Вели Мумин (Скопје, 22 март 1980) — македонски боксер. Тој е висок 156 см, а тежи околу 52 кг.

Животопис

уреди

Мумин е роден на 22 март 1980 во седумчлено ромско сиромашно семејство, во Скопје. Мумин бил оженет за Бугарката Маја Полиска, која во 2002 година ја освоила титулата „Мис фитнес на Бугарија“. Поради оддалеченоста и несогласувањето околу местото на живеење, нивната врска постепено се распаднала, а потоа се развеле. Својата втора сопруга Менка, Мумин ја запознал во салата на клубот „Скопје“, каде таа дошла да учи бокс, а тој ѝ бил учител. Тогаш, Менка студирала на Педагошкиот факултет, а тој ги завршувал постдипломските студии на Факултетот за безбедност. Набрзо, двајцата стапиле во брак во кој ги добиле момчињата Максимилијан (роден во 2013 година) и Кристофер (роден во 2014 година). Мумин со семејството живее во Скопје, во населбата Топаанско Поле, а работи како надзорен инспектор во Агенцијата за спорт и млади.[1]

Кариера

уреди

Уште како многу млад, Мумин решил да му се посвети на боксот. Неговиот талент, уште во пионерските денови во БК „Скопје“ прв го забележал неговиот тренер Руждија Калач. Во 2003 година, во Бангког, Тајланд, во категоријата до 51 кг, Мумин го освоил петтото место, а две години подоцна, во Мијанијанг, Кина, тој бил на 16 позиција. Најголем негов успех е бронзениот медал на Европското првенство од 2006, кое се одржало во Пловдив, Бугарија. Мумин учествувал уште на четири Европски првенства во сениорска конкуренција и притоа, двапати во Тампере, Финска и во Пула, Хрватска, успеал да стигне до петтото место во категоријата до 48 кг.[2]

Секоја година по ред, од 1994 до 2007, Мумин ја освојувал титулата првак на Македонија (вкупно, 22 титули), а во 1997 за првпат станал балкански шампион, по што освоил уште две балкански титули. Трипати го освоил „златниот гонг“ и двапати е прогласен за спортист на Македонија. Последниот турнир на којшто настапил било Светското првенство во Казахстан во 2013 година, каде имал една победа. Во својата кариера, тој има боксувано на преку 250 меча, од кои победил на преку 200. Мумин е добитник на орден за заслуги и афирмација на Македонија.[1][3]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Андријана Андова, „Децата ги крстивме по генерал Максимилијан и по Кристофер Колумбо“, Антена, број 864, 16 јануари 2015, стр. 6-7.
  2. „ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ - Вели Мумин“. Утрински Весник. 28 декември 2006. Посетено на 2009-11-07.
  3. „ПО МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА РОМИТЕ - 4 успешни ромски приказни; Вели Мумин: Достојно ги претставувам и Ромите и Македонија “. Време. 15 април 2007. Посетено на 2009-11-07.[мртва врска]