Исар (Марвинци)

археолошко наоѓалиште во Македонија
(Пренасочено од Исар-Марвинци)
Исар

Воздушен поглед кон наоѓалиштето

Карта

Местоположба 41°16′39.5″N 22°29′37.8″E / 41.277639° СГШ; 22.493833° ИГД / 41.277639; 22.493833
Основни податоци
Место Марвинци
Општина Валандово
Тип

 населба  некропола


Период железно време
раноантичко време‎
хеленистичко време
Портал „Археологија“

Исарархеолошко наоѓалиште во валандовското село Марвинци. Претставува населба и некропола со континуитет од VII век пред н.е. до VI век од н.е. Се наоѓа непосредно до селото, од неговата југозападна страна, на мошне пристапна височинка со извонреден поглед кон Валандовска Котлина и долината на Вардар.[1][2]

Сложеноста на наоѓалиштето се согледува во следните археолошки целини:

  • Акропола (IV-V век пр. н.е.)
  • Римски град (I-III век пр. н.е.)
  • Каструм — утврдување (III-IV век пр. н.е.)
  • Некропола со наоди од сите периоди.

Местоположба

уреди

Наоѓалиштето се наоѓа на рид, веднаш над селото Марвинци, од каде може и да се пристапи. Сепак, поставениот патоказ во самото село за наоѓалиштето не е погоден за возило, па најдобро е натаму да се упатите пеш.

Доколку сакате да дојдете сепак до негде со ваше возило, тогаш е потребно да го следите локалниот пат за селото Грчиште. Откако ќе свртите кон ова село, на околу половина километар се врти лево по земјен пат.

Откривање

уреди
 
Дел од наоѓалиштето
 
Натпис во кој пишува Македонија
 
Поглед на наоѓалиштето од селската црква „Св. Петка“ во селото Марвинци

Првиот податок што се однесува на Исар како наоѓалиште потекнува од времето на Првата светска војна, кога се откриени неколку наоди од постарото железно време и објавени од В. Пингел, а во поново време и од Р. Васиќ. Во македонската стручна литература тој е првпат регистриран со археолошките реконосцирања од 1952/53 година. Малку подоцна, од страна на Борка Јосифовска-Драгојевиќ се проучени и објавени низа случајни наоди (натписи, монети), како и резултатите од заштитното археолошко ископување на местото наречено Порта, изведено во 1961 година од страна на Археолошкиот музеј на Македонија од Скопје. Од 1977 година ископувањата на наоѓалиштето се изведуваат континуирано во рамките на проектот „Долината на Вардар во првиот милениум пред нашата ера“.

Историја

уреди

Ран период

уреди

Во најраниот период на своето постоење, населбата се протегала на просторот опфатен со Исар I и Исар II и зафаќала околу 5 хектари.

Исар I всушност претставува акропол на населбата, подигнат на височинка пространа за опстанок. Акрополот бил закрепен со одбранбени бедеми и како таков егзистирал преку целиот хеленистички период. Западниот раб на висорамнинката е користен како складиште за чување на жито, што може да се заклучи според една серија на длабоко вкопани питоси поставени еден до друг. Во тоа време е населен и просторот на Исар II (сектор 5) - остатоците од куќи пронајдени во сондата 6, со карактеристичен материјал, го потврдуваат ова. Иако не се вршени пробни ископувања, судејќи според конфигурацијата на теренот, може да се претпостави дека западната тераса на Исар II ја заштитувал одбранбен бедем. Населбата од овие два пункта постапно се шири, па во текот на хеленистичкото време се населени и најблиските тераси. На овој начин конципирана, населбата имала карактер на економски, стратегиски и религиозен центар во овој регион.

Хеленистичко време

уреди

Архитектонските остатоци откриени на истражениот простор претежно им припаѓаат на станбени објекти, а последната фаза на објектот дава индиции да се смета како керамичка работилница. Начинот на градењето во најстариот период е мошне примитивен. Тоа се куќи градени од плет и облепени со куќен лепеж, при што како носачи се употребени масивни греди. Меѓутоа, кон средината на IV век изразито се менува системот на градбата, кога се јавуваат објекти градени од делкан камен, правилно реден, но врзан со кал. Малтерот како врзно средство не е пронајден ниту во текот на хеленистичкиот период. Во ова време тој е употребуван само како облога на ѕидовите градени од необработен камен.

Иако истражувањата не се вршени на широк план, и сега може да се констатира дека на Исарот се работи за правоаголен систем на градба, каде што е применет пастаден тип на станбени куќи.

Стратиграфските податоци укажуваат на три, односно четири хоризонти на живеење, од кои повеќето се уништени со уривање. Најстариот хоризонт, во пробната сонда 6 и во Кв. 7А, 8А и 8Б, настрадал во пожар, кој условно би можел да се датира на почетокот на III век пред н.е. и да се поврзе со уништувањето на градот во времето на келтската наезда од 279 година пред н.е. Подвижниот археолошки материјал најавува континуитет на насебата без позначителни прекини. Античката стока што почнува да се јавува во последните три децении на V век, продолжува да се увезува и во текот на IV век пред н.е. Но истовремено тука доаѓа и стока од Коринт. Изгледа дека врските со Мала Азија (Јонија) се исто така интензивни. Тие се следат уште од времето на претходната епоха, преку керамиката што редовно се јавува во гробовите од постарото железно време, па преку тасоските и родоските амфори од класичната епоха, до доцнохеленистичкото време, кога извесни керамички форми можеме да им ги припишеме на поголемите производни центри во Мала Азија.

Додека во текот на IV век се среќаваат месни керамички производи со длабока автохтона традиција, како и месно имитирање на грчките форми, во текот на хеленистичката епоха настанува еден општ просперитет. Старите традиции се губат и подвижниот археолошки материјал покажува целосно прифаќање на хеленистичките придобивки, кои во ист вид ги среќаваме кај сите хеленизирани градови, независно од нивната географска оддалеченост од егејскиот регион. Во текот на хеленистичката епоха се чувствуваат врските со соседните водечки културни центри на Македонија (Пела, Бероја, Тесалоника, Амфиполис). Монетите на овие градови се јавуваат како единствено платежно средство. Малобројните примероци на накит најверојатно потекнуваат од златарските работилници на овој регион. Месното производство на теракоти е под влијание на стилот што го развиваат коропластите на Пела, Бероја и Амфиполис. Формите и квалитетот на керамичките садови се аналогни на многубројните наоди од овој вид откривани претежно во некрополите на Пела, Тесалоника и Амфиполис. Месното керамичко производство не само што ги следи современите форми туку и по својот квалитет наполно одговара на производите од поголемите центри. Во текот на подолг временски период (од крајот на V до средината на II век пред н.е.) за погребување се користи Јужната некропола. Откриените гробови со богата содржина даваат јасна слика за промените во начинот на погребувањата и погребниот ритус.

Како една значително голема населба, која својот економски потенцијал го развила под месните услови, населбата прераснала од помала агломерација во населба од градски тип. Нејзиниот опстанок е заснован пред сè врз развиеното земјоделство, а секако и врз сточарството. Уште во текот на раниот хеленизам, како значајна стопанска гранка се јавува рударството што го овозможувало присуството на рудни лежишта во регионот. Материјалните остатоци зборуваат дека рудата е обработувана во самата населба. Оваа појава не треба да зачудува кога се знае дека рударството во Пајонија имало длабока традиција.

Меѓу значајните занаети особено место му припаѓа на керамичкиот. Во градот на Исарот уште во текот на IV век пред н.е. работат месни грнчари чии производи можеме да се распознаат по еднородноста на глината и по застапените форми на садови. Најдени се наоди на еден грнчар со сопствен амблем - морски рак. Во текот на хеленистичкото време, покрај керамиката за секојдневна употреба, изработувана е и калапената „мегарска“ керамика, за што сведочат повеќе калапи откриени на наоѓалиштето. Гранчарството како традиција се задржало и во текот на римската епоха, со расцутот во текот на III век.

Во подоцнежното хеленистичко време, како посебен керамички занает се јавува коропластиката. Месните коропласти изработувале теракоти во кои го внесувале сопствениот израз. Во неколку зачувани женски глави се распознаваат ликови што наполно отстапуваат од вообичаените типови, по својот уметнички карактер познати во сите средоземни земји. Коропластиката, која играла значајна улога во антиката, особено во предримското време, макар и со намален интензитет, се одржала и во текот на раното Римско Царство.

Последната хеленистичка фаза на сите испитани пунктови е проследена со една појава манифестирана со масовно и, како што изгледа, едновремено уривање на објектите. Изгледа дека овој настан имал големи размери, што предизвикало извесно стагнирање на животот во населбата. Републиканските монети се ретки. Керамиката карактеристична за доцниот хеленизам е сосема спорадична. Ова осиромашување всушност се совпаѓа со дефинитивното покорување на Македонија од страна на Римјаните, кое пак траелодо времето на Август, кога настанал нов полет во градовите на Македонија, па и во Исарот.

Римско време

уреди

Во времето на раното Римско Царство населбата се развива и се проширува. Изгледа дека во ова време западниот крај на акрополот не бил населен, додека североисточниот дел има траги од живот. Градот во ова време се шири и ги опфаќа соседните тераси. По должината на североисточната тераса опфатена со секторот 8 се подигнати станбени објекти. Судејќи според обемниот керамички материјал, нивниот најголем интензитет на живеење паѓа во третиот век. Покрај овие објекти минувал водовод. На северозападната тераса е пронајден објект со под во техниката опус сецтиле. На југозападното подножје од акрополот е откриен храм подигнат од страна на еден македонијарх, а посветен на Херакле, односно на царот Комод. Одделни архитектонски блокови, откриени на секторот 1, вградени во ѕидовите на подоцнежните објекти, укажуваат дека во сеседството постоеле и други солидно градени јавни или приватни објекти. Обемниот археолошки материјал покажува дека градот во ова време доживеал нагласен процут. Во првиот век претставувал автономна општина - полис, каде што постоел конвент на доселени Римјани. Податоците за постоење на магистрати -политарси, покажуваат дека градот бил организиран на грчко-македонски начин. Монетите и керамичките наоди зборуваат дека одржувал живи трговски врски со напредните центри на Мала Азија и Тесалија, со соседните градови Тесалоника, Пела, Бероја. Дедикантот на храмот, еден македонијарх - висок функционер во македонкиот коинон чие седиште се наоѓало во Бероја, бил по потекло од градот на Исарот. И авторот на една женска статуа, од која е зачуван само базисот со потписот на уметникот, е роден во Бероја. Мермерните статуи и релјефи, како и надгробните споменици со портретни претстави, зборуваат дека градот не заостанувал во културна смисла зад другите македонски градови од тоа време.

Кон средината на III век, најверојатно во времето на готската наезда од 268 година, градот осетно настрадал. Овој историски податок се потврдува и со археолошките истражувања и со општиот впечаток за развојот на градот. Тој набргу се обновил и живеел со несмален интензитет. Југоисточното подножје под акрополот сега се оградил со одбранбен бедем и се претворил во утврден каструм. Најверојатно неговото подигање се совпаѓа со владеењето на Диоклецијан, кога се преземени големи фортификациски зафати на Балканот. Во бедемите се вградувани споменици и блокови од архитектонска декоративна пластика, како обичен градежен материјал, што зборува за тоа дека преживеаната катастрофа била со големи размери, а вградените споменици, кои дотогаш претставувале гордост на градот, сега го загубиле сето значење. Колкава ролја одиграл овој каструм, тешко е да се каже. Во секој случај, во подоцнежното време е користен како простор за живеење. Едно е сигурно: објектите од последната фаза, чија долна граница е тешко прецизно да се утврди, се градени без особен план; зачуваните темелни партии, со редовно вградувани сполии, се од камен и кал.

Во североисточното подножје на Исарот се пронајдени остатоци од објекти за кои исто така не може да се каже кога се подигнати. Судејќи според наодите, тие егзистирале во текот на IV век.

Во текот на III и IV век Јужната некропола повторно се користела како простор за погребување. Со погребувањата од ова време се уништени многу постари гробови. Како една од позначајните појави е присуството на нов етнички елемент кој се одразува во карактерот на гробните прилози, туѓи на Римјаните.

До кога и со колкав интензитет се одржал животот на градот на Исарот сè уште не може да се утврди. Архитектонските објекти и подвижниот археолошки материјал го потврдуваат животот во текот на V и VI век. Меѓутоа, со првиот откоп на Кв. К15 е откриена чанковидна монета на Исак Ангел. Натамошните ископувања секако ќе внесат нова светлина во постоењето и содржината на градот во ова време. Материјалите откриени со ископувањата од 1977 до 1986 година и подоцна се чуваат во Музејот на Македонија, а случајните во Музејот на гевгелискиот крај.

Во септември 2008 е откриена богата гробница со шест цели керамички урни и еден исклучително редок гроб во кој покојникот бил закопан во бронзена урна. Покрај тоа, откриена е и прекрасна стилизирана бронзена глава на Силен (Пан), со кадрава брада, намуртени веѓи, со лозов венец околу косата, заедно со бронзената глава на коњ и златните релјефно украсени листови што ги краселе градите на покојникот, златни обетки, керамички садови, теракотни фигури и садови што требало да им се најдат на умрените во другиот живот се само дел од предметите што покажуваат како живееле нашите предци пред многу векови. Истражувањата што се одвиваа на Лисичин Дол, некрополата од железно време и на југозападната некропола од македонско-хеленистичкиот период покажаа дека луѓето на Исар живееле од 10 век пред новата ера до крајот на 5 век. Досега почетоците на наоѓалиштето беа сместени во 8 век п.н.е.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  2. Соколовска, Викторија (2011). Античкиот град на Исар - Марвинци, Валандово: културно - историски осврт. Скопје: Култура. ISBN 978-608-65300-0-6.

Надворешни врски

уреди