Инвестициски фонд

Инвестиционен фонд (англиски: investment fund) е финансиска институција или институционална организација, која врши прибирање на парични средства од повеќе вложувачи и истите ги вложува во краткорочни и долгорочни инвестиции, односно во различни финансиски облици. Суштината на функционирањето на инвестиционите фондови се состои во прибирање на капитал по пат на продажба на неговите акции или документи за удел на населението. Така формираниот финансиски потенцијал потоа фондовите го пласираат во акции и обврзници на трговските друштва и на државата.

Поим на инвестициски фонд

уреди

Инвестициски фонд претставува институција за колективно инвестирање т.е професионално управувана форми на инвестирање, кој се основа поради здружување на парични средства од физички и/или правни лица, кои потоа се вложуваат на пазарот на капитал во најразлични хартии од вредност: акции, обврзници, записи и сл. Со собраните средства во фондот управува друштво за управување со инвестициски фондови. Имотот на инвестицискиот фонд е во сопственост на неговите членови пропорционално на нивното учество во фондот и тој одвоен од друштвото за управување со инвестициски фондови.

Инвестиционите фондови во пазарните економии играат клучна улога во динамизирањето на пазарите на капитал и на економскиот развој во целина. Тие ја збогатуваат институционалната структура на финансискиот сектор, го потикнуваат штедењето и ефикасноста на инвестициите, по пат на вложувања во најпрофитабилни хартии од вредност. Економиите во транзиција, иако соочени со субоптимални почетни услови, ги прифатија инвестиционите фондови во прилагоден облик, ппри што не изостанаа позитивните ефекти врз нивните финансиски системи, приватизацијата, зголемување на конкурентноста и атрактивноста за странските инвестиции. Така, во 1995, само шест години по основањето на првиот инвестиционен фонд во Унгарија, бројот на фондовите во регионот на Источна Европа нарасна на 80, со портфолио вредност 4,4 милијарди долари.

Првиот национален инвестиционен фонд во земјите во развој бил основан во Јужна Кореја во 1984 година, по што следела експлозија од ваков вид финансиски институции за колективно вложување. Така, според податоците на Меѓународната финансиска корпорација, инвестиционите фондови во земјите во развој денес управуваат со портфолија кои надминуваат 100 милијарди долари.

За правилно разбирање на суштината на овие финансиски институции, потребно е накусо да се изложат нивните предности. Така, концептот на инвестициониот фонд како репрезент на т.н. колективни инвестициони шеми, почива на следниве аргументи:

  • прибирање и концентрација на мали парични суми од страна на голем број лица, што резултира со
  • намалување на поединечниот ризик од вложувањето, и
  • поголема вкупна ефикасност од вложувањето заради фактот што управувањето со средствата се доверува на професионален, високо компетентен управувачки тим.

Значи, суштината на функционирањето на инвестиционите фондови се состои во прибирање на капитал по пат на продажба на неговите акции или документи за удел, на населението. Така формираниот финансиски потенцијал потоа фондовите го пласираат во акции и обврзници на трговските друштва и на државата. Всушност, тие вршат посредување меѓу секторот на населението, како инвеститор, и трговските друштва и државата, како издавачи на хартии од вредност, со цел да го олеснат процесот на купување на хартии од вредност од страна на населението.[1]

Инвестициониот фонд има можност за диверзификација на своето портфолио, преку вложување во хартии од вредност на компании со различна ризичност, во различни стопански гранки, географски региони и слично, во зависност од целите на секој одделен фонд. Фактот што управувањето со средствата на фондот е во рацете на професионални менаџери на фондови, значително го ублажува ризикот од носење погрешни инвестициони одлуки, и ја зголемува атрактивноста за купување хартии од вредност од страна на обичните луѓе.

Друштвата за управување со инвестициони фондови и нивните менаџери секојдневно работат со огромни суми на парични средства, што создава можност за злоупотреби од различен вид и карактер. Оттаму, законската регулатива со едновремено воспоставување ефикасни механизми на контрола и супервизија на нивната работа, е од првостепено значење за стекнување и одржување доверба на широките слоеви, потенцијални учесници/штедачи во нивната стабилност и бонитет, како и во компетентноста и чесноста на членовите на менаџерските тимови.

Предности на инвестирањето преку инвестициски фондови

уреди

Инвестирањето со посредство на инвестициските фондови има низа предности во однос на директното инвестирање во хартии од врендост, како што се:[2]

  • Дисперзија на ризикот – фондовите вложуваат во голем број различни хартии од вредност, со што се намалува ризикот при инвестирањето.
  • Професионално управување – поединечните инвеститори ретко имаат време, знаење или желба секојдневно да анализираат голем број различни хартии од вредност и самостојно да донесат одлука за инвестирање. Од друга страна, инвестиционите фондови располагаат со стручен и искусен кадар кој секојдневно го анализира тргувањето на пазарите за хартии од вредност. Всушност, најголемата разлика меѓу поединечните и институционалните инвеститори лежи во експертизата.
  • Ликвидност – сите вложувачи во отворените инвестициони фондови можат во секој момент да поднесат барање за продажба на својот удел во фондот. Наспроти тоа, при директно инвестирање во акции, секогаш постои ризик сопственикот да не може да ги продадете акциите поради малата ликвидност на пазарот за тие акции.
  • Едноставност при вложувањето – инвестициските фондови овозможуваат едноставен начин на вложување (преку електронско банкарство, преку траен налог и сл.). Притоа, во фондовите може да се вложуваат мали парични износи со кои, често, не може да се купи некој финансиски инструмент на пазарто. На пример, минималниот износ за кој може да се купи удел во фондовите во Македонија изнесува 1.000 денари.

Инвестиционите фондови во Република Македонија

уреди

Тргнувајќи од повеќекратните позитивни ефекти од дејствувањето на институционалните наспроти поединечните инвеститори, и Република Македонија се определи за прифаќање на овој вид финансиски институции во својот систем. Тоа е сторено со Законот за инвестиционите фондови, на чие донесување му претходeла неколкугодишна работа од страна на експертска група, формирана во рамките на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

Во Република Македонија работењето на Инвестициските фондови и Друштвата за управување со инвестициски фондови е регулирано со Законот за инвестициски фондови (Службен весник на РМ бр. 9/2000 и 29/2007). Во овој закон, инвестициониот фонд се дефинира како здружување на парични средства наменети за вложувања во хартии од вредност, парични депозити и други средства, кои средства се прибираат од вложувачите преку јавен повик за продажба на документи за удел кај отворените, односно акции кај затворените фондови, со кои за сметка на вложувачите управува друштвото за управување со фондови.[3][4] Значи, се работи за модел на индиректно вложување, кога заинтересираните вложувачи не вложуваат директно во хартии издадени од трговски друштва или други субјекти, туку тоа го прават посредно, преку вложување во инвестиционен фонд кој понатаму вложува во нивно име и за нивна сметка кај затворениот фонд или во свое име, а за нивна сметка кај отворениот фонд.

Видови инвестициони фондови

уреди

Во пазарните економии можат да се сретнат различни видови инвестициони фондови. Според начинот на мобилизирање на средствата, основната поделба на инвестиционите фондови е на отворени и затворени инвестициони фондови.

Отворени фондови

уреди

Отворените фондови немаат својство на правно лице, континуирано издаваат документи за удел и документите за удел се откупливи, односно фондот е обврзан да ги откупи документите за удел во секое време кога тоа ќе биде побарано од страна на нивните иматели. Тоа значи дека бројот на уделите во отворениот инвестициски фонд, како и нето-вредноста на средствата сепроменливи.[5] Бидејќи односите меѓу фондот и вложувачите кај отворените фондови најчесто се уредуваат со договор, овие фондови се познати како договорни фондови. Сопствениците на документите за удел во договорните фондови немаат никакви гласачки права во поглед на прашањата сврзани со работењето на фондот.

Затворени фондови

уреди

Затворените фондови се основаат како правни лица, односно како акционерски друштва, издаваат акции и слично како останатите акционерски друштва, со закон им е забрането да вршат откуп на сопствените акции и нивните акции котираат на берзи или на други регулирани пазари на капитал, а на акционерите им се даваат одредени гласачки права. Бидејќи се формираат како правни лица, тие се среќаваат како корпоративни фондови, инвестициски компании и сл. Овие фондови се одликуваат со непроменлив износ на средства, кој е однапред дефиниран, т.е. не е можно дополнително зголемување или намалување на уделите.[5]

Договорната форма на инвестиционите фондови е карактеристична за Германија и Велика Британија, корпоративната форма се среќава во САД, додека во практиката на Франција познати се обете форми.

Покрај споменатите, се среќаваат и фондови со фиксно портфолио и фондови со флексибилно портфолио. Се работи за тоа дали со статутот и проспектот за оснавање на фондот ќе се дозволи инвестирање само во точно определени хартии (акции, обврзници или други) или пак на друштвото за управување ќе му се остави поголема слобода во изборот на хартиите во кои таа може да вложува. Во развиените пазарни економии се сретнуваат и специјализирани фондови кои вложуваат само во точно определени стопански гранки (авиокомпании, фармацевтска индустрија, компјутерска индустрија и други).[6]

Одлики и правна природа на инвестиционите фондови

уреди

Имотот на инвестиционите фондови, во споредба со другите „обични“ трговски друштва, е посебен и се состои од хартии од вредност, парични депозити и други средства. Заради таквата посебност, кај инвестиционите фондови доаѓа до радвојување на сопственоста од управувањето. Имено, фондовите се основаат и се управуваат од страна на друштва за управување со фондови, кои се наполно независни и издвоени од фондовите, и нивен единствен предмет на работење е да основаат и да управуваат со фондови. Имотот на фондот мора да се држи и де се прикажува одвоено од имотот на друштвото за управување со фондови. За таа цел, имотот на фондот се држи кај депозитна банка, што ја избира друштвото за управување со фондови, врз основа на одобрение од Комисијата за хартии од вредност. За да се избегне можниот конфликт на интереси, друштвото за управување со фондови и депозитната банка мораат да работат независно и исклучиво во интерес на лицата кои вложиле во фондовите, и исто друштво не може да врши работи на друштво за управување и депозитна банка.

Сопствениците на документи за удел кај отворените, односно акционерите кај затворените фондови, по правило имаат само имотни права од нивните удели, односно акции, додека членските права, како на пример правото на глас кај затворените фондови, по правило е ограничено. Правата на вложувачите во инвестиционите фондови спрема друштвото за управување ги штити депозитната банка, но тоа не го исклучува правото на вложувачите лично да ги остваруваат своите побарувања. Токму од ваквата поставеност на субјектите инволвирани во работењето на инвестиционите фондови во теоријата се јавува проблемот на утврдувањето на нивната правна природа, а особено на отворените фондови.

Отворените фондови претставуваат посебен имот без својство на правно лице, чии сопственици на документи за удел имаат право на пропорционален дел на добивката на фондот и право да бараат откуп на документите за удел. Поаѓајќи од оваа дефиниција, тешко може да се прифати законската одредба дека друштвото за управување со фондови работи како комисионер, односно во свое име, а за сметка на сопствениците за удел. Повеќе може да се прифати правното сфаќање дека кога се зборува за управување со отворените фондови се работи за реанимација на институтот од Римското правоfiducia cum amico, кога едно лице заради неможноста лично да ги извлече сите користи од својот имот, го доверувало управувањето на целиот или дел од својот имот на друго лице, но не како на застапник или комисионер, туку како законски сопственик, додека лицето кое го доверува имотот на управување во очите на правото се смета за бенефицијарен сопственик.

Во врска со вреднувањето на имотот на инвестиционите фондови повторно доаѓа до израз разликата меѓу отворените и затворените инвестициони фондови. Отворените фондови се должни да ги откупуваат своите удели, на барање на нивниот законски имател и имаат обврска да издаваат нови документи за удел на контиунирана основа. Цената на документот за удел се утврдува така што нето вредноста на имотот на фондот ќе се подели со бројот на издадени документи за удел. Точната проценка на вредноста на уделот нема само математичко, туку и пошироко значење за развојот на финансискиот систем на една земја. Имено, од правилната проценка на нето вредноста на имотот на фондот и документите за удел, во голема мерка ќе зависи довербаа во потенцијалните вложувачи.

Цената по која отворениот фонд ги издава новите документи за удел односно ја плаќа при откуп на сопствени документи за удел може да се итврди на два начина:

  • како идна цена („forward price“) односно цена која се пресметува откако фондот ќе добие барање за откуп на законскиот имател; и
  • историска цена („backward price“), која се заснова на некоја претходна валуација на средствата на фондот.

Што се однесува до затворените фондови, нивните акции се продаваат согласно понудата и побарувачката на пазарот на капитал.[7]

Заштита на вложувачите во инвестиционите фондови

уреди

Особен белег на инвестиционите фондови е нивниот имот, кој се состои од своевидна „жива материја“, односно во најголем дел од хартии од вредност, чија цена постојано флуктуира на берзите и другите пазари на капитал. Заради тоа, законите кои нормативно ги уредуваат инвестиционите фондови содржат прецизни правила за начините на вложување на средствата собрани со јавна продажба на документи за удел односно акции на фондовите. Освен тоа, фондовите се институции каде што се вкрстуваат интересите на многу субјекти. Така, на една страна се интересите на вложувачите во документи за удел во отворените или акционерите во затворени фондови, додека на друга страна се интересите на друштвата односно правните лица во чии хартии од вредност се вложуваат собраните пари во фондовите. Ако тука се додадат и специфичните права и обврски на друштвата за управување со фондови и депозитните банки, станува сосема јасно дека инвестиционите фондови претставуваат комплексни институции.

Законот за инвестиционите фодови содржи голем број одредби со цел овозможување постојана и ефикасна заштита на интересите на членовите на инвестиционите фондови. Заради поголема прегледност овие норми се поместени во неколку групи.

Првата категорија заштитни инструменти ја сочинуваат одредбите од Законот за инвестициони фондови кои се однесуваат на задолжителни одобренија од комисијата за:

  • основање на инвестициони фондови и друштво за управување со фондови;
  • содржина на јавниот повик за продажба на документи за удел или акции;
  • статутот на фондот и неговите измени и дополнувања;
  • надминување на износот на краткорочни задолжувања над 5%;
  • вршење на правото на депозитна банка за раскинување на договорниот однос со друштвото за управување кај отворениот фонд;
  • издавање на одобрение за управување на друштво за управување со фондови во случај на пренесување на правото на управување со затворен фонд;
  • статутот на друштвото за управување со фондови;
  • избор на депозитна банка од друштвото за управување со фондови по претхода согласност на Народната банка на Република Македонија итн.

Покрај одобренија, Комисијата дава и согласност за именување на членови на управниот орган на друштвото за управување со фондови.

Во следната категорија се одредбите со кои се врши ограничување на трошоците кои можат да ги наплатуваат субјектите поврзани со управување и работење на инвестиционите фондови. Така, со член 6, став 4, точка 10 од Законот за инвестициони фондови е утврдена општа обврска дека со статутот на фондот треба да се утврдат трошоците на друштвото за управување со фондовите, депозитната банка, или трети лица на товар на имотот на фондот. Со статутот на отворениот фонд, исто така, треба да се утврди висината на трошоците кои се одбиваат при купување, откуп и исплата на документи за удел.

Во статутот и проспектот на отворениот треба да се наведат податоци во врска со трошоците кои се одбиваат при купување, откуп и исплата на документи за удел, како и начинот, местот и динамиката за објавување на цените и трошоците. На крајот, продажната цена на документите за удел мора да го содржат износот за покривање на трошоците за издавање на документите за удел. На тој начин, на вложувачите во фондовите им се пружа доволна можност да се запознаат со видот и износот на трошоците кои од нивните средства посредно или непосредно ќе ги наплатуваат основачите, управувачите и контролорите врз работата на фондот. Освен тоа, и Законот за инвестициони фондови предвидува одредени ограничувања на трошоците. Така, друштвото за управување со фондови и депозитната банка при распуштање на отворениот фонд можат за своите услуги да наплатат максимум 2% од вкупно наплатениот износ.

Иако статутот може да се утврди право на друштвото за управување со фондови на надомест на трошоците при основање на затворен фонд, Законот за инвестициони фондови тој износ го ограничува на најмногу на 2% од износот на основната главнина. Сосема исправна одредба со која се спречува разводнување на капиталот односно основната главнина на фондот („stock watering “ или „asset striping “) и со тоа изигрување на имателите на документите за удел, акционерите и доверителите на фондот. Имено, со утврдување на енормно високи провизии за посредниците би дошло до намалување на делотворно собраните парични средства од емисијата на акции кај затворениот или издавањето документи за удел кај отворениот фонд, па така и до голема разлика помеѓу книгиводствената и реалната вредност на главнината на фондот.

На крајот, во член 51 од Законот збирно е дадена одредбата со кои и вакви трошоци можат да се надоместат од имотот на фондот, но максимум до 2% од имотот на фондот. Битно е да се напомене дека тука се работи за 2% од имотот, а не од основната главнина како што е тоа предвидено во член 37, став 1 од Законот за инвестициони фондови.

Следната, трета категорија одредби ја сочинуваат задолжителни објавувања за:

  • одлуката на Комисијата за одобрување на статутот на фондот и неговите измени и дополнувања и тоа во Службен весник на Република Македонија;
  • одлуката на Комисијата за одобрување на проспектот на фондот и неговите измени и дополнувања на Службен весник на Република Македонија;
  • прекинот на откуп на документи за удел и нивната исплата во еден дневен весник и во Службен весник на Република Македонија;
  • одобрението за основање на отворен фонд во Службен весник на Република Македонија;
  • отказот на друштвото за управување со фондови за понатамошно управување со фондот во Службен весник на Република Македонија; одлуката за распуштање на затворениот фонд од страна на депозитната банка во еден дневен весник и во Службен весник на Република Македонија.

Понатаму, задолжително во еден дневен весник се објавуваат и: јавниот повик, годишните финансиски извештаи, дневната нето – вредност на имотот на фондот и на поединечниот удел во фондот, прекинот на откупот на документите на удел и на нивната исплата, итн.

Непосредно поврзана со претходната, е и следната четврта група одредби со кои се регулираат финансиските извештаи и другите известувања. Така, Законот за инвестициони фондови пропишува обврска на друштвата за управување со фондови за доставување ревидирани финансиски извештаи за секој фонд со кој управува, и тоа како до Комисијата, така и до вложувачите во фондот. Покрај годишните, се утврдува и обврска за доставување и на квартални финансиски извештаи.

Друштвото за управување со фондови е должно да ги доставува на Комисијата и своите годишни финансиски извештаи вклучувајќи ги и проспектите на инвестиционите фондови со кои управува и нивните измени и дополнувања, како и измените и дополнувањата на статутот, вложувања на сопствениот капитал во други правни лица, промени во основачите, односно акционерите. На крајот, Законот за инвестициони фондови утврдува дополнителна обврска на друштвото за управување со фондови да ја известува Комисијата и вложувачите на фондот за секоја промена која значајно би влијаела на одлуката на вложувачите за вложување на свсоите парични средства во фондот, и тоа во рок од 3 дена од настанувањето на промената.

Законот за инвестициони фондови ја утврдува минималната содржина на основните документи кои се од значење за работата на фондот:

  • статутот на фондот, со тоа што Комисијата го задржува правото за утврдување на поблиската содржина на статутот;
  • на финансиските извештаи на фондот, со тоа што Комисијата може да предвиди и други податоци кои би биле составен дел на годишните финансиски извештаи;
  • на документот за удел и други.

Законски ограничувања во работењето со фондовите

уреди

Законот за инвестициони фондови нормира и низа ограничувања на слободата на волјата на страните вклучени во работењето на инвестициониот фонд. Ограничувања во врска со финансиските извештаи на фондот:

  • еден ревизор или ревизорско друштво може да врши ревизија само четири пати едноподруго за еден фонд;
  • еден ревизор или ревизорско друштво може да изготви финансиски извештај во една година само за три фонда и:
  • Комисијата составува список на овластени ревизори кои можат да вршат ревизија на финансиски извештаи.

Ограничувања во поглед на начинот на вложување на паричните средства кои ги прибрал фондот со продажба на документи за удел или акции, и тоа:

  • во однос на пазарот на кој се котираат хартиите во кои се вложува;
  • во однос на видот на хартии од вредност и
  • во однос на нивниот издавач.

Ограничувања за сопствениците на документи за удел во отворениот фонд Така, тие не можат да го користат правото на откуп на документот за удел во рок од една година од денот на објавување на првиот јавен повик. Исто така, тие немаат право да бараат распуштање на отворениот фонд. Со објавувањето на одлуката за распуштање на фондот сопствениците на документи за удел немаат право да бараат исплата на уделот со откуп, а со денот на донесување на одлуката за распуштање на фондот се забранува издавање на нови документи за удел.

Клаузула за забрана на конкуренција за основачите на друштвото за управување со фондови, како и за членовите на управниот орган или надзорниот одбор и другите вработени. Непосредно во врска со клаузулата за неконкуренција е и таканаречената „merit regulation“, а се однесува на условите за кадровска, техничка и организациска оспособеност за работа на членовите на управниот орган и на самото друштво за управување со фондови. Исто така, членовите на управниот орган не смеат да бидат осудувани за кривични дела кои се точно специфицирани во Законот за инвестициони фондови, како и да не им е изречена мерка забрана за вршење на дејноста во врска со предметот на работење на друштвото.

Посебен режим на водењето и прикажувањето на имотот на друштво за управување со фондови. Имено, имотот на друштвото за управување со фондови се прикажува одвоено од имотот на фондовите со кои управува. Исто така, долговите на друштвото за управување со фондови не можат да се намируваат од средствата на инвестициониот фонд. Понатаму, во член 47 од Законот за инвестициони фондови се утврдени дополнителни ограничувања во врска со стварите на имотот на фондот, како и со правата кои ги имаат сопствениците на документи за удел кај отворениот фонд или акционерите кај затворениот фонд. Во оваа категорија спаѓа и ограничувањето пропишано во член 50 од Законот за инвестициони фондови. Тоа се однесува на забраната на друштвото за управување со фондови за директно или индиректно стекнување документи за удел во отворен фонд со кој управува. Што се однесува до акциите на затворениот фонд, друштвото може да уплати акции на затворен фонд само при негово основање, а по основањето на затворениот фонд такавата можност на друштвото му е ускратена. На крајот, додека друштвото управува со затворениот фонд во кој стекнало акции при неговото основање, не може да располага со тие акции сè додека управува со тој затворен фонд.

Ограничувања во поглед на депозитените банки. Имено, како депозитни банки може да се одберат само банки со седиште на територијата на Република Македонија или филијали на странски банки, но банка која е основач на друштвото за управување со фондови не може да биде депозитна банка на тоа друштво.[8]

Наводи

уреди
  1. Factsheet: Investment funds, The Guardian, 15 април 2009.
  2. broker.com.mk (пристапено на 20.1.2016)[мртва врска]
  3. Закон за инвестиционите фондови, член 4 Архивирано на 5 март 2016 г., „Сл. весник на Р Македонија”, бр. 9/2000 од 10.2.2000 г.
  4. „pravo.org.mk (пристапено на 20.1.2016)“. Архивирано од изворникот на 2010-03-28. Посетено на 2010-05-13.
  5. 5,0 5,1 J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 404.
  6. Investment fund Архивирано на 5 март 2010 г., Investment Words.
  7. "Прирачник за подготвување и полагање на стручен испит за вршење на работи со хартии од вредност", Комисија за хартии од вредност на Република Македонија.
  8. Collective Investment Funds Архивирано на 12 декември 2011 г., Comptroller's Handbook, октомври 2005.