Веркор (писател)
Веркор (француски: Vercors) (26 февруари 1902, Париз, Франција - 10 јуни 1991, Париз, Франција) бил француски писател.
Живот и дело
уредиВеркор, чие вистинско име е Жан Марсел Брилер (Jean Marcel Bruller), е роден во граѓанско семејство, во Париз. Татко му имал издавачка куќа. Почитувајќи ја желбата на татко му, Веркор завршил електротехника, но не станал инженер, туку им се посветил на цртањето и графиката. Во периодот меѓу двете светски војни тој објавил неколку албуми со цртежи и графики. Така, во 1926 година излегол неговиот прв албум, насловен како „21 рецепт за насилна смрт“, полн со лесен хумор и иронија. Неговото најважно дело е збирката со бакрорези, „Играта на смртникот“ (1932-1938) чија основна тема е очајот поради бесмисленоста на човековиот живот. Во 1935 година го објавил албумот „Пекол“, рамноправно со цртежите, Веркор започнал да става и обемен текст, со што ова дело се јавува како претходник на неговата писателска кариера.[1]
Во 1941 година, една група интелектуалци-антифашисти, собрани околу илегалното списание „Слободни мисли“, еден член на редакцијата, Пјер де Лескир се сетил на својот пријател Брилер, кој во тоа време ја напуштил уметноста и работел како дрводелец во едно село во покраината Шампањ. Новелата „Молкот на морето“ среќно го избегнало запленувањето од страна на Гестапо, кој во меѓувреме ја открил илегалната печатница на „Слободни мисли“ и така новелата излегла како прва книга на илегалните „Полноќни изданија“.[2]
По успехот на првата новела, набргу излегла и втората негова новела „Патот кон ѕвездата“, која претставувала потврда дека е роден голем писател. До крајот на војната, Веркор ја објавил и расказот „Сон“ во кој ги опишал ужасите на концентрационите логори. За овој расказ пофално се изразил познатиот критичар Рене Лалу. По војната, Веркор имал активен јавен живот и наговорен од соборците станал директор на „Полноќните изданија“, учествувал во Движењето за мир и бил избран за претседател на националниот комитет на писателите. Во првите години по војната имал незапаметен успех, а неговите малубројни дела повеќепати се објавувале.[2] Сепак, постепено неговата слава избледела, а меѓу 1946 и 1950 година тој доживеал одредена уметничка криза. Од овој период потекнуваат новелата „Очи и светлина“ и романот „Моќта на денот“ (претходно ја објавил новелата „Оружјето на ноќта“, а најдобро негово дело од овој период е есејот „Помалку или повеќе човек“. Сепак, Веркор ја пребродил кризата и во 1952 година излегло неговото ремек-дело, романот „Изопачени животни“.[3]
Критички осврт врз творештвото на Веркор
уредиСвојата етика, Веркор ја изложил во есејот „Човечката буна“ во која зборува дека моралот е во спротивност со природната еволуција, а човекот е бунтовник против природата и против правото на посилниот. Човекот ги брани слабите од посилните и тоа е основата на човечкото својство.[4]
Творештвото на Веркор е длабоко хуманистичко и во сите негови дела се поставува проблемот на човековата совест. Неговите дела од вториот период се уметнички посовршени и со нешто поинакви теми во споредба со расказите со воената тематика. Во 1961 година излегол последниот роман „Силва“, со фантастични елементи (претворање на една лисица во жена). Подоцна, некои критичари му ја оспорувале вредноста на неговото дело, а други го ставале во врвот на европската книжевност. Од една страна, делата на Веркор се преведени на над 20 јазици, но останува фактот дека постепено тој бил заборавен и за него се зборува како за комета која набрзина поминала низ книжевното небо и исто толку брзо и исчезнала.[5]
Наводи
уреди- ↑ Radivoje Konstantinović, „Pogovor“, во: Verkor, Ćutanje mora. Beograd: Rad, 1964, стр. 126-127.
- ↑ 2,0 2,1 Radivoje Konstantinović, „Pogovor“, во: Verkor, Ćutanje mora. Beograd: Rad, 1964, стр. 127.
- ↑ Radivoje Konstantinović, „Pogovor“, во: Verkor, Ćutanje mora. Beograd: Rad, 1964, стр. 128.
- ↑ Radivoje Konstantinović, „Pogovor“, во: Verkor, Ćutanje mora. Beograd: Rad, 1964, стр. 129.
- ↑ Radivoje Konstantinović, „Pogovor“, во: Verkor, Ćutanje mora. Beograd: Rad, 1964, стр. 130.