Црква „Вознесение Христово“ - Вишни

црква во селото Вишни

Воснесение Христово (позната и како Свети Спас) — пештерна црква во близина на струшкото село Вишни.[1]

Вознесение Христово

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Струшко
Парохија Втора струшка
Местоположба

Карта

Координати 41°12′36″N 20°35′14″E / 41.21000° СГШ; 20.58722° ИГД / 41.21000; 20.58722
Место Вишни
Општина Струга
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Исус Христос
Архитектонски опис

Црквата се наоѓа на околу два километри североисточно од селото, по кањонот на реката Сушица, на местото викано „Трпезите“. Природниот отвор на пештерата се наоѓа на јужната страна и е затворен во долниот дел со камен, во кој е сместена влезната врата. Денес, од стариот храм, направен од дрвена граѓа, останале само траги. Моментално, лошата состојба на живописот се должи пред сѐ на непосредното влијание на атмосферската влага, која за време на влажните преиоди од годината навлегува во внатрешноста и предизвикува механички ерозии.[2]

Живопис

уреди

Во апсидниот дел е насликана Св. Богородица, која за првпат е сигнирана како Спилиотиса, т.е. Пештерна, од типот на Оранта, со малиот Христос на градите, а под неа е насликана голема композиција „Литургиска служба на Светите архијереи“: Св. Василиј Велики и Св. Јован Златоуст. Тие се поклонуваат на Светата трпеза на која е положен малиот Христос. На северната страна се насликани Светите врачи - доктори: Св. Кузман и Дамјан, а до нив светителките–маченици: Св. Марина, Св. Недела, Св. Текла и Св. Петка Трновска.

Непознатиот зограф ни се покажува како солиден мајстор кој своите фигури многу вешто ги вклопува во нерамниот простор, поради што тие не губат многу од реалноста на формите и пропорциите. Реален е впечатокот дека насликаните ликови во овие композиции зографот многу вешто ги трансформира преку една монументална форма.

Сумирајќи ги на крај целокупните досегашни искажувања на оваа пештерна црква, се заклучува дека е сочуван еден извонреден и по својата специфичност редок споменик, каде што човекот – испосник, користејќи ги природните убавини, направил едно пријатно култно место за своите потреби.

Легенда

уреди

Спасовден, како што се нарекува денот на Христовото Вознесение, е еден од дванаесетте главни религиозни празници што со голема почит се слават ширум христијанскиот свет. Во струшкиот крај, поточно во селата Вишни и Вевчани, Спасовден е ден кога тамошните луѓе се потсетуваат на една стара легенда. Како што кажува таа – во Вевчани некогаш живееле брат и сестра кои со голема љубов и без остаток му се предале на христијанството и живееле во свет живот. Поради ова, населението од целиот крај ги прифатил како светци и кон нив се однесувале со особена почит.Особено била почитувана сестрата која се викала Спасица, која кога се задевојачила, се преселила во пештерната црква кај с. Вишни каде, живеејќи како калуѓерка и ткаејќи по цел ден килими на разбој, го минала остатокот од својот живот. По нејзината смрт, а живеела долго, селаните од с. Вишни сакале да го сочуваат споменот за неа. Неколку години од кога починала, тие го зеле нејзиниот череп и го однеле во Струга кај најдобриот и најпрочуениот кујунџија од тоа време за тој од срма и филигран, да направи сребрена маска со која ќе се заштитат останките на Светата Спасица. Во годините потоа маската на Св. Спасица станала најценета реликвија на пештерската црква. Оттогаш секој Спасовден девојките од с. Вишни и околните села се собираат за да појдат на поклонение во црквата носејќи притоа подароци. Имено според легендата се верува дека таа ќе им помогне што побргу среќно да се омажат. Според утврдениот ритуал девојките, откако ќе се поклонат на Светицата ја земаат нејзината сребрена маска и со неа го обиколуваат целото село, одејќи од куќа на куќа и собирајќи дарови за црквата.Инаку, честа да ги носи реликвиите на Св. Спасица секогаш и паѓа на најстарата немажена девојка од селото бидејќи се верува дека тоа ќе и помогне да го најде својот к’смет, т.е. своето момче.[3]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. Географско друштво на СР Македонија (1962). Географски разгледи (18-22. изд.).
  3. Кленко, Јоне (2006). Записи за минатото на Струга. Iris-R. ISBN 9989114404.

Надворешни врски

уреди