Бракот на Марија Браун
Бракот на Марија Браун (германски: Die Ehe von Maria Braun) — германски филм од 1979 година, во режија на Рајнер Вернер Фасбиндер. Главните улоги ги играат: Хана Шигула, Клаус Левич, Иван Десни, Готфрид Џон, Гизела Улен, Елизабет Трисенар и Џорџ Бирд. Филмот освоил 13 награди и признанија, меѓу кои и две награди на Берлинскиот филмски фестивал.[1]
Низ приказот на неостварената љубов меѓу Марија и Херман Браун, Фасбиндер го искажува својот песимистички поглед на непосредниот повоен период во Германија. Марија Браун често се смета за олицетворение на економското чудо, чија цена е потиснување на чувствата на сметка на богатството. Филмот бил едно од најуспешните меѓународни дела на Фасбиндер и ја оформува сликата на Новиот германски филм во странство; во исто време се зацврстува угледот на Шигула како идеална глумица на Фасбиндер. „Бракот на Марија Браун“ е увертира на т.н. BRD-трилогија на Фасбиндер, која продолжила со филмовите Лола (1981) и Копнежот на Вероника Фос (1982).
Дејствие
уредиДејствието на филмот започнува во 1943 година, кога за време на еден воздушен напад, Марија (ја игра Шигула) се мажи со војникот Херман Браун (го игра Левич) при што матичната служба е уништена од експлозија на бомба. Херман мора веднаш да се врати на фронтот, така што Марија останува сама. По завршувањето на војната, таа дознава дека Херман загинал и започнува врска со Бил, афроамерикански војник, кој се грижи за неа и ја снабдува со посакуваните производи, како што се хулахопки и цигари. Притоа, Марија останува бремена со Бил. Меѓутоа, еден ден, Херман неочекувано се враќа дома и ги затекнува Марија и Бил како се подготвуваат да водат љубов. Тогаш започнува тепачка меѓу Херман и Бил, а Марија го удира Бил со шише по главата при што го убива. Марија ја судат, но Херман ја презема вината врз себе и поради тоа е осуден на затворска казна. Марија абортира, а набргу го запознава индустријалецот Освалд (го игра Десни) и започнува љубовна врска со него. Истовремено, таа му помага во работата и набргу станува успешна деловна жена и се збогатува. Освалд го посетува Херман во затворот и му нуди да го прогласи за наследник во тестаментот, ако ја напушти Марија по излегувањето од затвор. И навистина, набргу Херман емигрира во Канада, но по смртта на Освалд, тој се враќа кај Марија. За време на читањето на тестаментот на Освалд, Марија дознава за договорот меѓу Освалд и Херман. Поради тоа настанува мала кавга меѓу Марија и Херман при што таа оди во кујната за да запали цигара, но тогаш се случува голема експлозија (претходно, таа заборава да го исклучи дотокот на гас на шпоретот) во која погинуваат Марија и Херман.
Литература
уредиСценарио
уреди- Peter Märthesheimer/Pea Fröhlich/Michael Töteberg (Hrsg.): Die Ehe der Maria Braun. Ein Drehbuch für Rainer Werner Fassbinder. Belleville Verlag, München 1997. ISBN 3-923646-58-5.