Пазарен ризик (англиски: Market risk) — ризикот од промена на цените на финансиските инструменти.

Дефиниција на пазарниот ризик

уреди

Пазарниот ризик претставува ризик од загуба како последица на промената на цената на финансиските инструменти наменети за тргување. Пазарниот ризик настанува како резултат на промена на цените на: акциите, валутите, дериватите, берзанските стоки и друго.[1] Пазарниот ризик во себе ги вклучува ризикот на основата (basis risk) итн. гама-ризик (gamma risk). Исто така, тој може да поприми две форми: апсолутен ризик кој се мери според потенцијалната загуба изразена во пари и релативен ризик, а тоа е ризикот мерен во однос на некој урнек (на пример, некој берзански индекс).[2]

Пазарниот ризик е составен од две компоненти, во зависност од причините кои го предизвикуваат:[3]

  • општ ризик, кој зависи од насоката на движењето на цените на финансиските инструменти (движењето на каматните стапки, девизните курсеви, цената на акциите, цените на стоките и друго); и
  • специфичен ризик, кој не е условен од насоката на движењето на финансиските променливи - нелинеарната изложеност и изложеноста на позициите за заштита од ризиците итн.

Мерење на пазарниот ризик

уреди

За мерење на пазарниот ризик најчесто се применува техниката наречена „Вредност изложена на ризик“ или „Вредност при ризик“ (Value-at-risk, VaR), која ја покажува најголемата можна загуба во определен временски период (еден ден, десет дена, итн.) при определено ниво на веројатност (95%, 99%, итн.). Меѓутоа, вредноста при ризик не ја покажува најголемата загуба што може да настане ако се случи ризичниот настан. За мерење на потенцијалната загуба неопходно е да се специфицира распределбата на веројатноста и за таа цел се применува некоја теоретска распределба (на пример, нормална распределба), историската распределба на приносите на финансиските инструменти или пак распределба добиена преку Монте Карло симулација.[4][5]

Бидејќи ВаР не дава претстава за можната загуба доколку се случат ретките ризични настани, за мерење на овие загуби се користат техниките познати како „анализа на сценарија“ (scenario analysis) и „стрес-тестирање“ (stress-testing). Стрес-тестирањето ги мери можните загуби при одделни вредности на некои важни параметри: на пример, голема промена на каматните стапки, големо повлекување на депозитите од банката, итн. Анализата на сценаријата, пак, ја пресметува вредноста на загубите при различни можни состојби во работењето (хипотетички состојби или историски состојби). На пример, при оваа анализа може да се пресметаат загубите при крах на берзата во обем како што се случил во минатото.[6]

Вообичаено, одделните димензии на пазарниот ризик се мерат и се означуваат со различни грчки букви, и тоа:[7]

  • Делта е показател кој ја мери чувствителноста на портфолиото во однос на промената на пазарната цена на финансиските средства, односно делта покажува за колку ќе се промени вредноста на портфолиото при мала промена на пазарната цена на некое финансиско средство. Со други зборови, делта го претставува парцијалниот извод на вредноста на портфолиото во однос на цената на финансиското средство. Портфолио чија делта е еднаква на нула се нарекува делта-неутрално портфолио.
  • Гама е показател кој ја покажува промената на делта на портфолиото во однос на промената на цената на финансискиот инструмент, односно гама го претставува парцијалниот извод од втор ред на портфолиото во однос на цената на финансиското средство.
  • Вега е показател кој ја покажува промената на вредноста на портфолиото во однос на промена на стандардното отстапување на цената на финансиското средство. Оттука, ако вега е висока, тоа значи дека портфолиото е многу чувствително во однос на променливоста на цената на финансискиот инструмент.
  • Тета е показател на промената на вредноста на портфолиото во однос на промената на времето. Оттука, таа понекогаш се нарекува временско распаѓање на портфолиото.
  • Ро е показател на промената на вредноста на портфолиото во однос на нивото на каматните стапки.

Регулација на пазарниот ризик

уреди

Во април 1993 година, Базелскиот комитет го објавил првиот предлог со мерките за регулација на пазарниот ризик. Според предлогот било предвидено пазарниот ризик да се пресмета посебно за каматниот ризик, валутниот ризик, ризикот на акциите и ризикот на стоките при што вкупниот пазарен ризик претставува збир на овие четири категории. Поради стандардизираниот процес на пресметка на пазарниот ризик, овој предлог подоцна станал познат како стандарден модел. Во април 1995 година, Базелскиот комитет излегол со ревидиран предлог, дозволувајќи банките да го пресметаат потребниот капитал за покривање на пазарниот ризик со примена на нивните сопствени, внатрешни модели. Притоа, со овој предлог било предвидено дека банките мора да добијат дозвола од супервизорскиот орган за да го применат внатрешниот модел за пресметка на пазарниот ризик, а исто така Базелскиот комитет дал и некои основни насоки за пресметка на пазарниот ризик, како: пресметката на вредноста при ризик (VaR) треба да се врши во временски хоризонт од 10 работни дена (две календарски недели), пресметката да се врши со интервал на доверба од 99%, пресметката да се врши врз основа на историските податоци од најмалку една година, износот на капиталот да се занова на вредноста при ризик од претходниот ден или просечната вредност при ризик во последните 60 дена (во зависност од тоа кој износ е поголем) итн.[8]

Во 1996 година, Базелскиот комитет го објавил амандманот на Базелската спогодба, којшто започнал да се применува на крајот од 1997 година. Подоцна, овој амандман бил составен дел од регулативата позната како Базел 2. Основната цел на оваа регулатива била банките да обезбедат дополнителен капитал за покривање на потенцијалните загуби, предизвикани од неповолните движења на цените на финансиските инструменти, и тоа:[9][10]

  • каматоносните финансиски инструменти и акциите на „трговската сметка“ (trading book)
  • позициите во девизи и во берзански стоки на „трговската“ и на „банкарската“ сметка.

Притоа, со амандманот на Базелската спогодба биле предвидени два метода за пресметка на потребниот капитал за покривање на пазарниот ризик:[11][12]

  • Стандaрдизиран пристап (Standardized Approach): Сите позиции изложени на пазарен ризик се множат со пондери определени со Базелската спогодба. Потоа, на збирот на така добиените производи се применува стапката на капитал од 8%. На пример, за каматоносните финансиски инструменти, пондерите се движат од 0% (за државните хартии од вредност) до 8% за инструментите со рочност над две години. Притоа, овој пристап води сметка за општиот и за специфичниот пазарен ризик при што постојат два метода за мерење на општиот ризик: метод на рочноста (maturity method) и метод на времетраењето (duration method). При пресметката на пазарниот ризик се дава одредена можност за пребивање на поединечните слични инструменти. Посебни начини на пресметка на потребниот капитал за покривање на пазарнито ризик се прдвидени за акциите, за дериватите, за стоките и за девизите. Негативната страна на овој пристап е што на сите позиции изложени на пазарен ризик се применува еднаква стапка на потребен капитал, иако одделните позиции може да се изложени на различен степен на ризик. Исто така, овој пристап се применува збирно на сите позиции од билансот на состојба, без да се води сметка за нивната корелација или за диверзификацијата на ризикот.
  • Пристап на внатрешни модели (Internal Models Approach): Овој пристап се заснова врз моделите и техниките кои банките самостојно ги развиваат за управување со пазарниот ризик. Притоа, капиталот за покривање на пазарниот ризик се добива врз основа на пресметката на Вредноста изложена на ризик (Value-at-Risk, VaR) за временски хоризонт од 10 дена и при интервал на доверба од 99%. Бидејќи пресметаниот VaR се однесува на целото портфолио на банката, овој метод води сметка за корелацијата на одделните пазарни инструменти, како и за ефектите од диверзификацијата на ризикот. За да може да го применува овој пристап за прсметка на потребниот капитал за покривање на пазарниот ризик, банката мора да исполни одредени услови поставени од страна на супервизорското тело.

Со амандманот кон Базелската спогодба бил воведен дополнителен вид капитал за покривање на пазарниот ризик - „капитал од нивото 3“ (Tier 3 capital) кој претежно бил составен од краткорочен субординиран долг. Притоа, според спогодбата, овој капитал можел да се користи само за покривање на пазарниот ризик, а банката не смеела да го отплати овој капитал, ако тоа би предизвикало намалување на нејзината стапка на адекватност на капиталот под пропишаното ниво од 8%.[13]

Во 2005 година, Базелскиот комитет предложил да се воведе дополнителен надомест за кредитниот ризик (incremental default risk charge) кој се пресметува со ниво на доверба од 99,9% и временски хоризонт од една година на финансиските инструменти во трговската книга кои се чувствителни на кредитниот ризик. Во 2008 година, Базелскиот комитет направил дополнителна промена со која се опфаќаат и промените на кредитниот рејтинг, проширувањето на крединиот распон и ризикот од неликвидност, па претходниот показател бил наречен дополнителен надомест за ризикот (incrmental risk charge). Во февруари 2011 година, Базелскиот комитет направил ревизија на регулативата за мерење на пазарниот ризик, со барање, покрај вообичаениот ВаР, банките да пресметаат и ВаР во стресни услови (stressed VaR), а тоа е ВаР пресметан врз основа на движењето на пазарните варијабли во текот на 250 денови во кои владееле нарушени пазарни услови. Овие два вида ВаР се комбинираат со што се добива вкупниот капитал за покривање на пазарниот ризик.[14] Подоцна, во мај 2012 година, Базелскиот комитет објавил консултативен документ, предлагајќи големи промени во однос на пресметката на капиталот потребен за покривање на пазарниот ризик. овие промени се познати како „Фундаментален осврт врз трговската книга“ (Fundamental review of the trading book). Откако биле примени коментари од пазарните учесници, во октомври 2013 година, Базелскиот комитет објавил втор консултативен документ, а по дополнителните прибрани коментари, во декември 2014 година ја објавил и Студијата за квантитативното влијание (Quantitative impact study). Притоа, капиталот за покривање на пазарниот ризик не се заснова врз ВаР со ниво на доверба од 99%, туку врз очекуваниот кусок (expected shortfall) пресметан со интервал на доверба од 97,5% во текот на 12-месечен стресен период. Исто така, се бара 10-дневниот период пропишан со Базел I и со Базел II.5 да биде променет така што ќе ја земе предвид ликвидноста на пазарните варијабли за време на пет временски периоди: 10 дена, 20 дена, 60 дена, 120 дена и 250 дена.[15]

Заштита од пазарниот ризик

уреди

Заштитата од пазарниот ризик е позната како „хеџирање“ (hedging), операција во која позицијата во одреден финансиски инструмент се неутрализира со друга, спротивна позиција чија вредност ја следи вредноста на првата позиција (но, во обратна насока). Притоа, најчесто „хеџирањето“ се спроведува со примена на финансиски деривати. На пример, ако банката поседува некоја акција и сака да се заштити од намалувањето на нејзината цена, тогаш таа може да купи продажна опција која гласи на конкретната акција и чија вредност зависи од движењето на цената на акцијата. Така, при опаѓање на цената на акцијата доаѓа до пораст на вредноста на опцијата и така, загубата што банката ќе ја претрпи на акцијата ќе биде неутрализирана со порастот на вредноста на опцијата.[16]

Наводи

уреди
  1. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 15-18.
  2. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 14.
  3. Народна банка на Република Македонија, „Одлука за управување со ризиците“, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/2011.
  4. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 169-171.
  5. Rudolf Duttweiler, Managing Liquidity in Banks: A top down approach. Chichester, UK: John Wiley & Sons, 2009, стр. 62-66.
  6. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 171-172.
  7. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 153-166.
  8. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 48-51.
  9. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 176.
  10. Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 34.
  11. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 176-177.
  12. Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 35-39.
  13. Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 35.
  14. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 354-356.
  15. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 373-375.
  16. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 172-173.