Димитар Пинџур
Димитар (Диме) Пинџур ( 1884 во Ваташа — 1915 во Криволак) — македонски револуционер, војвода во ВМОРО, еден од главните водачи и организатори на Тиквешкото востание (15 – 26 јуни 1913).[1]
Димитар Пинџур | ||
Роден | 1884 година Ваташа, Кавадарци | |
---|---|---|
Починал | ноември, 1915. | |
Националност | Македонец | |
Татко | Арсо Пинџур | |
Мајка | Наца Пинџурова | |
Сестра | Таска Пинџур | |
Син | Страшо Пинџур |
Животопис
уредиРоден е во тиквешкото село Ваташа.[2] Завршил основно училиште и двокласна нижа гимназија во Кавадарци, а потоа го продолжил образованието во Солунската машка гимназија. По завршувањето на училиштето извесен период работи како учител во селото Рожден се до моментот кога турските власти не откриле дека се занимава со револуционерна дејност. Во пролетта 1905 година заедно со Лазо Сојтериев и Никола Шишков се приклучиле на четата на војводата Добри Даскалов. Во 1906 година преминал во четата на војводата Апостол Петков, а нешто покасно и во четата на Аргир Манасиев, каде што ја вршел должноста секретар на четата.[1]
По Младотурската револуција се преселил во Гевгелија и бил еден од раководителите на Народната федеративна партија од овој град. Тој бил жесток борец против појавата на гркоманството во овој крај. Во 1911 година се вратил во Тиквешијата. Истата година се оженил, но неговиот буен и жив темперамент не се смирил. Незадоволен од ветувањата на младотурците, се одметнал во планината и се приклучил во четата на војводата Христо Чернопеев. Активно учествувал во Балканските војни во единиците на МОРО, основани од страна на Јане Сандански. Во јуни 1913 година активно учествувал во Тиквешкото востание, а бил избран и за член на Главниот штаб на востанието. По задушувањето на востанието се преселил во Струмица, од каде повторно заминал во четата на војводата Христо Чернопеев. Во 1914 година во Струмица доаѓаат неговата мајка и сопруга и извесен период тој води мирен и семеен живот работејќи како учител во Струмица. На 5 март во Струмица му се раѓа синот првенец, а неговиот кум Христо Чернопеев му го дал името Страхил. Диме Пинџуров загинал во борбите кај Криволак за време на првата светска војна како подофицер во Првиот македонски полк во октомври 1915 година.[1]
Диме Пинџур е татко на Страшо Пинџур, македонски партизан и борец против бугарската окупација во Македонија за време на Втората светска војна.[3]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 427. ISBN 978-608-4621-04-1.
- ↑ „Македонците в културно-политическия живот на България. Анкета от Изпълнителния комитет на Македонските братства“, София, 1918, стр. 107.
- ↑ Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 427–428. ISBN 978-608-4621-04-1.