„Во потпалубата: Cloaca maxima, сапунска опера, книга 1“ (српски: У потпалубљу: Cloaca maxima, сапунска опера, књига 1) - роман на српскиот писател Владимир Арсенијевиќ, првобитно објавен од издавачката куќа „Рад“ во 1994 година.[1] За ова дело, авторот ја добил НИН-овата награда за роман на годината.

Содржина

уреди

Романот се состои од следниве делови:[2]

  • I Октомври 1991: Во октомври 1991 година, секое попладне, раскажувачот неуспешно се обидува да заспие. Неговата сопруга, Анѓела, е бремена и тој нестрпливо го очекува раѓањето на синот. Една сабота, кај нив доаѓа Лазар, братот на Анѓела, кој добил покана за мобилизација во [[армија]та. Истовремено, и самиот раскажувачот живее во постојан страв од можноста да биде мобилизиран и одведен на фронтот. Во тоа време, во тек е крвавата војна во Хрватска и почнуваат првите жртви меѓу неговите пријатели.[3]
  • II Ноември 1991: Во времето кога ја запознал, Анѓела била дилер на дрога, а нејзиното тогашно момче отслужувало затворска казна во Швајцарија. Меѓутоа, по свадбата, таа се откажала од дрогата, решена да забремени. По добивањето на повикот, Лазар одлучува да го прифати и заминува на фронтот, а тоа предизвикува остра кавга меѓу Анѓела и нејзините родители. Набрзо, тие дознаваат дека Лазар бил убиен. Утредента, раскажувачот го среќава својот пријател Дејан, кој бил ранет на фронтот поради што му била ампутирана едната рака. Од кратката средба, тој дознава дека Дејан се обидува да ја надмине траумата и да започне нормален живот. За време на кремирањето на Лазар, раскажувачот има кратка сексуална авантура со една девојка, роднина на жена му. По погребот, неговите родители, кои живеат во едно село на Фрушка Гора, остануваат во Белград при што татко му почнува редовно да го посетува, зближувајќи се со Анѓела.[4]
  • III Декември 1991: По смртта на Лазар настапува необичен мир во животот на Анѓела и нејзиниот сопруг, иако тој и понатаму се плаши од опасноста да биде мобилизиран. Неговиот пријател Дејан му предложува да тргуваат со детски маици, така што раскажувачот закажува деловни состаноци, со намера да му помогне на Дејан. По еден таков состанок, тој се враќа дома и патем го среќава Вања, некогашниот пејач во групата на Дејан, кој му кажува дека Дејан извршил самоубиство. Една недела подоцна, тој добива пакет со примероци од Дејановите маици, а Анѓела добива породилни контракции.[5]
  • Додаток: прилози: Во првиот прилог, авторот ги набројува пријателите кои умреле во текот на 1989-1991 година поради различни причини: од леукемија, од сида, од дрога или извршиле самоубиство. Исто така, во вториот прилог, авторот ги набројува пријателите кои се иселиле во странство во текот на 1990 и 1991 година при што повеќето од нив имале тежок живот.[6]
  • Хронологија (октомври-декември 1991): Во овој дел (додаден во подоцнежните изданија), авторот дава кус приказ на најважните настани што се случиле на подрачјето на поранешната СФРЈ и во светот, во трите последни месеци на 1991 година.[7]

Осврт кон делото

уреди

Во предговорот кон изданието на книгата од 2016 година, авторот го опишува настанувањето на романот: Бидејќи издавачката куќа „Рад“ немала доволно пари, печатарските трошоци ги финансирала мајката на сопругата на авторот. Романот претставува почеток на замислената тетралогија со наслов „Cloaca Maxima“, која настанала од истоимениот ракопис од 50 страници со кој во 1992 година Арсенијевиќ конкурирал на конкурсот на радио-станицата „Б92“. Основната идеја за романот потекнала од два паралелни процеси што се случувале во Белград кон крајот на 1980-тите: смртта на многу млади луѓе и иселувањето во странство.[8] Во текот на есента-зимата 1991 година, постепено напредувал ракописот кој сè уште бил безимен,[9] а Арсенијевиќ формално започнал да го пишува романот во една сабота, зимата 1992, дознавајќи за конкурсот на „Б92“, во налет на инспирација.[10]

Иако книгата се продавала само во една книжарница, таа за кратко време станала популарна и следната година била наградена со НИН-овата награда за роман на годината, како единствената дебитантска книга која ја добила оваа награда.[11] Веднаш по објавувањето, романот „Во потпалубата“ стекнал култен статус и голема популарност. Притоа, романот бил продаден во повеќе десетици илјади примероци и бил преведен на 20 јазици. Во рецензијата објавена во New York Times Book Review романот бил опишан како „многу личен, потресен роман“; според Times Literary Supplement, делото „без сомнение, е напишано од срце“; а Village Voice го опишал со кованицата Serbspotting.[12] Според зборовите на авторот, тој немал намера да напише автобиографско дело, туку сакал да создаде надреалистичка белградска приказна со едноставен, дисциплиниран, напреден и поодговорен стил.[13]

Наводи

уреди
  1. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 7.
  2. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016.
  3. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 43-79.
  4. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 81-125.
  5. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 127-163.
  6. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 165-174.
  7. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 175-188.
  8. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 16.
  9. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 37.
  10. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 40-41.
  11. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 7-8.
  12. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016.
  13. Vladimir Arsenijević, U potpalublju: Cloaca maxima, Sapunska opera, Knjiga 1. Beograd: Laguna, 2016, стр. 32-33.