Џек Лондон
Џек Лондон (12 јануари 1876 — 22 ноември 1916) — американски писател кој е познат по своето дело Повикот на дивината, како и по други свои дела. Како пионер во тогашниот растечки свет на фикцијата како тема во комерцијалните списанија, тој бил еден од првите Американци кои направиле профитабилна кариера исклучиво од пишување.[1]
Џек Лондон | ||
Роден | 1897 Оукленд, САД | |
---|---|---|
Починал | 1916 (на 39–40 г.) Глен Елен, САД | |
Националност | Американец | |
Занимање | писател, |
Животопис
уредиЏек Лондон бил напуштен од татко му, Вилијам Хенри Чејни. Бил одгледан во Оукленд од страна на мајка му Флора Велман, која била учителка и духовник. Бидејќи Флора била болна, Џек во текот на првите години од својот живот бил одгледан од една поранешна робинка, Вирџинија Прентис, која останала да претставува значајна мајчинска фигура како што момчето растело. Кон крајот на 1876 година, Флора се омажила со Џон Лондон, делумно онеспособен воен ветеран од Американската граѓанска војна. Семејството се селело неколкупати пред да се населат во Оукленд, каде Џек го завршил основното училиште. И покрај тоа што семејството припаѓало на работничката класа, тоа не живеело во толку голема сиромаштија како што забележуваат подоцна сведочењата на Лондон.
Биографот Клерис Штац и други веруваат дека таткото на Џек Лондон бил астрологот Вилијам Чејни. Останува непознато дали Велман и Чејни биле законски во брак. Поголемиот број граѓански досиеја од Сан Франциско биле уништени во земјотресот од 1906 година (од истите причини, не се знае со сигурност кое име се јавува во Изводот на раѓање). Штац забележува дека Чејни во своите мемоари се осврнува на мајката на Џек Лондон, Флора Велман, како негова „сопруга“, и исто така наведува еден оглас во кој Флора се нарекла себеси „Флоренс Велман Чејни“.
Џек Лондон е роден во Сан Франциско. Неговата родна куќа изгорела во пожарот кој следел по земјотресот во 1906 година. Лондон во главно се образовал самиот, и тоа најчесто само преку читање книги во јавната библиотека. Во 1885 година, тој го пронашол и прочитал долгиот викторијански роман Сигна од Уида, во која се опишува животот на едно необразовано селанче кое стекнува слава како композитор на опери. Лондон го навел ова како посејување семе за неговите литературни аспирации.
Во 1889 година, Лондон почнал да работи 12 до 18 часови дневно во една фабрика за конзервирање храна. Барајќи начин на бегство од оваа исцрпувачка работа, тој позајмил пари од неговата маќеа, афроамериканката Вирџинија Прентис, купил брод од еден пират, и потоа тој самиот станал пират на школки. После неколку месеци, неговиот брод бил многу оштетен и не можел да се поправи. Затоа се свртел од страната на законот и станал член на Рибната патролна служба на Калифорнија. Во 1893 година заминал на пловење во Јапонија, па откако се вратил, станал скитник, заради што во 1894 година поминува 30 дена во поправен дом во Бафало.
После поголем број доживувања како скитник и како морнар, тој се вратил во Оукленд и го посетувал Средното училиште на Оукленд, каде дал придонес во создавањето на голем број статии за списанието на училиштето, Закрила. Неговото првообјавено дело било Тајфунот вон бреговите на Јапонија. Ова дело е сведочење за неговите морнарски доживувања и искуствa. Лондон очајно сакал да студира на Универзитетот на Калифорнија и, во 1896 година, откако поминал едно лето интензивно учејќи, и го сторил тоа; но финансиските околности го приморале да ги напушти студиите во 1897 година, па така никогаш не дипломирал. Кингман забележува дека „не постои запис кој би докажал дека Џек има воопшто пишувано нешто за студентските изданија таму“.
Додека живеел во својата изнајмена викендица на езерото Мерит во Оукленд, Лондон го сретнал поетот Џорџ Стерлинг и со време тие станале најдобри другари. Во 1902 година, Стерлинг му помогнал на Лондон да најде дом поблиску до неговиот во Пидмонт. Во своите писма, Лондон му се обраќал на Стерлинг со „Гркот“ поради неговиот орловски нос и класичен профил, и ги потпишувал овие писма со „Волкот“. Лондон подоцна го опишувал Стерлинг преку ликовите на Рас Брисенден во својот автобиографски роман Мартин Идн (1909) и на Марк Хол во Месечевата долина (1913).
Подоцна во животот, поради своите широки интереси, Џек Лондон си допуштил себеси лична библиотека со 15.000 изданија, нарекувајќи ги своите книги „алатките на мојот занает“.
На 25 јули 1897 година, Лондон и неговиот зет, Џејмс Шепард, отпловиле за да се придружат на трката по злато во Клондајк, каде подоцна ќе ги направи своите први успешни раскази. Времето поминато таму, меѓутоа, се покажало како прилично штетно по здравјето на Лондон. Како и многу други луѓе во оваа трка, така и тој се хранел неправилно и се здобил со скорбут. Неговите непца отекле, што на крај довело до губење на четири предни заби. Трпел постојана нагризувачка болка во стомакот и мускулите на нозете, а лицето му било накажано со лузни што засекогаш ќе го потсетува на битките со кои се соочил во Клондајк. За негова среќа, како и за среќа на останатите што страдале од различни болести, отец Вилијам Џаџ, „Светецот од Досон“, имал објект во Досон, којшто им овозможил засолниште, храна и секој лек што бил достапен во тоа време. Лондон ги преживеал тешките патешествија на Клондајк, и овие борби го инспирирале пишувањето на она што често се нарекува негов најдобар краток расказ, Палење на оган.
Сопственици на неговиот имот во Досон биле двајца рударски инженери образовани на Јеил и Стенфорд, Маршал и Луис Бонд. Нивниот татко, судијата Хајрам Бонд бил богат рударски инвеститор. Бондови, особено Хајрам, биле активни Републиканци. Во дневникот, Маршал Бонд наведува пријателски спаринг по однос на политички прашања за време на слободното време во кампот.
Џек го напуштил Оукланд со верба во работната етика со социјална свест и социјалистички наклоности, па се вратил како активен поддржувач на социјализмот. Тој исто така заклучил дека својата единствена надеж за бегство од работната замка била во стекнувањето образование и „продавањето на неговите мозоци“. Во текот на животот, тој гледал на пишувањето како кон бизнис, како негов билет за излез од сиромаштијата и, се надевал, како средство за победа над богатите во нивната сопствена игра.
На неговото враќање во Оукланд во 1898 година, Лондон почнал сериозни битки за да излезе во печат, а оваа битка знаменито ја опишал во својот роман Мартин Идн. Неговиот првообјавен расказ е финиот и често антологизиран Трагање по човекот. Кога Оверленд Mантли му понудил само 5 долари за него – а плаќањето било и многу бавно – Џек Лондон дошол на работ од напуштањето на својата писателска кариера. Употребувајќи ги неговите зборови, „јас бев буквално и книжевно спасен“ Блек кет го прифатила неговиот расказ Илјада умирања, и му исплатила 40 долари – „првите пари што било кога ги имам добиено за расказ“.
Џек Лондон имал среќа во погодувањето на времето на својата писателска кариера. Почнал да ја гради токму во времето кога новите печатарски технологии овозможиле производство на списанија по ниска цена. Ова резултирало со навала на популарни списанија за пошироката јавност, и силно развиен пазар за кратката фикција. Во 1900 година, Џек Лондон заработил 2.500 долари како писател, што е можеби еквивалент на денешни над 200.000 долари. На тој начин, неговата кариера успешно тргнала по нагорен пат.
Меѓу делата кои им ги продавал на списанијата бил еден краток расказ познат или како Батар или како Ѓаволски во две изданија на истиот основен расказ. Еден суров француски Канаѓанец го брутализира своето куче. Кучето, поради одмазда, го убива човекот. Лондон бил критикуван за опишување на кучето како олицетворение на злото. Но, тој на некои од своите критичари им рекол дека главната причина за однесувањето на животните е однесувањето на човекот, и дека ова ќе го докаже во некој друг свој краток расказ.
Овој краток расказ за Саботниот вечерен лист, Повикот на дивината, отишол подалеку по својата должина. Дејството на приказната започнува на имот во долината Санта Клара, каде учество зема едно мешано бернардинско-овчарско куче, наречено Бак. Всушност, почетната сцена е опис на фарма на семејството Бонд, а особините на Бак се преземени од оние на едно куче кое на Лондон му го позајмиле неговите газди во Досон. Лондон го посетил Маршал Бонд во Калифорнија, повторно налетувајќи на него за време на едно политичко предавање во Сан Франциско во 1901 година.[2]
Првиот брак (1900–1904)
уредиЏек Лондон се оженил со Бес Мадерн на 7 април 1900 година, истиот ден кога бил објавен Синот на волкот. Бес била дел од кругот на негови пријатели повеќе години. Штац вели: „И двајцата јавно признаа дека не стапуваат во брак од љубов, туку поради пријателство и верување дека ќе создадат снажно и отпорно потомство“. Кингман забележува: „двајцата се чувствуваа пријатно заедно ... Џек јасно и предочи на Беси дека не ја сака, но дека ја сака доволно за да создаде успешен брак“.
На 24 јули 1903 година, Џек Лондон и кажал на Беси дека ја напушта и се отселил; во текот на 1904 година Џек и Беси преговарале за условите под кои ќе се одвива разводот, па одлуката била потврдена на 11 ноември 1905 година.
Вториот брак
уредиОткако се развел од Мадерн во 1904 година, Лондон се оженил за Чармијан Китреџ во 1905 година. Биографот Рас Кингман ја нарекол Чармијан „партнер по душа на Џек, секогаш на негова страна, и совршен спој“. Времето што го поминале заедно вклучувало бројни патувања, вклучувајќи и крстосување во 1907 година со јахтата Снарк до Хаваи и потоа накај Австралија. Многу од расказите на Лондон се засновани за време на неговите посети на Хаваи, последниот пат 8 месеци почнувајќи во декември 1915 година.
Тие се обиделе да имаат деца. Меѓутоа, едно дете умрело за време на породувањето, а за време на друга бременост се случило Чармијан да пометне.[3]
Обвинувања за плагијаторство
уредиЏек Лондон бил обвинуван за плагијаторство повеќепати за време на неговата кариера. Тој бил ранлив, не само поради тоа што бил толку забележителен и успешен писател, но исто така и поради неговите методи на работа. Во едно писмо до Елвин Хофман напишал „изразот, знаете – со мене – е многу полесен од пронајдокот“. Тој купувал замки, т.е. сплетки за раскази и романи од младиот Синклер Луис. И ги употребувал случувањата од исечоците на весници како материјал на кој ги базирал своите раскази.
Егертон Р. Јанг тврдел дека Повикот на дивината бил преземен од неговата книга Моите кучиња во северните краишта. Одговорот на Џек Лондон се состоел во признавање дека го имал употребено како извор; тој дури тврди дека му пишал и писмо на Јанг со кое му се заблагодарува за тоа.
Најсериозниот инцидент ја вклучува Глава 7 од Железната пета, насловена како „Визијата на бискупот“. Ова поглавје било скоро идентично со ироничниот есеј што Френк Харис го објавил во 1901 година, насловен како „Бискупот на Лондон и јавната моралност“. Харис бил разбеснет и предложил тој да добие 1/60-ти дел од средствата стекнати на име авторски права од Железната пета, оспоруваниот материјал содржел отприлика толкав дел од целиот роман.
Политички гледишта
уредиЏек Лондон станал социјалист на возраст од 21 година. Уште пред тоа, тој поседувал оптимизам поради своето здравје и сила, тежок индивидуалец кој работел напорно и го гледал светот како нешто добро. Но, како што наведува во својот есеј, „Како станав социјалист“, неговите социјалистички погледи почнале да се создаваат откако му се отвориле очите пред припадниците на социјалното дно. Неговите оптимизам и индивидуализам избледеле и се заколнал никогаш повеќе да не работи понапорно од она што е потребно. Пишува дека неговиот индивидуализам бил истеран од него и тој повторно се родил како социјалист.
Лондон отпрво се придружил на Социјалистичката работничка партија во април 1896 година. Во 1901 година, ја напуштил Социјалистичката работничка партија и станал член на новата Социјалистичка партија на Америка. Во 1896 година, Сан Франциско Кроникл објавил сторија за 20-годишниот Лондон кој во паркот во Оукленд држел вечерни говори за социјализмот – активност за која бил уапсен во 1897 година. Тој неуспешно се кандидирал на изборите за градоначалник на Оукленд во 1901 година како високопрофилен социјалистички кандидат (освојувајќи 245 гласови) и во 1905 година (подобрувајќи се на 981 глас), потоа ја обиколил земјата во 1906 година држејќи предавања за социјализмот, и издал збирка есеи за социјализмот (Војната на класите, 1905; Револуција, и други есеи, 1910).[4]
Расистички погледи
уредиМногу од кратките раскази на Џек Лондон се познати по своите емпатични прикажувања на Мексиканците (Мексиканец), Азијците (Шинаго), и Хавајците (Лепрозниот Кулау). Но, за разлика од, на пример Марк Твен, Лондон не ги отуѓил своите гледишта од оние што биле правило во американското општество во тоа време, па и тој ја споделувал општата калифорниска грижа за азиската имиграција и „жолтата опасност“ (што всушност го употребил како наслов на еден есеј што го напишал во 1904 година). Од друга страна, неговата воена кореспонденција од Руско-јапонската војна, како и неговиот недовршен роман „Црешна“, покажуваат дека тој во голема мера се восхитувал на јапонските обичаи и способности.
Смртта на Џек Лондон
уредиСмртта на Џек Лондон е контроверзна. Многу постари извори ја опишуваат како самоубиство, а некои од нив сè уште го прават тоа. Сепак, по сè изгледа дека ова во најдобра смисла е гласина, или шпекулација заснована на случувања во неговите фиктивни текстови. Во неговата посмртница како причина за смртта се наведува уремија (азотемија), уште позната како уремично труење. Умрел на 22 ноември 1916 година, на верандата од една куќарка на неговиот ранч. Познато е дека трпел големи болки поради што земал морфин, па можно е предозирање со морфин, намерно или случајно, придонело за неговата смрт. Клерис Штац, во многу мала биографија, пишува: „После смртта на Лондон, од бројни причини се разви биографски мит во кој тој беше прикажан како алкохоличен женкар кој извршил самоубиство. Скорешна академска работа заснована на документи од прва рака ја оспорува оваа карикатура“.
Биографот Рас Кингман заклучува дека Лондон умрел „од удар или срцев напад“. Сведоштво за ова е едно писмо кое тој го напишал.
Пепелта на Џек Лондон е закопана заедно со онаа на неговата втора сопруга Чармијан (која умрела во 1955 година), во Државниот историски парк Џек Лондон, во Глен Елен, Калифорнија. Едноставниот гроб е означен само со мовест белутрак.
Делото на Џек Лондон
уредиДелото на Џек Лондон опфаќа неколку видови на книжевни дела, меѓу кои: кратките раскази, романи, нефиктивни и автобиографски мемоари, потоа апокрифни списи, драми и др.
Кратки раскази
уредиЗападниот писател и историчар Дејл Л. Вокер пишува: „Вистински силната страна на Лондон беа кратките раскази ... вистинскиот гениј на Лондон лежи во кратката форма, до 7.500 или помалку зборови, каде протокот на слики во неговиот обилен ум и внатрешната моќ на неговиот раскажувачки талент наеднаш се стегаат и ослободуваат. Неговите раскази коишто го надминуваат волшебниот лимит од 7.500 зборови во главно – но сигурно не секогаш – можеа да извлечат корист од самоуредувањето“.
„Силата на изразување“ на Лондон е на својата висина во неговите раскази, и тие се внимателно добро сочинети. (За разлика од тоа, многу од неговите романи, вклучувајќи го и Повикот на дивината, се слабо изградени, епизодични, и наликуваат на поврзани низи од кратки раскази.)
Палење на оган е најпознатиот од сите негови раскази. Раскажува приказна за еден новопристигнати на Клондајк кој тврдоглаво ги игнорира предупредувањата за лудоста на патувањето без придружба. Тој паѓа низ мразот во еден поток на исклучително студено време, и неговото преживување зависи од способноста да запали оган за да ги исуши мокрите алишта, нешто што тој не успева да го направи. Прочуената верзија на овој расказ била објавена во 1908 година. Џек Лондон објавил претходна и коренито различна верзија во 1902 година, и споредбата на овие две верзии ни овозможува драматичен приказ за порастот на неговата книжевна способност.
Најпознати кратки раскази од Џек Лондон се:
- Парче месо (1909)
- Батар (1904)
- Лицето на месечината (1902)
- Приказна за човекот леопард (1903)
- Палење на оган (1902, објавен во 25 март 1908)
Романи
уредиНајпознати романи од Џек Лондон се:
- Ќерката на снеговите (1902)
- Повикот на дивината (1903)
- Морскиот волк (1904)
- Бела канџа (1906)
- Железната пета (1908)
- Мартин Идн (1908)
- Син на сонцето (1912)
Критичарот Максвел Гајсмар го нарекол Повикот на дивината „прекрасна прозна поема“, уредникот Френклин Вокер изјавил дека тој „припаѓа на иста полица со Валден и „Хаклбери Фин“, а романописецот Е.Л. Доктороу го нарекол „зајадлива алегорија ... негово ремек дело“.
И покрај тоа, како што Дејл Л. Вокер искоментирал: „Џек Лондон бил непријатен романописец, бидејќи тоа е предолга форма за неговата природна нестрпливост и за брзината на неговиот ум. Неговите романи, дури и најдобрите од нив, се со големи недостатоци. Често се забележува дека неговите романи се епизодични и наликуваат на поврзана низа од кратки раскази.“
Нефиктивни и автобиографски мемоари
уредиЏек Лондон бил овластен да ја напише Луѓето од бездната (1903), истрага за бедните услови во кои живееле сиромашните во главниот град на Британската Империја. Во ова дело, Лондон не пишувал поволно за Лондон.[5]
Надворешни врски
уреди- Џек Лондон, „Железната петица“ (македонски)
Наводи
уреди