. (March 16, 2009). Rise in coconut yield, farming area put India on top. The Financial Express. посет. 21 април 2011 г
  8. Thampan, P.K. (1981). Handbook on Coconut Palm. Oxford & IBH Publishing Co.
  9. „Coconut, Plant of Many Uses“. Архивирано од изворникот на 2010-07-06. Посетено на 2013-10-01.
  10. Bourke, R. Michael and Tracy Harwood (Eds.). (2009). Food and Agriculture in Papua New Guinea. Australian National University. стр 327. ISBN 978-1-921536-60-1.
  11. 11,0 11,1 Grimwood, Brian E., F. Ashman, D.A.V. Dendy, C.G. Jarman, E.C.S. Little, and W.H. Timmins. (1975). Coconut Palm Products – Their processing in developing countries. Rome: FAO. pp. 3–4. ISBN 978-92-5-100853-9.
  12. 12,0 12,1 Perera, Lalith, Suriya A.C.N. Perera, Champa K. Bandaranayake and Hugh C. Harries. (2009). "Chapter 12 – Coconut". In Johann Vollmann and Istvan Rajcan (Eds.). Oil Crops. Springer. стр. 370–372. ISBN 978-0-387-77593-7.
  13. 13,0 13,1 Jackson, Eric. (August 20 - September 2, 2006). From whence come coconuts? Архивирано на 25 декември 2013 г.. The Panama News (Volume 12, Number 16). Retrieved April 10, 2011.
  14. 14,0 14,1 Cocos nucifera (coconut) (version 2.1). In C.R. Elevitch (Ed.). Species Profiles for Pacific Island Agroforestry. Hōlualoa, Hawai‘i: Permanent Agriculture Resources (PAR).
  15. Производство на земјоделски култури за 2010 г. Архивирано на 19 јуни 2012 г.ФАО посет. 14 април 2011 г (англиски)
  16. Bertrand, Mireille. (27 јануари 1967). Training without Reward: Traditional Training of Pig-tailed Macaques as Coconut Harvesters. Science 155 (3761): 484–486.
  17. Dallapiccola, Anna. Dictionary of Hindu Lore and Legend. ISBN 0-500-51088-1.
  18. Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.

Надворешни врски

уреди