Чалгијата е посебен жанр на македонската народна музика. Зборот „чалгија“ (çalgi), е турски збор што значи: 1) свирка, 2) музички инструмент. Чалгаџија или чалгиџија (çalgici) е свирач. Чалгаџилук (çalgicilik) е свиречки занает. Според речникот на Блаже Конески, чалгија е: 1) направа за свирење, музички инструмент, 2) група свирачи, музика, свирач. Блаже Конески во објаснувањето на терминот оди пошироко со тоа што, на некој начин му дава оркестарско обележје, што и како такво е присутно во Македонија.[1]

Чалгијата е типична „староградска музика“, која веќе долго се негува во многу градови, особено во Велес, Охрид, Битола и Солун. Чалгии се свират на свадби, верски празници, обреди, панаѓури и слично.

Сепак, неверојатно оригиналните, богати и исклучително многубројни музички облици и форми во неа, создадени во период од само век и половина, сведочат за музички кавалитет многу повреден од тој кога чалгијата би била само „копија на турскиот музички израз“, за што некои ја сметаат. Музичките и ритмички структури во неа се изнедрени од македонскиот музички народен јазик, кој во градот дошол во допир пред се со византиското црковно пеење, со турската класична музика, но и со народната музика на сите етникуми што живееле на тлото на Македонија. Во една таква духовна констелација, со време, македонскиот мелос изродил еден совршено оригинален и специфичен тонален дијалект и музички израз наречен - „македонска чалгија“.[2]

Генеза

уреди

На културен план, односно на музички, во поголемите градови се формираат т.н музички „тајфи“, кои во почетокот се всушност, чалгиски. Овој вид чалгиско песнопојно и инструментално творештво во Македонија, носи белези на музички ориентализам, мелодијата е украсена со бројни мелизми и карактеристична боја на чалгискиот оркестар:[3]

„Едни од постарите градски песни во Македонија се чалгиските, односно појавата на трубадурското чалгиско пеење и творење, кое настанало во поразвиените македонски градови, како на пример, Охрид, Битола, Велес и Скопје“

Во македонската музичка традиција, чалгијата се врзува за конкретен состав или ансамбл од музичари со инструменти од персиско-арапско потекло, кој исполнувал староградски традиционални музички творби. Чалгиските состави во Македонија се појавиле некаде во XIX век, а својот развој и подем го доживуваат во XX век. Овој вид чалгиско песнопојно и инструментално творештво во Македонија, носи белези на музички ориентализам, мелодијата е украсена со бројни мелизми и карактеристична боја на чалгискиот оркестар. Чалгискиот инструментариум се состои од: канун, ут, дајре и лејта од една страна, но и виолина (во народот позната како ќемане) и кларинет (познат и како грнета) од друга.

Самата музика исполнета од чалгиите, јасно го одразува стилот на ориенталното таканаречено „alla turca“ свирење. Чалгијата како карактеристичен инструментален состав е типичен претставник на староградската ориентална музичка култура во Македонија. Честопати, самите чалгаџии пеат и се придружувааат, поради што народот ги нарекува „трубадури“. Во народот е присутно едно општо сознание дека чалгијата во Македонија има повеќевековна традиција, а нејзиното доаѓање и создавње, се поврзува со доаѓањето на Турците на Балканот. Интересно е тоа што овој музички состав скоро и да не се споменува во народните преданија и легенди кои често пати ги регистрираат историските настани, што укажува на тоа дека се работи за прифатен, донесен, наддаден во нашата традиција. Од известувањата на веќе споменатиот австриски вицеконзул во Битола, Петер Окули, дознаваме дека конзулите на Англија, Франција, Русија и Австрија често биле на приеми, кои ги организирале сами или претставниците на Турската власт. На тие приеми покрај властите и претставниците на конзулатите, биле поканувани и присуствувале и видните граѓани од еснафите, трговците и претставниците на црковно-училишните општини. На почетоците на таквите приеми, свирел воениот оркестар на турската армија во Битола, (во Битола била командата на Третиот турски армиски корпус), додека во вториот, неформален дел, настапувале чалгиски оркестри кои свиреле и пееле локални градски песни, за на крајот од приемите, да играат и ориентални танчерки.

Македонското население своите слави и црковни празници ги празнувало дома или во блиските манастири, каде што се играле и пееле локалните градски песни и игри. За таквите карактеристични настани има податоци од истражувањата на етномузикологот, Боривоје Џимревски. Интересен е податокот за создавањето на охридската староградска песна „Фанче ојде во Калишча“. Според истражувањата, песната е испеана некаде околу 1860 година, што укажува на постоењето и популарноста на чалгиските тајфи во Охрид и во поблиската и поширока околина. Во неа се споменува еден од најстарите охридски чалгаџии, Ангеле Караѓуле, кој бил автор на многу староградски песни, кои и денес се пеат во овој крај. Во Охридскиот крај се правеле панаѓури во манастирите св. Наум, св. Петка во село Велгошти, кај Калишта, кај манастирот Сисвети во Лешани. Охриѓани во Калишта оделе со кајчиња уште одвечер, низ езерото. Убавата Фанче била во придружба на Димитрија Пармак, и бидејќи немало место во манастирот, му предложила да одат во меаната на Коста Беле, каде што свирел Караѓуле. Фанче не знаела добро да го игра чамчето, па затоа Беле му се заканува на Караѓуле со следните стихови:[4]

„Свири убо Караѓуле,

Да нˋти земам ќемането,

Да нˋти гˋудрам од главата,

Да го фрљам в езероно,

Да го јадет рибите,

и рибите-летниците.“

Скопска чалгија

уреди

За старите скопски чалгии и чалгаџиската музика не е многу пишувано и малку се знае, иако Скопје има богата чалгаџиска традиција. На пример, она што е музичарот Садило за Охрид или Ало Тончев за Велес, тоа е за Скопје – Реџеп Саид. Тој е еден од најстарите и најпознати скопски чалгаџии, чиј оркестар ги удрил темелите на овој вид популарна музика во Скопје. Не само во Скопје, најмногу податоци за чалгаџиите има почнувајќи од 1900 година, особено по Првата светска војна и во периодот помеѓу двете светски војни. Занаетчиското училиште во Скопје, во кое, покрај другото, се негувала и музиката, се наоѓало во непосредна близина на гимназијата „Идадија“, а било познато и како „училиште за убави уметности“.[5]

Чалгаџискиот состав на познатиот Реџеп Саид главно свирел во скопските кафеани во чаршијата: „Јанчев ан“, „Маврово“, „Бела кафеана“, но и во други гостилници низ Скопје. Она што е интересно и помалку познато е дека со чалгаџиите настапувале и танчарки, кои биле именувани како „чочеци“. Куриозитет е што денес се познати и имињата на „чочеците“, односно танчарките. Во групата на Саид, кој свирел на ќемане, имало неколку танчарки, од кои најпозната била Роза, специјалистка за ориентални игри, која неколку години престојувала во Арабија. Стела имала извонреден глас при интерпретацијата на турските народни песни. Познати биле и Ида, Лала и Пепина. Нивните настапи биле вистинско доживување, а при танцувањето употребувале и метални удиралки или дрвени лажици. Во „Јанчев ан“ настапувале и Маргарита и Олимпија, кои привлекувале голем број посетители. Затоа, истражувачите изнесуваат едно неоспорно тврдење дека:[5]

„...евидентно е дека Скопје во минатото бил град со богат звучен колорит, во чија средина можеле да се чујат разни инструментални музички состави, стилови и интерпретации, кои компактно дејствувале и го збогатувале вкупното музичко милје на градот“.

Како вистинско богатство биле изведбите на овие скопски музичари, а Реџеп Саид свирел исклучиво во кафеани, бидејќи чалгаџиите се делеле на кафеански и свадбарски. Во неговата група свиреле и познатиот Хаџикуне на ут, Устреф Саид на канун и Наце Манев на дајре. Оваа скопска чалгаџиска група била толку популарна што во еден период свирела и во познатата белградска кафеана „Дарданели“. А уште поважен е податокот што Реџеп Саид како виолинист, потоа Мамут, кој музицирал на ут, Устреф Саид на канон, Наце Манев на дајре и Стела како вокал, во 1925 година во Загреб снимиле дваесетина грамофонски плочи. Од нив, според Боривоје Џимревски, зачувани се десетина. Но куриозитетите не завршуваат тука. Во овој скопски чалгаџиски состав свирела и една жена, познатата Фанче, која по потекло била од Битола. Таа свирела на ут, исполнувала песни од битолскиот крај, а исто така и турски народни песни. Во овој контекст треба да се спомене дека во Скопје постоеле и женски чалгии, кои функционирале на следниот начин: тие чалгии биле составени од три Ромки, „едната свирела на виолина, а другите две чукале на дајриња“. Овие групи биле познати како „ченгии“ и главно свиреле на турски свадби.[5]

Скопските чалгаџии имале и свој патронен празник - 21 март, празникот на младенците. Тогаш оделе во Скопскиот парк или некаде во околината, вареле казан грав, свиреле, пееле и се забавувале за своја душа. Познат е податокот дека чалгаџиите пред да започнат со својата програма во кафеаните, најпрво свиреле познати инструментални турски маршеви со кои ја привлекувале публиката. А потоа чалгиите пееле „турски, македонски и еврејски песни“. Интересно е дека чалгаџиите имале свој таен јазик со кој се разбирале, а кој истражувачите го нарекуваат и „немушт јазик“. На пример: „џинга мангис“ значело – нема пари, „варми партал“ – има месо во јадењето, „пеис јок“ – нема ракија, а „џезлам“ значело – крај на свирката. По војната, познати се главно чалгаџиските состави на Радио Скопје и на друштвото „Јени јол“.

Чалгијата според филмот „Ќеиф“

уреди

Во XIX и до средината на XX век во македонските градови било вообичаено да се свират чалгии, а Велес, Скопје, Битола и Охрид биле центри во кои особено се изведувала оваа типично градска музика што го спојува фолклорот со наследството од музичката традиција на Истанбул. Коренот ѝ е во Персија. Македонските чалгаџии свиреле по меани, на свадби, на разни веселби во градовите, а биле барани и пошироко, па охридските „тајфи“, на пример, оделе на свирки и во Албанија. Луѓето дури ги откажувале и свадбите по неколку месеци само за да им свири најдобрата чалгија, ако имале да ја платат. Чалгијата била и егзистенција на свирачите, тие живееле од музиката. „Еден познат велешки чалгаџија почнал да прави буриња за да си го прехрани семејството кога чалгијата била забранета шест месеци поради смртта на некој султан...“ Како се развивала македонската чалгија, западните влијанија и резултатот од таа синтеза, е прикажан во музичкиот документарец „Ќеиф (Македонска чалгиска традиција)“, кој премиерно бил прикажан во кино „Фросина“ во рамки на фестивалот „Синедејс“, во ноември 2019 година.[6] Сценаристот Ристо Солунчев и режисерот Блаже Дулев, тврдат дека почнале да истражуваат за македонската чалгија и да собираат материјал за филмот пред 15 години. Снимале и во Истанбул, каде што чалгијата е сèуште жива и каде во чаршијата и денес мајстори изработуваат чалгиски инструменти. Интервјуирале педесетина соговорници – македонски и странски музичари, музиколози, историчари, ориенталисти. Заклучиле дека македонската чалгија е автентично музицирање, т.е., не е „турски инфилтрат“ како што на овие простори е прифатено турското кафе или баклавата, што било теза на Боривоје Џимревски, кој е единствен истражувач на чалгијата во Македонија. Солунчев објаснува дека класичната музика што се создавала најпрво на дворот на Византија, а потоа и на дворот на султаните во Отоманската империја, влијаела на создавањето на македонските чалгиски состави, кои ги зеле тие класични инструменти и со нив свиреле традиционална музика. Сценаристот Солунчев вели:

„Дојдовме до сознание дека не само што не била насилно наметната и не е инфилтрат, туку чалгијата е, всушност, поврзана со универзалниот музички јазик кој се создавал и се синтетизирал од повеќе народи во Цариград. Таквата синтеза на еден таков култен музички јазик го направила Византија и потоа Турците се надоврзале на тој јазик и го доусовршиле. Така што, отоманската класична музика претставува последен музички израз на таа класичност во музиката. Паралелно со западната класика, на Истокот се развивала источна класика. Нашата чалгија е некаков тип на синтеза од врската со класичните музики на Исток и домицилниот фолклор. Турски музичари што имале можност да ја свират нашата чалгија велат дека таа има неверојатна ритмика што не може да се најде во турската народна музика. Тоа е уште еден доказ за нејзината автентичност.“

Музиколозите со кои разговарале, посочиле дека чалгијата како класична ориентална музика е различна од етничката, народна музика. Аналогна е на западната класична музика која, исто така, не е национална. Солунчев додава:

„Царствата се менувале, но музиката останувала иста, таа не се укинува. Големите империи како Византиската и Отоманската не се врзуваат со етничкото, туку со универзалното цивилизациско вредно. Подоцна почнува присвојувањето – Турците целосно да ја присвојуваат Отоманската империја, а Грците – Византиската...“

„...одлика на македонската чалгија е космополитскиот дух. Чалгиите во Македонија, секогаш биле етнички мешан состав – Македонци, Роми, Турци заедно свиреле на сите веселби и разни случувања, не само на македонски, туку и на ромски, албански, турски, еврејски, влашки, грчки. Притоа, инструментариумот бил ист, но не ги мешале стиловите, па репертоарот го приспособувале според тоа каде свиреле.“

Познати чалгаџии имал Велес. Велешанецот Ордан, меѓу двете светски војни, учел канун во Дамаск, зашто таму била посилна традицијата на свирење на овој инструмент отколку во Турција. Познати велешки чалгаџии биле Јован Тончев и син му, Ало Тончев. Чалгаџијата Јован Тончев свирел на роденденот на султанот Абдул Хамид Втори во Истанбул и таму, вели режисерот Дулев, наместо три-четири дена, со свирачите останал еден месец. Тој понатаму вели:

„Свиреле толку добро што султанот рекол, „дојдоа овие ѓаури од џенемија и нè научија како да свириме“. Бидејќи чалгијата, како и џезот, бара големо мајсторство – добро познавање на макамите т.е. скалата на музицирање. Меѓу Турците во Истанбул, постоел дури и „ќупурли стил“ на свирење, според Ќупурли – турското име на Велес.“

Според него, велешката чалгија е најблиску поврзана со цариградската музика и велешките чалгаџии најдобро ја познавале отоманската класична музика. Свиреле нејзини форми, како што се семаи и пешрефи, што кај нас се преточило во маршеви – инструментални изведби што се свиреле кога се одело по невеста. Последната велешка чалгија изумира пред четириесетина години заедно со чалгаџијата Ало Тончев. Последните чалгаџии во Скопје, пак, се Раим Баки и Уштреф Саид кои биле од познати чалгиски фамилии. Биле дел од некогашниот и укинат Чалгиски оркестар на Радио телевизија Скопје. Чалгијата денес ја негуваат некои музички групи, како што е „Чалгии мерак“ составена од млади музичари кои, според Солунчев и Дулев, најверно го свират стилот на македонската чалгија и имаат комплетен инструментариум. Солунчев и Дулев се задоволни од тоа што проектот што го почнале пред 15 години конечно резултирал со филм во кој во деведесетина минути успеале да спакуваат материјал од неколку часа, кој содржи и интервјуа со светски уметници, како Кудси Ерѓунер, Омар Фарук Текбилек, Ѓунај Челик, Симон Шахин. Солунчев додава:

„Како да најдовме мозаик кој едвај се наѕираше, а ние го исчистивме од земја. Би рекол: „Ќеиф“ е археологија на чалгијата.

Инаку, филмот, велат, го насловиле „Ќеиф“, затоа што чалгијата е духовно задоволство – во начинот на свирење, на слушање и на живеење.

Чалгијата како тема во музиката

уреди

Наводи

уреди
  1. Боривоје Џимревски, Македонски фолклор, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, стр. 7, 1985 година, Скопје.
  2. Антологија на македонската чалгија / Antology of Macedonian Chalgia, Македон мјузик, МАКМ 00106, 2006.
  3. Боривоје Џимревски, Македонски фолклор, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, стр. 30, 1985 година, Скопје.
  4. Боривоје Џимревски, Македонски фолклор, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, стр. 10, 1985 година, Скопје.
  5. 5,0 5,1 5,2 Боривоје Џимревски, Градската инструментална музичка традиција во Македонија (1900-1941), Институт за фолклор „Марко Цепенков“, 2005 година, Скопје.
  6. „Статија за „Ќеиф". Архивирано од изворникот на 2020-10-12. Посетено на 2020-10-04.