Идил Бирет
Идил Бирет (турски: İdil Biret, родена на 21 ноември 1941 година, во Анкара, Турција) - турска концертна пијанистка.
Идил Бирет | |
---|---|
Идил Бирет во Кучукчекмеџе во 2012 | |
Животописни податоци | |
Роден(а) | 21 ноември 1941 Анкара, Турција |
Жанрови | Класична музика |
Занимања | концертен пијанист |
Инструменти | Пијано |
Мреж. место | idilbiret.eu/en |
Животопис
уредиРодена на 21 ноември 1941 година, во Анкара, Турција, Бирет била чудо од дете. Турците ја нарекувале турскиот Моцарт, а кога имала осум години, турскиот парламент со закон одобрил финансии за нејзино музичко образование во Европа.[1] Преосетлива на музиката уште како бебе, таа стекнала способност да ја слушне мелодијата и да ја репродуцира на пијано кога имала само две години. Имала неверојатна способност да учи музика напамет без претходно да мора да ја извежба на пијаното, која подоцна ја свирела на восхит на гледачите. Прв нејзин учител во Франција бил познатиот педагог Надја Буланже, под чие менторство се образувала на Парискиот конзерваториум. Таму освоила три први награди. Подоцна Бирет студирала заедно со германскиот пијанист Вилхелм Кемпф, кој ја нарекувал својот омилен ученик[1].
Еден голем настан од нејзината рана кариера била серијата концерти што ги дала во Москва во 1960 година, во организација на рускиот пијанист Емил Гилелс. Таа одржала над 100 концерти во Русија. Во 1963 година се случило нејзино деби во САД со Бостонската симфонија со Концертот за пијано на Рахманинов број 3, заштитен знак во нејзиниот репертоар. Меѓутоа, покрај нејзините циклуси на Шопен и Брамс, Бирет била позната по изведбите и снимањето современа музика. Таа снимила екстремно авантуристичка музика за дискографската куќа Финадар на композиторот Илхан Мимароглу во 1970-тите, а нејзиниот диск Наксос со петте сонати на Пјер Булез во 1995 година ја освоила наградата "Златен дијапазон" на Франција.
Образование и музичка кариера
уредиБирет го започнала своето музичко образование на тригодишна возраст[2] со Митхат Фенмен, кој и самиот студирал во класата на Надја Буланже и Алфред Корто. На 8 годишна возраст се запишала на Парискиот конзерваториум во Франција под менторство на Надја Буланже. Заслужна за нејзиното музичко образование била и Медлен де Валмалет која ја вовела во делата на композитори како Брамс, чиј комплетен опус подоцна и го снимила. Дипломирала на 15 годишна возраст, со три освоени награди. Музичко образование го продолжила со Алфред Корто и Вилхелм Кемпф.
На 16 годишна возраст, Бирет свирела како солист со најистакнати оркестри во светот, вклучително со Лондонскиот симфониски оркестар, Лондонската филхармонија, Бостонскиот симфониски оркестар, Ленинградската филхармонија и други. Таа соработувал со врвни диригенти како Херман Шерчен, Пјер Монто, Ерих Лејнсдорф, Рудолф Кемпе и многу други. Бирет, исто така, имала концертни настапи на фестивалите во Берлин, Монтреал, Истанбул, Дубровник, Монпелје, Персеполис, Ројан и Атина. Премиерниот концерт на Идил Берет во САД бил во Симфониската сала во Бостон под диригентство на Ерик Лејнсдорф, на 22 ноември 1963 година. Токму пред настапот (Рахманинов, Концерт за пијано број 3), маестро Лајнсдорф ѝ се обратил на публиката, велејќи дека штотуку пристигнала веста дека претседателот на САД бил жртва на атентат. Откако публиката се повратила од шокот, оркестарското раководство и свирачите се согласиле да продолжат со изведбата на Бирет.[3]
Таа била членка на жирито на неколку пијано натпревари: Ван Клибурн (САД), Кралицата Елизабета (Белгија), Монтреал (Канада), Лист (Вајмар, Германија) и Бузони (Италија).
Концертни снимки
уредиШирокиот репертоар на Бирет опфаќа голем дел од доцната класична и романтична музика за пијано. Нејзините бројни снимки (денес повеќе од 100 ) за дискографски куќи како ЕМИ, Дека, Атлантик, Финадар и Наксос ја вклучуваат првата снимка на Листовите транскрипции на деветте Бетовенови симфонии (EMI 6LP/1986), комплетни соло изведби на пијано работи и концерти на Шопен (15CD/1992), на Брамс (12CD/1997), Рахманинов (10CD/2000), пијано транскрипција на балетската музика на Стравински Firebird (2003) и многу други. Таа веројатно е најдобро позната по нејзините снимки на Шопен, за што ја освоила наградата Гранпри за снимка на Фредерик Шопен во Полска во 1995 година. Во 2004 година, продажбата на нејзините Наксос цд-а во светот достигнала два милиони копии. Наксос овој настан го одбележал со издавање платинест диск. Истата година сонатните снимки на Булез ја освоила наградата Златен дијапазон и била избрана меѓу најдобрите снимки на годината од страна на весникот Ле Монд во Франција.[се бара извор]
Таа ги снимила комплетните (32) пијано сонати и концерти на Бетовен[1] (вклучувајќи ја и Хорска фантазија) за нејзината сопствена дискографска куќа.[4] Комплетот вклучува 19 цд-а. Бирет е единствениот пијанист кој ги снимил сите сонати и концерти на Бетовен како и Листовите транскрипции на деветте негови симфонии на јавни настапи.
Концертен опус
уредиИдил Бирет во неколку циклуси ги отсвирила сите дела за пијано на Бетовен и Брамс. Во 1980 година таа во две серии свирела концерти со сонатите на Бетовен и пијано транскрипцијата (Лист) на сите 9 негови симфонии, емитувани во живо од страна на Радио Франција. Во 1990-тите години таа ги свирела петте пијано концерти на Бетовен, Хорска фантазија и Трикратниот концерт во пет концерти. Во 1997 ги свирела сите соло дела за пијано на Брамс во серија од пет рецитали во Германија за време на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на композиторот.
Нејзините снимки на класични дела од 20-от век вклучуваат три пијано сонати на Пјер Булез (Наксос Рекордс 1995), како и делата за пијано на Вилхелм Кемпф (Марко Поло 1991). Идил Бирет, исто така, снимила и дела (том 1 и 2) на Ѓерѓ Лигети за Наксос, албум издаден во 2003 година. Претходно, во 1970-тите години, во Њујорк за Финадар/Атлантик рекордс ги снимила делата на Букурешлиев, Антон Веберн, Албан Берг, Мимароглу, Кастиљони, Сергеј Прокофјев и Николај Мјасковски.
Во септември 2006 година, биографија "Идил Бирет - турска пијанистка во Франција", била напишано од страна на француски автор, проф. д-р Доминик Ксардел. Книгата била преведена и на турски јазик. Германскиот превод на книгата е објавен во септември 2007 година.
Награди и признанија
уредиБирет станала национален уметник на Турција од 1971 година, поради нејзините придонеси во турската култура.
Во 1995 година, за снимките на комплетното дело на Шопен ѝ била доделена награда "Гранпри за плоча на Фредерик Шопен" во Полска. Истата година, освоила награда Златен дијапазон (француски: "Diapason d'Or") во Франција за нејзиното снимање на сонатите на Булез.
Бирет ги добила и следниве награди:
- Спомен награда Лили Буланже во Бостон (САД)[2],
- Златен медал Хариет Коен/Дину Липати во Лондон (Велика Британија)
- Полска награда за уметнички вредности,
- Националниот орден Витез на заслуги (Франција),
- Награда Аделаида Ристори, Италија.
- Во 2007 година од полскиот претседател Лех Качињски го добила орденот Коњанички крст за нејзиниот придонес во полската култура со нејзините снимки и изведбите на музиката на Шопен.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „Idil Biret | Biography & History | AllMusic“. AllMusic. Посетено на 2018-03-27.
- ↑ 2,0 2,1 „Between the Lines: Idil Biret talks to Jeremy Siepmann“.
- ↑ Radio broadcast of the concert, WFLN-FM, Philadelphia
- ↑ IBA (Idil Biret Archive) Архивирано на 18 декември 2020 г.
- Целосна биографија Архивирано на 10 декември 2016 г.
- Идил Бирет и Вилхелм Кемпф, фотографии Архивирано на 3 март 2016 г.
- Репертоар Архивирано на 3 март 2016 г. от на Идил Бирет
- Кратка биографија и дискографија Архивирано на 10 декември 2006 г.
Надворешни врски
уреди- Идил Бирет официјално мрежно место Архивирано на 5 јуни 2018 г.
- Идил Бирет Архива Архивирано на 18 декември 2020 г.
- Звучен запис на Идил Бирет на концерт од WGBH Радио Бостон