Ѓорѓи Ивановски (роден на 29 јуни 1945 година во Скопје) — македонски физичар, редовен професор на Природно-математичкиот факултет.[1]

Ѓорѓи Ивановски
Роден 29 јуни 1945
Скопје, Југославија
Националност Македонец
Занимање физичар

Животопис

уреди

Ѓорѓи Ивановски е роден на 29 јуни 1945 година во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје и во Битола и ги завршил со одличен успех. Високото образо­вание го оформил на Физичкиот фа­кул­тет при Харковскиот државен универзитет (Украина), на Катедрата по термодина­мика и статистичка физика во периодот од 1964 до 1969 година. За континуираниот одличен успех добил црвена диплома. На Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје се вработил во 1969 година како асистент. Во периодот од 1970 до 1973 година престојувал, како аспирант, на Физичкиот факултет при Московскиот државен универзитет (МГУ), на Катедра­та за тео­риска физика. Одбранувајќи ја својата кандидатска дисер­тација под наслов ”Кон теоријата на електро­акустичките појави во металите” во 1973 година, тој се здобил со научното звање кандидат по физико-математички науки. Својата докторска дисертација со наслов “За појави условени со електрон-фононско заемодејство во нор­мал­ни метали” ја одбранил во 1976 година на тогашниот Факултет за физика во Скопје.

Во 1977 година бил избран во настаничкото звање доцент, во 1982 година во звањето вонреден професор, а во 1987 година во звањето редовен професор. Во последново наставничко звање бил преизбран во 1994 и во 1999 година. Во повеќе наврати бил на студиски престои на универзитетите во Москва (1984), Воронеж (1983 и 1986), Софија (1990) и Лондон (1991). Како наставник ги предавал предметите: математички методи во физиката, квантна механика за студентите физичари, квантна механика за математичари (теориска насока), општа физика за хемичари, статистичка физика, механика и молекуларна физика. По основањето на Техничкиот факултет во Битола, две години предавал техничка физика, а една година предавал и општа физика на студиите за заштита при работа. Постојан наставник е и на постдипломските студии по теориска физика, во рамките на кои редовно се одржуваат семинари. Бил и наставник на постдипломските студии на Хемискиот факултет. Бил ментор на многу голем број дипломци, како и на неколку магистранди и докторанди.

Ѓорѓи Ивановски е и автор или соавтор на шест универзитетски учебници:

  • Техничка физика (1978) во соавторство со З. Стојанов и В. Урумов;
  • Математичка анализа со некои примени (1982), во соавторство на П. Лазов;
  • Квантна механика - нерелативистичка теорија на една честичка (1990);
  • Квантна механика - системи од многу честички (2000), кој е прв учебник на македонски јазик од оваа област;
  • Статистичка физика (2002), исто така, прв учебник на Универзитетот за оваа област на физиката;
  • Механика и молекуларна физика (2006);

Резултатите од неговата научна работа од областа на теориската физика на цврсти тела и квантната механика се презентирани во над стотина трудови. Извесен број трудови публикувал и во домашните списанија. Со соопштенија (како автор или соавтор) учествувал на повеќе меѓународни и домашни конференции и симпозиуми. Бил раководител на повеќе научноистражувачки проекти, некои и од меѓународен карактер. Бил раководител и на двогодишен проект што го финансирала Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена. Значајни активности остварувал на полето на популаризацијата на науката меѓу младите како претседател и учесник на Школата млади физичари и како главен уредник на списанието Импулс, каде што објавувал и свои написи. Бил претседател на Извршниот одбор на гранковата интересна заедница за наука, пот­претседател на нејзиното собрание, член на Комисија за научни проекти; член на Универзи­тетскиот совет и на негови комисии, член на различни комисии и тела на ПМФ. Во периодот од 1991 до 1995 г. (два мандата) бил декан на Природно-математичкиот факултет. Има објавено триесетина колумни во печатените медиуми, во кои, во основа, се засегнати прашања од образованието во Република Македонија.

Наводи

уреди
  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Ивановски“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 587–588. Text "series " ignored (help)