Ниланџана Судешна „Џумпа“ Лахири[1] (англиски: Nilanjana Sudeshna "Jhumpa" Lahiri, р. 11 јули 1967 година во Лондон, Англија, Обединето Кралство) е американска писателка која твори на англиски и италијански јазик. Таа е позната по своите раскази, романи и есеи.

Дебитирала со збирката раскази „Толкувачот на болести“ (1999) за која ги добила Пулицеровата наградата за книжевно дело[2] и ПЕН/Хемингвејовата награда. Најзиниот прв роман, „Истоименикот“ (2003), бил адаптиран во филм со истото име. Нејзината втора збирка раскази „Непривикнатата земја“ (2008) ја освоила меѓународната награда за расказ „Френк О'Конор“, а нејзиниот втор роман „Ниските земји“ (2013) бил финалист за Мен Букеровата награда и за Националната книжевна награда за фикција. Во овие дела, Лахири пишува за искуството на индиските доселеници во Америка. Во 2011 година, Лахири се преселила во Рим, Италија. Оттогаш објавила две збирки есеи. Во 2019 година таа го објавува својот прв роман на италијански јазик, „Dove mi trovo“ („Каде се наоѓам“). Во истата година таа собира, уредува и преведува раскази за нејзината антологија „Пенгвинова книга со италијански раскази“, која се состои од 40 раскази напишани од 40 различни италијански автори. Лахири ги има преведено и своите дела, како и тие на други писатели од италијански на англиски јазик.

Во 2014 година, Лахири беше наградена со Националниот хуманистички медал.[3] Таа е професор за творечко пишување на Принстонскиот универзитет.[4]

Наводи

уреди
  1. „USATODAY.com - For Pulitzer winner Lahiri, a novel approach“. usatoday30.usatoday.com. Посетено на 2020-07-25.
  2. „The 2000 Pulitzer Prize Winner in Fiction“. Pulitzer Prizes. Посетено на 2020-07-24.
  3. „Jhumpa Lahiri“. National Endowment for the Humanities (NEH) (англиски). Посетено на 2020-07-25.
  4. „Jhumpa Lahiri“. Lewis Center for the Arts (англиски). Посетено на 2020-07-25.