Галилео Галилеј
Галилео Галилеј (италијански: Galileo Galilei; 15 февруари 1564, Пиза — 8 јануари 1642, Арчетри) — тоскански астроном, филозоф и физичар.
Се смета дека го изумил првиот прост вид на телескопот, ги открил првиот и вториот закон за движењето и ги ширел Коперниковите погледи за поставеноста на Сончевиот Систем. Честопати се нарекува „татко на современата астрономија“, или „татко на науката“.
Поради своите откритија Галилеј доаѓа во судир со Инквизицијата, при што е принуден да се откаже од своите ставови.
Животопис
уредиКако момче, Галилеј сакал да замине во манастир, но татко му го уверил да студира медицина. Го посетувал Универзитетот во Пиза. Галилеј не се стекнал со титула на лекар туку, наместо тоа, сето време го минувал проучувајќи математика. Подоцна поучувал математика и станал професор по тој предмет на Универзитетот во Пиза.[1] Додека бил на универзитетот, Галилеј експериментирал со нишала, го проучувал паѓањето на предметите и и се посветил на астрономијата. Седејќи во катедралата, забележал голема бронзена светилка што се ниша на синџир поради провевот. Го измерил нишањето според својот пулс и се изненадил што секој замав трае исто, без оглед дали светилката се нишала неколку сантиметри или многу повеќе. Увидувајќи дека нишалото е правилен природен показател на времето, открил мал пулсиметар, а пред крајот на животот конструирал и часовник со нишало.[1] Во 1592г. Галилеј се преселил на север, во Падова, каде што почнал долгогодишна врска со Марина Гамба. Тие никогаш не се венчале, но имале три деца. нивните две ќерки биле испратени во манастир, а синот Винченцо бил себичен и често го доведувал во неволја својот татко.[1] Језуитите во Рим биле одушевени кога Галилеј им ги покажал месечините на Јупитер; топло го пречекале кардиналите, па дури и папата. но врз основа на овие месечини Галилеј почнал да застапува мислење дека Сонцето е во центарот на вселената, што во 1543 г. го тврдел и Коперник. Тоа значело дека Земјата со сигурност се врти околу Сонцето, што дирекно се судрило со Библијата. Инквизицијата во Рим го осудила Галилеј на доживотен затвор, иако казната подоцна била сменета во постојан домашен притвор во неговата вила во Арчетри. Умрел во 1642г., а папата Јован Павле II го помилувал во 1992г., полни 359 години по казната за ерес.[1]
Во јуни 2010 година, Музејот на историјата на науката во Фиренца, на една аукција, ги купил палецот и средниот прст на Галилеј. Прстите, заедно со еден заб и дел од пршлените, биле исечени кога трупот на Галилеј бил префрлен од еден во друг гроб, во 1737 година.[2]
Експериментите на Галилеј
уредиДодека живеел во Пиза, Галилеј извршил низа експерименти на движењето и инерцијата. Ја ставил под знак прашање претпоставката на Аристотел дека тешките предмети паѓаат побрзо од лесните, пропорционално на својата маса. Според преданието, Галилеј ја проверил теоријата фрлајќи топки со различна тежина низ накосена рамнина и утврдувајќи ја брзината на нивното паѓање. Според Галилеј, отпорот на телото кон менувањето на брзината – нивната инерција – бил важен концепт. затоа луѓето на површината на Земјата имаат впечаток дека не се поместуваат, иако Земјата се движи со огромна брзина, бидејќи нивната брзина се менува незабележливо. Значајниот придонес на Галилеј бил во тоа што тој сфатил дека здравиот разум не е секогаш доволно објаснување за разните појави- внимателно набљудување и експерименти се исто така потребни за да се дојде до вистината.[1] Во 30-тите години на 17 век, додека бил во домашен притвор поради поддржувањето на хелиоцентричната теорија на вселенските тела, Галилеј направил низа огледи, меѓу кои најпознат е оној со топките што ги тркалал низ два накосени дрвени жлеба. Тркалајќи ги топките по накосувањето, на Галилеј му било овозможено на разумна мера да го забави забрзувањето на предметите во падот. Мерејќи го времето за кое топката поминува одредена оддалеченост низ патеката, можел да го пресмета забрзувањето, а менувајќи го накосувањето, можел да го смени и забрзувањето. За проучување на намалувањето на брзината, тој ја стркалал топката низ една патека и и дозволил да се качи по патека спроти неа. Галилеј немал часовник, но смислил гнијален начин да го мери времето според сопствениот пулс или според количеството вода исфрлена од садот додека топката преминувала одредена оддалеченост. Галилеј сфатил дека во забавувањето на предметите клучно е дејството на триењето. Предметите немаат природна тенденција за забавување туку токму спротивното: предметот во движење ќе се движи со иста брзина доколку нешто не го забави, а обично таа сила е триењето. Всушност, Галилеј сфатил дека не постојат вистински разлики меѓу предметот што се движи со иста брзина и предметот што воопшто не се движи – на ниту еден не дејствуваат сили. силата е потребна да го забрза предметот, да го забави или да го придвижи. Ова е принцип на инерција – тенденција на предметот да не реагира на промената во движење, без оглед дали се движи или мирува. Галилеј исто така увидел дека е невозможно да се разликува предметот во постојано движење од тој што мирува без одредена точка; ова мислење претставува основа на теоријата за релативноста на Ајнштајн во почетокот на 20 век. Галилеј подоцна утврдил дека стапката на забрзување зависи од моќта на силата и тежината, т.е. масата на предметот чие движење се забрзува.[1] Концептот на инерцијата го решил проблемот со стрелата. Стрелата лета иако инерцијата е доминантна, но гравитацијата постојано ја влече надолу. Галилеј покажал дека спојот на инерцијата и гравитацијата значи дека патеката на проектилот, на пр. на стрелата низ воздухот, ќе биде крива линија позната како парабола. Влијанието на воздушниот отпор е да ја забави стрелата така што таа ќе падне. Идеите на Галилеј биле огромен чекор напред во разбирањето на силата на движењето, и претставувале темел за работата на Исак Њутн и неговите три закони за движењето. Првите два закони на Њутн се всушност преправено откритие на инерцијата на Галилеј и на сфаќањата дека забрзувањето зависи од релативната димензија на силите и на предметите, односно масата на предметите. Така откритијата на Галилеј се во основата на нашето знаење за буквално секое движење во вселената, од движењето на атомите до кружењето на галаксиите.[1]
Натамошни истражувања
уредиВо 1609г. Галилеј слушнал за стаклото што зголемува, што го открил холандскиот оптичар Ханс Липерсхеј. Иако никогаш не се запознале, Галилеј констуирал свој инструмент и потоа ја зголемил моќта на зголемувањето од 3 до 30 пати, изработувајќи го така првиот астрономски телескоп. Галилеј заработил малку пари или добил некакви ветувања кога ѝ го понудил телескопот на војската, а потоа го употребил инструментот за набљудување на небото. Прво забележал дека Месечината не е мазна и совршена сфера како што тврдел Аристотел, туку нерамна, релјефна површина со планини и со кратери. На 7 јануари 1610 г. Галилеј го набљудувал Јупитер. Видел обоени прстени на планетата, но и чудни светли точки, две од десна страна на планетата и една од левата. мислел дека тоа се оддалечени ѕвезди, но следната ноќ воочил дека сите три точки преминале на левата страна од Јупитер. Кога на 13 јануари видел уште една светла точка, сфатил дека тоа не се ѕвезди, туку четири мали месечини – месечини – што кружат околу планетата. Сите биле вчудовидени бидејќи знаеле дека Земјата е во центарот на вселената, но тие четири месечини кружеле околу Јупитер, а не околу Земјата. Месечините кои ги добиле имињата Ија, Европа, Ганимед и Калиста, денес во негова чест се викаат месечините на Галилеј.[1]
Временска одредница
уреди- 1564г. Галилео ди Винченцо Бонајути де Галилеј е роден во Пиза, Италија, како најстаро дете на музичарите Винченцо и Џулија Аманати.
- 1581г. Со татков благослов, се запишал на студии на медицина на Универзитетот во Пиза, каде што го пронашол пулсиметарот. Подоцна се свртува кон проучување на математиката.
- 1585г. Почнува да предава математика во Фиренца, а потоа во Сиена.
- 1589г. Станува професор по математика на Универзитетот во Пиза.
- 1590г. Го проучува движењето тркалајќи топки низ закосени рамнини и мерејќи ја нивната брзина и забрзување.
- 1592г. Преминува на Универзитетот во Падова како професор по математика; оваа работа била подобро платена отколку во Пиза. Подучува геометрија, астрономија и механика. Овој период го опишува како најсреќен во животот.
- 1600г. Од врската со Марина Гамба се раѓа неговата прва ќерка Вирџинија.
- 1601г. Се раѓа нивната втора ќерка Ливија. Двете ќерки заминуваат во манастир во 1614г, каде што остануваат до крајот на животот.
- 1606г. Раѓање на синот Винченцо.
- 1609г. Дознава за стаклото што зголемува што го направил Ханс Липерсхеј, а потоа прави свој телескоп, го усовршува и го продава на војската.
- 1610г. Ги набљудува Месечината и Јупитер и ги открива неговите четири месечини. Ги објавува резултатите во Ѕвезден гласник( Siderus nuncius).
- 1611г. Заминува во Рим за да им ги покаже месечините на Јупитер на језуитите и станува член на Accademia dei Lincei. На почесната вечера, грчкиот математичар го смислува името „телескоп“ за инструментот на Галилеј.
- 1614г. Неговите ставови за движењето на Земјата во вселената во чиј центар е Сонцето, отец Томазо Качини ги дочекува како опасни и еретички.
- 1623г. Ја објавува првата книга Истражувач.
- 1632г. Во Фиренца излегува неговата втора книга Дијалог. Добива повик да се појави пред инквизицијата во Рим.
- 1633г. На папското судење бил казнет за ерес, бил принуден да се одрече од своето учење, а потоа му одредуваат домашен притвор во неговата вила во Арчетри.
- 1638г. Го загубил видот. Предлага метод за мерење на брзината на светлината.
- 1641г. Конструира механизам што го движи часовникот со нишало. Неговата идеја ја презема Хајгенс 15 години подоцна.
- 1642г. Умира во Арчетри.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Општа наука (Енциклопедија за секое семејство и дом) – Младинска книга Скопје. Главен уредник Адам Харт-Дејвис.
- ↑ „Окото на Ајнштајн и средниот прст на Галилеј се чуваат како музејски експонати“, Дневник, година XIX, број 5874, петок, 25 септември 2015, стр. 22-23.