Влада на Македонија

(Пренасочено од Vlada na Republika Makedonija)

Влада на Македонија (службено: Влада на Република Северна Македонија) — носител на извршната власт во Македонија и е составена од претседател на владата и министри. Владата ја избира Собранието на Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Влада на Македонија
Влада на Република Северна Македонија

Лого на Владата на Македонија

Палатата на управата
Преглед
Воспоставена20 март 1991; пред 33 години (1991-03-20)
ДржаваМакедонија Македонија
ВодачПремиер
ИменуваСобрание
Сегашен кабинетМицкоски
Министерства20
Одговара предСобрание
Годишен буџет5,244,744 денари
Седиштебул. „Илинден“ бр. 2
Мрежно местоvlada.mk

Првата Влада на Македонија е формирана на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, во текот на Втората светска војна. Заклучно со мај 2017, во Република Македонија се смениле вкупно 25 влади и 16 претседатели. Во периодот од 1945 до 1991 година на чело на македонските влади, кои во еден период се нарекувале Извршен совет, застанале осум претседатели, додека од 1991 до 2017 година осум премиери формирале влади.

Организациска структура и ингеренции

уреди

Надлежности

уреди

Според Уставот на Република Македонија од 1991 година, надлежности на македонската влада се:

  • да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување;
  • да предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието;
  • да предлага просторен план на Републиката;
  • да предлага одлука за резервите на Републиката и се грижи за нивно извршување;
  • да донесува уредби и други прописи за извршување на законите;
  • да утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа;
  • да дава мислење за предлозите на закони и други прописи кои на Собранието му ги поднесуваат други овластени предлагачи;
  • да одлучува за признавање на држави и влади;
  • да воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави;
  • да донесува одлуки за отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство;
  • да предлага именување амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство и именува шефови на конзуларни претставништва;
  • да предлага јавен обвинител;
  • да врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон;
  • да врши други работи утврдени со Уставот и со закон.

Владата и секој нејзин член одговараат пред Собранието за својата работа. Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.

Начин на избор

уреди

По одржувањето на општи парламентарни избори, Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на новоизбраното Собрание, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Потоа, мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Откако тоа ќе го направи, Собранието ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.[1]

Објект на владата

уреди
 
Палата на управата (во 2011) - објектот во кој е сместена Македонската Влада

Владата е сместена во Палатата на управата на булеварот „Илинден“ во центарот на Скопје.

Сегашен состав

уреди

Историја

уреди
 
Методија Андонов - Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ.

Првиот орган на извршната власт во Република Македонија бил Президиумот на АСНОМ, кој е раководен орган на АСНОМ со извршни и законодавни ингеренции. Избран е на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, а делувал до Третото заседание на АСНОМ од април 1945 година, кога се реконституира како Президиум на Народното Собрание на Македонија. Своите законодавни ингеренции ги извршува во периодите помеѓу пленарните заседанија на АСНОМ, а извршните ингеренции - самостојно. Прв претседател на Президиумот на АСНОМ бил Методија Андонов - Ченто.

 
Првата Влада на НРМ на чело со Лазар Колишевски.

Првата Влада на НРМ е формирана на 16 април 1945 година со одлука на Трето заседание на АСНОМ. Нејзин прв претседател бил Лазар Колишевски. Како приоритетни цели во програмата на првата Влада биле поставени: подобрување на здравствената заштита, борба против неписменоста, озаконување на македонската азбука и правописот на македонскиот литературен јазик, развој на училиштата и формирање универзитет, развој на народно судство, борба против бирократијата и демократизација на органите на народната власт со спроведување слободни и тајни избори.[2]

Во периодот од 1944 до денес (2009), во Република Македонија се смениле вкупно 24 влади и 13 претседатели. Во периодот од 1945 до 1991 година на чело на македонските влади, кои во еден период се нарекувале Извршен совет, застанале осум претседатели, додека од 1991 до 2005 година пет премиери формирале влади. Колишевски бил најдолго на претседателската функција, во четири влади, со мандат од по две години, од 1945 до 1953 година. Трипати претседател на влада бил Ксенте Богоев, во периодот од 1968 до 1971 година, Љупчо Арсов, Никола Минчев и Благој Попов биле на чело на македонските влади по двапати. Арсов имал мандат од 1953 до 1958, Минчев од 1965 до 1967, а Попов од 1974 до 1978 година. По еднаш на премиерската функција биле Александар Грличков од 1963 до 1965 година, Драгољуб Ставрев од 1982 до 1986 и Глигорие Гоговски од 1986 до 1991 година.[3]

Гоговски бил последниот премиер на Извршниот совет на СРМ, и со него завршила ерата на социјалистичкото општество во Македонија и се отвори новиот плурален повеќепартиски систем на општествено уредување на независна и суверена Република Македонија. Првите парламентарни повеќепартиски избори се одржале на 11 ноември 1990 година, после што е избрана првата Влада на самостојна Република Македонија на чело со Никола Кљусев. По осамостојувањето во 1991, Бранко Црвенковски трипати формирал влада – 1992, 1994 и 2002, Никола Груевски четири – 2006, 2008, 2011 и 2014, а Никола Кљусев (1991), Љубчо Георгиевски (1998), Хари Костов (2004), Владо Бучковски (2004), Емил Димитриев (2016) и Зоран Заев (2017) по еднаш.

Хронологија на претседателите на Владата на РМ

уреди
Име Функција Период Партија
Методија Андонов Ченто Претседател на Президиумот на АСНОМ 1944 – 1945 КПМ
Лазар Колишевски Претседател на Извршниот совет на НРМ 1945 – 1953 КПМ
Љупчо Арсов Претседател на Извршниот совет на НРМ 1953 – 1960 СКМ
Александар Грличков Претседател на Извршниот совет на НРМ 1963 – 1965 СКМ
Никола Минчев Претседател на Извршниот совет на НРМ 1965 – 1967 СКМ
Ксенте Богоев Претседател на Извршниот совет на СРМ 1968 – 1971 СКМ
Благоја Попов Претседател на Извршниот совет на СРМ 1974 – 1978 СКМ
Драгољуб Ставрев Претседател на Извршниот совет на СРМ 1982 – 1986 СКМ
Глигорие Гоговски Претседател на Извршниот совет на СРМ 1986 – 1991 СКМ
Никола Кљусев Претседател на Владата на РМ 1991 – 1992 експертска влада
Бранко Црвенковски Претседател на Владата на РМ 1992 – 1998 СДСМ
Љубчо Георгиевски Претседател на Владата на РМ 1998 – 2002 ВМРО-ДПМНЕ
Бранко Црвенковски Претседател на Владата на РМ 2002 – 2004 СДСМ
Хари Костов Претседател на Владата на РМ 2004 СДСМ
Владо Бучковски Претседател на Владата на РМ 2004 – 2006 СДСМ
Никола Груевски Претседател на Владата на РМ 2006 – 2016 ВМРО-ДПМНЕ
Емил Димитриев Претседател на Владата на РМ 2016 – 2017 техничка влада
Зоран Заев Претседател на Владата на РМ 2017 – 2020 СДСМ
Оливер Спасовски Претседател на Владата на РСМ 2020 техничка влада
Зоран Заев Претседател на Владата на РСМ 2020 – 2022 СДСМ
Димитар Ковачевски Претседател на Владата на РСМ 2022 – 2024 СДСМ
Талат Џафери Претседател на Владата на РСМ 2024 техничка влада
Христијан Мицкоски Претседател на Владата на РСМ 2024 – ВМРО-ДПМНЕ

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Уставни одредби за избор на пратеници и избор на Влада“. akademik.mk. Посетено на 26 јануари 2021.
  2. „Методија Андонов Ченто - Собрание на Македонија“. sobranie.mk. Посетено на 26 јануари 2021.
  3. Утрински Весник, 16.10.2006.: Со првата Влада почна македонската државност[мртва врска]

Надворешни врски

уреди