Голема Колумбија

поранешна република во Јужна Америка

Голема Колумбија или Гран Колумбија, официјално Република Колумбија (шпански : República de Colombia) ― држава која постоела од 1819 до 1831 година и опфаќала голем дел од северна Јужна Америка и дел од Средна Америка. Државата ги опфаќала денешна Колумбија, континентален Еквадор (т.е. со исклучок на островите Галапагос ), Панама и Венецуела, и делови од северен Перу, северозападен Бразил и Гвајана. Термините Голема Колумбија и Гран Колумбија се користат за историографски за да се разликува од денешната Република Колумбија,[2] кое било и официјално име на поранешната држава.

Република Колумбија
República de Colombia  (шпански)
1819–1831
Flag of Gran Colombia
Знаме (1821–1831)
Амблем (1821–1831) of Gran Colombia
Амблем
(1821–1831)
Химна: Marcha Libertadora
(Марш на слободата)
Голема Колумбија
Голема Колумбија
Главен градБогота
Говорени јазицишпански
Вероисповед
Римокатолицизам
УредувањеФедерална претседателска република
Претседатели 
• 1819–1830
Симон Боливар
Естанислао Вергара и Санз де Сантамарија
• 1830, 1831
Доминго Кајседо
• 1830, 1831
Хоакин Москера
• 1830–1831
Рафаел Урданета
LegislatureКонгрес
• Горен дом
Сенат
• Долен дом
Претставнички дом
Историја 
17 декември[1] 1819
• Устав од Кукута
30 август 1821
• Војна со Перу
1828–1829
• Распаѓање
19 ноември 1831
Површина
ВалутаПијастра

Основана е со прогласување на уставот во Кукута во 1821 година врз основа на одлуката донесена на Ангостурскиот конгрес од 1819 година.

Голема Колумбија била конституирана како унитарна централистичка држава.[3] Во целокупното нејзино постоење се водела борба меѓу фракциите кои се залагале за централизирана влада и оние кои биле за децентрализирана, федерална форма на владеење. Истовремено, се појавила и друга политичка поделба: оние кои го поддржувале Уставот од Кукута и две фракции кои се обиделе да го укинат Уставот, едните со цел распаѓање на земјата на помали републики, а другата за одржување на унитарниот карактер, но создавање на уште посилно претседателство. Фракцијата која го поддржувала уставот застанала зад потпретседателот Франциско де Паула Сантандер, а оние кои се залагале за создавање на посилно претседателство биле предводени од претседателот Симон Боливар. И двајцата се бореле во војната против шпанската власт, но од 1825 година, нивните разлики многу придонеле за политичката нестабилност на земјата.

Голема Колумбија се распаднала во 1831 година поради политичките разлики меѓу поддржувачите на федерализмот и централизмот, како и регионалните несогласувања меѓу народите што ја сочинуваа републиката. По распадот се создале државите Колумбија, Еквадор и Венецуела, а Панама се отцепила од Колумбија во 1903 година. Поради тоа што територијата на Голема Колумбија во голема мера се совпаѓала јурисдикцијата на поранешното Поткралство Нова Гранада, таа, исто така, полагала право на карипскиот брег од Никарагва, Брегот на Комарците, како и поголемиот дел од Есекиба.

Етимологија

уреди

Официјалното име на државата било Република Колумбија. Историчарите го користат терминот „Голема Колумбија“ за разграничување на оваа република од денешна Република Колумбија, која почнала да го користи ова име во 1863 година.[4]

Името „Колумбија“ доаѓа од шпанската верзија на неолатинскиот збор „Колумбија“ од осумнаесеттиот век, по името на Кристофер Колумбо. Тоа бил терминот што го претпочитал венецуелскиот револуционер Франциско де Миранда за сите територии од Новиот Свет, особено за сите американски територии и колонии под шпанска власт.

Симон Боливар и другите борци за независност го користеле терминот во конкретен, геополитички контекст, давајќи му јасна географска и политичка референца.

Историја

уреди
 
Мурал од Сантјаго Мартинес Делгадо кој го претставува Конгресот од Кукута

По неочекуваната победа на Боливар во Нова Гранада, на Конгресот во Ангостура (1819) била прогласена новата држава. Конгресот привремено предложил формирање на федерална република составена од три департмани на чело со потпретседател и со главни градови во Богота (Департман Кундинамарка), Каракас (Департман Венецуела ) и Кито (Департман Кито).[5] Во 1819 година, не сите поранешни вицекралства биле ослободени од колонијалната зависност.

Текстот на уставот на новата република бил предложен на Конгресот од Кукута (1821), и за главен град на републиката била прогласена Богота. Боливар и Сантандер биле избрани за претседател и потпретседател на земјата, соодветно. Уставот предвидувал високо ниво на централизација на власта на земјата, што било неопходно од гледна точка на координирање на воените активности за одбрана на новата држава од ројалистите, така што текстот на уставот бил поддржан дури и од многу цврсти федералисти. За да се разбијат регионалистичките тенденции и за да се воспостави ефикасна централна контрола врз локалната администрација, во 1824 година била спроведена нова територијална поделба. Венецуела, Кундинамарка и Кито биле поделени на помали административни единици.[6]

Во првите години од своето постоење, Голема Колумбија им помогнала и на другите провинции кои сè уште биле во војна со Шпанија да стекнат независност: по битката кај Карабобо цела Венецуела освен Пуерто Кабело била ослободена, Панама се приклучила кон федерацијата во ноември 1821 година, а провинциите Пасто, Гвајакил и Кито во 1822 година. Истата година Колумбија станала прва шпанска американска република признаена од САД.[7] Армијата на Голема Колумбија му помогнала на Перу да стекне независност во 1824 година.

Боливар и Сантандер биле реизбрани во 1826 година.

Федералисти и сепаратисти

уреди
 
Департманите на Голема Колумбија во 1820 г
 
Карта на Голема Колумбија која ги прикажува 12-те департмани создадени во 1824 година и спорните територии со соседните земји

По завршувањето на војната со Шпанија, кон средината на 1820-тите, повторно се појавиле федералистички и регионалистички чувства кои претходно биле потиснати поради војната. Се барало нова политичката поделба, а исто така се појавиле економски и трговски спорови меѓу регионите. Текстилната индустрија на Еквадор страдала поради увоз на евтин текстил. По независноста, Голема Колумбија усвоила политика на ниски тарифи, од што корист имале земјоделските региони како Венецуела. Освен тоа, од 1820 до 1825 година, Венецуела била директно управувана од Боливар. Негов главен приоритет била војната на Перу против ројалистите, а не решавањето на економските проблеми на Еквадор.

Во 1826 година, Венецуела за малку ќе се отцепела од Голема Колумбија. Конгресот започнал постапка за отповикување на Паез, кој поднел оставка од својата функција на 28 април, но повторно ја презел два дена подоцна, пркосејќи ѝ на централната влада. Цела Венецуела го поддржала Паез. Но, поддршката што ја добил Паез од целиот политички спектар на Венецуела претставувал сериозна закана за единството на земјата.

Во ноември, две делегации се состанале во Венецуела за да разговараат за иднината на регионот. Истиот месец избувнале престрелки меѓу приврзаниците на Паез и Боливар во источниот и јужниот дел од Венецуела. Кон крајот на годината, Боливар бил во Маракаибо подготвувајќи се воено да ја нападне Венецуела, доколку е потребно. На крај, бил направен политички компромис. Во јануари, Боливар на бунтовните Венецуелци им понудил општа амнестија и ветил дека ќе свика ново конститутивно собрание пред истекот на десетгодишниот период предвиден со Уставот на Кукута, а Паез се повлекол и го признал авторитетот на Боливар. Реформите, сепак, не ги задоволија целосно различните политички фракции во Голема Колумбија. Нестабилната структура на државата била очигледна.[8]

Во 1828 година, започнало да заседава новото конститутивно собрание, Конвенцијата од Окања. На отворањето, Боливар повторно предложил нов устав заснован на боливискиот, но овој предлог не бил прифатен. Конвенцијата се распаднала кога делегатите кои го поддржувале Боливар за да не потпишат федералистички устав ја напуштиле седницата. По ова, Боливар верувал дека со централизирање на неговите уставни овластувања може да ги спречи сепаратистите (Новогранадијанците на чело со Франциско де Паула Сантандер и Хосе Марија Обадо и Венецуелците од Хосе Антонио Паез) да ја урнат унијата. Во 1830 година, Боливар поднел оставка од претседателската функција бидејќи било очигледно дека земјата ќе се распадне. Внатрешните политички судири меѓу различните региони се интензивирале кога генералот Рафаел Урданета привремено ја презел власта во Богота, обидувајќи се да го искористи својот авторитет за навидум да го врати редот, но всушност се надевал дека ќе го убеди Боливар да прифати да се врати на претседателската функција и на чело на земјата. Федерацијата се распаднала на крајот од 1830 година, а формално била укината во 1831 година. Венецуела, Еквадор и Нова Гранада станале независни држави.

Последици

уреди

Распадот на Голема Колумбија го претставува неуспехот на визијата на Боливар. Република била заменета со републиките Венецуела, Еквадор и Нова Гранада. Поранешниот Департман Кундинамарка (основан во 1819 година со Конгресот во Ангостура) станал нова држава, Република Нова Гранада . Во 1858 година, Нова Гранада била заменета со Гранадинска конфедерација. Во 1863 година, Гранадинската конфедерација официјално го променила името во Соединети Колумбиски Држави, а во 1886 година го усвоила своето денешно име: Република Колумбија. Панама, која во 1821 година доброволно станала дел од Голема Колумбија, останала департман во Република Колумбија до 1903 година, кога како последица на Илјададневната војна (1899-1902) [9] под силен американски притисок станала независна држава. САД сакале територијални права во идната Зона на Панамскиот канал, кои Колумбија ги одбила.

Со исклучок на Панама (која, како што споменавме, се стекнала со независност седум децении подоцна), новосоздадените држави имале слични знамиња, кои потсетуваат на знамето на Голема Колумбија:

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Bethell, Leslie (1985). The Cambridge History of Latin America. Cambridge University Press. стр. 141. ISBN 978-0-521-23224-1. Посетено на September 6, 2011.
  2. „Los nombres de Colombia“. Alta Consejería Presidencial para el Bicentenario de la Independencia de Colombia. Архивирано од изворникот на September 18, 2016. Посетено на August 12, 2016.
  3. Germán A. de la Reza (2014). „El intento de integración de Santo Domingo a la Gran Colombia (1821-1822)“. Secuencia. Revista Secuencia (93): 65–82. Посетено на March 1, 2016.
  4. Bushnell, The Santander Regime, 12.
  5. Bushnell, The Santander Regime, 10–13.
  6. Bushnell, The Santander Regime, 14–21.
  7. Bowman, Charles H. Jr. (March 1969). „Manuel Torres in Philadelphia and the Recognition of Colombian Independence, 1821–1822“. Records of the American Catholic Historical Society of Philadelphia. 80 (1): 17–38. JSTOR 44210719.
  8. Bushnell, The Santander Regime, 325–335, 343–345.
  9. Arauz, Celestino A; Carlos Manuel Gasteazoro; Armando Muñoz Pinzón (1980). La Historia de Panamá en sus textos. Textos universitarios: Historia (Panamá). 1. Panama: Editorial Universitaria.

Библиографија

уреди
  • Bushnell, David (1970). The Santander Regime in Gran Colombia. Westport, CT: Greenwood Press. ISBN 0-8371-2981-8. OCLC 258393.
  • Gibson, William Marion (1948). The Constitutions of Colombia. Durham, NC: Duke University Press. OCLC 3118881.
  • Lynch, John (2006). Simón Bolívar: a Life. New Haven and London: Yale University Press. ISBN 0-300-11062-6.

Надворешни врски

уреди