Централна банка на Босна и Херцеговина

Централната банка на Босна и Херцеговина (српски, хрватски и бошњачки: Centralna banka Bosne i Hercegovine) е централна банка на Босна и Херцеговина. Таа е основана на 20 јуни 1997 година, а започнала со работа на 11 август 1997 година. Основните цели и задачи на централната банка се утврдени согласно со Законот за општиот Рамковен договор за мир во БиХ. Во согласност со аранжманот за валутен одбор, таа ја издава домашната валута со покритие во конвертибилни девизни средства по фиксен курс од 1 конвертибилна марка = 0,51129 евра. Централната банка на Босна и Херцеговина ја дефинира и ја спроведува монетарната политика на Босна и Херцегновина, управува со официјалните девизни резерви, помага во одржувањето на системите за плаќање, ги координира активностите на банкарските агенции на БиХ кои се надлежни за издавање на лиценци за работа и за супервизија на банките.[1]

Законска регулатива

уреди

Во Дејтонскиот договор и во Уставот на Босна и Херцеговина, членот VII се однесува на Централната банка на Босна и Херцеговина. Во него стои дека таа е единствената овластена институција за издавање пари и за монетарната политика на целата територија на Босна и Херцеговина. Надлежностите на централната банка ги одредува парламентот. Притоа, во првите шест години по стапувањето на уставот во сила, централната банка немала право да дава кредити со печатење пари, т.е. функционирала како чист валутен одбор.[1]

Организација на централната банка

уреди

Највисок органна централната банка на Босна и Херцегновина е управниот одбор. Тој е надлежен за утврдување на монетарната политика и за нејзиното спроведување, како и за организацијата и стратегијата на Централната банка. Во првите шест години по основањето на централната банка, управниот одбор го сочинувале гувернерот (кој бил претседател на управниот одбор) и три члена, од кои двајца од Федерацијата на БиХ и еден од Република Српска. Подоцна, управниот одбор се состои од пет лица кои се именувани од претседателот на Босна и Херцеговина, со мандат од шест години. Управниот одбор на централната банка се состои од гувернерот и тројца вицегувернери, назначени од гувернерот, со одобрение на управниот совет. Задачата на управниот одбор е оперативно управување со работењето на централната банка. Управниот одбор ги има следните овластувања: ја утврдува монетарната политика, ги носи регулативите и упатствата на централната банка, одлучува за учеството на централната банка во меѓународните организации и ја одредува номиналната вредност на банкнотите и монетите. Секој вицегувернер е директно одговорен за работата на еден оддел-сектор во централната банка. Централната банка има централна дирекција, три главни единици и две филијали. Централната дирекција на централната банка на Босна и Херцегновина е во Сараево. Нејзините главни единици се: Главната единица во Сараево, Главната единица на Република Српска во Бања Лука и Главната единица во Мостар. Исто така, таа има две подружници: филијалата во Брчко и филијалата во Пале.[2]

Издавање банкноти

уреди

Официјална валута на Босна и Херцеговина е конвертибилната марка (КМ) која се дели на сто фенинзи. Првата серија на банкнотите, во деноминации од 50 фенинзи и 1, 5 и 10 конвертибилни марки, била издадена на 22 јуни 1998 година; на 27 јули 1998 година биле издадени банкнотите со деноминација од 20, 50 и 100 конвертибилни марки; а на 15 мај 2002 година се појавила банкнотата од 200 конвертибилни марки. Подоцна, банкнотите од 50 фенинзи, 1 и 5 конвертибилни марки биле повлечени, така што во оптек останале банкнотите од 10, 20, 50, 100 и 200 конвертибилни марки. Банкнотите од 10КМ, 20КМ, 50КМ и 100КМ се издаваат во две верзии со посебен дизајн за Федерацијата на Босна и Херцеговина и за Република Српска, додека банкнотата од 200КМ е испечатена во еден дизајн за целата Босна и Херцеговина. Службениот девизен курс за валутата на Босна и Херцеговина е една конвертибилна марка за 0,511292 евра, односно едно евро изнесува 1,955830 конвертибилни марки. Првата серија монети во деноминација од 10, 20 и 50 фенинзи била издадена на 9 декември 1998 година, деноминацијта од 1 и 2 ковертибилни марки се појавила на 31 јули 2000 година, додека на 5 јануари 2006 година биле пуштени во оптек монетите од 5 фенинзи и 5 конвертибилни марки. Сите деноминации на монетите се издаваат со единствен дизајн за целата Босна и Херцеговина.[3] Централната банка на Босна и Херцегновина утврдува три монетарни агрегати:[4]

  • М0 ги вклучува готовите пари и депозитите на комерцијалните банки кај централната банка.
  • М1 ги вклучува готовите пари и депозитите по видување кај комерцијалните банки
  • М2 ги вклучува готовите пари, депозитите по видување кај комерцијалните банки, депозитите по видување во странска валута и орочените депозити.

Платни системи

уреди

Системот за меѓубанкарскиот клиринг и порамнувања е организиран преку два платни системи со кои управува Централната банка на Босна и Херцеговина: системот на жиро-клиринг и системот на бруто порамнувања во реален период. Жиро-клирингот е систем за меѓубанкарски клиринг за трансакциите до 10 000 конвертибилни марки. Во системот учествуваат учесниците кои имаат одобрение за изведување на платниот промет и Централната банка на БиХ. Трансакциите кои одат преку жиро-клирингот се извршуваат истиот ден, а платните налози се извршуваат со утврдување на нето-позицијата на секој поединечен учесник како резултат на пресметката на сите побарувања и долгови на учесниците за секој клириншки циклус. Порамнувањата на нето-позицијата на учесниците во жиро-клирингот се врши во неколку термини во текот на денот: 9:30, 11:30, 13:30 и 15:30. Порамнувањето се смета за конечно и неотоповикливо во моментот кога се извршени нето-позициите на сите учесници. Во Босна и Херцеговина се користи децентрализирана мрежа на жироклиринг, т.е. постојат три подрачја на жиро-клиринг (Жироклиринг - бранша Сараево, Жироклиринг - бранша Бања Лука и Жироклиринг - бранша Мостар) и централен жироклиринг кој се наоѓа во Централната канцеларија во Централната банка на БиХ. За потребите на жироклирингот, Централната банка на БиХ има изградено банкарска телекомуникациона мрежа, односно сите учесници се поврзани со телекомуникациски линии на жироклиринг бранши и жиро-клиринг центар. Бруто порамнувањето во реално време е систем на меѓубанкарски клиринг кој се користи за трансакции над 10 000 конвертибилни марки, а за пониски износи се употребува опционално. Се работи за систем кој врши изедначување на платните налози помеѓу учесниците во реален период односно транасакции кои одат по пат на БРПР а се изврушуваат во истиот момент (доколку за нив постои покритие на сметката за порамнување). Системот е во функција секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот. Системот на бруто плаќања во реално време системот ја користи омуникациската мрежа SWIFT, и тоа: MT102, MT103, MT202 и MT205. Централната банка на БиХ има донесено оперативни правила за системот на бруто порамнување во реално време и оперативни правила за жиро-клирингот. Централната банка наплаќа за трошоците за платните трансакции преку системот во реално време и жиро-клиринот, како и надомест за учество во платните системи. Плаќањето се врши со задолжување на учесниците на сметката на резервите кај главната единица или филијалата на Централната банка на БиХ.[5]

Односи со меѓународните институции

уреди

Во декември 2020 година, Централната банка на Босна и Херцеговина ја презела улогата на фискалниот агент на Босна и Херцеговина кај ММФ од Министерството за финансии и трезорот на БиХ. Улогата на централната банка е дефинирана во меморандумот за членството на Босна и Херцеговина во Меѓународниот монетарен фонд, потпишан од Министерството за финансии и трезорот на БиХ. Улогата на Централната банка на БиХ како фискален агент вклучува:[6]

  • водење на сметката на министерството за финансии на БиХ во ММФ
  • повлекување на средствата од одобрените аранжмани на ММФ и извршување на финансиските обврски кон ММФ
  • обезбедување покриеност од страна на Министерството за финансии за обврските кон ММФ
  • работи на депозитар
  • кореспонденција со Министерството за финансии на БиХ и со ММФ

Финансиската состојба на БиХ за членството во ММФ се одразува во месечниот биланс на состојба на централната банка, во консолидираниот биланс на состојба, во кварталните и годишните финансиски извештаи, како и на интернет-страницата ан централната банка.

По извештајот за остварениот напредокот, Фискалниот совет на Босна и Херцеговина доставува писмо со намери до ММФ и до централната банка, кое се упатува до ММФ за повлекување на средства. ММФ ја известува централната банка за износот на средствата, а министерството за финансии издава меница и ја доставува до централната банка, која гласи на соодветниот износ на одобрените средства, изразени во домашна валута. Откако средствата на аранжманот ќе станат расположливи на сметката на централната банка, се врши пренос на сметките на министерствата за финансии во БиХ според распоредот и дадените упатства. Достасаните обврски кон ММФ се извршуваат така што ММФ ја известува централната банка за износот на обврските. Централната банка ги известува министерството за финансии и управата за јавни приходи за да изврши пренос на потребните средства за подмирување на обврските од единствената сметка кај централната банка. На датата на достасување на обврските, централната банка обезбедува соодветна противвредност во странска валута и ги пренесува средствата според инструкциите на ММФ.[6]

Стратегиски план 2016-20121

уреди

Стратегискиот план на Централната банка на БиХ за периодот 2016-2021 ги содржи следниве цели:[7]

  • Стабилност на домашната валута - Клучниот приоритет на ЦББХ е да придонесе макроекономска стабилност доследна со примена на аранжманот на валутниот одбор.
  • Придонес за финансиската стабилност - Во рамките на своите надлежности, Централната банка на БиХ прави постојана анализа на финансискиот сектор, со посебен акцент на ризиците и ранливостите на системот, како и спроведување стрес-тестови и објавување на извештаите за финансиската стабилност.
  • Комиплација на квалитетна и навремена статистика во склад со меѓународните стандарди - Централната банка на БиХ е вклучена во обезбедување официјална статистика во БиХ врз основа на статистички стандарди и модерна технологија, со заштита на статистичката доверливост и оптимална употреба на ресурсите.
  • Максимизирање на ефикасното работење и рационално користење на ресурсите - Во остварувањето на своите надлежности, Централната банка на БиХ е фокусирана на зголемување на ефикасноста и сигурноста на системите за проценка и контрола на сите видови ризици, зачувување на нејзината репутација со транспарентно финансиско известување, како и обезбедување оптимални услови за работа на вработените, воспоставување соодветен систем на јавни набавки, развој на сметководство на трошоците и воспоставување поефикасен систем за планирање и контролирање.
  • Унапредување на системот за управување со човечките ресурси - Стратешката цел на Централната банка на БиХ е да обезбеди рамка за управување со човечките ресурси, а во овој поглед, нејзини приоритети се: промовирање на организациската култура и заедничките вредности и подобрување и автоматизирање на деловните процеси.
  • Меѓународна соработка и европска интеграција – Централната банка на БиХ континуирано работи на зајакнување и подобрување на системските контакти и соработка со ЕЦБ во контекст на интеграцијата на БиХ во ЕУ. Преку мултилатерална и билатерална соработка се обезбедува трансфер на знаење и поддршка за развојот на нови проекти, методологии, правила, политики и практики, со цел прогресивно прилагодување на регулаторната и оперативната рамка кон европските и меѓународните стандарди за централно банкарство.
  • Успешно извршување на фискалната функција - Централната банка на БиХ ја извршува законски доверената улога на фискален и банкарски агент на државата која вклучува: управување со сметките за Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, сервисирање на надворешниот долг и работи во врска со членство во БиХ во ММФ.

Монетарна политика

уреди

Монетарната политика на Босна и Херцеговина е регулирана со Законот за Централната банка на БиХ. Централната банка дејствува во рамките на аранжманот на валутен одбор со следниве одлики:

Во Законот за Централната банка на БиХ стои дека вкупниот износ на монетарните обврски никогаш не смее да биде поголем од нејзините нето-девизните резерви. Монетарните обврски на Централната банка на БиХ се состојат од готови пари во оптек и домашните депозити на банките и другите резиденти. Според Законот за Централната банка, распределбата на профитот се врши во однос 60% на сметката на институцијата надлежна за буџетот на БиХ и 40% на општите резерви на Централната банка на БиХ. Во членот 27 od Законот за Централната банка на БиХ е предвидено дека почетниот капитал и општата резерва се еднакви на износот од 5% од вкупниот износ на монетарни обврски. Според Уставот на Босна и Херцеговина, Централната банка на БиХ е единствената институција овластена да издава пари и да ја води монетарната политика низ целата Босна и Херцеговина.[4]

Наводи

уреди