Фонетика на старословенскиот јазик

Во однос на современите словенски јазици старословенскиот пројавувал особени фонетски сложености. Ова пред сè се однесува на самогласничкиот систем на јазикот. Во изговорот се користеле 32 гласа, од кои:

Меѓутоа ова не е целосната слика за фонетиката на јазикот. Така за гласот ј (т.н. јот) не постоел посебен знак бидејќи овој глас се јавувал речиси исклучиво како протетички глас пред самогласките: а, ѹ, ь, ѧ и ѫ, односно се вели дека наведените согласки биле прејотирани: ıа, ю, и (<*jь), ѩ, ѭ (изговор: ја, јu, i, ję и jǫ соодветно). Исто така гласот ф не е изворно словенски, туку преземен од грчкиот, односно латинскиот. Што се однесува до e, познато е дека e=je (во прилог на што оди фактот дека глаголицата има единствен знак за овие посебни кирилични знаци). Исто така јазикот ја зачувал слоготворноста на гласовите р и л (фонетски: ŗ и ļ), за која се користеле нацртите: ръ, рь, лъ и ль (зошто постојат по два нацрта ќе биде објаснето подолу). Од друга страна во глаголицата се сретнува посебен знак за меко г, глас кој најверојатно имал слична артикулација како македонското ѓ, а се сретнува најчесто во грчки заемки.

Друга особина на јазикот, напуштена во современите словенски јазици, е отвореноста на слогот: во старословенскиот секој слог завршувал на самогласка:

  • а|зъ, на|ро|дь, ть|мь|ни|ца, вь|че|ра|шь|нь

Како последица на ваквата тенденција се случиле бројни фонетски промени во јазикот. Меѓу малкуте исклучоци од правилово (кои речиси и да ги нема) е формата на глаголот: алкати, во која првиот слог е затворен, а која има своја соодветна форма со отворен прв слог: лакати. Обете форми имаат исто значење: гладува, е гладен. (Токму оттука доаѓаат формите лаком и алчен (< *alkĭnŭ) во современиот македонски јазик кои имаат исто значење, иако првонаведената се смета за нестандардна во литературниот јазик).

Самогласки

уреди
Орални самогласки
Предни Задни
Затворени i /i/,
/ji/,
/jɪ/,
ь/ĭ /i/
y /ɯ/ u /u/
ь/ĭ /ɪ/ ъ/ŭ /ʊ/
Отворени e /ɛ/,
/jɛ/
o /ɔ/
ě /æ/,
/jæ/
a /ɑ/,
/(j)ɑa~(j)æ/
Назални самогласки
Предна Задна
ę /ɛ̃/ ǫ /ɔ̃/
/(j)ɔ̃/

Наведениот самогласнички систем старословенскиот го наследил од прасловенскиот. Можни се повеќе начини на нивна поделба, и тоа според:

1. Местото на артикулација се разликувале самогласки од:

  • Преден ред: и, ь, ѧ, е, ѣ;
  • Заден ред: а, о, ѫ, ъ, ѹ;
  • Гласот ъı пак претставувал самогласка од среден ред (т.н. „средно и“).

Самогласките од преден ред можеле да предизвикаат промени на согласките кои им претходеле или следеле по нив (т.е. се вели дека за нив се врзува квалитетот мекост), додека оние од среден и заден ред не покажувале вакви својства (т.е. се вели дека за нив се врзува квалитетот тврдост).

2. Должината (квантитетот) разликувала:

  • Долги самогласки: и, ѧ, ѣ, а, ъı, ѫ;
  • Кратки самогласки: е, о;
  • Редуцирани самогласки или полугласки: ь, ъ;

Должината на самогласките била неменлива. Тие можеле да се вдолжат или редуцираат, но тоа се постигнувало со замена, а не со продолжена / скусена артикулација. Така се вдолжувале: ь > и, ъ > ъı, е > ѣ, о > а. Оваа промена е добро отсликана во следниве примери од македонскиот: собра - собира (стсл. събьрати - събирати), роди - раѓа (стсл. родити - раждати) и сл. Споредено со латинскиот или старогрчкиот каде една самогласка можела да биде и долга и кратка, во старословенскиот се јавува само една: или самогласката (под услов да има „словенска“ должина) или нејзиниот вдолжен / редуциран сопарник. На пример:

  • стсл. мати наспроти лат. māter, стсл. братъ - лат. frāter, но: стсл. даръ - лат. dōnum, стсл. дъва - лат. dŭō;
  • стсл. око - лат. ŏculus, стсл. домъ - лат. dŏmus, но: стсл. ось - лат. ăxis, стсл. море - лат. măre.

Слична е состојбата со латинските заемки влезени во старословенскиот во подоцнежниот период:

  • стсл. поганъ < лат. păganus, стсл. олътарь < лат. ăltārĭus

3. Начинот на артикулација разликувал: орални и назални (односно усни и носни) самогласки. Назални биле само ѧ (=ę, преден назал) и ѫ (=ǫ, заден назал). Нивниот изговор бил: за ѧ многу сличен на назалот на фр. fin, додека за ѫ многу сличен на назалот во фр. bon, додека прејотирани се изговарале слично како во фр. bien и lion соодветно. Што се однесува до изговорот на останатите самогласки, сосема веројатно е дека тој бил следниов: а, е, и, о и ѹ се изговарале како македонските а, е, и, о и у; Јатот (ѣ) бил еден вид рудиментирана двогласка со изразено широка артикулација, а се спори околу нејзиниот точен изговор, имено, тој најверојатно бил некаде помеѓу и и а (затоа се претпоставува дека имал ист изговор со прејотираното а) или помеѓу е и а (ä или æ, во прилог на што оди неговиот развој во многу словенски јазици, ѣ > (ј)е); Еровите, јер-ь (мал ер) и јор-ъ (голем ер) претставувале ултракраток изговор на и и ѹ соодветно, т.е. ь=ĭ и ъ=ŭ (затоа и се викаат полугласки). Тие можеле да бидат во силна или слаба позиција; ерот е во силна позиција ако слогот по неговиот содржи друг ер, а во слаба на крајот од зборот или ако слогот по неговиот содржи полна (чиста) самогласка (пример: во вьчерашьнь, еровите во првиот и последниот слог се во слаба позиција, додека ерот во претпоследниот слог е во силна позиција). До 10. век еровите се изговарале и во силна и во слаба позиција и доследно се разликувале. Во подоцнежниот развој на јазикот еровите во слаба позиција престанале да се изговараат, додека во силна се вокализираат, т.е. заменуваат со полни самогласки: ь > е и ъ > о (идентична замена се случува во македонскиот, но во општ случај таа е специфична за секој словенски јазик пооделно). Ова предизвикало разидување на одредени форми кое честопати погрешно се восприема како неправилност во јазикот; спореди македонски: слепец - слепци (слѣпьць > слѣпець > слепец за еднина, но слѣпьци > слепци за множина), ден - дни (< дьнь) и сон - сни (< сънъ); слично во српскохрватскиот (во формите за N. и G. еднина): морепловац - морепловца. Гласот јери (ъı) претставувал повлечен висок изговор на и, слично како латинскиот глас y или модерниот руски глас ы.

Слоготворните согласки ръ, рь, лъ и ль биле доста чести во јазикот. Еровите кои следат по главниот глас не се изговарале, туку само ја означувале неговата слоготворна улога. Изговорот на првиот глас била идентична со современиот македонски изговор на самогласното р: прв, брканица, ‘рбет кој е тврд, додека во вториот глас слоготворниот елемент бил мек (нема соодветен изговор во македонскиот, бидејќи во нашиот јазик овие два различни гласа се изедначиле во корист на првиот). Меѓутоа некогаш се случувало да дојдат во допир р и ер, па погрешно да се добие впечаток дека се работи за слоготворно р кога всушност се работи за оделни гласови (кои како такви треба да се изговорат!). Така на пример слоготворното р во македонското крв се добило на следниов начин: во именката *кръı (=крв) настанала промена ъı > ъв т.е. се добила форма кръвь во која погрешно се протолкувало постоењето на слоготворно р; слично потекло има и слоготвотрното р во крст. Слоготворното л пак се задржало само во чешкиот (литературен) јазик и во мал број други дијалекти. Изговорот веројатно му бил како во дијалектните: сл’нце и пл’н. Во мекиот изговор л-то се изговарало како л во: леб, лето, ливада.

Согласки

уреди

Главни особини на согласничкиот систем биле опозициите на согласките по звучност и мекост. Според звучноста се разликувале парови согласки, звучна - безвучна (исто како во современиот македонски): б - п, г - к, ѕ - ц итн., но не сите согласки имале пар; така х и ч немале соодветен звучен сопарник. По однос на мекоста се разликувале меки и тврди согласки. Некои од нив оделе во парови (една согласка имала и мек и тврд изговор), додека други биле само меки или само тврди. Меки биле: ш, ж, ц, ч, ѕ, и групите -шт- и -жд-; и меки и тврди биле: т, д, с, з, л, р, н, г; сите останати согласки биле тврди. Така на пример мекото л се изговатало како во нашето лице, додека тврдото како во луѓе, додека, на пример, ч (кое било исклучиво меко) се изговарало многу слично како неговиот изговор во хрватските чакавски дијалекти (некаде помеѓу č и ć). Согласките кои биле и меки и тврди, се изговарале меко пред самогласка од преден ред, а тврдо пред самогласка од заден ред (затоа и категоријата мекост се врзува за самогласките на овој начин, како што е наведено погоре; спореди л во лице е меко, а и е предна самогласка, додека л во луѓе е тврдо, а у е задна самогласка!). Истите особини за мекоста се однесуваат и на слоготворните р и л, како што беше појаснето.

Палатализација на согласките

уреди

За заднонепчените (веларни) согласки: к, г и х се врзува една друга особина на јазикот, нарачена палатализација. Имено, наведените гласови, доколку по нив следи ј или самогласка од преден ред, преминуваат во други гласови. Историски овие промени се случувале низ три етапи, именувани како три палатализации. Промените можеле да зафатат и согласнички групи, а промените се следниве:

  • к > ч или ц (чловѣкъ - чловѣче -чловѣцѣ; сп. мак.: ученик - ученици - учениче);
  • г > ж или ѕ (двигнѫти - движе - двиѕати; сп. мак.: долг - должник, тренинг - тренинзи);
  • х > ш или с (грѣхъ - грѣшьнъ - грѣси; сп. мак.: дух - душевен и успех - успеси).

Покарактеристични промени на согласнички групи се следниве:

  • *kv > цв (*kvĕtŭ > цвѣтъ);
  • *gv > ѕв (*gvĕzda > ѕвѣзда);
  • *hv > св (ед.: влъхвъ, но мн.: влъсви =волшебник, волшебници);
  • *sk > ст или шт (така: ед.: людьскъ, но мн.: людьсти; пиштити, но пискѫ);
  • *zg > жд итн.

Палатализацијата понекогаш се вршела и по самогласки од преден ред (во третата палатализација), доколку после согласката којашто треба да се палатализаира не стоеле: ъ или ъı. Така на пример имаме:

  • лице (< *līko); овьца (< *ovĭka); срьдьце (< *srĭdĭko)
  • кънѧзь (< герм. *kuning), но: кънѧгъıни.

Палатализацијата била плоден процес во старословенскиот јазик редовно се јавува во промената на именките по падежи и на глаголите по лице и време.

Поврзано

уреди