Источновардарска група планини и котлини
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Планините и котлините од Источновардарската група се наоѓаат во источниот дел на Република Македонија, помеѓу македонско-бугарската граница на исток и Вардарската долина на запад, или поточно Поварадарието, од каде што се одделени со Дојранска Котлина, планината Плавуш, Градешка Планина и Конечка Планина и источниот дел на Скопска Црна Гора.
Според начинот на создавањето, составот на земјиштето, изгледот и другите одлики, планините од оваа група се вистински родопски планини.
Во групата планини од овој предел се издвојуваат: Беласица, Огражден, Малешевски Планини, Плачковица, Осогово, Герман, Козјак и Скопска Црна Гора.
Котлини во оваа група се: Струмичко-радовишка Котлина, Малешевска Котлина (Беровска Котлина), Делчевска Котлина (Пијанец), Кочанска Котлина, Овчеполска Котлина, Кумановска Котлина (Жеглигово) и Кривопаланечка Котлина (Славиште). Овие котлини имаат големо стопанско значење особено за развојот на земјоделството. Тие се создале при тонењето на Родопската зона и во почетокот биле исполнети со вода, така што денес се покриени со големи наслаги на песок и глина.
Меѓу нив најпозната и најголема е Струмичко-радовишката Котлина. Таа се наоѓа во источниот дел на Република Македонија и се вбројува во групата најплодни котлини во републиката. Спуштена е помеѓу планините: Беласица, Огражден, Смрдеж и Малешевски Планини, а рамниот дел на котлината е поделен на три дела: Струмичко, Радовишко и Дамјанско Поле. Надморската височина е од 100 до 500 метри, од кои најниско е Струмичкото, а највисоко е Дамјанското Поле. Вкупната површина на котлината зафаќа 658 км². Поради поволните климатски и почвени услови во котлината успеваат: раниот зелнчук, памук, афион, винова лоза, кикирики и др. На многу места во котлината, месното население месното население направило голем број на оранжери-пластеници. На работ на котлината во подножјето на планината Беласица се наоѓа и Бања Банско.
Во Кочанската Котлина успева оризот, во Малешевската, Пијанец и Кривопаланечката Котлина успеваат овошките и градинарските култури, додека во Кумановската и Овчеполската Котлина успеваат житните и индустриските растенија.
Во овој простор се одделуваат и следните природно-етнографски целини: Јуруклуци, Малешево, Пијанец, Славиште, Козјачија и Средорек.