Културно уметнички работници

(Пренасочено од КУР (група))

Културно уметнички работници (или КУР)[1]македонска рок/панк музичка група. Се формирале во март 1999 година, преку спојување на членови од групите Тотално опуштање, No Name Nation, Бомбашки процес, Рок агресори и Жолтица на бродот Баунти. Местото на кое паднал првиот договор за формирање на еден ваков проект бил култниот скопски кафе-бар „Бравo“.

Културно уметнички работници
Логото на КУР
Логото на КУР
Основни податоци
Познат(а) и какоКУР
ПотеклоМакедонија Скопје
Жанр(ови)Рок/панк
Години на активност1999 - сѐ уште
Мрежно местоПрофил на myspace.com
ЧленовиМирослав Тодоровски
Трајче Митрески
Марјан Китановски
Божо Вучиниќ
Владимир Стојчевски
Бојан Жунгулов
Поранешни членовиРисто Јанковски
Зоран Трпков

Историја

уреди

Почетоци

уреди

Составот на овој бенд за првпат се спојува во кафе-бар Браво. Токму екипата и настаните поврзани со овој простор биле честа инспирација во текстовите на овој бенд. Првичната идеја била едноставна: бендот да гостува заедно со настапот во живо на „Тотално опуштање“ на „Канал 5“, во емисијата „Игра рокенрол цела Македонија”.

Песната со која дебитирале е Пеце, а поставата која се искачила на импровизираната телевизиска бина ги вклучувала вокалите на Мирослав Тодоровски-Мирко (екс Жолтица на бродот Баунти), Марјан Китановски-Мац (Тотално опуштање) на гитара, Трајче Митрески (екс Бомбашки процес) на гитара, Владимир Стојчевски (екс Бомбашки процес) на бас и Ристо Јанковски-Љак (Тотално опуштање) на тапани. Логин Кочишки, како автор на емисијата, веднаш понудил и снимање на спот за споменатата песна во соработка со студиото „Ед Вуд“. За потребите на спотот, песната Пеце била снимена во студиото на Владимир Петровски-Картер и веднаш станала хит.

По првичниот успех на бендот, Логин Кочишки нудел и настап на фестивалот во зачеток „Таксират“, одржан на 29 ноември 1999 година. На овој фестивал бендот и официјално дебитирал на иста сцена со Забрането пушење, Дарко Рундек, Рамбо Амадеус,Корпус и Ексик, а нивниот настап го најавл познатиот сараевски рокер Елвис Џ. Куртовиќ. Всушност Културно уметнички работници се првиот бенд кој засвирел, т.е. бендот кој го отворил овој фестивал, а првата песна отсвирена на „Таксират“ е песната Пеце. На овој концерт К.У.Р. настапиле во својот прв полн состав, во кој покрај веќе споменатите членови, се придружиле и Божо Вучиниќ (No Name Nation) на гитара, Роберт Сисиркоски-Сисир на бас (No Name Nation) и Зоран Трпков-Зоки како вокал и забавувач (Рок агресори). По концертот, членовите на бедот се пријавиле и на „Рок Фест 2000“, каде што го освоиле првото место и добиле можност за снимање на една песна во МРТВ. Таму ја снимиле песната Гуд бај тинс, продуцирана од Братислав Зафировски-Брацо и Илија Пејовски.

Активност низ годините

уреди

Во периодот до март 2002 година, повторно во неколку наврати, составот на бендот снимиле во студиото кај Картер, притоа зголемувајќи го фундусот на песни што подоцна ќе бидат ставени на деби-албум. Во овој период екипата ја напуштиле Роберт Сисиркоски и Зоран Трпков, но се придружиле Марјан Поповски на бас-гитара и Климе Јанковски на виолина и на гитара, кои кратко ќе се задржиле во бендот. Есента во 2001 година, групата настапила на отворениот концерт пред кафе барот Ван Гог, организиран како дел од антивоената кампања наречена „Преку таквото“. Како дел од овој настан, првпат една песна од Културно Уметнички Работници, Супер дечки, била поместена на еден носач на звук. Наредното лето, во јули 2002 година, бендот засвирил и на првиот голем опен-ер фестивал во Македонија, „Аларм“ одржан во с.Љубаништа. Конечно, бендот кој три години пред тоа бил замислен само како краткотраен проект од една песна, во октомври 2002 година го збогатила македонскиот музички пазар со дебитантски албум. Истоименото цеде-издание со 12 песни го објавило списанието за култура „Маргина“, во двобројот 55/56. На албумот гостуваатле Владимир Петровски-Картер на клавијатури, гитара и како вокал, Ристо Апостолов (Водолија) на гитара и Бети и Андријана како придружни вокали. Албумот е промовиран со концерт во скопскиот клуб Лејди Блу„(Lady Blue)“, на кој како гости настапувале ТК./СК. и Тотално опушање. Меѓу останатите виртуозни сецирања на општеството и духовитите портретирања на „чудните“ ликови, на албумот бил поместена и песната Виновен за што, посветата на легендарниот скопски панк бенд Њу ПолиС Стејт. По изданието следувале уште цели три години исполнети со безброј концерти за паметење, но протагонистите на К.У.Р. упорно потенцирале дека сè уште се работи само за забава на пријатели собрани во неформален проект, во кој уживаат свирејќи рок, рокабили, панк-рок и ска, но понекогаш – кога затребало – и хеви-метал и хард-рок

Ставот го промениле дури во 2005 година, кога најпрвин во бендот зад тапаните седнал Бојан Жунгулов (екс План Б), а потоа како гости настапиле и на Гитаријадата во Заjечар. По тамошниот настап веќе е јасно дека целиот ангажман требало да стане малку „посериозен”, па членовите на К.У.Р. веднаш почнале да работат на создавање нов корпус песни како подготовка за втор албум. Во овој период составот добива постојана форма и го сочинуваат: Мирослав Тодоровски на вокал, Трајче Митрески на гитара и вокал, Марјан Китановски на гитара, вокал и усна армоника, Божо Вучиниж на гитара и вокал, Владимир Стојчевски на басгитара и Бојан Жунгулов на тапани. Во меѓувреме, Трајче го докомплетирал своето студио, па Културно Уметнички Работници во него започнале да ги снимаат новите материјал.

Цела 2007 година работеле на овие теми, но сепак не биле задоволни од крајните резултати. Во меѓувреме, од просторот за вежби излегле до клубот Кастро(„Castro“) и на 27 октомври имале заеднички концерт со хрватскиот бенд Група Твог Живота ( „Grupa Tvog Života“). Незадоволни од завршениот материјал, го избришале.

Но во март 2008 година, „Рок Фест“ го објавил овој материјал како нов албум со 12 песни, под името Amore Bene Tutti Prego. Просторот во кој бендот отсекогаш се чувствувал како свој на своето, рециклирање познати ју- и светски класици, но во исто време освежувајќи ги со локални патетични, но и болно сатирични приказни, и на овој албум бил застапен. Но сепак, сè останало во сенка на темата што е епохална и која членовите на К.У.Р. му ја посветуваат на својот втор, а за некои и прв дом, Браво, како и песната посветена на скопската панк-легенда Ружни. На албумот гостувале Ирена Лазарова-Димитрова како придружни вокали, Горан Јовановиќ-Гибсон од Србија на гитари, Марија Матевска на мандолина, Вилем ван Румпт од Холандија на слајд-гитара, Јелена на виолина, Неле К (Nelectronic Guru) на вокали и Ненад СтефаноскиБрус (Foolish Green) како вокали. Албумот бил промовиран со концерт во МКЦ на ревијална вечер во склоп на Рок Фест. Летото што доаѓало, помеѓу останатите концерти, Културно Уметнички Работници го искористиле и за појавување на  „Exit Live Music“ на  сцената на престижниот „Еxit“ фестивал во Нови Сад. Полека почнува да се создава митот за бендот чии самостојни клупски настапи многу често знаат да траат и по три часа, а притоа ниту малку да не се почувствувал замор и здодевност. Од овој период, со бендот редовно настапувала и Ирена Лазарова-Димитрова како придружен вокал, а бендот постојано го следел и Дарко Поповски-Блуз (Steel Temple), како тон-мајстор и продуцент на албумите на К.У.Р.

Наредната година, во април, бендот првпат се пробал во една нова анплагформа, реализирајќи настап во живо на „Канал 103“ (Ако никој не свири). Иако фокусот во сет-листата бил на постари материјали, тие биле интересно преаранжирани, а некои дури до степен на непрепознавање: Совршен свет (свинг-верзија) и Ружни (само со вокал и со усна армоника). Просторот што со овој концерт им бил даден, членовите на бендот го искористиле и за промоција на некои нови песни (Ристе, Вечниот студент, Здравјето пред сè). Овие песни, неколку месеци подоцна, биле снимени за нивниот трет студиски албум. Овој концерт, одржан во мај 2009 година, бил објавен како дигитален албум, едноставно наречен Анплагед@ Канал 103 (Unplugged @ Kanal 103). Кон крајот на годината, на 26 ноември, Културно Уметнички Работници имале настап и во Бугарија, на Алма Панк Џез Фестивал( „Alarma Punk Jazz Festival“) во Софија.

Материјалите за новиот албум почнале да ги снимаат со почетокот од календарската 2010 година, во една комоција што им ја дава домашното студио „Кај Трајче“, па оваа слобода и ја „злоупотребуваат“ растегнувајќи го целиот процес, во најголем дел, и во наредната година. Конечно, на 10.10.2011, со концертна промоција во клубот „МЦМ“, бил објавен албумот Ха Ха Џоли Џоли( Ha Ha Jolly Jolly), составен од 12 песни и од 2 „скриени“ бонус-теми. Највпечатливиот момент од ова „скопско досие“ било интригантната обработка на антологиската тема Скопје на Александар Џамбазов, на текст на Бошко Смаќоски. На албумот гостуваат и Ирена Лазарова-Димитрова како придружни вокали, Даме Златков на труба, Марија Неданова на флејта, Тони Крстески-Крле (Day Off) на гитара, Стиховен Калибар рапување, и Томе Кукунеш-Root Boy, скреч. На прв поглед е впечатлив и цртежот искористен за дизајн на омотот, кој е дело на авангардниот американски уметник Даниел Џонстон. Целата следна година бендот ја поминал настапувајќи низ Македонија, но кон крајот на 2012, неочекувано за многу фанови, на профилот на фејсбук се збогувал со стариот тапанар Бојан и го најавил новиот, Ацо Николовски. Со него, на 20 јули, Културно Уметнички Работници уште еднаш настапиле во Република Бугарија, но овој пат на фестивалот Вола Опен Ер („Vola Open Air“ )одржан во Враца.

Само неколку месеци подоцна, на почетокот од 2014 година, непосредно пред новото влегување во студио, на тапанарското столче седнал Андреј Атанасоски-Еди, искусниот тапанар на Suns, Т.Б. Трачери, Undone, Tank Warning Net... Со Еди, Културно Уметнички Работници снимиле 8 песни и направиле еден концерт во кафе-барот „Браво“, по што Еди поради проблеми со ушното тапанче, морал да направи пауза во своите музички ангажмани. Него го заменил Слободан ХаџиИлиев-Данко (Флукс), со кого доснимиле уште 7 песни. Петтиот албум, насловен Мит Ми Комен, составен од 15 нови „слики“, со голем концерт во „МКЦ“ бил промовиран на 20.11.2014, во рамките на фестивалот „Синедејс“, како дел од прославата по повод 15-годишнината од постоењето на бендот. Славењето еден таков прекрасен јубилеј, било потенцирано со хит-синглот, прекрасниот омаж на македонската андерграунд сцена. Јубилејот бил збогатен и со премиерата на документарниот филм во режија на Љубица Поповска, а посветен на Културно Уметнички Работници, „Денот да е радосен“. Во овој документарец се појавиле многубројните пријатели на бендот што на овој или на оној начин имале соработка или барем внеле некое свое камче во целокупниот мозаик за К.У.Р.: Васко Атанасоски (Bernays Propaganda), Александар Сандревски, Владимир Петровски-Картер, Љупчо Јолевски, Љубомир Грбевски, Мишко Грбевски, Срѓан Димовиќ, Елена Христова (Баклава), Ивица Маневски-Жица (Лоши Деца), Александар Трајковски, Урош Вељковиќ (Steel Temple), Миле и Драги од кафе-барот „Браво“, Зајо и Марко (Флукс), како и лутите фанови Ристе, Дени, Даме и Паша.

Во 2016 година, бендот снимил (во студиото “Кај Трајче”) материјал за нов албум, 12 нови песни и две intro/outro минијатури. Како гости музичари, учесници во снимањето, партиципирале: Ристо Колозов-Киклоп на бенџо и Симе Златков на саксофон. На албумот била реализирана и соработка со Васко Атанасоски (Bernays Propaganda) во песната Уште не било готово. Извонредно луцидниот омот било дело на Дина Ристовска и Иво Димитриевски. Концертната промоција на шестиот албум на бендот, бил наречен К.У.Р.VI( K.U.R. V.I)., ја имаат на 27.01.2018, во МКЦ.   

Членови

уреди
  • Мирослав Тодоровски - вокал
  • Трајче Митрески - гитара, вокал
  • Марјан Китановски - гитара, вокал
  • Божо Вучиниќ - гитара, вокал
  • Владимир Стојчевски - бас
  • Бојан Жунгулов - тапани

Поранешни членови

уреди
  • Ристо Јанковски - Љак - тапани
  • Зоран Трпков - Агресор - вокал, гитара

Дискографија

уреди

Албуми

уреди
Година Име Носач на звук Издавачка куќа
2001 V.A. - Преку Таквото / Супер дечки CD PAC Multimedia
2002 Културно Уметнички Работници CD Маргина
2008 Amore Bene Tutti Prego CD Рок Фест
2011 Ha Ha Jolly Jolly CD Time Machine Music
2014 Мит Ми Комен CD самиздат
2017 K.U.R. V.I. CD самиздат
2019 К​о​л​к​у г​л​а​с​н​о м​о​р​а​м да в​и​к​н​а​м за да ме ч​у​ј​а​т​? / Стари LP Корпус Деликти Рекордс


Надводи

уреди

Културно уметнички работници на MySpace

Изданија на Културно уметнички работници Архивирано на 30 мај 2016 г. евидентирани од ВБУ Музички Регистар

https://kulturno-umetnicki-rabotnici.weebly.com/

  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 147–149. ISBN ISBN 978-608-66200-0-4. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).