Калиопи
Калиопи Букле (родена како: Калиопи Буклеска) — позната и истакната македонскa и влашка уметница, вокален изведувач, композитор и текстописец. Во својата татковина често е нарекувана Поп дива или Кралица на македонската поп-музика. Таа е доста позната на екс-југословенските простори каде врвот на кариерата го достигна во осумдесеттите. Во Македонија важи за вонсериски уметник од светски калибар, кој покрај извонредните вокални способности во рамките на поп-музиката, изведува и компонира музика за филм, театар и балет.
Калиопи Букле | |
---|---|
Животописни податоци | |
Познат(а) и како | Калиопи |
Роден(а) | 28 декември 1966 Охрид, Република Македонија |
Жанрови | Поп рок |
Занимања | Пејачка |
Инструменти | Вокал |
Период на активност | 1976 - сè уште |
Мреж. место | www.kaliopi.com.mk |
Почетоци
уредиКалиопи е родена на 28 декември 1966 година во Охрид, а детството го поминала во Кичево. Татко ѝ е со влашко, а мајка ѝ со македонско потекло, но Калиопи не го зборува влашкиот јазик[1]. Ќе биде запаметена по победата на едно од првите изданија на детскиот музички фестивал Златно Славејче, во 1976 година, со песната Мојата учителка. Потоа, Калиопи го продолжува својот пат кон славата преку учеството во хорот на Запро Запров Развигорче, со кој учествува на бројни турнеи во Чехословачка, Словенија, Австрија, во периодот од 1978 до 1980. Се приклучува во класата на Марија Николовска и четири години изучува соло пеење. Соло пеењето ќе биде и нејзин академски избор со запишувањето на Музичката академија во 1984, во класата на Благоја Николовски. Калиопи освоила трето место на Југословенскиот натпревар во соло пеење во 1984, каде настапила како најмлад пејач на класична музика.
Група Калиопи
уредиСвојата посериозна музичка кариера ја започнала во бендот Калиопи, заедно со нејзиниот поранешен сопруг, авторот Ромео Грил. Своите први две песни - Томи и Немој да ме будиш, бендот ги снима за Македонското радио. Во почетокот, групата била ориентирана кон реализација на повеќе фестивалски настапи со цел успешно да се промовира на широкиот југословенски музички пазар. Првиот успешен сејугословенски хит кој произлезе од работата на оваа група беше Лео, чиј автор е познатиот македонски композитор Глигор Копров. Со оваа песна, на фестивалот Опатија во 1985 година, Калиопи ја добива наградата за најдобра интерпретација од страна на акредитираните југословенски новинари. Истата година, групата го добива првото место на Видео спот фестивал со песната Лето е авантура. Исто така, тие беа претставници на Југославија на Меѓународниот средоземен фестивал во Тунис, каде освојуваат второ место.
Следната година, бендот го објавува својот прв албум со назив Калиопи. Истата година учествува и на реномираниот Сплитски фестивал со песната Da more zna и добива награда за најдобар деби-изведувач на фестивалот, а самата песна е прогласена за една од најслушаните. Во 1986, групата повторно добива прва награда на Видео спот фестивал со песната Остани во мене.
Вториот албум Rodjeni излегува во 1987 година. Албумот се снима во Загреб и содржи девет дотогаш необјавени песни, меѓу кои и југословенскиот мегахит Bato (Rodzeni) на кој денес се гледа како еден од апсолутно најголемите хитови во рамките на поранешната Југославија. За неа е снимен и музички спот, режиран од Антон Марти. Останати големи хитови од времето на групата Калиопи се: Kofer ljubavi, Ostani u meni, Nebo mi sja, Bolero Lora... После тоа следуваат голем број настапи,програми ширум целиот простор на поранешна Југославија, а и голема концертна турнеја во тогашниот Советски Сојуз.Овој период од кариерата на Калиопи беше обележан со бројни награди меѓу кои: награда "Млад Борец" (1986), награда на "Вечер" за најпопуларно ТВ лице (1986), награда на "Нова Македонија" за најдобар изведувач (1986), награда на "Екран", за најдобар поп пејач во СФРЈ и Македонија (1986) и други.
По успешната промоција на многубројните фестивали, бендот објавува дека повеќе нема да има национални фестивалски учества. Единствен исклучок беше Југословенскиот Евровизиски избор во 1988 година, каде се претставија со песната Емануел и освоија 10-то место.
Во време на својата најголема популарност, Калиопи и нејзиниот поранешен сопруг и основач на групата, Ромео Грил, заминуваат во Швајцарија, со што групата се распаѓа и следи 10 годишна пауза и престанок на нивната активна музичка кариера, но сепак цело време се присутни на електронските медиуми во Македонија со своите дотогаш снимени аудио и видео материјали. Од официјалниот распад на групата во 1988 година, Калиопи одржа само еден соло концерт во Универзалната сала, во декември 1988 година.
Соло кариера и Обои ме
уредиКалиопи во полн сјај се врати на македонската музичка естрада во 1996 година. Нејзиниот настап на Скопскиот фестивал со песната Само ти, за која освои Grand Prix, беше најава за големиот come back на естрадата.Македонската забавна музика во тој период продукциски сѐ уште беше во зародиш, па враќањето на Калиопи означуваше голем чекор напред во тој правец. Таа година, Калиопи како победник на фестивалот од кој се одбира македонскиот претставник на Песна на Евровизија, требаше да ја претставува Македонија на овој избор, меѓутоа поради наметнати контроверзни правила во полуфиналето, таа не успеа да се претстави на евровизиската сцена.
Во 1997 година, Калиопи освои Grand prix на фестивалот за забавни мелодии Еврофест, со песната Не плачи. Следната година, таа повторно учествуваше на македонскиот избор за Песна на Евровизија, со песната Не заборавај и заврши на 9 место.
Во декември 1998 година, Калиопи го објави својот прв соло албум (а трет во целокупната кариерата) Обои ме. Албумот беше снимен во Базел, Швајцарија и предизвика вистинска еуфорија во Македонија. Овој албум успеа да придобие генерациски различни почитувачи на Калиопи, бидејќи понуди нови и автентични песни, кои наидоа на широк прием кај публиката. Песната Обои ме прерасна во огромен хит, кој високо котираше на сите топ листи. Во хитови прераснаа и песните: Дај да пијам, Не плачи, Черги, Азија... Подоцна, во едно свое интервју за дневниот весник Вест, Калиопи ќе изјави: Свесна сум дека "Обои ме" беше албум кој се случи во вистинско време, вистински албум за кам бек. Македонската телевизија снима специјална емисија во која Калиопи презентира видео верзии на сите песни од албумот Обои ме.
Во овој период, Калиопи го круниса својот успех со неколку освоени награди: Буба Мара за најдобра пејачка за 1999 и 2000, како и 12 Величествени за најдобра пејачка и најдобар албум (Обои ме) за 1999 и 2000 година. Во јануари 2000 година Калиопи ја започнува својата промотивна турнеја и го пушти новиот сингл од албумот Дај да пијам, заедно со видео спот. Истата година, таа основа своја сопствена продукциска куќа - Kaliopi Music Production, која се занимава исклучиво со проекти врзани со работата на Калиопи. Во остатокот од 2000 година, таа имаше и летна турнеја, а почна да го подготвува својот втор соло албум.
Ако денот ми е ноќ
уредиНа почетокот на 2001 година, Калиопи официјално го објави својот втор албум и соработката со продуцентот, аранжер и композитор Дарко Димитров. Албумот го носи насловот Ако денот ми е ноќ и содржи 10 композиции на нејзин текст и музика и една бонус песна - преработка на старата македонска народна песна Сношти минав покрај вази. Овој албум беше полн погодок за Калиопи. На него се најдоа вонсериски композиции кои веднаш станаа апсолутни хитови: носечката Ако денот ми е ноќ, Дали ме сакаш, Месечина, За само еден ден, На пат до Македонија...
Со издавањето на нејзиниот втор соло албум се совпадна и документарниот филм Повторно Калиопи, во продукција на Македонската Телевизија, кој се емитуваше во јуни. Во јули 2001 година, Калиопи одржа unplugged концерт во античкиот амфитеатар на Хераклеја, Битола. На концертот беа присутни околу 4000 луѓе. Концертот го започна со традиционалната Сношти минав покрај вази, а потоа следеа сите нејзини хитови, кои таа ги пееше заедно со публиката.
На пат до Македонија - врв на патриотските чувства
уредиВо екот на конфликтот во Македонија од 2001 година, Калиопи го објави видео записот на песната На пат до Македонија - композиција од нејзиниот втор соло албум Ако денот ми е ноќ. Песната им беше посветена на бројните македонски бранители кои ги дадоа своите животи за нивната татковина. Во спотот се претставени прекрасни живописни места од Македонија, а Калиопи е завиена во националното знаме. Песната ги разгоре патриотските чувства на Македонците и многу брзо се претвори во родољубива химна на македонскиот народ. Во едно свое интервју, Калиопи ќе изјави: Посакувам секој Македонец, без оглед на која националност е, а живее во Македонија и се смета како дел од оваа држава да ги почувствува зборовите и музиката како што јас ги имам почувствувано.
Во тој период, Калиопи го посети Тетово - градот кој најмногу настрада во вооружениот конфликт. Подоцна, таа го опиша чувството додека патувала за Тетово како "страотно" и дека "се чувствувала како странец во своја земја". Меѓу другото, Калиопи за ова свое искуство ќе додаде: Тоа ми даде надеж. Се симнавме до борбените линии каде имав средба со нашите безбедносни сили. Видов многу лица кои до ден денес ми се вржани во гради и нема никогаш да ги заборавам. Тоа се нечии деца, синови, браќа, татковци, кои ме прифатија буквално како сестра. По таа средба чувствував како од нивна уста да е кажано "да одиш Калиопи да го пренесеш ова што тука ни се случува, и да и кажеш на цела Македонија глас од сите нас, кажи како да е од нас кажано".
На медиумското поистоветување на оваа нејзина постапка со посетата на Мерилин Монро во Виетнам, Калиопи едноставно порача дека не била поведена од маркетинг или бизнис, туку дека ја водело длабоко чувство. Калиопи со оваа песна им порача љубов и мир на сите луѓе кои живеат во Македонија: Сакам да порачам љубов. Сакајте се, сакајте го тоа што го имате зашто предоцна е кога нештата ќе се изгубат тогаш да почнат да се сакаат. Се е кажано за бранителите, секој еден е бранител кој доволно ја сака земјата и знае да го каже вистинскиот збор на вистинско место. Никогаш нема да ја заборавам чесноста и искреноста што ја видов во очите на нашите бранители. Ја имав приликата да ги видам одблиску. Единствено да знаат дека не се сами дека сме со нив. Тие се тие, наши синови, наши браќа, наши деца, наши бранители. Не се сами и ова е најмалку што можам да го направам за нив. Зашто сепак, тие не се бранители само на Македонците во Македонија, тие се бранители и на Албанците во Македонија кои сакаат мирен живот, на секој човек од било која националност кој е жител на Македонија. Бранители на сите луќе кои го сакаат мирот во Македонија.
Потоа, во ноември 2001 година, следуваше големата турнеја наречена На пат до Македонија, во рамките на која Калиопи имаше концерти во Кочани, Гевгелија, Куманово, Велес, Прилеп, Кавадарци, Штип, Струмица, Охрид, Радовиш, Битола и три концерти во Скопје. Истиот месец во етерот се појави и видео спотот за антологиската тема Месечина, која Калиопи му ја посвети на својот син Пако, а воедно и една од песните миленички на нејзината публика, која редовно на концертите ја пее од првиот до последниот стих.
Најмила
уредиПо бројните награди за најдобар пејач, автор, песна, лице на годината, Калиопи продолжува да реди успеси во нејзината кариера. Во 2002 година повторно учествуваше со своја авторска песна на Македонскиот избор за песна на Евровизија, но овој пат не како изведувач. Песна за нас, целосно потпишана од Калиопи, ја изведуваше младиот талентиран пејач Ѓорги Крстевски. На изборот, Калиопи пееше придружни вокали и свиреше на пијано, давајќи му ја својата поддршка на младиот пејач. Песната се пласираше на 5-тото место.
Во јули, Калиопи го реализираше својот мега популарен сингл Најмила, а веќе во октомври го објави албумот Најмила - Калиопи, Live and Unreleased. Овој албум ги содржеше нејзините најголеми хитови испеани во живо, како и две нови песни - Најмила и Заслужена земја.
Дива на македонскиот поп
уредиВо 2003, Калиопи го објави својот најнов сингл Не ми го земај времето, кој воедно беше најава за нејзиниот следен голем проект. Спотот за песната Не ми го земај времето привлече голем медиумски интерес бидејќи беше прв "one time shoot" спот во Македонија, снимен одеднаш, во три круга, со истите личности, во различни улоги. Главната улога ја имаше младиот глумец Васил Зафирчев, а покрај него имаше уште 30 статисти. Во ноември го објави следниот сингл За кого постојам, кој исто така беше проследен со извонреден видео спот. На крајот на декември, Калиопи го објави својот трет студиски соло албум Не ми го земај времето.
Со новиот албум, Калиопи го објави својот прв сингл наменет за екс-југословенскиот музички пазар Смех. Калиопи имаше турнеја низ Македонија со цел да го промовира новиот албум, а воедно го објави новиот сингл Тоа сум јас, заедно со видео запис. Потоа Калиопи заедно со Васил Зафирчев го снима дуетот Пурпурни дождови. Спотот за оваа песна е едно од најартистичните остварувања што досега се видени на македонскиот телевизиски етер и пошироко. На самиот крај на 2004 година, Калиопи го објавува и дуетот со нејзината дологодишна пријателка и кума, кралицата на ромската музика Есма Реџепова - Теодосиевска. Песната го носи насловот Бел ден.
Во текот на 2004 година, Калиопи со својата музика е присутна и на "штиците што живот значат". Имено таа ја реализираше музиката за претставата Таа глумечка куќа (адаптација на Дневникот на Ана Франк) во која главните улоги ги одиграа: Васил Зафирчев, Ѕвездана Ангеловска, Ана Костовска, Милица Стојановска и други. На 15 октомври 2004 година, во Скопје се одржа премиерната изведба на првиот македонски мјузикл Чија си, кој во текот на летото веќе беше промовиран во Охрид и Битола. Калиопи ја одигра улогата на Нина. Мјузиклот Чија си е дело на режисерката Виолета Џолева, која осмислуваќи го, инспирацијата ја нашла во истоимениот легендарен шлагер на Славе Димитров. Сценариото е на драмскиот писател Сашко Насев. Во овој неверојатен сценски перформанс, Калиопи покрај веќе афирмираниот вокал ги истакна и своите глумечки способности.
Во декември 2004 година, се случи премиерата на претставата „Танц на ноќните пеперутки во Ориент-експресот“ на режисерката Виолета Џолева, работена по драмскиот текст на Петре Бакевски. Музиката за оваа претстава исто така беше дело на Калиопи.
Во 2005 година Калиопи беше избрана заедно со уште четири други македонски пејачи за изборот на Песна за Евровизија. Но, таа се откажа од овој начин на избор и во од преостанатите изведувачи, во финалето се најдоа Александра Пилева и Мартин Вучиќ. Сепак, Калиопи беше присутна и на овој избор на Песна за Евровизија, како композитор на песната "Не" во интерпретација на Александра Пилева. Оваа моќна балада заврши на третото место. Во мај, Калиопи имаше два концерти во Шведска и настап во хрватскиот град Дубровник. Во Дубровник, Калиопи беше присутна заедно со Тоше Проески и Есма Реџепова - Теодосиевска, кои исто така се претставија на овој фестивал. Калиопи во оваа прилика ја воодушеви хрватската публика со изведбата на песната Želim ti reći. Во текот на 2005 таа исто така се јави и како композитор на песната Само уште еден ден за популарната пејачка Каролина Гочева.
Во септември 2005 година Калиопи го издаде албумот Јас, Исидора Во 2010 таа го издаде новиот албум Порака,кој беше одлично прифатен од јавноста. Во 2011 од страна на МРТ таа ја доби можноста да ја претставува Македонија на Евровизија 2012 во Баку каде успеа да се планира во финалето на фестивалот и го освои 12 место со песната „Црно и бело“.[2]
На 24 ноември 2015 година, од страна на МРТ таа повторно ја доби шансата да ја претставува Македонија на Евровизија 2016 во Стокхлом. Калиопи во Столкхлом ќе ја претстави Македонија со песната "Дона" од авторот и писателот Ромео Грил. Песната беше презентирана на Македонската радио-телевизија на 7 ми Март 2016 година.
Спотови
уредиСпот | Година | Режисер |
---|---|---|
Лео | 1986 | TV Skopje |
Бато | 1988 | |
Обои ме | 1999 | VIDEOLAB Production |
Дај да пијам | 2000 | VIDEOLAB Production |
Дали ме сакаш | 2001 | Фабрика продукција |
Ако денот ми е ноќ | 2001 | Томато продукција |
За само еден ден | 2001 | Фабрика продукција |
Најмила | 2002 | Zoom Videolution |
Заслужена земја | 2002 | Zoom Videolution |
Не ми го земај времето | 2003 | |
Дари дари дам | 2003 | Zoom Videolution |
Тоа сум јас | 2003 | Zoom Videolution |
Бел ден | 2003 | Томато продукција |
За кого постојам | 2004 | Томато продукција |
Кога проклето ти требам | 2004 | Фабрика продукција |
Пурпурни дождови | 2005 | Томато продукција |
1000 божји цветови | 2006 | Томато продукција |
Силна | 2006 | |
Грев | 2007 | Васил Зафирчев |
Пробуди ме | 2007 | |
Љуби | 2008 | Дејан Милиќевиќ |
Желим ти речи | 2008 | |
Љубичице | 2009 | Дејан Милиќевиќ |
Не сум како ти | 2010 | Александар Ристовски-Принц |
Ти | 2010 | D’Knock Production and 5 Group |
Порука | 2010 | Александар Ристовски-Принц |
Мелем | 2012 | Александар Ристовски-Принц |
Црно и бело | 2012 | |
Вучица | 2012 | Александар Ристовски-Принц |
Мрвица | 2013 | Данчо Стефков |
Локомотива | 2013 | Огнен Шапковски |
Мојот дом | 2015 | Томато продукција |
Јутро | 2015 | Огнен Шапковски |
Пожели | 2015 | Томато продукција |
Дона | 2016 | Александар Ристовски-Принц |
Кестени | 2016 | NN Media |
Роџендан | 2016 | NN Media |
Пресуда | 2018 | NN Media |
Хајде да пјевамо | 2018 | NN Media |
Знам | 2023 | Александар Ристовски-Принц |
Кад осване | 2023 | Огнен Шапковски |
Ела | 2024 | Огнен Шапковски |
Зашто | 2024 | Огнен Шапковски |
Казна | 2024 | Огнен Шапковски |
Дај ми комад душе | 2024 | Огнен Шапковски |
Наводи
уреди- ↑ Чекајте! Моето време допрва доаѓа! Архивирано на 12 март 2016 г. на mmm.com.mk
- ↑ http://www.eurovision.tv/page/news?id=tonight_the_grand_final_of_eurovision_2012
Надворешни врски
уреди- Официјално мрежно место Архивирано на 23 февруари 2020 г.
- „Месечина“ во изведба на Калиопи.
- „Обои ме“ - официјален видео запис.
- Дискографија на Калиопи Архивирано на 20 мај 2016 г. евидентирана од ВБУ Музички Регистар.
Награди и достигнувања | ||
---|---|---|
Претходник Влатко Илиевски со „Русинка“ |
Македонија на Евровизија 2012 |
Наследник Влатко Лозаноски & Есма Реџепова со „Пред да се раздени“ |
Претходник Даниел Кајмакоски со „Лисја есенски“ |
Македонија на Евровизија 2016 |
Наследник Јана Бурческа со „Dance Alone“ |