Хамди-беј Охри (албански: Hamdi Bej Çoku Ohri; 4 февруари 1872 во Охрид24 ноември 1938 во Тирана) — виден деец на албанската преродба по потекло од градот Охрид, Македонија.[1]

Хамди-беј Охри
4 февруари 1872 - 24 ноември 1938
Прекар:Охри
Роден во:Охрид, Отоманско Царство
Починал во:Тирана, Кралство Албанија
Други занимања:учител

Хамди-беј бил основоположник на првото албанско училиште во Охрид. Автор е на еден албанско-турски речник, од кој еден дел е уништен, а другиот дел го зел Сотир Коле во Софија.[2]

Животопис

уреди

Хамди-беј е роден 1872 година во градот Охрид, чие име го носи како прекар. Бил потомок на големиот род Чоку од Ковачица, Дебарско. Внук на видниот деец на албанската преродба Илијаз-паша Дебарски, бил воспитан како албански патриот. Основно училиште завршил во Охрид, а Руждие во Битола.[2] На 16 години заминал да учи во Воената академија во Истанбул, но поради патриотската активност бил исклучен од училиштето.[2] Во 1892 година присуствувал на револуционерните заседанија во куќата на дебранецот Беџет Бекташи, на кои присуствувале и Сами и Наим Фрашери, Дервиш Хима, доктор Ибрахим Темо и други. Разоткриени од властите, Хамди, Темо и Хима успеале да се спасат, додека пак Бекташи бил фатен и умрел во заточеништво.[1]

Охри заминал за Европа. После престојот во Виена, Белград и Букурешт, се вратил во Истанбул, каде бил уапсен. Набргу потоа бил ослободен и се вратил во родниот град Охрид. Во тоа време Охри работел заедно со Сотир Коле со цел составување речник на албански јазик. Хамди-беј ја продолжил револуционерната и културно-образовна дејност во Охрид, Струга, Дебар, Река и Кичево. Заедно со Темо и Дервиш Хима бил член на Единство и прогрес. Во 1897 година отворил албанско училиште во својот дом. Училиштето било разоткриено и Охри избегал во Издеглавје, но бил измамен со амнестија за да биде осуден на пет години, од кои одлежал само една. В затвор организирал албанско училиште. Во 1899 година се вклучил во Пеќската лига (албански: Lidhja e Pejës). Некаде во ноември-декември 1899 година Хамди-беј ги обиколил Скопје, Тетово, Гостивар, Река, Струга и Охрид. На почетокот од 1900 година добил писмо од Фрашери кој му препорачал да се поврзе со србомакедонскиот комитет во Белград за заедничка борба против турскиот режим. Охри се сретнал со водачите на српската пропаганда и крал Александар Обреновиќ, но ги отфрлил нивните предлози. Истата таа година бил уапсен во Дебар и затворен во Битола, а подоцна заточен во Дијарбекир, каде останал до Младотурската револуција од 1908 година.[1]

Охри учествувал во подготовката на Битолскиот конгрес кој се одржал од 14 до 22 ноември 1908 година, Елбасанскиот конгрес на 2 септември 1909 година, и Вториот битолски конгрес од 1 до 3 април 1910 година. Во 1912 година Охри создал албанска милиција во охридско и струшко, која имала задача да се спротивстави на отоманската власт и на евентуалните бугарски, српски или грчки претензии. Милицијата била предводена од Ирфан-беј, Бегир-ага Ваута, Мехмед-беј, поранешен раководител на албанскиот комитет во Охрид и Мурад Сојли ефенди. Во средината на ноември 1912 година, Хамди-беј, како делегат од Охрид, бил еден од потписниците на Декларацијата за независност на Албанија (албански: Deklarata e Pavarësisë, Shpallja e Pavarësisë). За време на српската окупација, во Балканската војна од 1912 година, Охри бил еден од организаторите на албанско-македонскиот бунт, односно Охридско-дебарското востание.[1]

Умрел на 24 ноември 1938 година во Тирана. Му бил приреден величествен погреб.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Дервиши, Неби. „Yll Press - Hamdi Bej Ohri, atdhetar dhe veprimtar i LKSH-së > Kulturë: Kulturë“. Yll Press - Kreu (албански). Посетено на 11 март 2016.
  2. 2,0 2,1 2,2 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Хамди-беј Охри“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1573. Text "series " ignored (help)