Велосипедска прошетка - Културното наследство низ Струмичкото Поле
Велосипедска прошетка - Културното наследство низ Струмичкото Поле е велосипедски спортско-рекреативен и културно-туристички настан кој се одржува на повеќе места низ Струмичкото Поле во југоисточниот дел на Македонија. Настанот за првпат се одржал во 2015 година, по урнекот на велосипедската прошетка по културното наследство на Прилепското Поле одржана во 2014 година.
За трката | |
---|---|
Датум | средина на септември |
Регион | Струмичко Поле |
Дисциплина | планински и друмски велосипедизам |
Вид | еднодневна велосипедска трка |
Организатор | Одржливи иницијативи од Скопје, ВК „Актив“ од Струмица |
Историја | |
Прво одржување | 2015 |
Одржувања | 1 (2015) |
Организација
уредиВо рамки на проектот за збогатување на туристичката понуда со посета на културно-историски и природни знаменитости низ различни региони на Македонија преку спортски настани и велосипедски тури, здружението „Одржливи иницијативи“ од Скопје во 2014 година започнало и успешно ја организирало првата велосипедска прошетка по културното наследство низ Прилепското Поле, по што во 2015 година во соработка со ВК „Актив“ од Струмица е организиран настанот „Велосипедска прошетка - Културното наследство низ Струмичкото Поле“ кој се одржал на 13 септември. Настанот бил организиран во партнерство со Општина Струмица, а со поддршка и од Општина Василево, како и со приватни претпријатија и компании од регионот како: „Агрофруктус“ - Струмица, „Грозд“ - Струмица, „Интермакс“ - Струмица, „Ресана“ - Струмица, „Стефано 97“ - Скопје, Велосипедски сервис „Сити Бајк“ – Струмица. Медиумска поддршка на настанот дале: МПМ, Нова Македонија, МКД.мк, то4ак, плагиј.ат[1].
Патеки
уредиНастанот содржи 2 патеки односно рути: „Рамна“ и „Висока“ кои минуваат низ повеќе села, двата познати манастири, долината на река Водоча со вештачкото езеро и повеќе културно-историски знаменитости.
- Рамна рута
Рамната посетува 7 села и е долга 21 км. Целата патека е по асфалт и има вкупно вертикално искачување од 225 м. Наменета е за лица кои сакаат лесно да поминат, без особено тешки делови, за почетници, за градски корисници на велосипедот, за фамилии, за деца, за сите кои не се брзаат никаде и сакаат да уживаат во полето и да научат нешто повеќе за него. На неа може да се дојде и со обичен градски велосипед. Целата ниска рута минува низ Струмичкото Поле, започнувајќи од плоштадот во Струмица се движи во правец на североисток до селото Баница каде се посетува археолошката знаменитост Струмин Гроб каде што се прави првата пауза за негова посета и запознавање. Оттаму, по работ на котлинското дно во подножјето на планината Еленица стигнува до селото Водоча и познатиот Манастир „Св. Леонтиј“ каде се спојува со високата тура и се прави втората пауза со водичи за разгледување на манастирот. Рутата продолжува до селото Вељуса и познатиот Манастир „Св. Богородица - Елеуса“ каде заедно со високата рута се прави третата пауза за посета и разгледување на манастирот. Возењето продолжува низ рамнината на Струмичкото Поле во Општина Василево каде се минува низ селата Ангелци, Градошорци, Василево и Добрејци каде преку стариот пат се влегува во паркот во Струмица каде што завршуваат двете рути.
- Висока рута
Високата рута посетува 7 села и едно езеро. Нејзината должина изнесува 35 км од кои 10 км се спуст и тоа 5 км по земја, има и 6 км стрмна угорнина по асфалт, и е со вкупно вертикално искачување од 627 м. Наменета е за поискусни велосипедисти, оние кои сакаат предизвик, угорнина и добар спуст по широк земјен пат. Секако, угорнината си ги носи своите благодети – поглед врз Струмичкото Поле од високо. Заради спустот по земјен пат, организаторите препорачуваат велосипед со амортизери и носење на заштитен шлем. Рутата започнува од плоштадот во Струмица и одејќи по главните булевари „Маршал Тито“ и „Балканска“ на јужниот крај на градот скршнува десно и започнува да се искачува по асфалтниот пат на падините на планината Еленица сѐ до комплексот „Цареви Кули“ каде се прави првата пауза. Оттаму преку селото Попчево продолжува до браната на вештачкото езеро „Водоча“ од каде по 5 километарски земјен off-road пат низ стрмната долина и клисура на истоимената река се спушта до селото Водоча и познатиот Манастир „Св. Леонтиј“ каде се спојува со ниската тура и се прави втората пауза со водичи за разгледување на манастирот. Излегувајќи во рамнината на Струмичкото Поле, возењето по рутата продолжува до селото Вељуса и познатиот Манастир „Св. Богородица - Елеуса“ каде заедно со рамната рута се прави третата пауза за посета и разгледување на манастирот. Возењето продолжува низ рамнината на Струмичкото Поле во Општина Василево каде во селото Ангелци се посетува комплексот од повеќе манастирски цркви каде се прави последната пауза од каде што преку селата Градошорци, Василево и Добрејци преку стариот пат се влегува во паркот во Струмица каде што завршуваат двете рути.
Програма и знаменитости
уредиВо рамки на програмата се предвидени посети на најпознатите културно-историски споменици во Струмичкото Поле, како што се илјадагодишните Водочки и Вељушки манастир, тврдината „Цареви кули“ над градот Струмица, познатиот „Струмин Гроб“ близу градот Струмица и селото Баница, за кои се организирани кустоси кои ги објаснат самите местата и нивното културно-историско значење. Програмата и организацијата на самиот настан вклучуваат и: осмислена, обележана и безбедна патека; лица – редари задолжени да го покажуваат патот; сервисери задолжени да ви помагаат ако имате проблем со велосипедот; обезбедени освежувања и окрепнувања долж патеката; лица обучени за прва помош присутни со вас на велосипеди; амбулантно возило кое ја следи групата; сервисно возило кое ја следи групата; ручек и изненадување за учесниците подготвено од покровителите на настанот.
Посетеност
уредиНа првото издание учествувале нешто повеќе од 200 велосипедисти, од кои околу 120 на рамната и 80 на високата тура. Настанот има бројни посетители ширум Македонија, а посета оствариле и гости од странство, меѓу кои и од фондацијата „Биодиверзитет“ кои дошле со велосипеди од соседна Бугарија, како и велосипедисти од Србија и Хрватска.
Галерија
уреди-
Велосипедистите на високата рута, на падините на Еленица над комплексот „Цареви Кули“
-
Велосипедистите над вештачкото езеро „Водоча“
-
Возење по земјен (off-road) пат низ стрмната долина и клисура на реката Водоча
-
Велосипедистите на браната на вештачкото езеро „Водоча“
Надворешни врски
уредиНаводи
уреди- ↑ „Културното наследство низ Струмичкото поле, велосипедска прошетка за целата фамилија“. МКД.мк. 5 август 2015. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 17 декември 2015.