Трговско ембарго од Грција 1994-1995

(Пренасочено од Ембарго од Грција 1994)

Трговско ембарго на Грција кон Македонија во 1994-1995 година е еднострано трговско ембарго кое е воведено од Грција на 16 февруари 1994 година и трае 18 месеци, до 15 октомври 1995 година. Новата грчка влада, предводена од Андреас Папандреу го воведува ова трговско ембарго поради несогласување со името и државното знаме на Република Македонија со 16-крако сонце. Трговската блокада беше во сила 18 месеци, до 15 октомври 1995 година. Штетата што ја претрпе Република Македонија од грчкото ембарго, според проценките на економските експерти, изнесуваше околу 2 милијарди долари (1994).[1]

Тежината на ембаргото за Македонија беше дотолку поголема што во исто време беше на сила трговско ембарго од ОН кон СР Југославија, кое Македонија беше принудена да го почитува. Поради овие две блокади, земјата беше отсечена од главните трговски патишта преку Коридорот 10.

Историја

уреди
 
Андреас Папандреу, премиерот на Грција.

Во зимата 1993 година Грција го блокира снабдувањето на Македонија со нафта од пристаништето во Солун, задржувајќи танкер со нафта кој на Македонија би ѝ бил доволен за цели три месеци. Тоа создаде политичка и економска нестабилност во Македонија, која беше принудена да се снабдува со нафта преку Бугарија и Турција. Ова беше една од повеќето случаи во кои Грција ја блокираше трговијата со Македонија. Во 1992 и 1993 година, Грција често ја затвораше својата граница за транспортот на стоки од Македонија во Грција и обратно, а и со закана за целосна блокада.[2]

На 16 февруари 1994, по специјално свикана седница на грчката Влада, грчкиот премиер Андреас Папандреу објави дека Грција ги откажува сите трговски врски со Македонија и дека го затвора нејзиниот конзулат во Скопје. При тоа Папандреу изјави дека „Грција е присилена да го преземе овој чекор како резултат на постојаниот цврст став на Скопје“.

Реакциите во однос на ембаргото што го воведе Грција кон Македонија од Европа и од светот беа во полза на Македонија. Македонските политичари предупредуваа дека Македонија нема намера да ја освои Грција и дека координираната српско-грчка политичка стратегија кон Македонија може да доведе до балканска војна и побара од Европската унија да преземе навремени акции.

Европските нации веќе беа изиритирани од Грција пред ембаргото против Македонија. Општа оценка за повторуваното барање на премиерот Константин Мицотакис, Европската унија да се спротивстави на признавањето на Македонија, е дека Грција со тоа загуби доста европски симпатии. Шест држави од Европската унија го покажаа својот став воспоставувајќи дипломатски врски со Македонија до крајот на 1993 година.

Само неколку дена откако Грција ја објави својата економска блокада кон Македонија, шест од грчките партнери во Европската унија - Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Германија и Данска - побараа Атина веднаш да ја прекине блокадата. На 6 април, Ханс ван ден Брук објави дека Европската комисија решила да ја изнесе Грција пред Европскиот суд на правдата во Луксембург, заради ембаргото против Македонија.

Генералниот секретар на ОН Бутрос Бутрос Гали, зборувајќи за позитивната и превентивната улога на силите на ООН во Македонија, рекол дека властите во Македонија сакаат мир и комплетна стабилност во балканскиот регион.

Во исто време Бугарија ѝ понуди на Македонија употреба на нејзиното пристаниште во Бургас на Црно Море. Албанскиот претседател Сали Бериша ги стави сите услуги на пристаништето во Драч на располагање на Македонија. Турскиот претседател Сулејман Демирел ѝ понуди на Македонија користење на турските пристаништа и вети турска помош.

Владата на РМ под претседателство на Бранко Црвенковски започна проект за изградба на железничка врска од Куманово до Деве Баир есента 1994 како алтернативно решение за сообраќајно поврзување на Македонија преку Бугарија. Но, до денес (2011) ова поврзување не е реализирано поради недостиг на средства.[3]

Реакции во светските медиуми

уреди

„Тајмс“ ја повика Грција да се откаже од своето претседавање со Европската унија со цел да се спречи дури и поголема штета на Европа од онаа што веќе е предизвикана. Изнесувањето на Грција пред Европскиот суд не е соодветен одговор затоа што на Македонија ѝ треба помош веднаш. Заклучувајќи дека Папандреу имал за цел да предизвика штета на една балканска држава којашто веќе се соочувала со големи економски потешкотии и да ја зголеми тензијата околу неа. Тајмс го зеде ембаргото како доказ дека грчкиот премиер е повеќе преокупиран со домашните политички интереси отколку со потребата да спречи поширок регионален конфликт.

Британскиот весник „Спектатор“ нагласи дека постапките на грчката Влада да ја продолжи својата одмазда против Македонија претставуваат интересна мешавина на фарса, трагедија, театар на суровост и театар на апсурдот.

"Дејли телеграф" оцени дека грчкото претседателство со Европската заедница дегенерира во непристојна и опасна фарса. Трговското ембарго против Македонија ја означува грчката бруталност и несигурност. Весникот напиша дека како со Македонија, така и со Албанија „Атина се откри себеси како осветољубив и кусоглед задевач на посиромашните и послабите соседи“ и тврдеше дека Европската заедница треба да интервенира заради нестабилноста на Балканот што Грција ја создала.

"Економист" пишуваше дека блокадата ги нарушува грчките должности кон договорите и е наметната едноставно за да го заштити премиерот Папандреу од домашната критика откако САД ја признаа Македонија.

"Чикаго трибјун" беше особено сликовит во нивниот напад на грчките барања. Тие запрашаа дали Мексико би се заканило со трговско ембарго на САД за да го присили Ново Мексико да си го смени своето име? Дали Британците би се жалеле во високите кругови на светското мнение затоа што дел од нашиот брег кон Атлантикот одбрал да се нарече себеси Нова Англија?"

Прекин на блокадата

уреди

Односите меѓу Македонија и Грција значително се подобрија по потпишувањето на привремената билатерална спогодба за соработка по укинувањето на едностраното ембарго. Двете земји под формулацијата "Прва страна" и "Втора страна" претставувани од тогашните министри за надворешни работи Стево Црвенковски и Каролос Папуљас, кој сега (2008.) е претседател на Грција, на 13 септември 1995 во Њујорк во присуство на американскиот дипломат Сајрус Венс потпишаа Привремена спогодба за пријателски односи и градење доверба и за заемно почитување на територијалниот интегритет и суверенитет.

Дополнителна литература

уреди
  • Игор Јанев, Legal Aspects of the Use of a Provisional Name for Macedonia in the United Nations System, AJIL, Vol. 93. no 1. 1999.
  • Игор Јанев, Some Remarks of the Legal Status of Macedonia in the United Nations Organization, Review of International Affairs, Vol.LIII, no. 1108, Oct-Dec, 2002

Наводи

уреди
  1. Press Online: Македонија - Грција, 16 години спор за името
  2. „Македонско сонце бр. 473: „Грчкото ембарго врз Македонија". Архивирано од изворникот на 2008-10-12. Посетено на 2008-10-11.
  3. „Пари за одржување на железницата има, но нема за изградба на источната пруга“[мртва врска], Утрински весник, 11.08.2007.