Треви

(Пренасочено од Gramineae)
Poaceae
(вистински треви)
Период: Доцна Креда - денес
Цветната глава на Alopecurus pratensis со прашници
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Скриеносеменици
Класа: Монокотиледони
Ред: Тревовидни
Семејство: Треви
(Р.Бр.) Барнхарт
Потсемејства

Постојат 7 потсемејства:
Arundinoideae
Bambusoideae
Centothecoideae
Chloridoideae
Panicoideae
Pooideae
Stipoideae

Тревите (научPoaceae) се фамилија на монокотиледонски растенија опфатени со научното име Poaceae или поранешното Gramineae. Ова е голема група на скриеносемени растенија кои се многу важни од економски и еколошки аспект. Фамилијата брои околу 635 родови и 9.000 видови, правејќи ја четвртата најголема фамилија на растенија, по Fabaceae, Orchidaceae и Asteraceae.

Сите житарици припаѓаат на оваа фамилија. Најпознати култивирани растенија се оризот, пченицата, пченката и јачменот. Од шеќерната трска се добива најголемиот дел од светското производство на шеќер, додека од бамбусот се добиваат важни градежни материјали, а се користи и за производство на хартија и храна. Тревите се примарниот извор на храна за човекот, домашните и дивите животни.

Тревите се најшироко распространетите цветни растенија, кои можат да се сретнат од Арктикот, преку умерените и тропските региони, па до Антарктикот. При тоа, тревите се единствените цветни растенија што растат на Антарктикот. Овие растенија се најчести во отворените станишта, како што се прериите, тундрите, степите и саваните, но ги има и во шумите (особено во тропските области). Одделни видови се водни растенија, а некои се среќаваат и во пустините.

Морфолошки особености

уреди

Тревите варираат во големината од тропските џиновски бамбуси (високи и повеќе од 100 m), до едногодишните ливадски треви високи само неколку сантиметри. Некои претставници немаат сабјести листови, но доколку постојат, тие можат да достигнат должина од 5 m.

Тревите се многу униформни по својата основна вегетативна структура, така што претставниците делат повеќе особености. Корењата се најчесто фиброзни, а постојат и дополнителни (адвентивни) корења, што може јасно да се забележи кај пченката. Стеблата се најчесто тревести (ливадски треви) или шупливи (бамбус), но постојат и исклучоци, како што се исполнетите со паренхим стебла на пченката или дрвенестите стебла на некои бамбуси.

Листовите се развиваат од нодиумите (членчињата) на стеблото и се поредени во два реда. Се состојат од долга и тесна ламина (лиска), како и од листен ракавец кој го обвива стебленцето. Лисниот ракавец дава потпора на регионот над нодиумот, бидејќи тој е изграден од меко ткиво наречено творно ткиво (меристем), чии клетки се делат и така растението расте во височина (за разлика од повеќето други растенија кои се елонгираат при врвот на стеблата и листовите). Значи, иако се пресече врвот на листот од тревата, тој повторно ќе биде во можност да расте, што е мошне значајно при косењето на тревата. Друга значајна особина на тревите е присуството на јазиче (ligula), што претставува кратка влакнеста или мембранозна проекција на точката каде лисниот ракавец се спојува со лисната ламина. Функцијата на лигулата сѐ уште не е позната, но се верува дека таа спречува навлегување на влага во регионот помеѓу лиската и стеблото.

Цветови

уреди
 
Шема на градба на класчињата кај тревите: 1. Глуми; 2: Лема; 3: Врвен дел на листот; 4: Палеа; 5: Лодикули; 6: Андрецеум (прашници); 7: Гинецеум (плодник).

Цветовите на тревите се неугледни и/или незабележливи, но тие најчесто се групираат во големи соцветија. На пример, кочанот кај пченката е всушност женското соцветие, додека метличката е машкото соцветие (пченката е еднодомно растение). Повеќето треви се опрашуваат со помош на ветрот (анемофилно), така што нивните цветови се силно редуцирани и многу прости и со невпечатливи бои (за разлика од растенијата кои се опрашуваат со помош на инсекти, кои се впечатливо обоени за да го привлечат самиот инсект).

Секој поединечен цвет на тревите е со мала големина и кај него отсуствува околуцветник или перигон (чашкини и венечни ливчиња). Наместо тоа, тој поседува две ситни лушпи наречени lodiculi кои се наоѓаат во неговата основа. Над лодикулите се развиваат по 3 прашника (или 6 кај оризот). Единствениот плодник е натцветен и со две пердувести устенца. Тој созрева во одделен, едносеменски плод наречен кариопсис (caryopsis), кој се одликува со тоа што при неговото образување, семето се соединува со ѕидот на јајчникот (плодникот).

Цветовите кај тревите се групирани во мали класчиња. Секое класче се состои од оска наречена rachilla околу која се образуваат поединечните цветови. Секој цвет е затворен со две лушпести прицветници означени како lemma (надворешен прицветник) и palea (внатрешен прицветник). Во основата на рахилата се наоѓаат две лушпи наречени glumae (еднина gluma) кои се празни (не содржат цветови). Палеата е најчесто нежна и мембранозна, за разлика од глумите и лемите кои се груби по конзистенција. Постојат големи разновидности во деталната градба на цветовите на тревите, што е причина за големиот број на видови.

Систематика

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Grass Phylogeny Working Group, Nigel P. Barker, Lynn G. Clark, Jerrold I. Davis, Melvin R. Duvall, Gerald F. Guala, Catherine Hsiao, Elizabeth A. Kellogg, H. Peter Linder: Phylogeny and Subfamilial Classification of the Grasses (Poaceae). Annals of the Missouri Botanical Garden, 2001, Vol. 88, No. 3 (Summer, 2001), pp. 373–457