Стојан Везенков (1828 - 19 јануари 1897) — познат мајстор-градежник, еден од првите дејци за организирање македонско-албанска соработка за ослободување од турското господство, учесник во македонското револуционерно движење и активен учесник во антитурските војни на Балканот.[1]

Стојан Везенков
Роден Крушево, Македонија
Починал 19 јануари 1897
Одеса, Украина
Познат еден од првите дејци за организирање македонско-албанска соработка, единствен Македонец кој присуствувал во Цариград при склучувањето на Санстефанскиот мировен договор
Занимање градежен претприемач
Деца Владимир Везенков Стојанов

Животопис

уреди

Устабашија

уреди

Како заможен градежен претприемач (устабашија), 25 години е на високо платена турска државна служба и изведува клучни градежни објекти во Битола (ја гради и воената касарна во градот) и добива султанови признанија и привилегии. По порачка од турската влада гради мост на Марица кај Одрин и на Нишава кај Ниш.

Револуционерна дејност

уреди

Меѓувремено се зближува со влијателни месни турски личности, но и со угледни албански првенци. По Кримската војна, од 1861 г. лично контактира и со руските дипломатски претставници во Битола, во Солун и во Цариград Хитрово, Лаговски и Лобанов и добива не само морална, туку и материјална помош за организирање востанички активности во Македонија и во Албанија.

Агент на српската влада

уреди
 

Патува по Балканот, се запознава и со српскиот дипломатски претставник во Цариград Јован Ристиќ, стапува во тајна врска со српската влада и го префрла семејството во Србија. Во духот на програмата на Милутин Гарашанин и идеологијата на кралот Михајло Обреновиќ[се бара извор], во 1867 г. се обидува да организира оружено востание во Македонија и во Албанија.

Апсење

уреди

Уапсен е од турските власти на српско-турската граница и по повеќемесечен затвор во Ниш е осуден на смрт, но при бесењето се скинува јажето и е оставен на доживотен затвор. По многу интервенции и со лично залагање на рускиот император, султанот го ослободува од затворот.

Учество во борбата против Османлиското Царство

уреди

Заедно со Иљо Малешевски, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Беровски и други Македонци учествува во битките со турскиот гарнизон во Белград, а потоа во востаничките движења во Европска Турција, како и во Српско-турската и во Руско-турската војна (1877–1878). Под непосредно раководство на Михаил А. Хитрово собира доброволци по Србија и Романија и како единствен Македонец е присутен во Цариград при склучувањето на прелиминарниот Санстефански мировен договор.

Семејство

уреди

Брат му Константин завршува медицина во Русија и како воен лекар е смртно ранет во Руско-турската војна. Син му Владимир се школува во руската Воена академија и станува висок офицер (подоцна доброволец во Првата балканска војна и автор на книга за Македонија).

Последни години

уреди

Закитен со руски ордени, како пензионер се повлекува со семејството во Русија и животот го завршува во Одеса наполно заборавен и во голема сиромаштија.

Димитрија Чуповски има допири со син му Владимир и е соидејник и соработник со внук му (од брат) А. П. Везенков. Големата слика на Стојан Везенков е постојано во бирото на Чуповски, објавена и во весникот Македонски голос (Македонски глас) со висока оценка дека е виден македонски водач, борец за независноста на Македонија.

Извори

уреди
  1. Александар Матковски, „Отпорот во Македонија во времето на турското владеење“, том три, Мисла, Скопје, 1983.

Литература

уреди
  • „Историја на македонскиот народ“, Просветно дело, Скопје, 1972.
  • Загорка Присаѓанец-Тодоровска, „Запис за Стојан Везенков (Поглавје од културно-политичката историја на Македонија)“, зб.: Бигорски научно-културни собири 1974-1975, Скопје, 1976.
  • Блаже Ристовски, „Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград“, I, Скопје, 1978.
  • Блаже Ристовски, „Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја“, I, Скопје, 1989.