Разговори со Гете
„Разговори со Гете во последните години од неговиот живот“ (германски: Gespräche mit Goethe in den letzten Jahren seines Lebens) — книга на германскиот писател Јохан Петер Екерман во која се опишани погледите и ставовите на Гете во последните девет години од неговиот живот, односно во периодот кога Екерман му служел на Гете како личен секретар. Првото издание на книгата е објавено во 1836 година (во два тома), а во 1848 година се појавило и проширеното издание кое содржело уште еден том.
Содржина
уредиВо предговорот, напишан на 31 октомври 1835 година во Вајмар, Екерман го објаснува настанувањето на книгата. Притоа, тој нагласува дека таа настанала како последица на неговиот стремеж да го зпаише сето она важно што го доживеал, како и желбата да ги запише зборовите на Гете кои му служеле како поука во животот. Потоа, тој објаснува дека често минувале месеци во кои не успевал да напише ниту еден ред (поради зафатеност, болести итн.), а потоа доаѓале периоди на интензивна работа. На тој начин можат да се објаснат временските празнини во книгата. Според него, оваа книга треба да овозможи светот да ја заокружи својата слика за големиот Гете, иако тој забележува дека книгата не дава целосна претстава за Гете, туку само за Гете онака како што го доживеал тој. Во продолжение, Екерман укажува дека во книгата можат да се сретнат различни, па дури и противречни ставови кои Гете ги искажал во одделни поводи, но читателот треба да ја има предвид целината на Гетеовата личност. Најпосле, тој објаснува дека бројните детаљи од животот на Гете не треба да се сфатат како безначајни факти, туку треба да придонесат за разбирање на целокупната личност на Гете.[1]
Во воведот Екерман дава информации за својот живот, односно ја дава својата кратка автобиографија, а исто така го опишува начинот на запознавањето со Гете.[2]
Книгата е голема по обем и содржи над илјада страници во кои Екерман ги изложува сфаќањата на Гете во повеќе подрачја: книжевноста, сликарството, драмската уметност, политиката и актуелните настани, физичката природа на боите, личностите од опкружувањето на Гете и од дворецот во Вајмар.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Ekermanov predgovor“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 85-88.
- ↑ „Uvod“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 89-108.
- ↑ E. K., „Pogovor“, во: J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 116-117.