Историја на руската анимација

Историјата на руската анимација ја опфаќа визуелната уметничка форма создадена од руски креатори на анимации. Бидејќи поголемиот дел од руската продукција на анимацијата која била наменета за кино и телевизија била создадена за време на Советскиот Сојуз, таа може до определен степен да се нарекува и историја на советската анимација. И понатаму е неистражена област во филмската теорија и историјата надвор од Русија.

Поштенски марки со ликовите Буратино,Чиполино и сениор Помидор, Незнајко и Малиш и Карлсон

Почетоци

уреди

Првиот руски аниматор бил Александар Ширјаев, главен балетан и кореограф на театарот „Мариински“, кој создал голем број пионерски филмови со техниката стоп-анимација и традиционално анимирани филмови во периодот меѓу 1906 и 1909 година. Тој направил импровизирано студио во неговиот стан каде што внимателно пресоздавал разни балети - изработувал илјадници скици а потоа ги поставувал на сцена користејќи рачно изработени кукли; ги снимал со камера Biokam од 17,5 mm, рамка по рамка. Ширјаев немал преголем интерес за анимацијата како форма на уметност, туку напротив, ја сметал за инструмент за проучување на човековата флексибилност.[1][2][3] Неговите филмови биле главно заборавени за време на советскиот период, а се спомнувале само во мемоарите на неговите студенти. Во 1995 година биле повторно откриени од страна на историчарот на балет, Виктор Бочаров, кој ги пронашол архивите на Ширјаев и го снимил документарниот филм „Задоцнета премиера“ во 2003 година кој содржел фрагменти од разни филмови. Сите подоцна биле обновени и дигитализирани со помош на Фестивалот на немиот филм „Порденоне“ и „ Аардман анимации“.[4]

Втората личност што самостојно ја откри анимацијата беше Владислав Старевич. Бидејќи бил обучен биолог, тој започнал да прави анимација со балсамирани инсекти за образовни цели, но наскоро ги открил можностите на овој медиум и подоцна станал еден од неприкосновените господари на техниката за стоп-анимација. Неговите први филмови, снимени во 1910 година, беа филмови со црн хумор за семејниот живот на бубашвабите и беа толку револуционерни што му обезбедија орден од Николај II на Русија. Продуцирал и голем број други популарни анимирани филмови со инсекти во студиото на Александар Канжонков каде што исто така работел и како кинематограф и режисер на акциски филмови, понекогаш комбинирајќи акција со техника на стоп-анимација, како во Ноќта пред Божиќ и Страшна одмазда (двата од 1913 година). Старевич ја напуштил Русија по Октомвриската револуција, а индустријата за анимација со години беше парализирана.

По револуцијата

уреди

Во првите години по Болшевичката револуција, советската анимација имаше определени квалитетни дела. Сепак, таа остана неразвиена во споредба со другите области како што се кино, театар, литература и сликарство. Сегодња (Денес, 1923 година) беше пионерско дело, во режија на Дзига Вертов и анимација на Иван Белјаев.[5]

Во 1924 година, Межрабпом-Рус ја објави критикуваната Меѓупланетарна револуција што сатирично ја критикуваше Аелита. Во ова дело се користеше анимација со исечоци од хартија (кои во тоа време се нарекуваа плоснати марионети) заедно со уметничкиот стил на конструктивизмот и беше создавано самостојно од страна на тројца уметници - Николај Ходатаев, Зенон Комисаренко и Јури Меркулов - кој го предводеше првото советско студио за анимација на Техникумот за кинематографија на сите сојузи. Во 1925 година следуваше Кина во пламен, поддржано од владата и создадено од истиот тим заедно со Иван Иванов-Вано, Владимир Сутеев и сестрите Брумберг. Со 1000 метри филм и 14 слики во секунда и траење од повеќе од 50 минути, овој филм стана првиот советски анимиран игран филм и еден од првите во светот.[6][7]

Истовремено, аниматорот Александр Бушкин и режисерот Дзига Вертов продуцираа голем број на агитпроп (пропагандни) анимирани кусометражни филмови, филмови и скици со анимирани секвенци со исечоци од хартија за Совкино како што се Советски играчки, Хуморески и епизоди од Кино-Правда. Беа направени како политички карикатурни цртани филмови во кои сатирично се критикуваше буржоазијата, црквата и западните земји, а кои беа цртани и анимирани со скици.[8][9]

Кон крајот на 1920-те, индустријата започна да се оддалечува од агитирањето. Во 1927 година, Меркулов, Иванов-Вано и Даниил Черкес го режираа првиот советски цртан филм наменет за деца - Сенка - Африканецот направен според бајката во стихови од Корнеј Чуковски. Филмот беше создаден во Межрабпом-Рус, и во него се направи комбинација од традиционална анимација и неколку сцени со акција.[7][10][11] Истата година, Иванов-Вано и Черкес работеа на филмот Лизгалиште, уште еден кусометражен цртан филм со карактеристичен уметнички стил (бели линии на црна позадина).[12] Сценариото и режијата се на Јуриј Желјабужски и Николај Бартрам, основач на московскиот Музеј за играчки, кои исто така ги продуцираа Авантурите на Болвашка во кои се комбинира акција и стоп-анимација, а приказната раскажува за едно дрвено момче, слично на Пинокио.[13][14] Идејата од овој филм доби свое продолжение - Авантурите на Братишкин, првата советска анимирана серија која се емитуваше од 1928 до 1931 година. Ја создаваа Јури Меркулов и Александар Птушко во Мосфилм.[15][16][17]

Во 1928 година, Николај Ходатаев, неговата сестра Олга Ходатаева и сестрите Брумберг продуцираа рачно цртан кусометражен филм Момчето Самојед, стилизиран како традиционална уметност на Ненците со драматичен наратив и примена на иновативна техника на печатење на тенок целулоид.[6][13] Филмот Авантурите на малиот Кинез, направен истата година и во траење од 24 минути и со стоп-анимација, во режија на Марија Бендерскаја, може да се смета за враќање кон традициите на Ладислас Старевич.[7][18]

Филмот Пошта на Михаил Цехановски (1929, анимација со исечоци/традиционална анимација) претставуваше враќање кон традициите на конструктивизмот и голем чекор напред: беше успешно извезен во странство и широко се прикажуваше во целиот свет, а во СССР ја смени перцепцијата за анимацијата како форма на уметност. Исто така, овој филм беше првиот советски анимиран филм во боја и еден од првите со доби музички рејтинг и нарација од Данил Кармс.[7][13] Михаил и неговата сопруга Вера Цехановскаја водеа студио за анимација во Ленфилм каде беа создадени голем број карактеристични рачно нацртани филмови со стоп-анимација во текот на 1930-те, вклучувајќи го филмот Джабжа (1938) од Мстислав Пашченко, кој доби многу пофалби.[6][19] Тимот активно користеше боја со примена на оригиналниот процес на пренесување на бои измислен од Ленфилм, сличен на Техниколор.[20]

Во 1933 година, парот соработуваше со Дмитриј Шостакович и Александар Веденски на првиот традиционално анимиран советски филм - Приказната за свештеникот и за неговиот работник Балда, сатирична опера која е флексибилно заснована на бајката во стихови на Александар Пушкин и стилизирана како постери на РОСТА. И покрај многуте проблеми, вклучително и неславното малтретирање на Шостакович во печатот, филмот беше речиси завршен и се чуваше во Ленфилм сè до 1941 година, кога скоро целиот беше уништен во пожар предизвикан од бомбардирањата на Ленинград.[21] На Цехановски му се припишува и пронаоѓањето на графички звук заедно со Арсени Авраамов и Евгениј Шолпо. Предизвикот за нив го постави група предводена од Александр Иванов, кои направија голем број анимирани кусометражни филмови кои се засноваа на нивната идеја за „цртање звук од хартија“.[22][23]

Во 1935 година, Александар Птушко го режираше Новиот Гуливер, еден од првите долгометражни анимирани филмови во светот, направен со комбинација од стоп-анимација со жив глумец (15-годишно момче). Во филмот беа прикажани од 1.500 до 3.000 различни кукли со подвижни глави и различни изрази на лицето, а се применија и различни техники со камера и технички трикови.[17][24]

Меѓународниот успех на филмот му овозможил на Птушко да отвори свој „оддел за 3Д анимација“ во „ Мосфилм“, што беше и училиште за аниматори-почетници. За четири години тие создадоа десетина краткометражни филмови со стоп-анимација; а повеќето од нив, како што се Лисицата и волкот (1936), беа направени според рускиот фолклор, традиционалната уметност (со вклучување на уметници од Палех ) и можеа да се гледаат во боја благодарение на новоизмислениот процес за филмови во три бои на Павел Мершин.[20] Во 1939 година, Птушко режираше уште еден филм - Златниот клуч заснован на популарната советска бајка; тука исто така се направи комбинација од техниката за стоп-анимација и акција во живо, но во помала мера.[17]

Истовремено, Александар Алексиев, кој побегнал во Франција за време на Руската граѓанска војна, разви технологија за анимација со иглест екран, што овозможи создавање на широк спектар на специјални ефекти кои се постигнуваат преку употреба на стотици илјади пинови (иглици) кои формираат различни шаблони. И покрај статусот на бел емигрант во СССР, неговите филмови беа добро познати меѓу руските професионалци и инспирираа многу уметници, меѓу кои и познатиот Јуриј Норштајн. Во средината на 90-те, ќерката на Алексиеф ја посети Москва и ги претстави делата на нејзиниот татко пред Државниот централен музеј на киното. Денес тој се смета за патријарх на руската анимација.[25][26]

 
Слика од цртаниот „Зошто кожата на носорогот е со набори?“

Сојузмултфилм, 1936–1960

уреди

Во 1933 година, Виктор Смирнов, кој ја водеше корпорацијата Амкино, компанија со седиште во Њујорк и одговорна за дистрибуција на советските филмови во Северна Америка, доби задача да ги проучува процесите на анимација на Дизни и Флејшер студио. Следната година се врати во Москва и основаше Работилница за експериментална анимација во рамките на Главната дирекција на фото-кинематографската индустрија каде што тој, Алексеј Радаков, Владимир Сутеев и Петар Носов започнаа „да го развиваат стилот на Дизни“.[13] Во 1935 година, Волт Дизни испрати филмска ролна со краткометражните цртани филмови Трите мали прасиња и Мики Маус до Московскиот филмски фестивал кои оставија силен впечаток кај советските аниматори и службените лица.

На 10 јуни 1936 година, студиото Сојуздетмултфилм беше создадено во Москва од малите и релативно самостојни одделенија за филмови на студијата Мосфилм, Совкино, Межрабпомфилм и Смирнов. За една година беше преименуван во Сојузмултфилм. Управата на студиото организираше тримесечни курсеви за преквалификација каде аниматорите учеа сè, од цртање и режирање филмови до основите на музиката и глумата.[11] Во период од четири години, дел од водечките аниматори се фокусираа на создавање на краткометражни цртани филмови во стилот на Дизни, исклучиво со користење на цел (целулоид) техника со фолија.[13] Од 1937 година, тие исто така произведуваа филмови во боја користејќи го процесот за трибојни филмови на Павел Мершин.[20]

Во 1938 година, тимот ја усоврши и техниката ротоскопирање, или Еклер како што е позната во Русија од 1920 година (по видео-проекторот Еклер). Сите не беа задоволни со избраната техника, па до 1939 година многумина развија свои стилови. Иван Иванов-Вано го режираше Мојдодир според бајката во стихови што тој лично сметаше дека е важен чекор подалеку од Дизни.[11] Сутеев и Ламис Бредис претставија карактеристична адаптација на Чичко Стјопа, додека Леонид Амалрик и Владимир Полковников ги претворија приказните за Доктор Ајболит (Доктор Офболи) во мини-серија која се емитираше од 1939 до 1946 година и го дефинираше „советскиот стил“ на анимација.[27] Истовремено, Александар Иванов и Дмитри Бабиченко направија радикална промена кон агитпропот (агитација и пропаганда) и социјалистичкиот реализам со филмовите како што се Дедо Иван и Воени хроники.[28]

Веднаш потоа Лев Кулешов, тогашен професор на ВГИК, му предложи на Иванов-Вано да отвори и да раководи работилница во рамките на Факултетот за уметност, која стана првата официјална руска работилница каде студентите ја изучуваа уметноста на анимацијата.[29] Меѓу првите студенти на Иванов беа Лев Милчин, Евгениј Мигунов и Анатоли Сазонов.

Со почетокот на Големата татковинска војна, студиото беше евакуирано во Самарканд заедно со некои клучни аниматори кои продолжија да им предаваат на студентите и да продуцираат филмови, вклучително и антифашистичка пропаганда. Во 1943 година, тие се вратија во Москва и издадоа неколку филмови за деца како што се „Приказната за царот Салтан“ (1943) од сестрите Брумберг и Зимска приказна (1945) од Иванов-Вано - последниот филм во кој се користеше трибојниот процес на снимање пред преминот во Агфаколор.[11][20] До тоа време студиото Птушко во Мосфилм веќе беше затворено, студиото Цекановски во Ленфилм - беше уништено од бомба, поради што Сојузмултифилм стана монопол за анимација во Русија.

Дури и по војната, неговите ресурси беа многу ограничени. 19 аниматори од релативно малиот тим на Сојузмултфилм беа убиени во акција.[7] Цела генерација аниматори од Лениград или исчезнаа на фронтовите или загинаа за време на опсадата на Ленинград. Другите се вратија како воени инвалиди, како Борис Дјожкин и Александар Винокуров (двајцата ги загубија левите очи), Борис Бутаков кој доби куршум во главата и Владимир Дегтјарјов кој ја изгуби десната рака и научи да работи како левак.[30] Еден од главните режисери, Владимир Сутеев, ја напушти индустријата по враќањето поради лични причини.[31]

Останатите интензивно работеа на подготовка на нови аниматори; помеѓу 1945 и 1948 година, четири групи студенти дипломирале на ВГИК. Тие, исто така, продолжија да создаваат краткометражни и долгометражни филмови кои им донесоа меѓународно признание, како што се „Изгубеното писмо“ (1945) и „Грбавиот коњ“ (1947) кои Волт Дизни ги користеше како алатка за учење на неговите уметници.[11] За кратката комедија од 1948 година, „Шампион“, имаше обвинувања за "формализам" и "антропоморфизам", по кампањата против Дизни по Студената војна. Според сеќавањата на уметничкиот директор Евгениј Мигунов, тој правеше колку што е можно пореалистички позадини за својот следен филм и одеднаш стана „златниот стандард“ за следните десет години.[32] Иронично, тој подоцна ќе стане еден од водечките иноватори.

 
Грбавиот коњ

Од 1950 до 1960 година, огромното мнозинство на анимирани филмови претставуваа адаптации од бајки под влијание на делата на Виктор Васнецов, Иван Билибин, Михаил Врубељ, Палех и минијатурите на Федоскино и други национални стилови. Се користеше начинот на продукција на Дизни. Еклер ( ротоскопот) исто така стана популарен.[19] Според извештајот од Иван Иванов-Вано од 1951 година, станува збор за привремена мерка што служела како алатка за поучување на аниматорите-почетници.[33] Вклучени беа голем број главни глумци, како што е Михаил Астангов, кој се појави како ѕверот во „Скарлетниот цвет“ (1952).[34]

Некои режисери прекумерно ја користеа оваа метода, други ја мешаа со рачната анимација како во Кралицата на снегот (1957) на Лев Атаманов, што веројатно е најпознатото дело од тоа време.[34] Многумина се фокусираа на уметност со животни со малку или без употреба на ротоскопирање. Сето ова овозможи годишно објавување на истакнати долгометражни филмови со високи продукциски вредности како што се „Ноќта пред Божиќ“ (1951), „Снежната девојка (Снегурочка)“ (1952), „Маѓепсаното момче“ и „Принцезата жаба“ (1954), „Дванаесет месеци“ (1956) и Авантурите на Буратино (1959).

Одмрзнувањето на Хрушчов

уреди

Првите промени се случија во 1953 година кога во Сојузмултфилм повторно се отвори оддел за марионети. Во 1954 година, Евгениј Мигунов заедно со инженерот Семјон Етлис го произведоа првиот советски филм со техниката стоп-анимација од времето на Александар Птушко: Карандаш и Клиакса, за авантурите на рускиот кловн Карандаш и неговото куче. Според Мигунов, тие морале да го преобмислат целиот процес на производство. Организираа техничка база, конструираа и патентираа уред за статичко снимање со хоризонтално движечка камера и кукли кои се прикачуваат. Исто така, за прв пат користеа кукли со подвижни зглобови и латекс за правење на лицата на куклите.[32][35]

По нив следеше Владимир Дегтјарјов, кој продуцираше голем број филмови како што се Омилената убавица (1958) и Кој кажа „мјау“? (1962), Роман Качанов и Анатоли Каранович, кои го режираа наградуваниот филм Облак во љубовта (1959) во кој се комбинираше техника стоп-анимација, традиционална анимација и анимација со исечоци, Вадим Курчевски и Николај Серебрјаков чиј стил се одликуваше со широка естетска потрага по „комбинација на реализам и барок“.[33] Сергеј Образцов и неговиот тим, исто така, продуцираа голем број филмови во кои користеа рачни кукли.[36]

Во 1957 година Мигунов го режираше Познати слики кој се базираше на скиците на стенд-ап комичарот Аркадиј Раикин, кој исто така се појави во кусометражниот филм. Овој филм беше посебен поради неговиот радикален стил на карикатури од списанија, бидејќи сатирата на Раикин не одговараше на „реалистичката“ уметничка насока.[32][37] За кратко време другите аниматори започнаа да се откажуваат од овој стил. Во 1958 година, Александра Снежко-Блотскаја направи адаптација на Приказната за Малчиш-Кибалчиш Аркадиј Гајдар, со инспирација од РОСТА постерите, додека Борис Степантсев и Евгени Рајковски го режираа постмодерниот Петја и малата црвенкапа, кој беше близок со стилот на Текс Ејвори.[33][38]

Во периодот 1960-1962, на екраните се појави една цела линија на "формалистички" филмови, како што се Јас го нацртав малиот човек кој го направија сестрите Брумберг, Клуч на Лев Атаманов, Чиполино од Борис Дјожкин и Дивите лебеди од Михаил и Вера Цекановски - првиот советски филм за широки екрани во кој беше претставен готски уметнички стил.[39] Иванов-Вано, исто така, отвори нови области со неговиот Летечки пролетер (1962), првиот филм за широки екрани снимен со техниката стоп-анимација, а направен според песните и уметноста на Владимир Мајаковски, во кој се користеа хартиени кукли со плиток (бар)релјеф.[36][40] Истата година, Фјодор Хитрук дебитираше како режисер во примитивистичкиот краткометражен филм Приказната за злосторството, во кој се раскажуваше современа приказна и кој доби меѓународна пофалба.

 
Могли (Акела)

Сојузмултфилм, 1964–1991 година

уреди

Во текот на следните години, голем број аниматори го напуштија подвижниот метод на продукција и создадоа свои карактеристични стилови и пристапи. Бројот на наслови се зголеми кон средината на 1960 година во 1970-тите и 1980-тите, до педесет наслови годишно.[33] Мини-сериите и антологиите станаа вообичаени, а бројот на играни филмови значително се намали.

Режисерот Борис Степанцев беше познат по тоа што многу експериментираше. Меѓу неговите филмови е и уште една постмодерна комедија Вовка во далечното кралство (1965), анимација со боја на стакло, Песна на соколот (1967), особено популарната дилогија Карлсон на покривот (1968–1970) во која се искористи ксерографијата (електрографија) и адаптацијата на Оревокршачка (1973) во која познатата приказна беше претставена без да се изговори збор.[33][38]

Некои патријарси исто така се приклучија на новиот бран. Иванов-Вано беше назначен за уметнички директор на одделот за марионети каде што направи голем број филмови со техниката за стоп-анимација и со исечоци, а кои беа инспирирани од руската народна уметност, како Левак (1964), во кој се користеше графиката лубок, Оди таму, не знам каде (1966) во кој се користат елементи на рајок и скоморох, Годишните времиња (1969) според делото на Чајковски, претставени како комбинација на играчки и чипка на Димково, и наградуваната Битка кај Керженец“ (1971), во која беа оживеани фрески и икони.[11]

Уште еден доста почитуван олдтајмер, Борис Дјожкин, направи популарна серија од кратки комедии за два тима кои се натпреваруваат во различни спортски дисциплини како фудбал, хокеј, скијање, бокс и сл. Серијата се емитуваше од 1963 до 1981 година и беше позната по брзиот слапстик-хумор синхронизиран со музика.[28]

Меѓу политички-ориентираните аниматори беа Фјодор Китрук чија сатира Човекот во рамката (1966) беше цензурирана[41] и Андреј Хржановски, чиј надреалистички филм Стаклената хармоника (1968) стоеше заборавен многу години на полиците. Од друга страна, Филм, филм, филм (1968) и трилогијата Вини-Пу на Хитрук веднаш доживеаа успех кај децата и кај возрасните.[42]

 
Вини Пу

Роман Качанов сними бројни филмови за деца. Започна со куклена анимација како што е Малата жаба го бара својот татко, Ракавицата и, најпознатиот, серијата Чебурашка што ја претвори Чебурашка во еден од славните ликови на Сојузмултфилм. Во неговите доцни години тој се префрли на традиционална анимација со долгометражниот научно-фантастичен филм Мистеријата на третата планета“(1981).[33]

Мини-серијата Авантурите на Могли од Роман Давидов се емитуваше од 1967 до 1971 година. Исто како Вини-Пу, не беше замислена како одговор на Книга за џунглата од Дизни (дури и првата епизода беше истовремено направена) и блиску го следеше заплетот од оригиналното дело, па изгледаше повозрасно и духовно поблиску до книгата. Во 1973 година, кусометражните филмови беа комбинирани во филм со траење од 96 минути.[28]

Растечката популарност на индустријата почна да привлекува луѓе од други области. Василиј Ливанов, првично глумец, заврши курсеви за анимација и режираше неколку експериментални филмови. Сепак, неговиот најголем успех беше Градските музиканти (1969), анимиран музички филм, под силно влијание на културите на рокенролот и хипи културата. Првиот дел го режираше Инеса Ковалевскаја, која исто така ја напушти својата позиција во Госкино за да работи на анимирани мјузикли. Откако го напушти проектот, Ливанов сам го режираше продолжението на филмот. Трите главни ликови беа со нарација на водечкиот советски поп-пејач Муслим Магомајев.[28][43]

Во 1969 година се роди најпопуларната руска анимирана серија Ну, погоди! во режија на Вјачеслав Котијочкин.[44] Овие навидум едноставни минијатури за волкот кој брка зајак низ светот на советските цртани филмови, својата голема популарност ја должат на квалитетната анимација, разновидните музички нумери и лукавиот подтекст вграден во нивните делови. Оригиналната серија се емитуваше од 1969 до 1993 година. Во средината на 2000-те имаше неуспешен обид за рестартирање на серијата.[45]

 
Ну, погоди!

Исто така, во 1969 година, анимираната антологиска серија Весела вртелешка на Анатолиј Петров и Галина Баринова беше создадена и истата долго се емитуваше. Секоја епизода комбинираше неколку кратки експериментални филмови од режисерите-почетици како што се Леонид Носирев, Валери Угаров, Едуард Назаров, Генадиј Соколски, Гари Бардин и Александар Давидов.[33]

Повеќето од нив подоцна добија признанија, додека работена на сопствените уникатни ниши. Анатолиј Петров прикажа екстремен реализам (близок до фотореализмот) без ротоскопирање, фотографија или каква било „измама“. Неговиот стил беше познат како „фотографија“ или „графичко сликарство“; долги години го развиваше таканаречениот ефект на сликарската техника подвижна лазура во 3Д средина користејќи традиционални материјали за анимација. Конечниот резултат беше блиску до напредниот CGI долго време пред истиот да биде измислен. Меѓу неговите најдобри дела беа Полигон (1977) и неколку филмови засновани на старогрчката митологија.[33][46]

Генадиј Соколски се фокусираше на еколошки филмови со привлечни ликови и амбиентални музички нумери: Сребрното копито (1977) и Авантурите на пингвинот Лоло (1986), заеднички советско-јапонски филм во заедничка режија со Кенџи Јошида. Леонид Носирев го истражувал рускиот северен фолклор со голем број етнографски филмови засновани на приказните на Борис Шергин, Степан Писахов и Јуриј Ковал. Во 1987 година, седум од нив беа комбинирани во играниот филм Смеата и тагата на Белото море.[33]

Еден од најпознатите руски аниматори е Јуриј Норштејн. Неговите филмови Еже во маглата (1975) и Приказна на приказните (1979) освоија бројни награди на меѓународни фестивали. Приказна на приказните беше прогласен за најдобар анимиран филм на сите времиња на Фестивалот на олимписките уметности во 1984 година во Лос Анџелес и на Анимафест Загреб во 2002 година. Од почетокот на перестројката, Норштејн работи на анимираниот филм Шинел палто.[33]

Владимир Попов беше познат уште од 60-те години од минатиот век по неговите краткометражни цртани филмови како што е Умка, но славата му ја донесе трилогијата Тројцата од Простоквашино (1978–1984). Ликовите и нивните изреки влегоа во рускиот фолклор, а филмот беше избран за трета најдобра анимација на сите времиња во анкетата спроведена од Фондацијата за јавно мислење во 2014 година.[44] Во 2018 година, серијата беше рестартирана.[47]

Владимир Тарасов беше редок советски режисер кој се посвети на жанрот научна фантастика. Од неговите дела, најистакнати беа: Контакт“ (1978) под влијание на Жолта подморница, Стрелиште (1979 година), Договор“ (1985 година) и „Поминување“ (1988 година).

Станислав Соколов ја унапреди техниката стоп-анимација. Неговиот пристап, кој се одликува со сложени анимациски структури и повеќекратни специјални ефекти, може да се забележи во наградуваниот Црно-бел филм (1984) или Големиот подземен бал (1987). Во подоцнежните години беа произведени малку анимирани филмови поради недостатокот од финансирање од владата. Гари Бардин, кој специјализирал за филмови со техниката стоп-анимација направени со употреба на кибрит, јажиња и жица, бил еден од ретките режисери кои успеале да се справат со политичките промени. Неговиот филм Сивиот волк и Црвенкапа (1991) беше полн со алузии на претстојниот крај на СССР.[33]

 
Ежето во магла

Други советски студија

уреди

Во 1968 година, група математичари предводени од Николај Константинов ја емитуваа не-наративната анимација Маче во траење од 1,5 минута, што претставуваше еден од најраните примери за компјутерска и процедурална анимација во историјата, а која беше програмирана на БЕСМ-4.[48][49] Движењата и мимиките на мачката беа моделирани со помош на системот за диференцијална равенка од втор ред.[50] Тоа беше исто така еден од првите обиди да се обезбеди дигитално движење на животните. Програмиран на Државниот педагошки универзитет во Москва, Маче беше снимен во филм и прикажан на Московскиот државен универзитет.[51] Подоцна им беше прикажан на учениците на натпревари по математика и се користеше за образовни цели во училиштата.

Од 1970 година па натаму, се појавија нови студија низ РСФСР, од кои најпознато беше одделението Мултитефилм на Студио Екран (Москва), кое се фокусираше на нискобуџетна телевизиска анимација. Познато беше по неколку популарни ТВ серии како што е Мачорот Леополд (1975–1987), Истрагата на Колобки (1986–1987) и Авантурите на прасето Фунтик (1986–1988). Владимир Самсонов повторно ја откри анимацијата на стакло со филмовите како што се Чуда (1980), Огромното небо (1982) и Жар-птица (1984), додека Александар Татарски беше пионер во анимацијата со глина со филмовите Чавката од пластелин (1981), Паѓаше минатогодишниот снег (1983) и воведната шпица за Добра ноќ, малечки!. Тој и неговите студенти испробуваа и примена на целосна анимација (летачка камера со ликови и позадини што истовремено се движат).

Мултелефилм служеше како база за Пилот, првото приватно советско студио за анимација основано од Александар Татарски и Игор Ковалиов во 1988 година. Нивната цел беше авторска и комерцијална анимација, произведувајќи апсурдни филмови со тематика за возрасни. За неколку години, половина од тимот ја напушти Русија за да работи за Класки Чупо каде создаваа популарни анимирани серии како што се Ругратс и Ааах! ! ! Вистински чудовишта.[33][52]

Филмското студио Свердловск се прослави и со својата анимација со цртање на стакло со целосно ново ниво на квалитет од Алексеј Караев и Александар Петров (Добредојдовте!, Кравата), како и анимацијата со песок на Владимир и Елена Петкевич (Мала приказна за мала бубачка). Остатокот вклучуваше оддел за анимација во Ленаучфилм, во кој се продуцираа образовни и популарни научни филмови, студиото Перметелефилм (Перм) одговорно за ТВ-анимација која е главно заснованана фолклорот на Урал, Кујбишевтелефилм (Кујбишев) познат по својата серија Приказни од шумата, направена со техниката стоп-анимација, „Саратовтелефилм“ (Саратов) и други.[33]

Во 1989 година, други независни студија, Божиќни филмови, беа основани од ветераните на Сојузмултфилм, кои се фокусираа на меѓународна копродукција.Се прослави во текот на подоцнежните години со руско-британскиот серијал Шекспир: Анимирани приказни (1992–1994) кој доби неколку награди Еми за ударни термини.[53]

Руската анимација денес

уреди

По распадот на Советскиот Сојуз, ситуацијата за руските аниматори драматично се промени. Поради новото раководство и недостатокот од државно финансирање, многумина го напуштија Сојузмултфилм, кој потоа стана претпријатие под наем. Во 1993 година, Јуриј Норштејн, Фјодор Хитрук, Андреј Хржановски и Едуард Назаров го основаа студиото SHAR наменето за обука на аниматори и производство на филмови.[54] Гари Бардин исто така го основаше студиото за анимација Стајер каде што продолжил да режира анимирани филмови со техниките стоп-анимација и глина (пластелин).[55] Другите се придружија на студијата Пилот, Божиќни филмови, Анимација меџик и слични компании кои работеа на реклами и порачани дела за големи студија од западните земји.

Во 1992 година, Филмови од Јове, американска компанија предводена од Олег Видов и неговата сопруга Џоан Борстен, потпишаа деветгодишен договор со новиот директор на Сојузмултфилм, Станислав Рожков, со кој добија ексклузивни права за дистрибуција и уредување за најголемиот дел од колекцијата на студиото. Тие требаше да ги делат приходите, но само откако ќе им бидат исплатени трошоците. Како резултат, аниматорите не добија ништо за нивните минати дела. Во 1993 година, се избра нов директор, „матниот“ стопанственик Сергеј Скулиабин, кој вети дека ќе го претвори студиото во акционерско друштво. Наместо тоа, тој потпиша нов договор со Видов, и го продолжи од девет на дваесет години и врати голем број непрофитабилни филмови. Неговиот план беше да ги продаде ексклузивните права за сите минати и идни филмови на неговата лажна корпорација и да го банкротира студиото.[56][57]

Кога аниматорите сфатија што се случува, успеаја да го тргнат од позицијата со помош на Сојузот на кинематографи и Госкино, иако Министерството за државна сопственост одби да помогне и да го врати државниот статус на студиото. Скулиабин, исто така, одби да го напушти директорското столче сè до 30 јуни 1999 година кога Сергеј Степашин конечно ја потпиша долгоочекуваната наредба со која Сојузмултфилм се претвори во унитарно претпријатие. Во тоа време продукцијата беше целосно запрена.[57] Во 2001 година, Врховниот арбитражен суд на Русија ги врати правата на целата колекција на „Сојузмултфилм“, што резултираше во правна битка со „Филмови на Јове“. Дури во 2007 година, Видов и Борстен се согласија да ја продадат колекцијата на рускиот деловен магнат Алишер Усманов кој ја донираше на државниот детски канал Бибигон.[56][58] Отприлика во исто време и студиото повторно оживеа.

Сепак, имаше неколку многу успешни меѓународни копродукции, како на пример погоренаведениот серијал Шекспир: Анимирани приказни и добитникот на Оскар - Старецот и морето на Александар Петров (1999). Амбициозниот проект во 12 серии Незнајко на Месечината беше емитуван помеѓу 1997 и 1999 година. Врз основа на истоимениот советски научно-фантастичен роман, тој беше продуциран во ФАФ Ентертејнмент на Алексеј Гусков со најдобрите традиции од советската рачна анимација. И покрај проблемите со кои се соочуваа, Наталија Лукиних оцени дека руските анимирани филмови освоиле околу двојно повеќе престижни меѓународни награди во 90-те години во споредба со руските филмови во живо.[59]

Со стабилизирањето на економската состојба во Русија се стабилизираше и пазарот за анимација и во текот на последните три години се појавија голем број долгометражни анимирани филмови од руски студија (на пр. Малиот долгоносест на студиото за анимација Мелница, 2003 година, од бајката на Вилхелм Хауф и Принцот Владимир од 2006 година, на студиото Солнечи Дом, засновано врз раната историја на Рус - анимиран филм со досега најголема заработувачка). Иако руската заедница за анимации е сè уште далеку од достигнување на раскошот што го имаше пред крајот на Советскиот Сојуз, се прават значителни напори да закрепне и станува сè појасно дека заживеаната руска индустрија за анимација ќе биде многу поразлична од она што беше кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Според Андреј Добрунов, раководител на Солнехни Дом, неколку руски студија во моментот работат на десет анимирани играни филмови.[60]

Филмот Специјално беше емитуван на 31 јули 2006 година и претставуваше прв долгометражен игран филм на Русија со компјутерска графика.[61] Истовремено, „Сојузмултфилм“ соработуваше со Михаил Чемиакин и работеа на „Хофманијада, игран анимиран куклен филм, кој намерно се направи целосно без употреба на компјутери. Во 2007 година започн Проектот Моревна, чија цел беше создавање на научна фантастика за прераскажување на народната приказна за Марија Моревна како аниме, пред сè, користејќи ја алатката за слободен софтвер Синфиг и издавајќи ја под лиценца на Криејтив комонс. Други популарни руски цртани филмови на интернет се Масјања и Г-дин Фримен. Со корпоративната соработка помеѓу јапонското студио 4°C и руската Молот ентертејмент се произведе аниме филмот Прв одред (2009), кој ја освои наградата на весникот Комерсант.[62]

Од 2009 година, анимацијата западна во нова криза бидејќи Госкино на неодредено време го одложи финансирањето за сите проекти, а со буџетот за 2010 година, државата за половина го намали финансирањето на анимацијата. Заедницата за анимација реагираше со апел до Претседателот и јавноста.[63][64] Во 2010 година, многу од најголемите студија, вклучително и Пилот, беа или затворени или беа на работ на затворање. Голем број студија до одреден степен се потпираа на државната поддршка, а Госкино не исполни ниту една од своите договорна обврска за да плати за филмовите што ги нарачаа и кои студијата веќе ги произведоа.[65] Покрај тоа, Дизни беше обвинет за употреба на антиконкурентни практики за да ја истисне домашната руска конкуренција на ТВ-каналите.[66]

Анимираниот филм на Центарот за национален филм, направен со компјутерска графика, Вселенски кучиња, емитуван на 18 март 2010 година и за Советските вселенски кучиња Стрелка и Белка, беше емитуван на англиски јазик на 8 јуни 2012 година и обезбеди поширока франшиза. Анимација Визарт, заедно со ИнлајФилм, исто така, произведоа нова филмска верзија со компјутерска графика Снежната кралица (2012), формирајќи нова франшиза со продолженија Снежната кралица 2 (2014) и Снежната кралица 3: Оган и мраз (2016), заедно со нивниот прв целосно оригинален концепт Овци и волци (2016).

 
Маша и мечката

Анимакорд студио за анимација постигна успех со телевизиската анимација во компјутерска графика со својата детска серија Маша и мечката (2009-денес), чиј акцент на пантомимата помогна да се изнесе надвор од земјата, со премиера на верзијата во САД на Нетфликс во август 2015 година.[67] Уште една долга, образовна, детска серија на Студиото за анимација Мелница, насловена Лунтик, се емитува од 1 септември 2006 година. Претходен успех на овој пазар имаше Кикорики, која се емитуваше од 7 мај 2004 година до 2012 година, а која беше произведена од студиото за анимација Петербург со помош на Министерството за култура на Руската Федерација. Правата на дистрибуција на англиски јазик за серијата ги купи 4Кидс ентертејнмент од светскиот дистрибутер Фан гејм медиа, Минхен[68] и започна да се емитува како дел од блокот CW4Kids на CW на 13 септември 2008 година, под името ГоГоРики.[69] Во 2011 година беше објавено претходник (продолжени) на играниот филм со наслов Кикорики. Планирани се филмовите Непобедлив тим и други филмови. Поврзувачки фактор за многу понови руски анимирани напори е Тимур Бекмамбетов, чија компанија Базелевс помогна да се продуцираат, финансираат и промовираат Кикорики и Снежната кралица.[70]

Во 2010 година, анимираната серија Малите мајстори (The Fixies) имаше премиера на Карусел и Русија 1.

Во 2018 година, Сојузмултфилм, ги најави плановите за обнова на филмовите од својата Златна колекција.[71] На 19 декември 2020 година, вториот дел од Златната колекција беше обновен и емитуван од Обединетата мрежа „Кино парк“, во Русија.[72]

Филмови со најголема заработка

уреди

Според Kinopoisk.ru, подолу се дадени руските анимирани играни филмови со најголема заработка од почетокот на 2015 година:

Руски филмови со најголема заработка
Ранг Наслов Бруто Година Жанр Детали Режисер
1 Три богатыря на дальних берегах

Тројцата јунаци на далечните брегови

31.505.876 $ 2012 година Анимација, Бајка Интерпретација на средновековниот руски фолклор Костантин Феоктистов

(Анимација на Мелница)

2 Иван Царевич и сериски волк

Иван Царевич и сивиот волк

24.830.497 $ 2011 година Анимација, Бајка Интерпретација на средновековниот руски фолклор Владимир Торопчин

(Анимација на Мелница)

3 Снежная королева 3: Огонь и лёд

Снежната кралица 3: Оган и мраз

24.644.317 $ 2016 година Анимација, Бајка Инспириран од истоимената бајка од данскиот автор Ханс Кристијан Андерсен Алексеј Цицилин

(Анимација на Визарт)

4 Иван Царевич и Серји волк 2

Иван Царевич и сивиот волк 2

20.962.988 $ 2013 година Анимација, Бајка Интерпретација на средновековниот руски фолклор Владимир Торопчин

(Анимација на Мелница)

5 Три богатыря. Ход конём

Тројцата јунаци. Чекорењето на коњот.

19.390.136 $ 2015 година Анимација, Бајка Интерпретација на средновековниот руски фолклор Константин Феоктистов

(Анимација на Мелница)

6 Три богатыря и Шамаханская царица

Тројцата јунаци и Шамаханската царица

19.010.585 $ 2010 г. Анимација, Бајка Интерпретација на средновековниот руски фолклор Сергеј Глезин

(Анимација на Мелница)

Популарни студија за анимација

уреди
  • Сојузмултфилм
  • Студио за анимација во Мелница
  • Студио за анимација во Петербург
  • Студио за анимација Анимаккорд
  • Анимација на Визарт
  • InlayFilm
  • Тоондра

Наводи

уреди
  1. Kisselgoff, Anna. Critic's Notebook; Pioneering Russian Films Show Ballet Master's Wit. New York Times. January 14, 2005. Accessed on: June 23, 2009.
  2. Lord, Peter. The start of stop-frame. The Guardian. November 14, 2008. Accessed on: June 23, 2009.
  3. Nina Alovert. Belated Premier. Past Pages Come to Life article from the Russian Bazaar magazine, January, 2005 (in Russian)
  4. Pordenone diary 2008 – day seven at The Bioscope blog, October 22, 2008
  5. Bendazzi, Giannalberto (2015). Animation : a world history. Volume II, The birth of a style-the three markets. Boca Raton, FL: Focal Press. стр. 75. ISBN 978-1-317-51991-1. OCLC 930331668.
  6. 6,0 6,1 6,2 Larisa Malyukova (2013). OVERcinema. Modern Russian animation. — Saint Petersburg: Umnaya Masha, p. 264–265, 268 ISBN 978-5-9904193-1-5
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 Sergey Kapkov (2006). Encyclopedia of Domestic Animation, p. 14–21
  8. Animated Soviet Propaganda review at The New York Times, March 13, 2007
  9. Alexander Buskin's filmography at Animator.ru
  10. Senka the African at YouTube, public domain (English subtitles)
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 11,5 Ivan Ivanov-Vano (1980). Frame by Frame. — Moscow: Iskusstvo, 239 pages, p. 34, 98, 102, 112–129, 150, 12–13, 223–226
  12. The Skating Rink, original version at YouTube, public domain (English subtitles)
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 Giannalberto Bendazzi (2016). Animation: A World History: Volume I: Foundations - The Golden Age at Google Books, p. 80–81, 79, 175
  14. Bolvashka's Adventures at Animator.ru
  15. Aleksandr Lukich Ptushko article from the Great Soviet Encyclopedia
  16. It Happened at Stadium (Bratiskin's Adventures) (1928) at YouTube, public domain (in Russian)
  17. 17,0 17,1 17,2 Gulliverkino: Far Side of the Fairy Tale. Aleksandr Ptushko - Innovations article from Iskusstvo Kino, May 5, 2015 (in Russian)
  18. The Adventures of the Little Chinese at kinoglaz.fr
  19. 19,0 19,1 Sergei Asenin (2012). The World of Animation // The Tropes of Soviet Animation, p. 45–46. — Moscow: Print-on-Demand, 303 pages ISBN 978-5-458-30516-7
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 Nikolai Mayorov. The Color of Soviet Cinema from the Film Expert's Notes magazine № 98, 2011 (in Russian)
  21. John Riley (2005). Dmitri Shostakovich: A Life in Film. — New York: I.B.Tauris, 150 pages ISBN 1 85043 709 2
  22. Sound, Speech, Music in Soviet and Post-Soviet Cinema, 2014 by Indiana University Press, p. 22, 33 ISBN 978-0-253-01110-7
  23. The Crow's Dance by Nikolai Voinov, 1933, public domain (in Russian)
  24. Now in America, the Films of the Soviet Walt Disney article from The New York Times, December 30, 2001
  25. Irina Margolina, Eduard Nazarov. Animation from A to Z. Alexandre Alexeieff documentary series, episodes 3–4, REN TV, 1996
  26. Sergei Asenin (1983). The Wisdom of Fiction: Masters of Animation about Themselves and Their Art. — Moscow: Iskusstvo, p. 37
  27. The Stars of Russian Animation. Film 5. Leonid Amalrik Архивирано на 17 јануари 2021 г. by Irina Margolina and Eduard Nazarov, 2012 (in Russian)
  28. 28,0 28,1 28,2 28,3 Irina Margolina, Natalia Lozinskaya (2006). Our Animation. — Moscow: Interros, p. 46–51, 58–63, 146–152, 70–75 ISBN 5-91105-007-2
  29. The Art Faculty[мртва врска] at the official VGIK website
  30. Anna Belonogova. Heroes of Soyuzmultfilm at the VGIK website (archived)
  31. Viktor Eryomin (2016). Biographies of the Great Fairy Tale Writers. — Moscow: Osteon Fond, 531 pages ISBN 9781772466751
  32. 32,0 32,1 32,2 The Stars of Russian Animation. Film 4. Eugene Migunov Архивирано на 16 јануари 2021 г. by Irina Margolina and Eduard Nazarov, 2012 (in Russian)
  33. 33,00 33,01 33,02 33,03 33,04 33,05 33,06 33,07 33,08 33,09 33,10 33,11 33,12 Giannalberto Bendazzi (2016). Animation: A World History: Volume II: The Birth of a Style - The Three Markets at Google Books, p. 81, 282–297, 303–309
  34. 34,0 34,1 Larisa Malyukova's interview with Leonid Shvartsman at Animator.ru (in Russian)
  35. Karandash and Klyaksa — Merry Hunters at Animator.ru
  36. 36,0 36,1 Soyuzmultfilm. Fables and Stories. Tales of Old Arbat documentary by Natalya Lukinykh at the Suzdalfest official channel, 2003 (in Russian)
  37. Familiar Pictures at Animator.ru
  38. 38,0 38,1 Monsters of Animation. Boris Stepantsev at the official 2×2 channel (in Russian)
  39. Max Zherebchevsky: "I create all kind of wonders out of fear" interview with an art director, August 30, 2012 (in Russian)
  40. Iosif Boyarsky (1995). Literary Collages. — Moscow: Russian Binding (online magazine, in Russian)
  41. Soyuzmultfilm. Fables and Stories. Merry Tales about Sad Things documentary by Natalya Lukinykh at the Master-Film official channel, 2004 (in Russian)
  42. SMARTNEWS Keeping you current Russia Has Its Own Classic Version of an Animated Winnie-the-Pooh
  43. Full Cast & Crew at IMDb
  44. 44,0 44,1 The Nu, Pogodi! Series Turned to Be the Most Beloved Animation in Russia by RIA Novosti, February 26, 2014 (in Russian)
  45. Episode 20 of Nu, Pogodi! Released — No More Sequels by NEWSru, November 22, 2006 (in Russian)
  46. Georgy Borodin. "An Artist Must Die..." Anatoly Petrov Died article from Gazeta.ru, March 5, 2010 (in Russian)
  47. New Prostokvashino at the Soyuzmultfilm Youtube channel
  48. Computer Animation Across the Iron Curtain: Digital Character Design in Kitty (1968) by Booth Wilson
  49. Kitty film and post-mortem article from the Problems of Cybernetics magazine, issue 28, 1974 (in Russian)
  50. Leonid Levkovich-Maslyuk. The Arrival of a Kitty article from Computerra № 7, 21 February 2006 (in Russian)
  51. Leonid Levkovich-Maslyuk. Interview with Nikolay Konstantinov from Computerra № 7, 21 February 2006 (in Russian)
  52. The Master of Plasticine Crowns documentary by Channel One Russia, 2010 (in Russian)
  53. Shakespeare: The Animated Tales Awards at IMDb
  54. About School-Studio “SHAR” at the official site
  55. Biography of the film director Garri Bardin at the official site
  56. 56,0 56,1 Olga Razumovskaya. Studio Renews Fight For Soviet Cartoons article at The Moscow Times, 18 August 2010
  57. 57,0 57,1 Georgy Borodin. Goodbye, Souyzmultfilm! article at Animator.ru, August–October 2003 (in Russian)
  58. Films By Jove Sells Award Winning Animation Library Rights to Russian Magnate article at Business Wire, September 05, 2007
  59. Natalya Lukinykh. The Splendors and Miseries of the Russian Animation article at Animator.ru, 2001 (in Russian)
  60. Anna Smolchenko. Disney Looks to Reanimate Russian Cartoon Sector article from The St. Petersburg Times, May 2, 2006 (archived)
  61. Especial at Animator.ru
  62. „4°C's First Squad Wins Award at Moscow Int'l Fim Fest“. Anime News Network. 2009-06-30. Посетено на 2009-10-11.
  63. [1]
  64. [2]
  65. [3]
  66. [4]
  67. [5]
  68. „GoGoRiki confirmed for fall 2008“. Архивирано од изворникот на 2009-01-23. Посетено на 2008-08-11.
  69. „4Kids announces fall 2008 Lineups for Fox and The CW“. Архивирано од изворникот на January 4, 2009. Посетено на 2008-09-05.
  70. Check Out a Trailer for The Snow Queen, ComingSoon.Net (article by Silas Lesnick), October 28, 2012
  71. "Союзмультфильм" реставрирует семь картин "Золотой коллекции". WORLD PODIUM (руски). Посетено на 2020-12-17.
  72. „Впервые в кинотеатрах золотая коллекция отреставрированных мультфильмов от студии «СОЮЗМУЛЬТФИЛЬМ»“. kinoteatr.ru. Посетено на 2020-12-17.

Библиографија

уреди
  • Bendazzi, Giannalberto. 1994. Cartoons. One Hundred Years of Cinema Animation. London/Bloomington: John Libbey/Indiana University Press.
  • Giesen, Rolf. 2003. Lexikon des Trick- und Animationsfilms. Berlin: Schwarzkopf & Schwarzkopf.
  • Leslie, Ester. 2002. Hollywood Flatlands. Animation, Critical Theory and the Avant-Garde. London, New York: Verso.
  • Pilling, Jayne (Ed.). 1997. A Reader in Animation Studies. London et al.: John Libbeyи.
  • Асенин, Сергей Владимирович. 1986. Мир мультфильма. Москва: Искусство.
  • Венжер, Наталья Яковлевна (Ed.). 1990. Сотворение фильма. Несколько интервью по служебным вопросам. Москва: Союз Кинематографистов СССР.
  • Иванов-Вано, Иван Петрович. 1978. Кадр за кадром, Москва: Искусство.
  • Орлов, Алексей Михайлович. 1995. Аниматограф и его анима: психогенные аспекты экранных технологий. Москва: Импето.

Надворешни врски

уреди