Гарабет Тавитјан

(Пренасочено од Гарабет Тавитијан)

Гарабет Тавитјан (26 јуни 1953 во Скопје) — македонски тапанар со ерменско потекло и еден од основоположниците на Македонската модерна музика и промотор на неправилните ритми. Тој е член на групата Леб и сол.[1] Освен како тапанар во групата, тој на неколку албуми се појавува и како композитор и вокал. Една од тие песни е „Распукала Шар Планина“ како и „Дикијева Игра“ и „Хогар“. Претходно бил член на некои од првите музички групи, а подоцна е основач и на џез рок составот Парамециум во кој членуваат и неговите синови Диран и Гаро[2]. Се смета за најзначајниот Македонски тапанар.

Гарабет Тавитјан

Кариера

уреди

Со музичка дејност започнува да се занимава од 1965 година, и тоа како член на музичката група „Пламени“, после што следуваат групите „Безимени“, „Вихори“, „Република 1903”, „Брег“, „Тор“ како и со групата „Излез“ со која Гаро 1989 ја добива првата награда на меѓународниот фестивал во Опатија.

Од 1974 станува член на друштвото на естрадните уметници, а претходно е член и на тогашната концертна дирекција. Од 1976 Гаро станува член на музичката група - „Леб и сол“. Со групата Леб и сол, Гаро остварува илјадници концертни настапи низ просторите на бивша Југославија и Европа и настапува на најзначајните концертни сцени и фестивали. Тој заедно со оригиналната постава на Леб и сол ги снима првите 3 албуми а сними над 10 албуми од нивниот целокупен дискографски опус за кои ги добива наградите: Златна, сребрена и платинеста плоча од издавачката куќа РТБ ПГП. За работата со Леб и сол Гарабет ги добива награди во тогашна Југославија, како и во Македонија а и неколку  интернационални награди за најуспешно претставување на Македонската култура и за најдобар музичар и инструменталист како и за специјален придонес во музиката. Неколку пати е прогласуван и наградуван како најдобар тапанар во Југославија и Македонија од најрелевантните критичари, магазини, ТВ и пишани медиуми.

По ангажманот со Леб и сол, тој добива покана од легендарниот Југословенски состав Бијело дугме и ја свири турнејата од 40 стадионски концерти во Бугарија со Горан Бреговиќ и Жељко Бебек[3].

Во 1981 на покана на легендарната екс-југословенска ѕвезда Оливер Мандиќ тој го снима и неговиот албумот „Пробај ме“.

Во 1990 година Гарабет Тавитјан ја оформува својата фјужн музичка група „Парамециум“ преку која ги реализира своите интернационални музички активности во периодот од 1990 до 2006 година. Концепцијата на оваа формација е фокусирана врз разработка на Македонската традиционална музика преку врвен уметнички Џез рок израз со рафинирани виртуозни солистички делници. Со групата Парамециум, Гарабет остварува огромен број интернационални концертни настапи, реализира 4 албуми и добива повеќе награди меѓу кои и за најдобар и најквалитетен музички состав во Македонија и пошироко.

Творештвото на Гарабет Тавитјан е фокусирано на разработка на Македонските традиционални ритми и нивната употреба т.е. имплементација во модерните музички стилови преку употреба на голем инструментариум на удирачки инструменти како тапани, перкашн, буриња, звона, и голем број експериментални удирачки извори на звук кои Гарабет ги употребува во текот на својот богат опус. Гарабет има остварено и 4 солистички концертни проекти со ударни инструменти каде тој ја изведува целокупната музичка идеја во живо. Тој прв го реализира концептот - солистички концерт за тапани и удирачки инструменти во Македонија и во регионот. Како резултат на овие проекти следува учеството на фестивалот „Златна ружа“ кој се одржува во Монтре, Швајцарија на кој Гарабет со својот солистички концептуален проект за ударни инструменти наречен „Ѕвезди, ѕидини, ритми“ ја претставува Македонија во 1997 година.

Гарабет Тавитјан е автор и на повеќе значајни мултимедијални проекти од областа на филмот, театарот, балетот и документарниот филм во соработка со реномирани режисери и писатели меѓу кои се: Горан Стефановски (музика за претставата „Диво месо“, „Тумба дивина“ и музика за емисијата „Бушава азбука“), Дарко Марковиќ (музика за анимирани филмови), Љубиша Ристиќ (музика за игран филм „Шмекер“ во Југословенска продукција), Љубомир Бранѓолица (музика за балетот „Тоа е човек“), Живко Чинго (музика за претставата „Пасквелија“), Петар Хаџи Бошков, Драган Абјаниќ (музика за видео арт „Процесија“) и уште голем број други проекти за кои е добитник на награди и признанија.

Во својата долгогодишна кариера, Гарабет Тавитјан соработува и со други балкански артисти меѓу кои се Здравко Чолиќ, Раде Шербеџија, Дадо Топиќ, Јосипа Лисац, Парни ваљак, Група Смак, Ју група, Корнелије Ковач, Бошко Петровиќ, Марио Маврин, Борис Бизетиќ, Лутајуќа срца, Кочо Петровски, Драган Мијалковски, Виолета Томовска, Гоце Арнаудов, Танец, КУД Мирче Ацев и многу други.

Во 2005 Гарабет Тавитјан го обележува својот јубилеј „40 години активно творештво“ и интернационална музичка кариера со концерт и двојно музичко ЦД издание т.е. музичка компилација/ретроспектива од неговата работа со наслов „Најдоброто од Гаро и Парамециум“

Во 2008 Гарабет Тавитјан со браќата Диран и Гаро Тавитјан ги обединуваат Балканските вокални артисти: Јосипа Лисац, Оливер Драгоевиќ, Жељко Бебек, Горан Бреговиќ, Тереза Кесовија, Аки Рахимовски, Жељко Јоксимовиќ, Сергеј Четковиќ, Нина Бадриќ, Горан Каран, Јелена Томашевиќ, Борис Новковиќ, Александра Радовиќ, Есма Реџепова, Антонија Шола, Калиопи, Каролина, Лозано, Мики Јовановски и Ристо Самарџиев изведувајки Македонски традиционални песни во аранжман и продукција на браќата Тавитјан. Овој проект е насловен како „Македонското срце чука во 7/8“. Албумот е издаден во Македонија како и за Хрватската дискографска куќа Кроација рекордс како и за Српската куќа Сити рекордс. Во 2012 со овој проект Гарабет заедно со браќата Тавитјан и Балканските легенди го реализираат концертот во по повод денот на независноста на РМ во соработка со Министерството за култура во националната арена Филип 2-ри пред повеќе од 70.000 посетители[4].

Во 2017 година Гарабет ја добива државната награда „Св. Климент Охридски“ за највисоки постигнувања во областа на културата и уметноста[5]

Тој во 2020 го одбележал својот јубилеј 55 години кариера со целовечерен солистички  концерт и изложба на уметнички дела во Македонската филхармонија.

Во 2021 тој ја добива наградата за животно дело за посебен придонес во развојот на тапаните и културата на Балканот од регионалниот фестивал Дам Драм од Србија[6].

Дискографија

уреди

Самостојна дискографија

уреди
  • Гаро и Парамециум Live (МРТВ 1995)
  • Live (SJF Records 1995)
  • Гарабет Тавитијан (Gemini 2 1996)
  • А бре, Македонче (Matav 2001)
  • Парамециум Бест оф (Парамециум '05)
  • Македонското срце чука во 7/8 в.1 (Парамециум 2008, Сити рекордс 2009, Кроација рекордс 2010)
  • Македонското срце чука во 7/8 в.2 (Парамециум 2011)

Со Леб и сол

уреди
  • Леб и сол           (ПГП  Београд)
  • Леб и сол 2         (ПГП  Београд)
  • Ручни рад           (ПГП  Београд)
  • Бесконачно          (ПГП  Београд)
  • Звучни зид          (Југотон)
  • Као какао            (Југотон)
  • Путујемо             (Југотон)
  • Леб и сол антологија (Трето уво) 
  • Лајв антолоџи          (ВГ Музика)
  • Лајв ин Македонија    (Авалон)  
  • Ние четворицата(сингл) (ПГП Београд)
  • Дикијева игра(сингл)  (ПГП Београд)

Останати

уреди
  • Оливер Мандиќ „Пробај ме“ (ПГП)
  • Мики Петковски „Ко зна“ (ПГП)
  • Чедомир „Слобода“ (ГЕМА)
  • Армен и безимени (АНИСКОП)
  • Жељко Бебек „Антологија“ (Кроација)
  • Јосипа Лисац „Етно сурадње“ (Кроација рекордс)

Награди и заслуги

уреди

Наводи

уреди
  1. Ристовски,  Блаже (2009). Македонска  енциклопедија. Скопје: МАНУ. стр. 1462. ISBN 978-608-203-023-4. OCLC 499142958. no-break space character во |last= во положба 11 (help); no-break space character во |title= во положба 11 (help)
  2. „Garabet Tavitijan“. Архивирано од изворникот на 2021-02-18. Посетено на 2021-02-02.
  3. Бијело дугме[мртва врска]
  4. сценографија и 21 пејач арена Филип 2 прослава на независноста[мртва врска]
  5. добитниците на државната награда св.Климент Охридски[мртва врска]
  6. Тавитјан доби награда за животно дело во Србија[мртва врска]
  7. „Орден за заслуги за членовите на групата „Леб и сол". Нова Македонија. 26 јули 2023. Посетено на 27 јули 2023.

Надворешни врски

уреди