Податотека:Audrey Hepburn's stamp.jpg

Одри Хепберн (4 мај 1929 - 20 јануари 1993) е англиска глумица со белгиско потекло, добитничка на оскар, изведувачка на Бродвеј, балерина, манекенка и хуманитарка.

Израсната во Арнем, Холандија за време на нацистичката окупација врз оваа земја во текот на Втора светска војна, напорно тренира балет пред сосема да се посвети на глумата. Најпрво е забележана како Жижи во истоимената театарска претстава на Бродвеј од 1951 година. Филмско деби има како Принцезата Ен во Празник во Рим од 1953 година, улога за која го добива својот единствен оскар. Таа е една од најпознатите глумици во Холивуд во текот на 1950-тите и 1960-тите, период во кој уште четири пати е номинирана за оскар. Меѓу номинациите особено се истакнува нејзината антологиска изведба на Холи Голајтли (Holly Golightly) во Појадок кај Тифани (1961). Во 1964 година, Хепберн ја игра Елајза Дулитл (Eliza Doolittle) во Мојата убава дама, адаптација на Шоовата драма Пигмалион.