Јуруклак
Јуруклак (турски: Yurukhaneler) — предел во Македонија на западните падини на планината Плачковица. Започнува од врвот Лисец (1.754 м) на североисток до реката Крива Лакавица на југозапад. На некои топографски карти пределот е означен со името Јуруклуци. Тука во повеќе села живеат Турци познати под името Јуруци.
Како номадски сточари тие се доселени во Македонија во текот на XIV век од планинските краеви на југозападна Анадолија, поточно од околината на Бурса, Смирна и на Дијарбекир. Како сточари, тие во Македонија основале повеќе привремени или постојани населби наречени „јурукани“ или „јуруклуци“. Најзначајна меѓу нив е плачковичката која се задржала до денеска, а во минатото имало и овчеполска, тиквешка, струмичка, бојмиска и др. Јуруканите биле формирани обично во повисоките места на Богословец, Серта, Градешка Планина, Смрдеш, на западната половина на Беласица и на струмичката страна на Огражден.
Во плачковичкиот Јуруклук има повеќе села во кои и денес живеат само Јуруци. Такви се штипските села Кучица (119 жители) и Прналија (197 ж.) и радовишките села Али Коч (328 ж.) и Коџалија (478 ж.). Селата се составени од повеќе маала во кои живеат посебни родови. Јуруците слабо се мешаат со другото население и затоа ги задржале своите стари обичаи, носијата и сл. Не ги следеле другите македонски Турци во нивното преселување во Турција, и денеска некои нивни села демографски доста се зачувани.
Главно занимање им е сточарството и одгледувањето тутун. [1]
Наводи
уреди- ↑ Ђ. Трухелка, О македонским јуруцима, Зборник за историју Јужне Србије и суседних области, кн. I, Скопље 1936