Жеглигово

област во северниот дел на Македонија

Жеглиговообласт во Кумановската Котлина, северниот дел на Македонија, денес поделена меѓу Општина Куманово и Општина Липково. Нејзино средиште е градот Куманово.

Населени места во Жеглигово
Населени места во Општина Куманово (горе) и Општина Липково (долу). Со сино се обележани општинските седишта.

Потекло на името уреди

Името на областа доаѓа од старословенскиот поим „жег“ (жегъ), кој означува железна прачка за жигосување или правење дупки во дрво, како и од зборот „жега“, во смисла дека местото било изложено на сонце и жештина.

Историја уреди

Областа за првпат по име се споменува во 1354 г. како жупа во владение на севастократорот Дејан, со средиште во тогашниот град Нагоричане. Жупата останала под власта на династијата Дејановци, и со неа потоа управувале Теодора, Јован Драгаш и Константин Драгаш, наречен и Константин Жеглиговец. За последен пат крајот се споменува во 1512 г. пред Жеглигово да биде опустошено од Османлиите. По ова, жителите ја напуштиле областа и разрушениот град Нагоричане, па се населиле во Куманово. Со оваа преселба во Куманово е преместено и управното седиште на областа, по што тоа прераснало во град.[1] Во XX век името Жеглигово повторно влегло во употреба како друго име на Кумановската Котлина, иако истото сочинува само еден дел од неа.[2]

Географија и геологија уреди

Жеглигово се наоѓа во сливот на реката Пчиња, помеѓу планините Козјак на исток и Скопска Црна Гора на запад. Областа е отворена на југоисток кон Овче Поле и на југозапад кон Скопската Котлина, а таков е случајот и кон север. Зафаќа површина од 1.315 км2.

Котлината е настаната е по тектонски пат, со спуштање по должината на раседи со меридијански правец. Релјефот е брановиден и во него се издвојуваат висорамнините на Романовце и Нагоричане. Источните падини на Скопска Црна Гора се познати како Карадак, ридскиот терен помеѓу Пчиња и Крива Река се нарекува Средорек, а планинскиот крај помеѓу Козјачка Река и Пчиња — Козјачија.

Сообраќај уреди

Преку Жеглигово води меѓународниот пат Е75, кој ја поврзува областа со Врањската Котлина на север и со Скопската Котлина на југозапад. Овде од него се одвојува магистралниот пат М–2, кој на исток го поврзува со Славишката Котлина, како и регионалниот пат кој на југ води кон Овче Поле.

Населени места и демографија уреди

Во Жеглигово постојат 110 села и градот Куманово како негово средиште. Во нив во 1961 г. живееле 100.600 жители, а во 2002 г. тој број се зголемил на 135.773 жители. Најголем дел од населението се Македонци. Во западниот дел областа преовладуваат Албанците, а во старонагоричанскиот крај — Србите.[2]

Стопанство уреди

Населението се занимава со одгледување житни и индустриски култури, особено тутун, како и со сточарство. Во Куманово е развиена машинската, текстилната, кожарската и тутунската индустрија.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Ѓошевски, Филип (26 април 2016). „Средновековно Жеглигово. Старото име на кумановскиот крај“. портал ИГЕО.
  2. 2,0 2,1 Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 540. ISBN 978-608-203-023-4.

Надворешни врски уреди

42°07′48″N 21°43′19″E / 42.130° СГШ; 21.722° ИГД / 42.130; 21.722