Стандардизиран пристап во мерење на оперативниот ризик
Стандардизиран пристап за мерење на оперативен ризик (англиски: Standardized approach for measuring operational risk) претставува пристап за утврдување на потребниот капитал за покривање на загубите од оперативен ризик, пропишан со меѓународната (Базел 2) и со националната регулатива.
Поим
уредиСтандардизираниот пристап е во добра можност да ги отслика различните профили на ризик низ банките, што се прикажани преку нивните деловни активности. Процентите на капиталните издвојувања во рамки на стандардизираниот пристап се одредени од страна на супервизорот. Понатаму, како единствен финансиски индикатор кој има линеарна врска со оперативниот ризик се поставува бруто приходот, иако при самото воспоставување на стандардизираниот пристап, тој не бил единствен финансиски индикатор.[1]
Вкупното капитално издвојување за одредена банка се пресметува како прост збир од капиталните издвојувања за секоја деловна линија.[2]
Важна одлика на стандардизираниот пристап за мерење на оперативниот ризик е тоа што дава основа за користење пософистицирани пристапи и, како таков, помага во поттикнување на развојот на подобро управување со оперативниот ризик во банките. Со други зборови, поделбата на банкарските активности по деловни линии претставува услов за преминување кон пософистициран пристап за управување со оперативниот ризик. Заради тоа, правилната поделба по деловни линии не е само предност во примената на овој пристап, туку и можност понатаму уште подобро да се управува со оперативниот ризик.
Важечки поставки
уредиВо стандардизираниот пристап, банкарските активности се поделени во осум деловни линии[3]:
- Корпоративни финансии (вклучува: корпоративни финансии, финансии на општина/влада, банкарство за трговија и советодавни услуги)
- Тргување и продажба (вклучува: продажба, создавање на пазар, сопственички позиции и ликвидност)
- Банкарство на мало (вклучува: банкарство за население, приватно банкарство и картични услуги)
- Комерцијално банкарство (вклучува: комерцијално банкарство)
- Платен промет и порамнување (вклучува: надворешни клиенти)
- Услуги како агент (вклучува: банка чувар, корпоративна агенција и корпоративен полномошник)
- Управување со средства (вклучува: дискреционо управување со средства и недискреционо управување со средства)
- Брокерски услуги на мало (вклучува: брокерски услуги на мало)
Во рамките на секоја деловна линија, бруто приходот е индикатор на обемот на работењето и, на тој начин, служи како скала на изложеноста на оперативен ризик во рамките на секоја од овие деловни линии. Капиталните издвојувања по основ на оперативен ризик за секоја деловна линија се пресметуваат со множење на бруто приходот со тежинскиот фактор (означен како β) доделен за таа деловна линија. Треба да се напомене дека во стандардизираниот пристап, бруто приходот се мери за секоја деловна линија, а не на ниво на банка.[1]
Вкупното капитално издвојување се пресметува како тригодишен просек од простиот збир на капиталното издвојување во секоја деловна линија за секоја година. Во која било дадена година, негативните капитални издвојувања (кои произлегуваат од негативен бруто приход)во било која деловна линија можат да се компензираат со позитивните капитални издвојувања во другите деловни линии, и тоа без ограничувања. На национално ниво, супервизорот може да усвои поконзервативно постапување со негативниот бруто приход. Меѓутоа, кога вкупното капитално издвојување за сите деловни линии во рамките на дадена година е негативно, таа година се вклучува во именителот, односно збирот на годишните бруто приходи секогаш се дели со 3. На овој начин, во случај на постоење на една година со негативен бруто приход, при користење на стандардизираниот пристап ќе се издвои помал капитал за оперативен ризик за разлика од постоење на истиот случај при користење на пристапот на базичен индикатор. Целта на Базелскиот комитет е на овој начин да ги стимулира банките да пристапат кон напуштање на пристапот на базичен индикатор и користење во најмала рака на стандардизиранот пристап за мерење на оперативниот ризик.
Вредностите на β факторот за секоја деловна линија соодветно, се претставени во табелата која следи:
Деловна линија | β |
---|---|
Финансирање правни лица | 18% |
Тргување и продажба | 18% |
Банкарство на мало | 12% |
Комерцијално банкарство | 15% |
Платен промет и порамнување | 18% |
Услуги како агент | 15% |
Управување со средствата | 12% |
Брокерски услуги на мало | 12% |
Алтернативен стандардизиран пристап
уредиНационалниот супервизор има дискреционо право да и овозможи на банката да го користи Алтернативниот стандардизиран пристап, под услов банката да е способна да му покаже дека овој пристап обезбедува пореално утврдување на капиталот за оперативен ризик. Откако на банката и е дозволено да го користи алтернативниот пристап, нема да и биде дозволено враќање кон употребата на стандардизираниот пристап, без дозвола од страна на супервизорот. Целта на Базелскиот комитет е овој пристап да го применуваат ограничен број на банки, при што, пристапот не се препорачува за банки од развиените финансиски пазари. Методологијата за капитално издвојување за оперативен ризик според овој пристап е иста и како за стандардизираниот пристап, со исклучок на две деловни линии- банкарство на мало и комерцијално банкарство. За нив, кредитите и побарувањата- помножени со фиксен фактор "m"- го заменуваат бруто приходот како индикатор за изложеност. Бета факторите за банкарството на мало и за комерцијалното банкарство се непроменети. Причината за ваквиот пристап е да не се оштетат оние банки кај кои овие деловни линии претставуваат значителен дел од вкупното работење, поради што нивниот бруто приход би бил значително поголем од бруто приходот остварен од другите банки.
За целите на алтернативниот стандардизиран пристап, вкупните кредити и побарувања во деловната линија банкарство на мало се состојат од вкупните износи искажани во следните кредитни портфолија: банкарство на мало, мали и средни претпријатија, кои имаат третман како банкарство на мало и откупени побарувања од сегментот на банкарство на мало. За комерцијалното банкарство, вкупните кредити и побарувања во оваа деловна линија се состојат од вкупните износи искажани во следните кредитни портфолија: корпорации, држава, банки, специјализирани кредити, мали и средни претпријатија третирани како корпоративни и откупени корпоративни побарувања. Како кредити и побарувања од комерцијалното банкарство се смета и книговодствената вредност на хартиите од вредност содржани во портфолиото на банкарските активности.
Во рамките на алтернативниот пристап, банките може да ги вклучат банкарството на мало и комерцијалното банкарство (ако сакаат) со користење на бета фактор од 15%. Слично на тоа, оние банки што не се во состојба да го разложат нивниот бруто приход во другите шест деловни линии можат да го соединат вкупниот бруто приход за овие шест деловни линии со користење на бета фактор од 18%, додека негативниот бруто приход се третира исто како и кај стандардизираниот пристап. Вкупното капитално издвојување за алтернативниот стандардизиран пристап се пресметува како просто собирање на капиталното издвојување за секоја од осумте деловни линии[5].
Квалитативни критериуми за стандардизиран пристап за мерење на оперативниот ризик
уредиСо цел банката да ги исполни условите за примена на стандардизираниот пристап, таа треба да му докаже на супервизорскиот орган дека, во најмала рака:
- Нејзиниот надзорен и управен одбор- активно се вклучени во надзорот на рамката за управување со оперативниот ризик,
- Таа има систем на управување со оперативниот ризик кој е концепциски здрав и е во потполност применет,
- Таа има доволно ресурси за примена на пристапот во главните деловни линии, како и во контролните и ревизорските области.
Во продолжение, банката мора да воспостави специфични политики и да има документирани критериуми за мапирање на бруто приходот по тековните деловни линии и активности во рамката за управување со оперативниот ризик. Критериумите мора да бидат проверени и приспособени за нови или променети деловни активности.[6]
Меѓународно активните банки кои сакаат да го применат стандардизираниот пристап мора да ги исполнат следните деполнителни критериуми:
- Банката мора да има систем за управување со оперативниот ризик со јасни одговорности доделени на соодветната функција за управување со оперативниот ризик. Функцијата за управување со оперативниот ризик е одговорна за:
- - развивање стратегии преку кои ќе идентификува, оценува, надгледува и контролира во насока на намалување на оперативниот ризик;
- - составување сет на интерни регулативи- политики и процедури за управување и контрола на оперативниот ризик;
- - создавање и имплементација на интерни методологии за оценување на оперативниот ризик;
- - создавање и имплементација на информативен систем за оперативен ризик.
- Како дел од внатрешниот банкарски систем за оценување на оперативниот ризик, банката мора систематски да ги евидентира соодветните податоци за оперативниот ризик, вклучувајќи ги материјалните загуби по деловни линии. Банката мора да има техники за создавање на иницијатива за подобрување на управувањето со оперативен ризик.
- Мора да постои редовно известување за изложеност на оперативен ризик, вклучувајќи ги материјалните загуби од оперативен ризик и тоа известување, да биде кон менаџментот на организациската единица, надзорниот одбор и управниот одбор. Банката мора да има процедура за преземање на соодветни мерки кои се однесуваат на информацијата за загуби од оперативниот ризик внатре во рамките на извештаите кон менаџментот.
- Системот на банката за управување со оперативниот розик мора да биде добро документиран. Банката мора да има рутина во насока на обезбедување на усогласеност со документиран сет на внатрешни политики, контроли и процедури од аспект на системот за управување со оперативниот ризик, кои мора да вклучат политики за третман на неусогласените прашања.
- Процесите за управување со оперативниот ризик и системите за оценување на банката мора да бидат проверка и редовна независна ревизија. Овие ревизии мора да ги вклучат и активностите на деловните единици и функцијата на управување со оперативниот ризик.
- Системот за оценување на оперативниот ризик на банката мора да биде предмет на редовна ревизија од надворешни ревизори и/или регулаторни органи (супервизори).[6]
Принципи за мапирање по деловни линии
уредиСо оглед на тоа што за примена на стандардизираниот пристап за мерење на оперативниот ризик неопходно е мапирање на бруто приходот по деловни линии, Базелскиот комитет ги дефинирал основните принципи за мапирање по деловни линии,и тоа[7]:
- Сите активности мора да бидат распределени во осум деловни линии од ниво 1 во меѓусебно исклучителен и заеднички сеопфатен начин.
- Секоја банкарска или небанкарска активност која што не може лесно да биде мапирана во рамка на деловна линија, но која претставува помошна функција на активност вклучена во рамката, мора да биде распределена во деловната линија која ја поддржува.
- При мапирање на бруто приходот, ако некоја активност не може да биде мапирана во одредена деловна линија, тогаш треба да се користи деловната линија во која активноста дава придонес.
- Банките може да користат внатрешни методи за оценување на распределбата на бруто приходот по деловни линии.
- Мапирање на активностите по деловни линии со цел утврдување на капитал за оперативен ризик мора да биде во согласност со дефинициите за деловни линии користени за пресметување на регулаторниот капитал во други категории на ризик, на пример кредитен ризик или пазарен ризик. Секое отстапување од принципите треба да биде јасно мотивирано и документирано.
- Процесот на мапирање треба да биде јасно документиран. Во овој случај, напишаните дефиниции за деловни линии мора да бидат јасни и доволно детални за да овозможат трети лица да го реплицираат процесот на мапирање на деловните линии. Документацијата треба, меѓу другото, јасно да мотивира исклучоци или надгласувања, и истите да се чуваат во досие.
- Мора да бидат поставени процеси за да се дефинира мапирањето на сите нови активности или производи.
- Врвниот менаџмент е одговорен за стратегијата за мапирање.
- Процесот на мапирање на деловните линии мора да биде предмет на независна ревизија.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Bank for international settlements, Results of the Fifth Quantitative Impact Study (QIS5), Basel Committee on Banking Supervision, 2006.
- ↑ Bank for international settlements, Consultative Document: Operational risk, Basel Committee on Banking Supervision, 2001.
- ↑ Bank for international settlements, Results of the Fifth Quantitative Impact Study (QIS5), Basel Committee on Banking Supervision,2006, p. 302.
- ↑ НБРМ, Супервизорски циркулар бр 10- Управување со оперативниот ризик, јули 2011, стр.12.
- ↑ Banks for international settlements, International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards, Basel Committee on Banking Supervision, 2006.
- ↑ 6,0 6,1 Bank for international settlements, International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards, Basel Committee on Banking Supervision, 2006.
- ↑ Bank for international settlements, International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards, Basel Committee on Banking Supervision, 2006, p. 303.