Готланд
Готланд (шведски: Gotland, гутн. Gutland) — округ, покраина и општина[3] во Шведска. Ова е најголемиот остров во Шведска и најголем остров во Балтичкото Море. Со површина од 3.140 км2, областа на Готланд зафаќа помалку од 1% од територијата на Шведска. Тука спаѓаат и помалите острови Форе и Готска Санден на север, како и мали островчиња на запад, вклучувајќи ја групата Карлсе (Лила и Стура). Самиот остров Готланд зафаќа површина од 2.994 км2, а покраината зафаќа 3.183,7 км2 (3.151 км2 копнена површина без реки и езера).[4] Населението брои 57.221 жител,[2] од кои 22.200 живеат во административниот центар Висби.[1] Главни стопански гранки се туризмот, земјоделството и производството на бетон од локалниот варовник.
Грб | |
Географија | |
---|---|
Место | Балтичко Море |
Координати | 57°30′N 18°33′E / 57.500° СГШ; 18.550° ИГД |
Површина | 3,183,7 км2 |
Држава | |
Округ | Готланд |
Општина | Готланд |
Најголема населба | Висби (pop. 22.236[1]) |
Демографија | |
Население | 57.221[2] (2009) |
Густина | 18,25 /km2 (4.727 /sq mi) |
Етнички групи | Готланѓани, Швеѓани |
Управа
уредиТрадиционалните покраини во Шведска немаат административна улога, туку постојат само како културно-историски целини. Меѓутоа, поради островскиот карактер на покраината, административниот округ (län) Готланд и општината (kommun) Готланд покриваат иста територија како самата покраината.
Географија
уредиАдминистративен центар на округот и општината е градот Висби. Населението брои 22.200 жители[1] или 2⁄5 од вкупното население на островот.
Готланд се наоѓа 90 км источно од шведското копно и околу 130 км од балтичките држави (од кои најблиску е Латвија). Иако Готланд е еден остров, историската покраина ги опфаќа и околните острови кои делат една иста култура:
- Фурилен
- Форе
- Готска Санден - национален парк
- група Карлсе (Стура Карлсе и Лила Карлсе)
- Лаус - група островчиња
- Утхолмен - група
- Естергарншолм
Недалеку од морскиот брег има неколку плитки езера, од кои најголемо е Бестетреск, во северниот дел на островот. Најпопуларни плажи на Готланд се Тофта и Хундфрија. Највисока точка е Лојста Хед, на 82 м надморска височина.
Историја
уредиДомороден народ на островот биле Гутите, за кои има наоди уште од праисторијата. Уште в ораниот дел од историјата, Готланд станал трговски центар, а градот Висби бил најважен балтички град на Ханзата.
Во преданието „Гутасага“ се зборува за населувањето на островот од Тјелвар и неговите потомци. Во сагата се вели дека една третина од населението морало да се пресели во јужна Европа, што соодветствува на историјата на Готите. Некои историчари сметаат дека Готланд е изворната татковина на Готите.
Градот Висби во средновековието бил под засебна управа. Во 1288 избувнала граѓанска војна предизвикана од судирите помеѓу германските трговци и селаните со кои тргувале, која престанала по интервенција на кралот Магнус III. Во 1361, данскиот крал Валдемар IV го зазел островот. Во 1394 Готланд бил окупиран од Виталското Братство кое се утврдило во свое упориште во Висби. На крај Готланд станал лено на Тевтонските витези, доделено под услов да ја истераат оваа пиратска дружина. Во 1398 островот го зазела војската на Тевтонскиот ред, која го уништила градот и ги истерала Виталските Браќа. Во 1409 големиот мајстор на Тевтонскиот редот, Улрих фон Јунгинген, воспоставил гарантиран мир со склучвањето на Калмарскиот сојуз, продавајќи ѝ го островот на кралицата Маргарета I.
Култура
уредиСредновековниот град Висби е прогласен за светско наследство на УНЕСКО. Највпечатливи се бедемите околу стариот дел на градот, кои датираат од времето на Ханзата.
Во минатото жителите говореле на свој гутниски јазик, но денес се зборува шведско наречје познато како готландски дијалект (Gotländska).
Готланд е познат по своите 94 средновековни цркви,[5] кои денес се реставрирани и во активна употреба. Присутни се два главни стила: романскиот и готскиот. Постарите цркви, изградени во периодот 1150–1250 се романски. Поновите се изградени во готски стил, кој уживал популарност меѓу 1250 и 1400 г.
На островот опстојуваат традиционални игри од викиншко време како „куб“, „перк“ и „варпа“. Овие игри по обичај се играат по повод летната долгодневица (Иванден), но и едноставно како рекреација во текот на летото.
Старогерманскиот симбол „валкнут“ фигурира на голем број наоди како насликани камења и натписи. Од сите места во Европа, овој симбол е најприсутен во Готланд. Најпознати примери се каменот Стура Хамарс I и Тенгелгордскиот камен. На островот има и илјадници камења со таинствени жлебови за кои се верува дека имале улога во набљудување на небото.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Статистики на 31 декември 2005 - Централна статистичка служба (шведски)
- ↑ 2,0 2,1 Статистики на 31 декември 2009 - Централна статистичка служба (шведски)
- ↑ Готланд има и своја епархија со истото име
- ↑ Статистички годишник на Шведска за 2009 г. (шведски)
- ↑ Готланд има 94 средновековни цркви Архивирано на 5 декември 2006 г. (англиски)
Надворешни врски
уреди„Готланд“ на Ризницата ? |
- Портал ана Готланд Архивирано на 17 декември 2014 г.
- Туристичко здружение на Готланд
- Готланд Архивирано на 17 декември 2014 г. (шведски)